Обеди ништожност, Младен Србиновски

ДИЈАГРАМ НА СТРАВОТ

Текстови што не ја изземаат авторовата личност, кријат опасност од сугерирање: пишувачот е центарот на настаните. Не се сметам дека во периодот на распаѓањето на Југославија и осамостојувањето на Република Македонија сум играл важна ролја, но секако бев еден од многуте елементи на проблемот: струите на времето се прекршуваа и преку мене и на крајот, ако не наредам некои голи факти, како честото мое посочување дека сум вмровскиот идеолог, ќе сметам не сум го пополнил мозаикот од настани со една битна коцка. Од прекршување на секојдневието преку единечни случаи се создаваат мемоарските книги во време кога од исцицаните животни сили останале само спомени со воздишки. Кај мене работата е посложена: кога идеологијата на македонизмот во државата што се распаѓаше таа остана на власт без никој ништо да не и забележи, ширејќи мода дека се деполитизира, јас се политизирав за да ја разголам през сиве овие години опцијата што не разнебитува и во која сега повторно, по старо, политички тие се активираат, јас ја напишав оваа книга за да се деполитизирам.

Изигрувајќи интелектуалец што не молчи, неодамна Ефтим Клетников пак го спомна веќе баналниот случај за монтираниот политички процес против поетот Јован Котески. Ја спомнува само жртвата: џелатот го премолчува. Типична македонска работа на македонски македонистички учен, ако не директно, посредно да заштитува џелат-интелектуалец. Она што ме удираше во последниве десетина години однадвор како појава, во мене и во моите текстови наоѓаше реакција: јас не го пишував само Времето, и пишувањето многу нешто направи од мене. Политизираноста ми ја наметнаа самите состојби.

Во штотуку почнатите демократски тумбања во тогашна Југославија, уште со првиот текст "За македонското митарење" во првиот број на "Глас", од јануари деведесет и првата, наполно ми се измени животот и секој што нејќе да го претрча како прешлапување на вода до колена, му посакувам такво крштавање, по еден таков текст. Кога се живее во средина со очигледна неслобода, смешното е што секој што ќе писне против постојниот поредок, се престорува во херој со митсќа бестрашност. За мене таква слика создадоа моите текстови иако по природа сум плашлив и денес, смешно ми е на улица кога ми честитаат непознати минувачи дека никој посилно од мене не ги "парчосувал губрињата" на власт. Силно ме возбудува допирот со обичните луѓе од кои и јас потекнувам, со нивната тага, горчина, размислувања и преживелици: веројатно сетија дека пред нив имаат соговорник кој ја боледува нивната зла судбина. Комунистичката власт во Македонија не излачи мислечки луѓе што би ја увиделе и би ја споделиле со обичниот човек идеолошката победа како заедничко запретување на болката: нашите интелектуални изроди беа програмирани да скаруваат, да поганат и да ја химничат мртвороденоста.

Колку што водев сметка како ги кажувам работите: начинот на обраќање, формата, тонот и својот став, така и околината градеше слика за мене. Честитките од многубројни читатели се храна за писателовата суета, но искуствата од контактите со семоќниот џелат на авторитарна Македонија што се пресоблекува во безброј лица и облеки зад секој ќош, сместен во секоја зграда или канцеларија, се дијаграми на стравот што ги пренесувам документарно, во период кога превладува во мене самоиронијата, потсмевајќи се на се околу себе, а најмногу себе си.

До текстот "За македонското митарење" не бев свесен дека џелатот бил толку близу до мене. Сакав да ја отворам вратата на македонистичката смрдеа која не се трпеше и не се трпи, но не се надевав дека текст од четири-пет странички толку смртно може некого да погоди. Одеднаш необична напрегнатост закружи околу мене што и ден-денес, со помал или со поголем интензитет, непогрешно ја чувствувам. Такво чувство е неразбирливо за човек живеан во демократии, но луѓето од авторитарните системи секојдневието ги престорува во непогрешен Гајгер-Милеров бројач за мерење и бегање од надвиснатата општествена радијација.

Со старата тактика на гонење, фронтално бев нападнат од сите државни медиуми и институции: од Академијата и писателското здружение, до месните заедници. Нема никогаш да го заборавам саботното февруарско утро десетина дена по излегувањето на мојот текст. Купувам "Нова Македонија" и на насловната страница стоеше, приближно: "Безочен напад врз македонската интелигенција". Знаев дека текстот е за мене, но не можев да погодам од кого е. На цела страница од огромниот формат на весникот, Гане Тодоровски беше се нафрлил на мене. Не беше тоа текст, тоа беше отворен повик за мое ликвидирање. Бев на чисто дека текстот е нарачан од полицијата. Многубројните случаи што ги читавме од тогашните популарни четива за судбините на источноевропејските дисиденти со начините на активирање на механизмите за напад, тогаш се затркалуваа врз мене. Немав илузии дека македонизмот е полицајштина, но не верував дека интелигенцијата толку отворено и ги извршува на власта највалканите работи. Барем дотогаш имав извесни задршки. Кој ќе ги дознае сите тајни патишта доушнички: изигруваат маченици, слободомислители и патриоти, а први станале Мефистелови ортаци.

