Обеди ништожност, Младен Србиновски

МОЈАТА КОШНИЦА КОПНЕЖ

Дијагноза од беспоштедното вивисекцирање на провинцијалното политикантство на македонизмот не дава гаранција дека не ќе се утне работата со пропишување лекови на ниво од провинцијален балкански манипулатор. Не ми е мака да напишам и таков текст, мака ми е што со императивните реченици ќе ми се измени исказот: не ми е мака што многу работи ќе промашам или не ќе се согласувате со нив, мака ми е што со ваков текст од мене се буди македонскиот комплекс на инфериорност кој соли ум за политичките решавања на проблемите во регионот:

политиката ги решава проблемите, но од позиција на сила, а не како мојов текст, со решенија од позиција на слабост.

Текстовите се создавање нови светови, нови утопии што не заживуваат од авторовата немоќ напишаното да го материјализира како Господ Бог кој за шест дена ја осуштестви својата проекција. Не постојат разумни мечти што се оправдуваат со рациото и никој не може на авторот да му забрани престој во мечтите, свет од кој боледува и во кој се лекува: копнежи што надминуваат реалности и човечки пречки дури леко наогаат амајлија за спас од сите неволји. Ја пишувам оваа работа зашто многу малку знам што значи да се поседува сила, правда изборена со правото на политиката, оружјето и институциите, која постојано ја мешам со правда од правото на историјата.

Можеби не е, можеби јас си вообразувам, можеби беспотребно над Македонија се тресам како барска трска што се ниша кога и најмало ветерче е стивнато, можеби јас претерувам штом велам дека ја примам како перманентна неволја: ми се губи, ја снемува, ми се топи пред очи и немам ли уште своја мечта, тежнение, утопија како да ја спасам, чинам, од раце ни истекува во живиот песок во кој ја престоривме: македонските состојби се одамна зрели за радикално преосмислување на македонската реалност. Не се може потаму без таков потфат! Не презентирајќи никого, свесно застапувајќи го сопствениот порив, врховно човечко право е вложување енергија од естетски побуди. Се презентирам само себеси, само мојата кошница копнеж.

Сонувам со отворени очи, размислувам утописки. Имам на тоа право: кога се пишува автобиографска проза, не смеат да се одминат сопственте фантазми: пишувањето помага да се ослободиме од нив:

времево е измислено за групна терапија. Безобразие е сфаќањето дека писателот не треба понекогаш да се занимава со политички теми: моите текстови ако се успешни, можат да ја измијат нашата почва топена од крвта со генерации, Вардар како што не може тоа да го стори. Нема да бидам ни скромен ни да останам само на личните дијагнози за Македонија: ве водам со отворени очи низ македонските мински полиња на балканскиот регион, снабдувајќи ве само со скромен текст бревијар. Останавме ли здрави и прави, ќе се перчам дека сум ви дал в рака влезница за дваесет и првиот век, нова проекција, ново начертание на позитивна балканска утопија.

Не е Нова година, но пред тргнување, тие што сте наумиле да кинисате со мене, замислете ме за миг во ролјата на Дедо Мраз, иако одамна децата ги воспитавме да не веруваат во "бесмислици", дури сами изигруваме дедомразовци и по заспивањето им оставаме божикни подароци под елка. Возрасните балканци не треба да подетинат, па да поверуваат дека ним Дедо Мраз во најромантичната ноќ им оставил нешто под елката. Ние убаво запомнивме каков беше тој кон нас кога бевме деца. Сега, кога пораснавме, кога разбравме дека подароците под елката ги оставаат возрасните, можеме да разбереме дека нашето секојдневие во кое се затекнавме, а што не ни се допаѓа, некој ни го подарил. Само на Балканот на подарен коњ заби не му бројат. Заслужува ли таков подарок да спакуваме за нечие идно наследство.

Се сеќавам, во мојот Вруток кога бев првоодделенец, ни предаваше дојденка, учителка од Скопје, и скоро секој ден некој од нас ќе и подареше некоја круша или јаболко. Најчешитното меѓу нас, најчесто и носеше завиткани во хартија "подароци" од:

гуштерици, желчиња, бубачки, полжави... Да не зборувам колку не смееше врескањето на учителката кога ги одвиткуваше неговите "подароци". Таква е балканската историја: беспрекорно памети кој сосед каков подарок му подметнал под елката и колку тие ликувале додека вие сте врескале од болка. Балканската историја го заборава најбитното: сиромашните народи не ги употребуваат добиените подароци. Свечености и поводи излегуваат постојано: треба да се појде и да се обели образ, па дури и со непроменетата светлечка хартија на опаковката, истиот подарок му го подаруваме на ближниот: балканска ѓаволштина или комплекс што функционира. Демек, само ние сме си ја тракале мајката. Неколку подароци со векови кружат во оптек: сите знаеме што е спакуваното и чие е, но со паланечка сериозност, упорно и натаму си ги разменуваме.

