Обеди ништожност, Младен Србиновски

ЛАМЕНТ НАД ВРУТОК

Сонот и уметноста се потстанари на Куќата на болката: од премрежето прават добродетел. Единствено на Патот кон сопствените враќања, животот не може да му трасира завои. Тоа е директно пикање јазик во расипан заб што не се поправа, потребно количество болка прејдена во навика. Дваесетина години не живеам во родниот Вруток и се уште имам чувство: излезен сум од Куќи на подолг пат и само што не сум се вратил. Најаве ми се случува Скопје, а на-сон Вруток. Многу чевли искинав низ Скопје и уште не научив точно од зад кое тумбиче му изгрева сонцето, а зад кој срт ќе му се скрие: многу скопска магла окркав, а уште ненавикнатото грло ме дразни на плукање: ги навикнав ушиве на новоскопскиот изговор со собрани усни како шупек и никогаш така не прозборев: често ноќе сонувам, а никогаш насон не го сонив...

На некој од Славјаните во Гостиварско ако му се сони на сон Албанец, значи му се јавил светецот-заштитник и слободно нека очекува нешто убаво да му се случи. Нема аматерско-фројдистички да ја објаснувам ваквата чудесно топла метафора за народите кои најаве толку се мразат, но нема нешто посилно да влијаело врз моето формирање од јавето на меѓуетничка омраза што искри во моите родни, западни региони. Секојдневието во Македонија постојано е под определена емотивна температура. Гостивар веќе загорува и штипе за нос.

Кога ќе помислам на Германија, сон не ме фаќа, страхуваше Хајне: за македонската македонистичка интелигенција негувана од перверзијата на македонските состојби нема егзистенцијални стравови, за неа суштествуваат само идеолошки проблеми. Прва работа што ја напишав и ја објавив на анонимен конкурс во осумдесеттите години, беше драма што катадневно ја преживувам: македонско-албанските конфликти. Мојот не баш успешен почетнички текст е прва, ако не и единствена творба во македонската литература што го обработува нашиот горлив меѓунационален проблем. Македонската македонистичка литература не само што малку транспонирала од своите премрежиња, нејзе и недостасуваат текстови за да ја посочат и како сведок на една епоха. Таа е лажна не само што од идеолошка клучалка ги гледа работите, таа е селективна и по избраните проблеми. И денес ги паметам изразите на лицата на писателите во Македонија кога ќе чуеја дека сум обработувал идеолошко табу.

Книгите што обработуваат процеси на залез на држави или култури се омилено интелектуално престојувалиште за апстрактни огледи на распаѓањето и да не се поетите што го дофаќаат секојдневниот миг на безизлезно тонење, ние и денес преку прославите на перманентни победи и успеси ќе го величавме нашиот пораз. Македонските македонистички книжовници повеќе беа обземени од "радувањето со својот јазик и своето име", македонската литература како типичен проблесок на нова култура "го има патосот на големиот момент каде што секој збор е порака" и во штимањето на општата еуфорија, нашите писатели секогаш се до најблиските ложи на владејачкиот македонизам.

Песната на Кавафис "Чекајќи ги варварите", произлезена од дијагностиката за византиската безизлезност и немоќ нешто да преземат пред да ги снема, можеби би била и посилна кога чекањето на варварите да дојдат однадвор, би било да се појават однатре. Варваринот прво се појавува меѓу нас и од нас. Заглушеноста од општествената комунистичка еуфорија за перманентни успеси, повоената генерација на моите сонародници Славјани во Македонија ги направи несвесни за одживеаниот живот во сестран пад. Мојата генерација во Гостивар, сепак, беше во предимство и ние видовме образец на општествен напредок и процут. Тој се одвиваше покрај нас, кај македонските Албанци. Големата нагледна лекција во целиот Полог се уште трае, но се покажавме бескрајно лоши ученици.