Го читам текстот пред трафика, ја загледувам на моменти трафикантката здодевно како се прозева и се мислам што да правам. Возбуден не сум за дома: не заслужуваат домашните дополнителни тревоги, текстот ќе е само почеток од неисцрпниот репертоар на гнасотилаци што ги подготвува власта за дрзници што некако и се спротивставиле. Улава и палава, каква што е нашата полиција, не заобиколуваше цели семејства, села и региони за кои сметаше дека се огрешиле. При распадот на федерацијата, ладнокрвното војување со цели народи и републики беше логична последица на таквата осиленост. И денеска ме фаќа страв кога ги гледам како шетаат доодени бивши властодршци и борци, во суратите подникнати од злоба.

Господ нека ми прости, наш претседател е, во цветот на староста е, ама еднаш Глигоров не го видов со старечка добродушна насмевка да се изнасмее над младешки неодмерености што којзнае пред колку време нему му поминале. Нашиот претседател и кога сака, не знае да се смее. Комунистот по тоа се разликува од другиот свет: дресиран е да не се смее. Можеби внуците ќе им се смеат на суровоста, но тие на огромен дел од врсниците им го загорчија животот.

В раце сум им: секогаш можат да ми направат што сакаат. Сакаат да се покајам дека младешки сум претерал, да попуштам: самообвинувањето на невините жртви особено добро им доаѓаше на Сталиновите иследници. Полицијата за секое суштество на светот има понижувачко мислење и во секого гледа бедна пивтиеста креатура што може за миг, на разни начини да ја обработи. Давањето каков било отпор за полицијата е шок, особено со човечкиот отпор, достоинството. Хуманиот фактор, за нивна жал, вечно ќе ги изненадува и таа лекција никогаш не ќе ја научат. Многу беше смешно кога отпосле ќе слушнев: не се надевавме до толку од тебе... Полицијата мисли секој е со нагризани морални прагови како нејзините кадри и доушници, таа корозија дреме во секого и само нив спасителски ги очекуваат. Се разбира, освен кај што не се надевале...

Се провртев низ пазарче во толпата: ако не му одговорам со текст на Ганета Тодоровски, сам се посипувам со пепел. На одговор не се надева ниту тој ниту неговата служба, а на толку компромитирани лица и не е тешкотија да им се затвори муцката. Секој што направил некаква кариера во повоена Македонија ми е сомнителен: класични душкала, пцишта маскирани во академици, универзитетски професори, директори... за да се искачат на високи општествени постови, задолжително е да се потврдат како дресирани крвници. Никакво попуштање, никаков страв во престрашеноста, никакво доближување и прегратки со џелати престорени во платени апологети на безчестието.

Најлошото е што го држат најважното: медиумите. Јас имам премал новински простор за да им одговарам: Гебелсовата препорака до медиумите "Заради заштита на германскиот народ" македонските медиуми беспоговорно ја практикуваат. Среќата е што Република Македонија е мала: што сталинизам би процутел наново од македонизмот... Освен малото партиско весниче "Глас", и тогаш и сега сум под ембарго во Македонија. Подоцна кога се појави и неделникот "Дело", донекаде ми се создаде простор да одговарам на нападите, но и него како весник со години го држат задавен. Дури и новодојдената власт кон овој класичен опозиционерски весник се однесува некоректно, а толку многу работи им сврши. Новинарството во Република Македонија за заштита на македонизмот користи еден ист метод во пресметувањето со опонентите: испушта купови текстови, купови секрет за да ја покрие вистината, како санацијата врз Чернобил кога беше со купишта истурена песок. Романтичните индивидуални побуни против системите најчесто завршуваат трагично, но предноста што натежнуваше на моја страна доаѓаше од времето дојдено до "нултата точка на историските пресврти" и глобалните тумбања што ја тресеа цела Источна Европа: немаше сила што можеше нешто да застане иако индивидуално, се уште лесно се настрадуваше.

Помислата на тоа време ми го стега грлово и денес. Не знам дали беше случајност: по две-три години, повторно Гане Тодоровски објави одвратен кодошки текст во "Пулс" против нас од "Глас" и утредента го најдоа обесен Љупчо Анастасовски, еден од уредниците на списанието. "Народната власт" не само што убива, туку и за на тој свет може да направи да бидеш за потсмев. Сјајниот човек Љупчо Анастасовски го најдоа облечен во женски алишта и обесен во шкаф. Демек: педер бил. Еден огромен двометраш беше напикан во шкафче од иверка. Никој во Скопје не веруваше дека се работи за самоубиство. Набргу потоа новинарите на "Дело" на Гане Тодоровски му ја исчепкаа кодошката шифра "апотеоза" под која пишува "собрани дела" за полицијата. Државата не го остави на цедило од нашите напади: го примија за член во Академијата и го испратија неколку години за амбасадор во Русија. Неодамна, по неколку години, го загледав на сила фалениот поет пред Академијата:

збабушлавено старче од винопиворакија.