Сите имаме некакви балкански татковини и лесно застануваме и кога не сме прави зад нив и зад подароците подготвени за соседите. Не сум застанал и никогаш нема да застанам зад мојата татковина ако гледам не е права. Истуркавме уште едно столетие во игри на подметнување пакетчиња под комшиските елки кои не ја донесоа очекуваната среќа на крајот на овој милениум за измачената душа на балканскиот корав човек. Не се откажавме од подметнување парчиња жилети во божикните слатки подароци! Ви ветувам: нема да ви понудам достатно зашеќерени слатки, мојот рецепт не оди без горчлив бадем. Слободно пробајте, гарантирам ќе нема подметнати стакленца.

Отпечатоците од прстите на балканските учени при реализирањето негативна утопија во балканската дејствителност не можат да се избришат:

тукашните интелектуалци сесрдно се ставаа на услуга во проекти на завојувачки начертанија врз сопственото етничко пространство. Ако се бараат индивидуи што одбивале соработка со сопствените национални Мефистофели, што мислеле пошироко општобалкански или општочовечки, за таквата сорта учени на Балканот може да се зборува како за исклучоци. Дипломатските мировни конференции по меѓубалканските судири што се одржуваат од Големите сили на секои две-три децении, досега не носеа поголема стабилност во регионот, и како што стојат работите, сегашното западно форсирање да ја заборавиме историјата и да гледаме на иднината, прави уште посурово форсирање балканската касапница да се повторува секои дваесетина години и во наредниот милениум. Досегашните вековни постапки на меѓународната дипломатија на Балканот се со младотурски површности, покривање неизгаснати гламји од воените пожари, оставајќи под пепел жарта повторно да пламне со поголема сила.

Ветерот кој константно го потпалува воениот оган меѓу балканските држави, пред сe', се "науката и образованието". Образовниот систем е балканскиот расадник кој системски всадува омраза кај секоја новостасана генерација. Дипломатијата на Големите Сили во испреплетените балкански јазли е полезно да притисне прво на балканското образование во сите држави, па откако ќе го пресече Гордиевиот јазол на митоманите, ќе може да поверува дека им задала смртен удар на распалувачите на емоции. При таква супервизија над образованието македонизмот во Македонија и муслиманството во Босна би доживеале најголеми порази што не значи дека тие општествени појави не треба да бидат политички заштитени: тие дојдоа на свет токму од многуте бабици над балканските мировни прекројувања.

Подготвен сум да прифатам и најнепријатна вистина (а која вистина е пријатна) за сопственото минато, јазик и култура ако таа биде во дослух со светски компетентните научни ставови, па макар се разликувале од сите мои досегашни сфаќања. На такви ревизии ќе им се спротивстават токму балканските интелектуални дервиши, макар што Балканот досега дал достатно учени за да нема комплекс од интелектуална некадарност. Комплементарност на образованието меѓу балканските држави, ослободено од митологизирања, фалсификати и меѓусебни исклучувања, единствено може да ни се наметне како интелектуална санкција: одделување на идеологијата на Денот од науките што се занимаваат со националните проблематики. Другите дипломатски усилија досега што се преземаат за овој регион се или планирана империјална итрина или дипломатска тапост. Напразно сите дипломатски Дејтони без интелектуален Дејтон!

Главната неизмерена супстанција во балканските слатки е параметарот на слобода во општеството: показателот колку често се добива рехабилитација од општеството при огрешувањето од неговите свети табуа. Балканските држави не знаат за простување и помирување, ниту помислуваат за зашеќерување на горчилата, преддејствие посуштествено од дипломатско-мировните. Балканскиот интелектуалец задоцнува каде што не смее да доцни: во мислата, во непредлагањето глобална рамка за излегување од магепсаниот круг на безизлезот. Мисловната рамка за глобално решавање на мирот на Балканот и реформите што се нужни, безбели треба да се изведуваат паралелно, на два колосека. Едната локомотива треба да ги влече дезидеологизираните наука и образование, а другата е дипломатијата со економските зафати.

Во така конципираната композиција од две локомотиви за балканските теснолинејки главното прашање е: од каде да се почне. Повторно балкански парадокс: маките ќе бидат помали ако глобалното решавање на испревртените проблеми од кои боли главата почне од средина, од балканскиот папок - Македонија. Секогаш важи поговорката "Не чепкајте во папокот", но за Балканот е зрело да се рече: почнете еднаш од папокот, од кумулативниот збир на проблемите во регионот: подредетеја Македонија по идеален ред ако сакате ред на нештата на Балканот! Стартувам од Македонија.