Во Вруток за сретсело употребуваме еден прастар збор, вијан: изведена глаголска именка од глаголот вија, со значења: нешто извадено на мегдан, нескриено од никого. Се што ни беше на Вијан, пред нос, не значи лесно и се разбирало: не се излегувало така лесно од канџите на демагогијата. Албанското население, моите земјаци, за нивна среќа, никогаш не влегоа во југословенската или македонистичката демагошка челуст. Секогаш живеејќи алтернативно, не и веруваа безрезервно на повоената комунистичка власт. Животот во Полог во екстремни идеолошки противречности што никако не можат да се смират со демократски код (само во дваесеттиот век тука се имаат сменето дури девет власти), постојано го фрла идеолошкото нишало од една во друга идеолошка крајност, што во основата е работа за иста општествена состојба. Општествените форми на власт што се менуваа со филмска брзина, придонесуваа во овој национално мешан регион да ја бараат својата поткрепа за управување токму во една од тамошните националности. На Турците, Италијанците и албанските балисти база им беше албанското, а на Бугарите и на Србите - славјанското население.

Последната комунистичка власт не ја вброивме како база за една од националностите, нивната демагогија се потпираше врз класна основа, но таа власт не беше помалку демагошка од претходните. Моите скромни обиди за извлекување на оваа млада држава од сопствената демагошка каша е потфат за нејзин спас, но ретко некој тоа ќе ми го признае. Идеолошки контаминираната општествена почва во овој национално мешан регион бара постојано нови демагошки екстремизми. Кај двете најмногубројни национални групации на северозападната македонска граница, славјанската и албанската, општествените организациони форми низ вековите се закостенети до кристализирање. Секоја краткотрајна власт во дваесеттиот век и носеше недобројни маки на едната или на другата народносна група. Последната класно-демагошка властја разруши вековната организација на животот на славјанското население, наполно уништувајќи му го организациониот имунитет пред општествените турбуленции, а го петрифицира до ниво на трло, на гето, и онака општествено затворениот живот на македонските Албанци.

Покрај сите меѓусебни омрази од: историско минато, митологизирања, предрасуди, религиозни разлики, организација на животот или животни стојности, двете доминантни националности во полошкиот регион лежат на заеднички именител, на константна фашизираност по која многу си приличуваат едни на други. Различна им е само природата на демагогијата за нивната висококонцентрирана фашизоидност и тие се аглите од каде што можат да се видат и да се истражуваат проблемите што се на Вијан, пред кои се правиме слепи.

Фашизирање на Славјаните настанува однадвор, при вештачко, прерано разрушените историско-општествени организациони форми на животот, процес што не го извршија внатрешноекономски процеси на развојот на производството. Фашизацијата на Албанците се должи токму на спротивното: кога е економијата однатре немоќна со својот голем напредок кај ова население да разруши надминати племенски организациони форми и сфаќања на живот и да ги трансформира во посовремени. Проблемот би бил многу поедноставен кога Македонија би била навистина подемократска држава. Пренебрегнувајќи ги интегративните процеси врз пазарна основа, од вчера востоличената политичка групација во државата не дозволуваше пазарно натпреварување и меѓусебно кооперирање, туку постојано промовираше нови и нови "непријатели" и "спасители" што "јарушатили ја бранат" загрозеноста на младата заедница.

Демагошкиот албански екстремизам со "борба на сите начини против славјанските вредности", своевиден албански џихад организиран и во политички групации, е реакција на удбашкиот, полицискиот џихад што половина век беше дволичен спрема Албанците. Дволичноста на власта блескаво ја сфатија Албанците и во иста мера й одговараа на државата што постојано ги става во ситуација на топло-ладно. Во моменти кога преку Албанците треба да се постигне закана над мнозинското население и неговата култура, тие се во најпривилегирана положба: повластено се богатат, шверцуваат оружје и дрога, се организираат политички и медиумски... Нивната сила кога излегува од контрола на удбашкиот македонизам, државата за последниве педесет години. Албанското население во Македонија во 1961 брои 183 000 или 13 %, во 1971 веќе се 279 871 или 17,2 %, а според нецелосните пописи, денес се најмалку 420 000 од вкупното двомилионско население.