"Глас" вршеше многу работа докажувајќи дека, сепак, не се семоќни, дека македонизмот што за едни е Библија, за други е карикатура. Ние неколкумина го уредувавме првото списание во независна Македонија што не можеше да го контролира полицијата. Увидов што значи да имаш во свои раце медиум. "Глас" беше нередовен, за четири-пет години излегоа триесетина броја, но тоа што излезе беше експлозија. Јас малку учествував во уредувањето на списанието, повеќе играв "голгетер". Гоничите еден кога ќе фатат на нишан, на другите малку обрнуваат внимание иако во секој број имаше текстови што беа остри барем колку и моите. По еден публицистички текст на два-три месеца ми беше малку, па си зедов задача да објавувам и по една гротеска направена од актуелноста. Претпоследната страница обично создава проблеми со каква содржина да се исполни, па дојде како нарачана за мојот редовен еретички расказ. Она што неформулирано го зборував дека сме повеќе тема за литература одошто сме интересни со нашата тетовирана литература, почна да добива своја конкретна форма од број до број. Иронијата и гротеската се единствен метод што останува за да го вади од рамнотежа циничкиот систем од појави и лица што и кога ги длукаат, велат врне. Во полемиките, сепак, требаше да одам до крајности, а тоа не можев да го постигнам само со публицистички текстови: се успеа ли во дофаќањето на крајните граници на несериозноста, тоа веќе не е несериозност, туку влегување во одајата на метафизиката. Триесетината раскази кога ќе ги објавам интегрално во книга, попрецизно ќе покажат колку сум успеал во изнаоѓањето соодветна книжевна форма за транспонирање во литература на нашата сегашност.

Како уредници од "Глас", со Симјон Симев добивме во 1992 покана од Софија за учество на меѓународен семинар на тема "Национализмот на Балканот" од фондацијата "Фридрих Нојман". Тоа беше мое прво одење во Бугарија. Имав стомачни болки од трема. Настапив со рефератот за "Македонскиот државен национализам". Реков, ќе бидам умен:

тоа што го имам против власта, ќе го кажам дома, таму ќе зборувам само за стравот на македонизмот од отворањето кон другите општества. За упатените специјалисти и тоа ќе е достаточно. На здодевната трибина добро подготвените балкански учесници требаше да слушаат неподготвени европски мисионери што со часови зборуваа баналности. Голема е предноста да си претставник на големи народи и европски институции: тие покриваат и најголеми глупости. А само колку надеж малите народи полагаат во Европа. Со Симе не бевме од внимателните слушатели: изложбата на Гоја во Софија ни беше попривлечна. Не иде секогаш Гоја на Балканот!

Не поминавме и без флерт со доушник. Верната сенка ни беше Ристо Лазаров. Малку им бил будалестиот Бранко Тричковски, софискиот дописник на "Нова Македонија", па зеле засилување. Значи, високо котираме како народни непријатели: дотогашниот директор на ТАНЈУГ не покрива по задача! Кон мене беше пријателски љубезен, а јас со него недоветен. Ми кажа дека ме барал уште во Скопје да ме најде, но не успеал. Сфати дека сум го избегнал.

Кога се вративме, колешката од канцеларија со лицето Тенеќе, ми го зеде текстот да го прочита и никако да ми го врати. Кога и го побарав, ми рече дека е кај Блаже Ристовски. Разбрав што е работата. Тоа беше почеток на облетувањето на Напудрениот академик околу мене. Прво порачуваше да појдам во Академијата на кафе: стилот на работа на македонизмот е се нешто во темнина. Којзнае што мислеше: ќе свршам в гаќи кој ме поканил на разговор. Прифаќам и сега со него разговор, ама јавен дуел. Академикот полицаец никогаш такви работи не прифаќа: знае дека јавноста му е најголемиот непријател. Потоа почна тој да ми иде в канцеларија. Тој ќе влезе, јас ќе излезам. На припомош му се приклучи и жена му Мери. Кај ќе ме види на улица, ми прави скандали. Оваа држава нема право да очекува подобри денови штом толку долни луѓе исфрлува на највисоки општествени места. Еден ден јавно ја спукавме. Текстовите што Миле Неделковски му ги напиша, се меѓу најубавите страници во македонските полемики. "Дело" сврши многу работа. Самиот полицаец преку кој Блаже Ристовски поднесувал доклади, им ја дотурил шифрата на академикот кодош: "протагонист" и "фолклорист". Веројатно и нему му здодеал! Излегоа потоа многу компромитирачки материјали од разни потписници за неговата долга доушничка кариера, но додека едни го отскриваа, други го покриваа можеби најголемиот монструм во последниве децении меѓу македонистичките интелектуални чудовишта.