Мировните дипломатски Дејтони за Македонија секогаш беа кревки и временски определени од војна до војна. Последниот полувековен интервал на мир што помина под знакот на новоизлупениот македонизам, поткопа секаква регионална научна и општествена соработка, правејќи рововски престрелки за божемни национални интереси што не кореспондираат ни со соседите ни со светското толкување за Балканот. Прво го дотераа македонизмот до безизлез, па после трогателно се раскракаа со провинциска хамлетовштина дека бдееле над нашето судбинско, да не биде или не. Интелектуални санкции веќе окркавме со притисокот на Обединетите Нации со нашето менување на името на државата, знамето, членови на Уставот... Радува што не поминуваат по светот нашите аргументи за внатрешна употреба. Обичниот човек во Република Македонија е во мрачни години кога не умее да дојде до своите вистини што му ги крие науката. Од првите денови во училиштето влегуваме во шепите на дневно политикантство не можејќи да излеземе од магепсаниот образовен лавиринт од митови, претпоставки и фалсификати. Ако за нешто се гордеам, тоа е дека сум излегол од наметнатата образовна стапица на училиштето на македонизмот.

Македонскатајавност ќе треба да најде кураж да погледне во својата реалност. Етнички шарена, областа Македонија правела отсекогаш од себе уникатен вкус: манџа со многу миродии во релативно вековен стабилен сооднос при доминантното бугарско население. Овие народи не знаеле, а не им било ни потребно да знаат дека милениумски живеат мулти-културно. Во втората половина на дваесеттиот век, со одржавотворувањето на петтоколонашката идеја на македонизмот, народносната рамнотежа е драстично разрушена и вкусот на македонската манџа од повеќе миродии станува блуткав. Солта во манџата ја снема. Македонизмот не само што го растури дотогашниот релативно стабилен етнички сооднос на националните групации, тој покажа и основна слабост дека ја нема силата на обединувачки, врзивен елемент меѓу националното шаренило што дотогаш ја вршеше бугарската духовност на оваа територија и што му даваше со векови печат на овој централнобалкански регион. Ако за Средна Европа до Втората светска војна народносно врзивниот елемент, цементот меѓу народите беа Евреите, за географската област Македонија, ако не и за поширокиот регион, таа улога ја имаа Бугарите.

Македонизмот како државна лага на кус фитил, се нафатил да игра (со декрет) за него претешка ролја, да биде супститут за функцијата што дотогаш ја имаше најмногубројното бугарско население, но тој беше способен да изврши само насилно обезбугарување на најмногубројната етничка група и тоа, треба да му се признае, речиси го изврши: го фрли на колена најмногубројното и најевропски ориентираното население! Македонизмот пушти адвентивни корени (бидејќи немаше свои), ги зари во почвата на бугарската вековна традиција во Македонија и се прогласи како нејзин природен продолжувач и наследник. Пуштањето на адвентивните корени на македонизмот во културите на другите помалубројни народи на тлото на Македонија, освен кај Циганите, не успеа и сите други народи, без дотогашните македонски Бугари, останаа со својата неизменета традиција и етнички особености. Непријатно е, но има вистина во емотивните изјави на извесни македонски интелектуалци кога нашето перманентно тонење во варварство го дефинираат како циганизирање на Македонија, а македонизмот како обична циганштина. Грците одамна погрдно не нарекуваат "скопски Цигани". Корелација има.

Изговореното што никогаш не се потпира и на се потврдува низ дејствие и практика, еден ден го истрошува јазикот до степен кога стасува казна да се проколнува денот што воопшто сме прозбореле. Кон имиџот на ова проклетство кое одамна ги следи Циганите, се ми се чини дека и македонизмот, со перманентните лаги, се наближува кон ситуацијата на колективно истрошување на битието, престорено во празен јазик кому никој и ништо не ќе му верува. Комунизмот сам од себе, лесно пропадна за две недели зашто стигна до мигот на истрошено битие кога му останаа само празните клетви на верност во кои не веруваа веќе и тие кои ги изговараа. Убеден сум дека ненадејно лесно и набрзина ќе клапне и потемкиновштината на болшевичкиот македонизам. Кого ли ќе поклопи под себе ранетата ѕверка штом ќе тресне. Сите сме и потенцијални жртви. Назад високо, напред длабоко.

Ако историјата со векови ги принуди овие народи да живеат во мултикултура едни до други, економијата не ги сплоти нив да живеат по избор едни покрај други. Болшевичкиот македонизам кој се понуди како решение во дваесеттите години на овој век за географската црна дупка настаната по Берлинскиот конгрес, беше политичка утопија и опција што мачно функционираше: дури, населението беше на тоа принудувано и тој беше политичка идеја на една партија и наметнат само над една национална групација.