Макс Фриш забележа дека совршенството е сонот на фашизмот: совршено потекло, совршен народ, совршена држава... Сонот на сталинизмот е беспоговорноста: послушен народ, послушна партија, послушна единка. Двајцата браќа близнаци на европската деструкција на дваесеттиот век фашизмот и сталинизмот, во ослободената Република Македонија склучија идеолошки брак од интерес против бугарството во есента 1944. Двете концепции со нескриена меѓусебна омраза што меѓусебно војуваа во Војната и беа со различни политички гледања за Балканот, ги зближи заедничкиот трет непријател. Коалицијата "братство-единство" на партизаните и балистите профункционира во пролетта 1945 на Сремскиот фронт како припомош на Титовата армија при доослободувањето на Југославија. Територијата на Македонија во следните педесетина години компањоните ја варваризираа како никогаш низ вековите. Федерална Македонија во рамките на Југославија педесетина години беше дефинитивно исфрлена од светските случувања со кои се полнеше дотогаш светскиот печат. Лутите непријатели не само што ја ретушираа сопствената историја на четиригодишно отворено непријателство, туку вршеа интервенции и во подлабоката историја на Македонија со бугарски предзнак, па "подразбиравме" дека македонистите и Албанците го организирале Илинденското востание, токму во годините кога автентичните вмровски приврзаници беа проследувани и затворани во Идризово.

Вистинските нови демократи од доскорешните авторитарни држави: Валенса, Хавел или Константинеску му се извинија од името на власта на народот за комунистичкиот терор. Македонските македонистички политички сили немаат чувство на вина спрема сопствениот "домашен бугарски елемент", а за такво чувство од постапките на албанските балисти во Македонија не се воспитани ни тукашните албански политички лидери. На македонизмот од вториот Илинден како србоманска функција на власт, малцинска, а победничка, му беше неопходно ортачење со албанството против доминантната бугарска традиција. И не им беше лошо, барем во хедонизмот. Првите дури зајакнуваа и создаваа нова нација, вторите пенетрираа на нови територии со доселеници и азијатска популација. Бракот од фајде им пропадна неодамна, со пагањето на комунизмот. Сега е повторно се на почетокот, балканска состојба на вечно враќање на почетокот.

Споулавени од емоции, го изгубивме исконското чувство за правда. На македонизмот и албанството, сепак, нема да им здотежне совеста околу вратот. Неповратно престорени во одбивни брутални креатури, заличуваме во постапките на Иките од Уганда, познати во антропологијата како симбол на човечка поидиотченост од бездушен живот. Не ќе ме чуди ако и двете страни ми замерат на текстов што на општествените настани им давам конкретен облик. Во Македонија кај што интелектуалците сложно го поддржуваат заговорот на послушноста, и една реченица вистина удира како гром. Не кријам и самиот како се фаќам во превртливо емотивно стојалиште слушајќи вести за судирите во комшии на косовските Албанци и Срби. Така ви треба, некогаш се залетувам за едните или за другите, поткасувајќи си го отпосле јазикот. Многу ветар со години што сееја ортачки со нашиот македонизам, бурата сега ги тера да жнеат.