Општеството поинаку мислеше за моите текстови од државата преку медиумите и институциите. Не се надевав обичниот човек кого систематски го одвраќаа од читање, толку топло да ме прима. Македонија е мала како општествен организам, а голема како државен полип и оттука сигурноста на власта дека може да го држи општеството како заточеник, не дозволувајќи му да се соземе. Истиот принцип важеше и за Титова Југославија, единствената земја од Источниот блок која не се грижеше за создавање читателска публика. Другите држави контролирајќи ги општествените форми на животот, не го контролираа најважниот сегмент од кој сами си потпишаа смртна пресуда: ги негуваа сопствените критичари што ќе формираат општествено мислење. Југословенскиот државен механизам беше подемократски од источноевропските државни октоподи, но тогаш за општество со граѓански елементи на јавно мнение и живот можеше да се зборува само за Словенија и Хрватска. Силните западни институти и аналитичари пред почетокот на општествените промени на Истокот, прогнозирајќи дека Југославија најлесно ќе се трансформира во граѓанска држава ако не дојде до војна, направија превид дека во таа држава има најмалку од елементите на граѓанско општество.

Некои работи, се надевам, литературно ќе обработам од старите политички затвореници кои седат на скопскиот кеј, од нив ја увидов немоќта секогаш да ја сетам внатрешната, невидливата фигура, закопана под општественото тло. Не е збор за проникливост, повеќе е лекција за ограничувачкиот досег на анализи под тврдата почва на изминато време или на туѓа средина: некогаш е доволно од поглед и движења да се сфати индивидуалната озраченост од длабински лошотилак на средината. Најчесто немаат за себе за едно кафе, а сакаат да ме честат: "Не може да е кој било, тој што нема страв, а и знае да удри". Држејќи мои текстови што им создаваат илузија како тие со нив да камшикуваат по омразеното тело на општествениот срам, овие паталци ми приредуваат посебни честови што на моменти дури ми е непријатно.

Кога објавив еден есеј за Славко Јаневски, сега покојниот поет Душко Наневски ми честита и ми вели: "Знам во твои очи дека изгледам страшлив и долен, не ти ја одземам смелоста, ама подобро да не знаеш какви времиња беа". Ме чести кафе и нашироко ми раскажуваше како Славко Јаневски ги тепал по кафеани своите колеги писатели. "Ниту беше еден, ниту сам, а ако им се вратиш, ќе те откинат в полиција" - му беше најчесто повторувана реченица.

Плиска Гугуловска, сопругата на покојниот оперски певец Симеон Гугуловски, ми раскажуваше морничава приказна како била накодошена во 1970 од своите колеги, студентски врсници. Сведоците на клеветата што ќе ја чини како дваесет и тригодишна студентка повеќе од две години строг затвор во Пожаревац се никој друг туку денес познатите театарџии: Мето Јовановски, Благоја Чоревски и Димитар Станковски-Дебелото.

Репликите што ми ги кажувал, сега угледниот адвокат Саво Коцарев кога како матурант го осудиле осум години затвор, поради неповторливата експресивност, принуден бев да ги запишувам на салфетка. Од салфетка сега и ги препишувам. На затворениот и се уште неосуден Ченто, првиот македонски премиер, писателот Владо Малески му велел: "До таква степен ќе ве доведеме, да паѓате и при најмал ветер. Ако пропадне ФНРЈ, прво вас овде ќе ве ликвидираме, под Камен мост". Килавите романи на овој, сега доајен на македонската литература, што воспитуваат на хуманизам млади македонски средношколци, врсници на тогашниот Коцарев, никогаш не ја достигаат оваа стилистичка изразна моќ. Омразата може да е полезна за уметничка прецизност, но преголемата пизма е припомош за страстна игра моменти од секојдневието да достигнат драмска усвитеност.

Моето секојдневие се протега меѓу бестрашноста и преплашеноста. Пишувам повеќе од што имам кај да објавам: безбеден сум додека можам да пишувам. Сите пишуваат вистини што се простуваат, јас соопштувам во малигни текстови вистини што не се простуваат. На работа, "зелените виндијакни" постојано ме начекуваат и "пријателски" ме советуваат што може да ме снајде и јас се уште не знам, всушност, кај работам: во МВР или во МТВ. Престорен во калем околу кој се вртат прстени на високиот напон, внатре пикнат, сум престрашен бестрашник. Најмногу ги сеќавам по неискажаното, по начинот како ме гледаат и како реагираат на мене: преинтересни состојби за писател. Или ги збеснувам или ги воодушевувам: кон мене никој не е рамнодушен. Се штрекнуваат кога ќе ме видат па им требаат неколку секунди додека да ме поздрават: покажуваат да им прочитам од нив поткрепа, ама да не очекувам јавна или писмена поддршка. Мислат како мене, за мојата работа однапред загубена, но и дека се поумни: животот не е уметност. Молчењето е единствено што потврдуваат дека се на моја страна. Јован Павловски кога би ги видел таквите погледи, толку не би збеснувал што јавно му припомагаат само неколкумина врбувани горила на македонизмот.

Интересен разговор со очите имав со Љупчо Поповски, генералниот секретар на СДСМ. Недоделкана суровица каков што го дал Господ, ја притресува главата и бара некако да ни се вкрстат погледите: да не се занесувам до толку: јас како да не го забележувам, гледам преку него. Благој Ханџиски ме швенкува пред влезот на МТВ за да го забележам, јас божем од недоразбирање, му се насмевнувам и го поздравувам.