Предимствата на политичката утопија за граѓански општоприфатен македонизам треба да се стремат да ја релаксираат и да ја поевропејчат не само Република Македонија, туку и целиот Балкан. Лесно е да се рече: за нејзино заживување синхроно да работат сите заинтересирани за мирот на Балканот. Предимството на идејата за граѓански македонизам е нејзината прагматичност. Одамна е потрошено прашањето за постоењето на американската нација, хомогенизирана граѓанска мешавина на доселеници од разни континенти. Којзнае дали е Америка вистинскиот одговор на библиската приказна за Вавилонската кула, но за сплотените граѓани по избор што живеат заедно, не е чудно сите што си го знаат сопственото национално потекло.

Оваа навидум мала фалинка во постојниот болшевички македонизам на Република Македонија, последниве години се поостро се покажува како дефектност на државниот организам прокламиран на АСНОМ. Граѓанските показатели, волунтаристички избркани пред педесетина години низ вратата на заседанието во Прохор Пчински, Иронијата на времето ни ги враќа на маса како целиот корпус од фундаменталните прашања за една држава: нацијата, националното битие, името, знамето, јазикот, културата, та дури и границите... Македонските македонистички интелектуалци се збеснати од компромитацијата на времето: тоа покажа по кој знае кој пат дека е единствен субјект што не може да биде ликвидиран и суден за предавство.

Покрај семантичката каша околу термините Македонија, Македонци, македонски, кашата не е ништо помала и во дипломатското третирање на внатрешниот карактер на скоро создадената држава:

Бивша Југословенска Република Македонија, со описно име под кое е примена во Обединетите Нации. Како за се, и за овој проблем, ние кои живееме во Република Македонија ужасно сме манипулирани од медиумите и тешко стигаме до точна и неискривена информација.

Ако одиме според Уставот, Република Македонија е држава на македонскиот народ и малцинствата што живеат во неа. Пратениците од албанскиот политички блок во македонското Собрание не гласаа за Уставот. По се изгледа и тој ќе да е само врховен закон за внатрешна употреба штом меѓународната јавност Република Македонија ја третира како мултикултурна и мултинационална држава. Ваквата констатација многу нешта не допрецизирува и за поголемо дообјаснување на нашиот политичкијазол се прават аналогии на општествени устројства на кои заличува Република Македонија или се форсира на нив да заличи. Ако се остават настрана гледиштата за поделба на нашава република, во основата, профилираните политички визии за нејзиното управување се три: Македонија како Швајцарија на Балканот, како Австрија на Балканот и како Белгија на Балканот. Посочените аналогии на политички уредувања ќе прозвучат бомбастично само за неупатените: секоја од спомнатите опции си има своја долга историја и приврзаници.

Да повториме, македонизмот како опција за Македонците: посебен народ, посебна култура, јазик и традиција се создаде и профункционира во Титова Југославија. Учењето прифатено и наметнувано од една партија, Комунистичката, денес испушта душа при внатрешна употреба само од најмногубројната националност во Република Македонија. За другите националности, според нивната политичка организираност и дејствување, тоа учење во плурализмот веќе не важи.

Моделот за уредување на Македонија како Австрија на Балканот е најстар и произлегува од концепцијата на ВМОРО и нејзините стратези Даме Груев и Гоце Делчев. Европа не им даде на Бугарите да живеат заедно и отцепувајќи ги на Берлинскиот конгрес, ги принуди македонските Бугари да се борат да прават уште една држава, слично како Германија и Австрија. Таа автономистичка идеја очигледно дека е застарена и, според денешните реалности, за Македонија како за "своја Австрија" повеќе можат да говорат Србите или Албанците, отколку Бугарите.

По Балканските војни и делбата на Македонија, се појавува и гледиштето на Ванчо Михаилов и ВМРО за кантонален принцип на уредувањето на оваа географска област, нешто по образецот на Швајцарија. За распарчената географска област Македонија со доминантно бугарско население, Михаилов предлагаше кантонално обединување на теритиријата со примена на швајцарскиот рецепт за оние места кај што другите националности се во значителен број. Денешната независна македонска држава спроведува кари-катурална варијанта на оваа концепција на една третина од географската област Македонија, притоа фалсификувајќи го името на бугарското население. Голем дел од меѓународнатајавностја поддржува оваа политика на Киро Глигоров за мирно кантонизирање на Македонија, наместо военото, како во Босна. Оваа концепција и одговара на албанската популација во Република Македонија, па ја заговараат во многу пригоди: по овој терк не само што западниот дел на државата би го управувале, туку со големиот наталитет тие би придобивале се нови и нови кантони што денес се се уште слабо населени со македонски Албанци.

Третото политичко гледиште што во последно време најчесто се спомнува во меѓународнатајавност е концептот на двонационална држава за Република Македонија, нешто како белгискиот модел на Балканот. Двете етнички заедници, опфатени во православно-славјанска и муслиманско-албанска се реалност во младата држава и не требаат дополнителни банални факти за оваа неслучајно употребувана формулација од западни аналитичари и дипломати. Убиствената реалност без визија е најголемата слабост на ова стојалиште што оди во потврдување на негативните претскажувања на Самјуел Ханингтон за идниот судир на цивилизациите. Каде би отишла работата, штом план-ски се овозможува групирање и поларизирање на населението врз религиозен принцип: Македонија безбели со тоа ја оставаат да изигрува вечен воен полигон.