Пред восприемените први, болни лекции од окружувањето каде што растев, паѓа се што сум научил подоцна во животот. Ќе дојде во недела некоја селска екипа на фудбалски натпревар во Вруток и горко им ако се подобри од нашите. Ем насила ќе изгубат, ем ќотек од цело село ќе кркаат, ем судијата нив ќе ги казни, а делегатот ќе запише, гостите направиле проблем. Идната недела кога ќе играат на гости, ним истото ќе им го направат ако се подобри од домаќинот. Пред бифе, на Вијан и педесетгодишници кога се кикотеа како натепале млади, поталентирани момчиња од своите, нешто се буричкаше во мене барем да не гледам. Дресираност за неправда на селските акмаци, безочно фалсификување на сопственото минато од академици или ненаситен грабеж на цели фабрики од државни функционери, може да направи целиот живот да ви поминува во гадење и отстапување.

Преобилните доживувања не му се пријатели на писателот. Целиот проблем во пишувањето е како да се пробие со јазик низ надојдените емоции, а не можеш да пишуваш ако не доживуваш. Нема потреба од пишување ако не го кажеш тоа што и пред себе нејќеш да си го признаеш.

Ќе поминам три-четири недели во Скопје полуглув, полутап, полуслеп и снагава ме чеша да излезам од катадневната физиолошка дремка и да одам за Вруток. Го прескокнав ли ритамот, ќе ме откине главоболка. Не можам да се привикнам да живеам со половина здив. Една наполитанка за мајка ми, две чоколади за внуците и книга за по пат што нема да ја отворам. Книгата помагала во дивотија при преживување впечатоци. Пикната под џемпер, опремен сум со Гутембергов панцир.

Да тргнам со воз или со автобус... Албанци развикани без причина ме пречекуваат на станица. Се пикнувам во некој ќош, подалеку од љуљукањата.

Нема спас: како да чувствуваат кој сака да патува спокојно и мислиш за инает ќе седнат околу мене. Ни старо, ни младо обѕир нема дека некому пречи. Двајца Албанци да има, цел автобус ги слуша, тројца ако се заедно, веќе е несносливо. Автогениот тренинг на самоисклучување почнува да ми функционира: само час, час и пол ќе трае ова патување, не е вечно, ајде стрпи се. Во Македонија ако сака човек да опстане, не ќе може без исправно внатрешно копче на самоисклучување. Единствениот механизам што се уште добро работи кај славјанското егзархиско население во Македонија е самоисклучувањето, болно изигрување колективна симулација пред реалноста. Вол врзан покрај пат за кол, со воловска тапост гледа во возилата што поминуваат покрај него. Неподвижен, и тој преживува македонизам, нашата судбина.

Секое мое враќање по дваесетина дена во Гостивар е средба со друго место. Човек што не бил една година таму, по малку објекти ќе може да се ориентира. Во последниве дваесетина години Гостивар во експанзијата потсетува на јужноамерикански гратчиња зафатени од златоносна треска. Скопје е многу поголемо од Гостивар, но внатрешно е статично. Гостивар е сјаен како уметничка провокација: прегреан е како секојдневие. Емотивната треска што однатре го тресе Гостивар, се трудам да ја постигнат моите текстови: естетски така да потресуваат.

Уметникот работи по модели што ги знае и чамецот на неговата убедливост на кој се качува во поход е неговата инвенција. Нема да бидам веројатно никогаш во можност да екранизирам некоја гостиварска приказна, но многу типови што сум ги гледал и ги гледам низ гостиварската чаршија, колку повеќе врви времето, толку повеќе ми е криво што Гостивар не е филмска лента да се проектира во киносали. Засега Гостивар е само филмско платно со јасни чаршиски ликови и секојдневие со дејствие што врти со филмска брзина. Скопје е иста балканска провинција, но не само што не е фотогенично, туку е со неоформена филмичност за дејствието на ликовите и сите досегашни македонски филмови снимени со декор Скопје се неуспешни. Руската литература, вели Бродски, доби светско значење дури откако Петар Велики го изгради Петроград. Руската класична литература е речиси целата од петроградски приказни: Петроград до Октомвриската револуција е епицентар на руските општествени потреси.