Официјалните полицајци се башка. Колку и да сум им познат, љубопитноста ги издава меѓусебно да се премериме. Ладен како мраз, со лице од вкочанетост претворено во маска, првиот државен безбедник Слободан Богоевски не издржа улично да не ме "запознае". Тој ме гледа jас го гледам: кој ќе госпушти прв погледот. Којзнае што мисли сега, дури го фиксира погледот на мене: можеби што мислам јас за него. Почнавме да се гледаме од триесетина метри. Чуварот на тајните гази одмерено, ми се доближува и не ги спушта очите од мене. Не ги спуштам ни јас. Не ме гледа непријателски, сака дури и да ме поздрави:

би ми отпоздравил, јас кога би го поздравил. Момент на совест ли проработува во него или е моја прелага.... Чуварот на нашите судбини прв го спушта погледот. Јас продолжив со гледањето: знаев дека нешто посилно, однатре ќе го натера пак да се сврти по мене. Заличував на дете кога се води за рака што зјапа по минувачи и се заборава додека не се препне. Кога стигна на аголот од улицата, се сврте: јас подготвено го пречекувам со поглед, тој молневито ја исправа главата и заминува зад кривината.

Бившиот прв полицаец на Македонија, сега адвокат Јован Трпеновски, сум мислел не ме познава, но на двапати сме имале подолг "визуелен" контакт. Првпат забележав како од преку улица ме мерка ама од преку пат не се забележува дека ми се стресоа парталите на мене, па лесно беше ијас да се втренчам во него. Кога виде дека и јас го мерам, ја спушти главата и дури како да се потплаши. И вториот пат меркањето му беше од под око и нервозно: со чантата што ја држи в раце, ми се здочина в актовка си го носи својот пакуван страв.

Кога излегоа моите полемички текстови озаглавени со "Македонските Авгиеви штали", ги пречека општ молк: ни збор за текстовите што дотогаш ги збеснуваа. Малку подоцна го објавив како сепарат во "Глас" и драмскиот текст "Македонскиот Фауст" за дисидентот Венко Марковски. Почнаа нов однос кон мене: што помалку да ме спомнуваат по медиумите. за среќа, во Бугарија моите текстови се примаат со воодушевување, ми нудат издавање книга, а многу работи ми препечатуваат и на други јазици и низ исселеничкиот печат. Цевчето за воздух не успеаја наполно да ми го затворат, она што во мали средини е толку лесно изводливо.

Од професор Кронштајнер од Салцбург, во летото 1995, добив покана да учествувам на меѓународен семинар за "Македонското прашање" на кој се поканети и повеќе научници од Институтот за македонски јазик и Филолошкиот факултет. Јасно ми беше: жестоко ќе биде. Колку повеќе се наближува датумот за одење во Австрија, "зелените виндијакни" на работа толку повеќе се сукаат околу мене: многу ги интересира кога и со каков превоз ќе заминам. Колешката од канцеларија со лицето Тенеќе пак ми го бара текстот: сакале да го видат во Академијата. Овојпат не и го дадов. Ме јаде црв дека се ќе направат, само да не стигнам таму. Професорката Лилјана Минова-Ѓуркова ме покани на кафе. Глумејќи љубезност, додека ми готви кафе во нејзиниот кабинет на Филолошкиот факултет, ме прашува дали ќе одам на семинарот во Салцбург.

- Ќе одам, велам.

- Ставот на Академијата, Факултетов и Институтот е да не се оди во Салцбург. Таков е заедничкиот договор со Андов, претседателот на Собранието. Кронштајнер е сомнителен научник. Не знаеме што сака од нас...

- Уште ли со тајни договори определувате кој е сомнителен, а кој прифатлив! Со истиот аршин и за надворешниот свет. Јас ќе одам: сакам лично да чујам што зборуваат за нас европски учени. Вие правете што сакате...

- Ама, досега ми беше многу симпатичен, сум те обожавала како ги прави разговорите едно убаво момче, сега гледам и лошотилак во тебе. Те сметав за умен, треба да разбереш дека ние имаме заеднички интереси...

- И јас Ве сметав за поумна, посебно што се фалите дека сте правнука на Прличев. Да може кутриот Григор Прличев само да види што потомци излегле од неговата лоза. Немам заеднички интерес со Вас: дојдено Ви е само нашата лага да не излезе надвор по светот!

- Дај ми го барем текстот што си го подготвил!

- Текстот веќе му го испратив на професор Кронштајнер, па веројатно ќе го прочитате официјално објавен во "Славише шпрахен".

Неколку дена пред да се патува за Салцбург, се случи атентатот врз претседателот Глигоров. Апсења и претреси имаше насекаде, и во такви случаи, најчесто, невиниот го крка. Полицијата кога дејствува, дијалогот прекинува. До денес ништо не се откри за атентаторите, но ќе спомнам само еден момент од тие денови: мој земјак од Гостиварско, сираче одгледано без татко, во беда, цел живот што не бил трипати во Скопје, некој го накодошил дека е претседателов атентатор и три деноноќија бил тепан со електрични палки в полиција. Тие денови беше грозно.