Една позитивна утопија, обид за надминување на скаменетите македонски состојби е равенка со неколку непознати што треба да си ја постави пред себе секој мислешт човек од овој регион. Тоа е четвртата опција, американизирање на Република Македонија: најнеможната, најмалку разработуваната, најтешко остварливата, но најполезна за младата држава и регионот. Трите погоре посочени опции, дојдени од областа на политиката, предел на можното, не ме интересираат и како поданик од пределот на неможното, на уметноста, очекувано е да ме предизвикува прагматско политички бесмислената, најнеостварливата опција.

Не стигнуваат далеку оние што рационално се ќе обмислат, особено не балканските држави и политики. Мојата вообразба затоа се нагрби: одржување форум од еден учесник-излагач и за вас е потребно само мало предзнаење: има разлика меѓу концепцијата за американизирање на Република Македонија, од варијантата исфрлена во четириесеттите години на овој век за општествено уредување на Македонија под американски протекторат.

Блоковски разделената Европа на балканската теснолинејка долго години функционираше по политичкиот коридор Белград-Атина. Сега обединета, се обидува да го заживее и политичкиот коридор Софија-Тирана-Рим. Всушност, двете политички траси на интереси што поминуваат и се вкрстуваат над Македонија се коридори на војна. Мирот никогаш не патувал по најкусите отсечки: војната бодина преку-трупа. Нејќат ли ова да го разберат балканските држави што ја окружуваат Република Македонија, самите потпишуваат продолжување на сопственото варваризирање и пропаѓање. Слично треба да разбере и обединета Европа - време е за проекција на нова дипломатска траса на мирот што ќе поминува низ Балканот. Мировната траса најточно ќе ја покажува вистинската интегрираност на самата Европа како идеја. Балканот секогаш непогрешливо ја офира Европа.

Новите сфери на интереси и влијанија на Балканот ќе се покажат најефикасни ако се спроведат кружно, околу Република Македонија, слично како кружната регулација на сообраќајот. За Република Македонија е потребен протекторат на големите сили, но таа ќе биде стабилна само ако за неа се заложат, пред се, нејзините соседи. Република Македонија никогаш не ќе биде доволно моќна за да биде барабар Петко со мажите, ниту треба да изигрува кокета што ги соблазнува соседите по која постојано меѓу себе ќе си ги кршат главите. Новата стратегија прво што треба да направи е да престане со тактиката на Црвенкапа: во сите да гледаме волци. Европскиот чувар очигледно нема намера да не вади од нечиј стомак. Трезвените пресметки на државите околу Република Македонија ќе им покажат дека поубаво им е со независна држава меѓу нив. Македонија ќе остане стабилна кога никој не ќе ја посакува.

Со сложеноста на проблемот што далеку ја надминува големината на територијата, кој и да помисли да го остварува своето Сан Стефано, својот национален идеал за голема држава, нека е начисто дека на себе нагрбува проблеми и тежина што не би ги издржале и плешките на митскиот Атлас. Турање на Македонвја во чија било опција е турање еж во сопствени гаќи. Досегашното заринкување на вителот Македонија како да е мала лекција за околните балкански држави и кај нив со децении дреме сопствено "начертание", Санстефански сон за голема држава преку оваа територија: српската Новаковиќева Санстефанска идеја, бугарската Санстефанска идеја, грчката Санстефанска мегали идеја, албанската Санстефанска Призренска идеја...

Балканските држави во основата полициски, со џандарскиот резон на недоверливост преку кој се набљудуваат едни со други, ги прават скоро невозможни обидите за реформи и релаксирање на состојбите, чувство дека секој на секого му работи зад грб. Меѓусебната доверба им е првиот непремостлив праг што ќе учат да го прескокнат, дека треба друг подарок, со припомош на Големите сили, да спакуваат за под елката на соседот.

Коминтерновската проекција на Советите кои го иницираа болшевичкиот македонизам за да промрда во Федеративна (Титова) Југославија, таков, непреструктуиран, како "општествена реалност", денесја прифати ија поддржува Америка. Ако американскиот политички прагматизам се нафати да поддржува Сталинова проекција како прикриено србоманство поради општествената реалност, чуди изгубеното западно чувство за рационализам. Американизирањето на Република Македонија, всушност, би требало да е рационализирање на владејачкиот болшевички македонизам и негово пограѓанчување по терк на богатиот американски опит на тоа поле. Американскиот рационализам на Балканот како да се заразува од источничкиот мистицизам и молчи пред ловот во семантичкиот метеж од погледи и здивени поими на македонските македонисти.