Западна Македонија е трусното балканско подрачје од Климента и Наума до денес. Однадвор гледано, Гостивар (Костово) за таквите превирања во регионот е мал, небитен, неинтересен, дури и смешен. Почетоците на бугарската Преродба од овие краишта во минатиот век Гостивар не го одминуваат: во него работат и преродбенските учители Џинот и Андреј Стојанов: во четириесеттите години од деветнаесеттиот век тука е отворено преродбенското читалиште "Светлост", едно од најстарите на Балканот, денес градска библиотека "Вук Караџиќ". Не треба ни да се сомнева за вековното духовно зрачење над целата околија од блиските манастирски центри: Св. Јован Бигорски, Св. Пречиста и Лешочкиот Св. Атанасиј.

Во сенка од околните места, Гостивар доскоро го имаше својството околу него да се работи, а тој да биде незабележлив: Тетово, Дебар, Кичево, Охрид или Скопје својство што го прави различен и поинаков од другите градови. Секое место си има посебна аура, зависи каде кој колку може да ја види. Животот во длабока сенка каде што не е препорачливо многу да се буричка, исфрли гостиварски паланечки менталитет што пропушта видливост од една страна, правејќи го градот невидлив како супернабљудувач што набљудува маркирана личност од зад полупропустливо стакло, држејќи ги белите фигури во партија со државата. Секогаш е нерамноправна партијата меѓу поединец и систем, но гостиварци ја имаа привилегијата да бидат во предност за обмислени потези над државениот систем: тие знаеја што да прават со државата, таа никогаш не знаеше што со нив. Албанците го увидоа рибјото својство на Гостивар да и бега низ прсти на власта. Затскриената паланечка подвижна неопределеност е идеален преносник на заразникот, клетката по која почна пеколниот ритам на малигноста на општеството. За време на Втората светска војна во Гостивар и во Тетово беа центрите на албанската фашистичка "Бали комбтар", а не во Дебар или во Струга, градови што граничат со Албанија.

До пред големиот судир на гостиварските Албанци со македонската полиција во летото 1997, често сум бил во ситуација да премолчувам разговори, за да не испадне дека претерувам за она што го раскажувам за мојот роден крај. Далеку пред да се почувствува крајот на социјализмот, во Гостивар наголемо се зборуваше и се тргуваше со дрога, проституција или оружје. Усвоениот јазик на неслободата не кажуваше дека малите дуќанчиња на ситното стопанство биле покритие за слободно миење валкани пари на албанската мафија, заштитени од корумпираните локални партиски моќници од славјанско потекло. Прашувајќи се каде е тоа зафрлено гратче, малкумина ми веруваа дека е тоа балканското Макондо, трескавично само што не прокипело.

Кога дојдов на факултет во Скопје, ме збеснуваше рудиментираната слепотија кај професорите за општествените процеси и да не беше одговорноста спрема татко ми со работничка плата што ме школуваше, бргу ќе заминев од универзитетскиот Гулаг. Од Гостивар, како што гледав и гледам на Македонија, од Скопје тоа никогаш не можам да го постигнам. Без пресингот на идеолошката непомирливост што се форсираше во други краишта, во децениите по Втората светска војна Гостивар пулсираше како сива зона дури останатите градови паланечки чмаеја. Тој беше пример за политичкото помирување со идеолошкото братство-единство. Македонистичката комунистичка власт се помири со идеолошкиот непријател со кого војуваше во Втората светска војна, со фашистичките балисти поддржувани од албанската популација. Чувството на вина што го носат други народи што учествувале на страната на фашистите, на етничките Албанци од Македонија таа траума им ја избриша власта. Албанското население му наметна ритам на Гостивар и самите му го разрушија ритамот кога тој прејде во резонатор за целата република.