Владимир Паунковски од Охрид, еден од поканетите учесници на семинарот кој се осмели да патува во Салцбург, а што не е државно проверен кадар, бил извлечен од авион пред летнување и со врзани очи однесен во непознат правец на неколкудневно малтретирање и заплашување. Во Салцбург и тогаш како многупати во слични состојби, за Македонија се зборувало без македонски претставници. Скандалот избувна по одржувањето на семинарот и по обелоденувањето на преземените државни мерки кон нас, поканетите учесници. Мојот текст беше објавен заедно со другите материјали на семинарот и преобјавен уште на десетина места. Тоа го прелеа трпението кај власта. Ако може да се убива со поглед, тогаш бев решетан на секој чекор. "Нова Македонија" зајдуваше со текстови против мене. Ми остануваше само да молчам.

Против мене на работа хајката ја придвижија, никој друг, туку поетите Ристо Јачев и Тодор Чаловски. Јачев со текст и активности по ходници, а Чаловски со барање од Колегиумот да заземе став кон мене. Ставот на Колегиумот беше расчистен до утредента.

Ме викна уредникот: ќе одиме кај Сталин Лозановски, директорот на Телевизија. Ништо не прашував додека одевме кон петти кат. Беше веќе зимата 1996 и овие активности барем мене ми изгледаа задоцнети: сите дисиденти од Источна Европа можеа да се вратат во своите татковини, но состојбата со војната во Босна на стотина километри од нас, не ми даваше премногу спокојствие додека првпат влегував во директорските канцеларии на Куќата. Директорот Сталин тропка со прстите на маса, ме поздравува и нервозно мрда во столот. Му пречи моето молчење: не знае тишината како да ја прекине. Јас кога би прозборел, полесно би му било, вака, сами ќе треба да ја играат играта. Му останува само да ме понуди со кафе.

- Сакаш кафе.

Безгласно му одрекувам со главата и внимателно шетам со поглед по него. Му станува непријатно и се црвени в лице: знаел дури и за срам. Раката постојано ја пика во јаката на кошулата, божем да ја олабави краватата и го врти каивчето на часовникот. Рачниот часовник се уште го работеше неговото време.

- Знаеш, да не должиме, поради твоите текстови што ја брануваш јавноста, Колегиумот на Куќава реши да не се појавуваш на екран. Постоеја варијанти:

да те избркаме од работа или да ти плаќаме, а да не доаѓаш воопшто на работа. Се постигна согласност, сепак, да те задржиме и да те префрлиме на осумнаесетти кат во Секторот за истражување на програмата. Ние остануваме пријатели и треба вие од редакцијата да го испратите свечено како што прилега...

- Толку.

- Толку.

Излегов. На катот кај што работев, повеќе не стапнав, а за новото "работно" место со години немам никакво решение... На испит ли сум или на самообвинување. Што очекуваат. Дали мојата одлука за повисока моралност од онаа во мојата средина не е и еден патос со нијанси на трагичност. Мојот прекин на дотогашните секојдневни односи и принудната изолација се изнудени од мене и моето спротивставување сега уште повеќе ќе излезе на видело. Не, нема да молам за ништо, улици ќе чистам, нема за прошка џелатите на македонизмот да ги молам. Мојот драстичен раскин е во името на мојата индивидуална слобода и непомирливост со општествената клима што станува се понеснослива. Немам и не чувствувам вина што очекуваат самата да проработи од мене. И до денес моја нога не стапнала во Це Ка (сега зграда на Владата), во домот на ЈНА (сега АРМ), скоро никогаш во Друштвото на писателите и убаво ми било што ги бојкотирам полициските филијали на македонизмот. Власта сака покајници и особено добро би им дошло за нивното самочувствие ако тоа дојде од толку изјавен опозиционер.

Без оглед кој колку е талентиран и надежен, во Македонија е најважно рушењето на законот на средината што не опкружува, закон од кој цинички ни се сугерира дека никој не може да се измолкне. Мојот флерт со македонизмот заличува на хакер кој навлегува во компјутерските тајни системи, влез во неговата генеза од сознанието дека македонизмот е обичен кондом на "Начертанието". Нејќам да бидам кондом на туѓ пенис, за туѓа пенетрација во нашето битие. Ми почнува долг, неопределен период на неизвесност и тренирање на нервите. Очајот има исцелителска моќ, преку него само почисто се гледа на нештата. Сето треба да се издржи и колку време.... Ќе можам ли како индивидуа што знае за сомнеж, што поуспешно даја исклучувам во себе. Неколкутемина од новиот сектор се држат со мене резервирано коректно. Немам никаков работен прекршок и не им дозволувам со мене пилатовски да си ги мијат рацете.

Потребни ми се време и такт барем човечки да ги придобијам, а и за тоа требаат нерви. Сега секој мој раздразнет гест и дава право на власта дека во однос на мене имала право. Историските состојби во нашиот народ издлабиле во насјасна народносна црта повеќе да почитува губитници од победници: можеби затоа е толку човечен и тоа е единствената моја предност за опстанок во овие наметнати услови. Психолошката црта на повлекување и контемплација кај нашите предци можеби добро функционирала во средновековието, но според денешните сфаќања, потпрени на енергија, волја и самоиницијатива, ние изгледаме збунето и изгубено. Како никогаш досега, денес кога се боготвори култот на победата, нам ни е одвратно горделивото однесување на победниците. Одамна не сме почувствувале победа малку и нас да не расипе.