Всушност, целата понова американска историја и создавањето на американската нација е тамошен "македонистички" процес за одделување по сите основи од англиската доминација што и со воени средства се изведе во нивната горда Граѓанска војна меѓу Северот и Југот. Скоро еден век подоцна, во граѓанскиот судир на македонска територија победија македонистичките "северњаци" и последовните реперкусии не се неочекуваност. Американско-англиските интелектуални спорови одамна ги имаат расчистено прашањата: дали културата што се создава во новата држава има англиски карактер или носи белег на новите општествени состојби. За никого веќе не е спорно дека станува збор за посебна американска култура со друг сензибилитет, но на денешните Американци не им паѓа на ум според логиката на "македонистичкиот" резон да присвојуваат и да го поамериканчуваат, на пример, еден Шекспир или Оксфорд и Кембриџ. Во Америка убаво си знаат од кога може да стане збор за автономна американска култура и исклучени се почетнички интелектуални престапи: на востоличениот болшевички македонизам во Македонија по 1945 му е дозволено да прави интелектуални престапи и да дивее до невкус.

Особено добредојдена би била корекција во американската политика: што помалку и што поразединети Словени на Балканот. Со нивното запоставување Америка сосила ги турка новите генерации прозападно и проамерикански ориентирани балкански Словени да се враќаат кон надживеани славјански идеали и братства.

Најголемите држави на овој дел од Полуостровот, Бугарија и Србија, со децении се во меѓусебно непријателство поради Македонија и којзнае дали веќе можат да се погледнат в очи до кое дереџе стасаа. Во моментот кога ќе разберат дека само над проблемот Македонија единствено можат да возраснат, ќе настапи за двете соседски држави голем заграб кон нивното конечно европеизирање. Победени од политиката на која и служат, денес и двете држави се на колена, поразени од Времето. Никој досега нив не ги покорил толку катастрофално како што тоа им го приреди нивната сопствена политика.

Набргу по ослободувањето од турскиот јарем, Србија започна војни со соседите, создавајќи си непријатели од нив. Како сојузник на победничкиот европски империјалистички блок таа политика доскоро им носеше успеси: сеејќи со децении ветар, отскоро почна да жнее бура.

Постојано на страната на европскиот блок што губеше, Бугарија најмногу се испржи од Македонија и нивниот кураж први да ја признаат новосоздадената централнобалканска држава е вистинско избегнување од стапицата на сопственото Сан Стефано. Бугарија со овој потег спрема Република Македонија возрасна и решениот јазичен спор во меѓудржавните односи треба да е потег за возраснување на македонизмот, самопомирување дека неговата генеза е Коминтерновско "начертание".

Ако е Србија иницијална игла на Балканот и бранувањата на Полуостровов најчесто се нејзино дело, Бугарија е складот барут за балканска војна. Влезе ли Бугарија во војна - има балканска војна, стои ли отстрана Бугарија - на Балканот може да се пука со години и да нема општобалкански судир. Српската политика ќе треба да направи огромен, коперникански пресврт во своето мислење ако сака да го избегне внатрешното подјадување на нацијата од сопствената омраза. Досегашната политика на "Начертанието" ги дотера до степен денес да се самоопкружени со непријателски соседи: не им одговара и Словенија и Хрватска и Босна и Унгарија и Австрија и Бугарија и Македонија и Албанија. Освен пријателство со Грција калено над делбата на Македонија и сојузништвото со Русија, денешната Милошевиќева Југославија е меѓу најголемите светски генератори на негативна енергија. Србија како балканска иницијална игла е на потег да иницира нова политика на самопочитување и искрено помирување со Бугарија, балканскиот склад барут, поттикнувајќи го коридорот на мирот што ќе ја обиколува Република Македонија. Ако се сака некакво балканско придвижување, тоа е единствен концепт и траса на мирот во овој регион што останува да се вози и да се поддржува. Европа декларативно поддржува регионална соработка, не знае точно која регионална траса да ја поддржи.

За Грција нема непознати балкански траси и бргу ќе ја разбере ваквата порака. Таа и најмногу спечали од територијата на областа Македонија, макар што украденото не носи среќа. Во бесмислена војна со Ататурк ги изгуби засекогаш Цариград и Едрене, и сега таму Грците можат да се шетаат само како туристи. Од олимписка важност е грчката ролја при примањето од Бугарија на штафетата на доверба и предавањето на албанските финишери.