Демагошките лаги потешко фаќаат корен во места кај што населението има можност за споредба: од дете слушав потсмешливи забелешки и негодувања кон свечените лаги на партиските моќници за божемното заедничко војување на Македонците и Албанците против "непријателот". Славјаните свесно прифатија да живеат и да водат љубов со лагата на Партијата: македонските Албанци ја одбија неподносливата леснотија на партиското суштествување. Да израстеш и да се формираш во Гостивар не беше исто што и во шпиртосано Скопје или заспано Кочани. Подоцнежните политичко-полициски притисоци врз мене ги издржував спокојно не од посебните способности со кои сум надарен, туку зашто сум кален во Гостивар. Ни град ни село, ни провинција ни центар, ни традиција ни модерност и сол и гел состојба...

Со увежбаноста за конспиративност, мојата генерација гостиварски Албанци направија чекори од седум милји низ подземјето на Европа. Никогаш ќе немам податоци за нивните нарко-мрежи, трговии со оружје и проституција, но верувам дека мозокот на европското подземје го држат моите роднокрајци. Самите ми се фалат дека ги поставуваат и ги менуваат владите во Албанија, а од нив зависи и стабилноста и иднината на Македонија. Тоа е максимумот до кој стасаа повоените гостиварски генерации Албанци на "работење под жито". Со создавањето резонанца од градот, го избраа патот на враќањето кон провинцијализмот од каде што тргнаа, без да ги рушат вкаменетите општествени односи во Македонија, што само тие беа способни да го сторат. Без оглед со кое богатство ќе располага градот и во која држава ќе се наоѓа во дваесет и првиот век, во овие региони западот дојде преку албанското население, преку нив ја порази постојната договорна економија, но без да се подготвени за историската привилегија што им се нудеше, нивното движење не го искористија да наметнат прецизен облик и односи, останувајќи перманентно да дивеат. Економското заздравување на западнобалканските простори ќе го исфрли Гостивар на маргините каде што беше и за време на бугарската преродба и по албанските реформи.

Географската поставеност и општествената насоченост на Албанија како држава е кон Јадранското Море. Нивниот поглед за Европа со векови е преку море. Големиот подем на македонските Албанци од Полог е во тилот на Албанија, нивниот развој дојде од друго милје, сред друг народ и по инакви општествени врски. Нема никогаш полошките Албанци во самата Албанија да го заземат она место што според инјекцијата за процутот на албанството во последниве неколку децении го дадоа и тие секогаш ќе бидат третирани само како провинцијално дополнување на албанскиот слив од националната енергија. Огромните народни сили, трошени во гранични судири, во случајов со неалбанците, ќе се користат само за конкретни потреби: дали при лепење оштрбени национални помирувања или ќе бидат романтично жртвувани од внатрешни или надворешни сили за воспоставување мир вкуќи. Народите во Македонија како гранични делови од околните држави веќе би требало, најпосле, да ја научат оваа лекција со која Историјата им ја крши главата.

Пребрзото, трескаво богатење на македонските Албанци од Полог, најчесто од незаконски бизниси, коренито им го смени дотогашниот начин на животот без историски да созрее, класен слој што новите промени ќе ги трансформира во нови вредносни и културни однесувања и голема работа е ако можат да разберат нивните национални водачи дека попродуктивно ќе им биде ако дел од националната енергија се обидат да трошат во македонско граѓанско интегрирање како "предавство" на народната "беса". Оставени да се потпираат само врз виталноста, македонските Албанци колку и да се збогатат, избираат да живеат паралелен живот, чувствувајќи се "граѓани од втор ред", самокомплексирајќи се, погодувајќи на ретроградни, популистички идеи и процеси постојано да бидат држани во крајности меѓу еуфорија и разочараност: постојано надразнети, дразнејќи ги неалбанците, предизвикувајќи колективни трагедии.