Освен со Симе, од две илјади души, на работа никој со мене не контактира. И него, без објаснувања, го симнаа од радиопрограмата. Можат се да ми земат, можат да ме избркаат на улица, јас со оваа плата и сега сум социјален случај, но не можат едно да ми направат: да ми ја земат тишината. Обичниот човек колку што бега од самотија, продуховениот толку ја посакува: само осамен, во тишина си во вечното, збор од кој како од оган бега секоја власт. Успеа ли да го измолкне човека од вечното, власта лесно го победува. Сите случаи на преживеани уметници во нечовечки системи се должат на неуспехот да ги измолкнат од нивната состојба на вечното. Власта има само еден метод како да го постигне тоа: да им даде власт.

- Знаеш зошто сега толку директно не те чепкаат - ми вели еден од зелените виндијакни, - Елизабет Рен кога дојде неодамна во Скопје, и ти беше на нејзиниот список над кои се кршеле човечките права за кои бараше гаранција од Владата. Освен професор Кронштајнер од Виена, таква заштита од тукашната филијала на Хелсиншкиот комитет сигурно не побарале. Двајцата први председатели од Хелсиншкиот комитет за човечки права од Македонија, потоа станаа едно по друго министри на полицијата. Така треба: прво, граѓански те штити, после граѓански те тепа. И сегашниот, третиот претседател на Хелсиншкиот комитет, писателот Мето Јовановски, се уште не е станат министер на полицијата, но барем е познат како прочуен доносник полицаец. Кој знае само колкав висок чин има.

Во летото 1996, сркајќи чорба в менза, ми седна на маса едно од момчињата за безбедност, Љубиша се вика. Цел ден да се врти околу тебе, не би го забележал. Заматените стакла на очилата само му ја дополнуваат анемичноста. Јас сркам, тој сака со мене да зборува. Кажувајќи безначајности, во еден момент ми вели дека за мене неодамна дошле од полиција да бараат податоци.

- И....

- Јас им дадов. Таква ни е службата.

- Сигурно, така треба.

- А бе, знаеш, немој да ме разбереш погрешно, јас те бранев. Се знаеме ние сите убаво. Ти си добар, чесен, им објаснив јас... Не ти мислат тие лошо. Сакаат да се видат со тебе.

- Зар не ме виделе. Нека ме видат.

- Знаеш, ова е сериозна работа, не смее никој да знае, ај биди добар, размисли, сакаат да работиш за нив. Да му речам на Виктор, нека дојде да ве составам. Кај мене на катот, ќе те викнам...

- Јас да бидам полицаец! Никогаш во животот... Кажи му на тој Виктор со кого соработувате, да одите мајка ви од кај што ве донесла и да не ми се пикате повеќе, големо ќе биде. Не знам како изгледав од преплашноста. Џелатот веќе нејќе ишарети, туку директен флерт со мене.

- Добро, немој да викаш, никој ништо не ти направи - изусти само врбувачот со заматените очила.

Од отвореност и врева, тајната полиција бега. Солженицин го почнува "Архипелагот Гулаг" со варијанти на апсења и совети како може, ако може некако да им се побегне. Еден е советот во такви моменти: викај! Гласноста е спасот, полицијата сама ќе побегне. Отидов кај директорите и го сретнав помошник-генералниот, Димитрија Павловски. Откако заврши со лукавите комплименти дека сум добредојден, кога му кажав дека ме врбуваат од нивната полициска служба, го свитка носот. - Добро - рече, - ќе им речам да не те чепкаат. Со трчање отидов кај Симета и се му раскажав. Мачнина го фати и него. Класична фаустовска ситуација. Излеговме в град и на секој што го познавам, му кажувам што ми се случи. Оние што ми се најмногу, пријатели нај ме земаат за мајтап. - "Прифати, ми велат - веднаш ќе добиеш што сакаш, до академик ќе дотуркаш, цел живот ова го чекаше" - и ми набројуваат писатели и јавни луѓе кои со такви активности се добија од општеството.

Смеењето ме отпушти, но стравот ми се врати кога дојдов дома. Што ако како Љупчо Атанасовски покојни, некој дома ме пречека. Неколку месеци ноќе не го гаснев светлото и ги препрочитував писателите паталци од Источна Европа. Сака ли некој да определува дух на определено општествено време, најточно тоа ќе го стори ако открие кои книги за тој период се најадекватни, книги што за тој период не значат само музејска вредност, кога од прегратката на џелатот се трудиш да спасиш гола кожа со книга, кога книгата значи амајлија: тогаш книгата има нешто многу повеќе од естетска функција. Дисидентството денес е неинтересно и мртво, но многу нивни книги се пишувани како амајлии за спас од џелатот, како приказните на Шехерезада за спасување гола кожа од тиранинот. Пред петнаесетина години кога Чеслав Милош стана одеднаш мода, при постојаното инсиситирање на новинарите од Источна Европа да зборува за "заробениот ум", во еден момент самиот ќе рече дека постојано го прашуваат за книга што не е толку значајна за неговата поетика, дека има други многу побитни книги за неговото творештво. Колку и да читам денес современи постмодерни автори и теории, најмногу, сепак, се уште ме греат токму книгите што веќе се неинтересни и на Запад и на Исток, книги за времето што се уште го живееме ние. Дај боже што побргу и тука тие книги да застарат. Се разбира и оваа, мојава.