Албанците досега не покажале слух за заеднички штафетни трки и нивното самотно трчање кон само од нив поставената цел ќе направи сами да ја обезвреднат сопствената голема упорност. Енергијата што ја потрошија Албанците во Титова Југославија во судирот со конзервативната власт е еднаква ако не и поголема од онаа што ја дадоа Словенците и Хрватите. Беа масовно репресирани и преследувани, а многу Албанци по десетина години одлежуваа затвори, во една од најсуровите полиции на светот. Времето покажа суштествена разлика меѓу политичките струи на Словенците и Хрватите и оние на Албанците. Првите се залагаа за разни видови реформи во Федеративна Југославија, вторите страдаа за деветнаесеттовековниот сон на Голема Санстефанска Албанија. Заслепената југословенска власт не знаеше да прави разлика и да врши селекција и да ползува енергија од мноштвото движења што ги носеше времето. На крај, со самото одбивање да прифати востановени граѓански правила, за да има игра, самата се дисквалификува како анахроност.

Сепак, на Албанците извесни работи треба да им се признаат што кај нив не пројде ниедно српско "начертание" со учење за нив како посебен народ, различен од оние Албанци во Албанија. Теориите на Цвиич и Белич не направија флотантна маса од македонските и косовските Албанци да ги моделира кој како што ќе стигне. Србите не изнајдоа албански Крсте Мисирков да промовира албански сепаратизам со книга "За албанцките работи". Српската стратегија не успеа од косовските Албанци да направи нов косовски народ со посебна историја, јазик и култура различна од онаа на Албанците отаде Проклетие, макар што се обидоа со малисорски јазик. Од косовската академија на науките и уметностите, од при-штинскиот универзитет, од научните институти и другиот образовен систем не успеаја да создадат антиалбанско орудие, со свој камен да фрлаат на своите собраќа во Албанија. Косовскиот универзитет, Академијата и институтите денес не работат зашто косовските интелектуалци не се впрегнаа да изнајдат косовско малцинство во Албанија и заштитување на неговите права преку албански ОМО "Илиндени". Највитешките, но и најдивите, најбалканските од сите балкански народи на калашников култура, можам само да замислам кога би биле пријатели и сојузнички би удриле на Европа, кој би ти запрел и до каде би стасале. До Лондон! засега на Косово меѓусебно се гледаат преку цевките на пушките и тоа е најтешко контролираната отсечка од македонскиот круг со креда.

Ако доскоро Албанците не фигурираа како кандидати за македонски дел, сегашните нивни популациски адути ги наредија во најголеми претенденти за дел од Република Македонија. Тешко е да се определи дали е оваа опција со предимство или недостиг: таа има најмалку искусено од поуката за недистанцирање од македонскиот вир и каква закана ќе донесе тој политички резон во иднина за овој регион, не може да се предвиди. Косово е каде-каде во моментов огнено поопасно од Македонија, но дипломатски е помалку комплицирано. На Косово со години жестоко се војува, но тој регион се уште не може "да предизвика" општобалканска војна. За Македонија не е баш така... Анализите на Превентивните сили на Обединетите нации што веќе неколку години се стационирани во Република Македонија, сметаат дека евентуалениот македонски конфликт би бил пожесток од босанскиот.

Не оските Белград-Атина виа Скопје ниту Софија-Тирана-Рим виа Скопје, туку Белград-Атина виа Софија и Софија-Тирана-Рим виа Атина. Скопје во сите коридори на интереси е пожелно да се остава на пуст дипломатски колосек, без вглавување во нечиј сендвич. Нарочното политичко провинцијализирање на Република Македонија е инсистирање за исклучување на гајтаните од околните државни мрежи на напојување, автоматски што ќе ја спушти емотивната меѓунационална температура, ладејќи го котелот од емоции кој е константно на степен на вриење.

Ефектите од надворешната дипломатска деполитизација на Република Македонија набргу ќе бидат видливи во државава: економското, транспортното и комуникациското вложување и работењето во релаксираната средина ќе биде многукратно зголемено. Наместо за идеалот Македонија романтично да гинат, со ум, на сите околни држави таа нека несе златни јајца. Дипломатски одоколу, комуникациски најкусо.

Дипломатската заштеда не се мери со километри. Република Македонија не треба да изигрува според "премудрата политика" на Киро Глигоров водење еквидистанца спрема соседите, тие треба да се договорат за дипломатска еквидистанца кон неа. Македонија ќе ја покаже својата подготвеност за еквидистанца спрема соседите на економски план:

секому дозволувајќи му да вложува приближно подеднаков капитал во државава, наместо да биде мијалник за пари и културна провинција само за еден или двајца соседи.