Ја читав со внимание, но останав разочаран од книгата за Ветмохими (Самопонижување) на албанскиот политички затвореник и поет Адем Демачи кој помина дваесет и седум години во југословенските Титови затвори. Една од ретките книги на литературен дилетант што сум ја исчитал до крај. Книгата е класичен пример кога биографијата на писателот е посилна од делото, ако воопшто има литература во таа книга. Фрлиле пари да ја преведат на македонски јазик (сигурно ја преведуваат и на поголеми јазици), со неговиот лик што потсетува на Ентони Хопкинс ќе можат да направат и филм, но книгата ќе работи против писателот.

На неталентиран писател му направи светска биографија една недоквакана полиција и власт и неговиот авторитет на маченик, албански Нелсон Мандела, никој не може да му го руши меѓу неговите сонародници. Ке му го руши неговата слаба литература. Секој Албанец и секоја човечка единка може да стане Адем Демачи: доволно е да не се отстапува од сопствениот фанатизам во средина што ја владее друг, различен фанатизам. Сите имаме потенцијали да бидеме Адем Демачи, немаме квалитети да се развиеме во Исмаил Кадаре. Орелски ако не можеме дарбата да ја раскрилиме како Кадаре, не значи да не се обидеме да летнеме. Адем Демачи има послушници, Исмаил Кадаре има восхитеници!

Македонските Албанци збришуваат болшевички фанатизам во Република Македонија по рецептот на Демачи: да беше по начинот на Кадаре, ќе им честитав. Истиот фанатизам некаде носи еуфорија, некаде патила. Сепак, нема да ги премолчам убавите работи што ги гледав, што ги учев и што ги правеа моите сограѓани македонски Албанци. Нивната граѓанска непослушност посредно создаваше клима да видат бел свет и моите текстови. Кај нив првпат видов колор-телевизори, видео-рекордери, луксузни европски коли, модерни алати... Мојата "храброст" ја користеше пукнатината во монолитноста што ја оцртуваа Албанците. Новата клима не ја создаваше македонската македонистичка интелигенција, токму обратно, таа ја играше улогата на партиски надзорник. Полјаците организирано му зададоа смртен удар на социјализмот при паѓањето на железната завеса, а Албанците стихијно ја разнишаа неспособната за реформи на Југославија. Немајќи граѓанска широчина да се понудат и како реформатори, албанските несомнени придонеси за воспоставување нови економски односи во овој регион се превртуваат во нивна траума.

Полјаците го рушеа системот на Полска за да воспостават нов, Албанците ги рушат државите каде што живеат за да живеат заедно во едно.

Охрид секогаш го доживувам како историска истрошеност, Битола како декор на сопствената самобендисаност, Штип како ров на националната непомирливост, а за заборавената Македонија во источниот дел да не зборувам... Секое лето во Охрид се судира традиционалниот македонски со новосоздадениот во Скопје македонистички менталитет: она што сме биле, со она кон што нe' туркаат да бидеме.

Во Скопје отсекаде се слева македонскиот менталитет и институционалните македонистички казани го мешаат во "отворениот град" со колонистичката и мухаџирската популација, враќајки го назад со ново сознание да ќине од веќе замразеното сопствено народносно ткиво нов материјал за денационализирање. Провинциската охридска нетрпеливост кон метрополска скопска надменост е судир меѓу задржаната и изгубената свесг, внатрешен конфликт на нашето отуѓеното битие меѓу македонство и македонизам. Охрид ако е слика на она што сме биле, Скопје на тоа што сакаат да бидеме, Гостивар е образецот од нас што ќе биде.

Не ми требаат временски машини од научната фантастика за прошетки во иднината: растев и се развивав во средина неколку чекори поблизу до безизлезот што на талентиран уметник му дава нишка на видовитост. Полог е подрачје на залез на славјанското население во пасивен витализам (Милош) што ги набљудува раздвижените земјаци Албанци како концентрираат богатства и развиваат врски за нови културни прегрупирања. Се е поприсутен патосот во комуницирањето на славјанското население во Гостивар, групата што е во фазата на собирање на багажот пред заминување. Населението што живее на границите на еден народ, самото се смета за негов најдобар толкувач и бранител и нема проблем или нивна мака што ги тишти, а да може да ги разбере до крај населението што живее во внатрешноста.