Лани, ден-два пред Илинден, 1997, се сретнав на улица со академикот-писател Божин Павловски. Дошол од Австралија па ме покани да поразговараме. Седнавме на Кеј. Прво ми се пофали дека со неговата издавачка куќа и весникот за иселениците "Денес" заработува над милион долари годишно, што не ме зачуди ако се знае неговата трговска вештина. Беше директен и без да врти, прејде со фалби на моите текстови.

- Зошто тоа не го напишеш, јас многу не верувам на вербалности.

- Не ти правам лице, Младене, точно е дека си премолчуван, но ти добро знаеш колку си добар. Што ти треба тоа со бугарството, тоа е калава работа. Никој од тоа не може да излезе чист. Јас знам дека тоа тебе искрено те интересира и провоцира, но зошто да даваш материјал некој да те реди и спомнува кај што не ти е местото. Ти треба да пишуваш за мојот весник. Тебе ти треба средување, напредок, материјални средства, вишнеење... Дојди по празникот во "Матица македонска", за се ќе се договориме.

- Види, Божине, ако сакаш да пишувам како што сакаш ти, нема никогаш така да пишувам...

- Како што сакаш, но ќе се каеш... Дали сфаќаш ти дека си овде физички загрозен.

- Сфаќам...

- Ние не смееме тебе никако да те изгубиме. Тоа треба да го разбереш. Сериозно ти велам...

- А што направивте за мене освен што ме навредувате, ме малтретирате и ми се заканувате.

- Јас знам дека ти од срце сето тоа го пишуваш и си фатил многу длабока бразда да ораш. Тоа е за секаква почит. Не знам дали си свесен што правиш. Можеш ли ти тоа да го расчистиш.

- Можам. Овој разговор е доказ за тоа. Во таа кал, Божине, сите се давиме и нема излегување без целосна духовна и општествена мелиоризација. Ништо саглам не ќе се стори, ако таква бразда не потегнеме. Ова досега што го направив е предигра, отсега, здравје, ќе биде претставата. Нема друго чаре. Одамна сум ја поминал точката за да ми е сеедно дали ќе ме фалите или кудите.

- Ти имаш реченица како гром, чудо. Ти како што молневито удираш, никој не удира кај нас, ниту некој така го усвитува јазикот. Сум прочитал барем петнаесет твои текстови во Австралија и си ме воодушевувал. Од тебе треба да направиме централна фигура во нашата литература, а не како сега што си на маргините. Ти си спој од Милорад Павиќ и Игор Мандиќ, разбери, јас ти го велам тоа. Можам да ти направам да дојдеш неколку месеци на гости кај мене во Австралија...

- Кај најде бе, Божин, од толку фалби, пак со Срби и Хрвати да ме споредуваш. Како не најде некој Бугарин за споредба со мене. Нели тоа ми е маната. Божин ја разбра шегата и се изнасмеа.

- Добро, бе шејтан еден, еве со кој писател Бугарин веднаш да те споредам.

- Види, Божин, дека сум фрлен тука во мизерија, сум. Дека сум маргинализиран и задушен и тоа е точно. Да молчам можам, но да пишувам за весници во што јас воошто не верувам и во појава што досега само лошо за нас направи, да не речам катастрофа, не би го правел за никакви пари. Гледам што книги издаваш со брат ти... Мило ми е што толку печалиш, ама ако онакви книги купуваат нашите по западниот свет, тоа е понижувачко и ме тера на срам како сонародник. Книгите ваши се и како по избор на темите, авторите, застарената методологија, но и графичкиот изглед, вистински ужас. Освен со некои ретки преводи. Да не допре до нив најсилната западна култура и низ Америка, Канада и Австралија нашинците да се задоволуваат со вакви бофл производи, значи дека сме ние и ваму и таму новите Абориџини. Би сакал да дојдам ама не на гости. Сакам да се исселам и да се интегрирам со нов свет, видов тука од македонистичкото интегрирање што испадна. Изморен сум веќе...

Вомјазот на Божина се промени и очите му добија боја на порцеланот од забите коскени што ги направил на кенгурскиот континент. Сакаше да ми рече нешто, но се воздржа. Го плати пијалакот и станавме. Замолчани одевме до влезот на нивната издавачка куќа. Ракувајќи се и честитајќи си го меѓусебно празникот, пак ми понуди:

- Размисли уште еднаш убаво и по празников дојди на втори кат, еве овде горе...

[Previous] [Next]
[Back]