Направените сметки за заблудите од животот најсилно се оцртуваат во родниот крај. И мене патос во Вруток ме фаќа кога на моите соселани, на Вијан, им читам болна здодевност во очите. Како да не им се живее. Како можевме даја згрешиме толку. Албанците комшии веќе не зборуваат многу со нив. Мајка ми се уште пред куќи во празни кантички од моторни масла сее најубави бегонии по кои Шиптарките од Речане ги кршат главите. Сефединица од Речане секоја пролет сe' уште зема расад. Татко ми го поздравуваат разретчените негови албански врсници што работеа заедно по терени. Албанци понекојпат ми велат за татко ми дека ќе ни го остави во наследство најголемиот капитал: чист образ. Власта дури и тоа што не ми го дала, сака да ми го земе, а треба да си го одржам образот на татко ми. Од мене нека останат само триесетината овошни дрвца што сум ги посадил во домашниот двор и по ридовите, задоволен ќе сум дека и јас дадов нешто од себе. Што не ја истрошив силата на копање, садење и уредување на родната куќа наместо да читам интелектуални педерастии. Не ми беа ли доволно имињата по селските гробишта да прочитам каде тргнавме: Рукија, Деафил, Урубија, Зарко, Гего, Сарџо, Маџо, Бецко, Варка... и наследниците што им го подигнале споменикот: Зоран, Горан, Славица, Маријан, Живка, Далибор, Љубиша.

Го лепам носот на единствениот останат прозорец од училиштето во кое учев, поинтензивно да ја дофатам миризбата на нашето распаѓање: миризба на детска пот измешана со прашина од подовите намачкани со катран, киселкавата миризба на непарфимираните и недепилирани едри, селски учителки, миризба на нашите подмочани панталончиња, миризба на нашата сиромаштија и закоравеност. Залагајќи се по секоја цена да создадеме нов идентитет, со изгубувањето на базичниот, не ја збогативме сопствената природа со нови квалитети. Изворот на моќниот Вардар, на педесет чекори од мојата родна куќа, не е река на енергија, младост и надежи што ги собира во себе, пред да се влее во Егејот, пред да наводни и да оплоди. Хармонијата на музиката и бојата на водата на Главардар наместо да расте и да буи пред да папса, свежината и чистотијата и ја загадуваат притоките што ја прават мртва река на устието. Нашата идеологија уште од Главардар не прави мртвородени.

Албанците од мојот Вруток нејќат да се слеат со Вардар, но нејќум кога ламентирам, да пишувам нови Демостенови "Филипики". Штафетата на Полог не оди во погрешни, туку во вистински раце. Не само што не играа по наша свирка, тие живеат свој парелелен живот кој беше имун на сите болести што ние ги лежиме и од кои ни нема спас. Нам и на Србите тие ни одржаа лекција што колективно како генерација не ја запаметивме. А требаше. Добро би било барем правилно да се запише слученото во историјата. Мојов текст е една припомош за тоа. На нивната виталност, трудољубивост, штедливост, морална неначнатост, претприемчивост и бистрина секогаш сум им се восхитувал. Нивните народносни квалитети издржаа притисоци на жесток сталинизам, а опстојаа и во пазарна конкуренција со сите европски народи. Некои од нај-големите турски полководци беа од албанско потекло, а многу поевропејчени Албанци беа универзитетски професори по Европа.

Плодната полошка црница преоѓа во раце на уште поработливи стопани од нас. Земјата е на оној што ја обработува и Полог нема да биде без Славјаните понеобработен и понеубав. Секое мое одење во Вруток не е празно плачење и пцуење над судбината, туку едно тивко, постепено и долго простување со родниоткрај.

[Previous]
[Back]