Поголемото кохезирање ќе ја престори Македонија од јаболко на раздорот во толку потребната кугличка, незаменлив лагер применуван при кружни движења што ќе го намалува триењето на Балканот. Досегашните балкански оски што се вкрстуваа над Македонија само ја поткусуруваа територијата и продолжувањето на таа политика ќе го додроби и ова преостанато парче. Графички претставени, двете оски на интереси што се вкрстуваат на средината, над кружната централна балканска државичка, неизоставно треба да добијат нова функција: стрелки на македонскиот часовник најточно што ќе го мери балканското историско време. На часовникот со балканска машинерија не ќе чуди ако стрелките смешно се движат и покажуваат различно време од она што го отчукуваат прецизните електронски мерачи. Балканското време на интеграцијата е регистратор на пресметки од посредни појави како што астрономите од гравитациони патеки на веќе познати небесни тела ја изведуваат траекторијата на новооткриено небесно тело. На Република Македонија како чувствителен балкански регистратор бргу ќе се прочитаат движењата започнати во папокот на Балканот и бргу ќе повлечат резонантни концентрични бранови. Планирано предавство кон националните идеи за големи држави преку Република Македонија ќе е првата калкулирана пресметка за сегашните балкански држави.

Прашањето на јазикот на комуникацијата во Република Македонија треба да е главното национално предавство од сите граѓани во Република Македонија кон своите "национални интереси". Пред десетина години токму Гане и македонистичката тајфа удрија кампања да се воведе српскиот јазик како втор официјален јазик во Република Македонија (овој демек е малку србизиран!), а денес катадневно слушаме од албанските политички сили за воведување на албанскиот јазик како втор официјален јазик. Ќе речете, проблемот не е ист и така е: ист е резонот на провинцијализирањето. Отворено се лутат дека се присилувани да зборуваат и да учат "еден бугарски дијалект", но секогаш забораваат дека токму на овие простори нивните цивилизациски потреби се задоволени на повисоки стандарди и од оние на нивните соплеменици во Албанија и на Косово: нивниот живот со инородци не бил за потценување, како што го потценуваат. По деценија-две, на овие простори ќе се комуницира на англиски јазик и англискиот треба да се форсира како втор јазик во државава. Никакви пари, кредити или убави приказни: нашето излегување во Европа ќе биде со европски јазик!

Не поради уставната одредница за македонскиот како официјален јазик, владеењето на македонскиот сега се уште е есперанто за меѓусебно разбирање на граѓаните, но нема да е граѓанска загуба кога еден ден ќе биде истиснат во домицилна употреба од светски јазик. Сиромашни сме, излагани сме, но ако барем децата си ги научиме да зборуваат перфектно англиски, за нашата генерација ќе може да се рече дека, сепак, исполнила нешто од својот генерациски долг. Големиот самопрегор на македонските Албанци вложен во тетовскиот универзитет, за да не е попусто истрошена енергија за сопствено дозатворање во етничко трло е одлична шанса со настава на светски јазик да повлече и да привлече студенти од сите националности и професори од странство и да им удри дефинитивна шлаканица на атрофираните македонистички научни кадри. Но за таков голем потег, што добиваат, а што губат, е потребно едно големо пресметано предавство на сопствениот провинцијализам за кое албанските сили треба здраво да му удрат молив!

Прославите на триесетгодишните јубилеи на значајните македонистички државни институции, Македонската академија на науките и уметностите и Македонската православна црква покажаа колку овие институции значат за соодветните такви во соседството и во светот. Руската академија на науките се изјасни за историјата на словенската писменост во истоимената тритомна енциклопедија, а на јубилејот на МПЦ не присуствуваше ниедна странска црковна делегација! Македонистичките световни и духовни проповеди водат потекло од едно место - од лагата!

Македонија со осамостојувањето заслужува да ги има сите институции на една држава и МПЦ треба да биде наднационална црква на сите православни христијани како што и Исламската верска заедница треба да си ја врши истата функција. Ликувања од нивни внатрешни роења и делби не треба никого да радуваат и никој да ги поттикнува. А што се однесува до религијата во училиштата и нејзина поголема присутност во медиумите, признавам: мојата скромност е против наше поголемо клерикализирање. Клерикализирањето никаде не донесло аир.

Во секоја средина лесно се наоѓаат по неколку поединци што ќе се впрегнат за секаква идиотска каузаи "полезноста" од македонските македонистички државни организации досега беше да ријат тука, по околните држави и низ иселеништвото по светот. Ако стигнеме дотаму дури и јавно да се проговори дека на Балканот покрај барањата за заштита на човечките права, преку националностите во другите држави се подметнува клин за расцепување на нивните целини, ќе започне наголемо нашето излегување од челуста на идеологијата и историјата.

Во секојдневието има поучни примери од кои ќе треба уште сега да учи болшевичкиот македонизам. Влада Урошевиќ како угледен интелектуалец од Република Македонија се чувствува како Македонец иако не се срами, ниту крие (а зошто би криел), ниту е суден или напаѓан дека неговото семејно потекло е српско. Неговиот татко е познат професор и српски академик. Урошевиќ е тука роден и формиран како интелектуалец, напишал на тукашниот официјален идиом многу дела високо оценети од критиката и јавноста и нормално и убаво е што се идентификува со оваа средина. Вакви позитивни примери има, за среќа значително. Да го споменеме и професор Ѓорѓи Марјановиќ. Тоа е позитивното предавство што ослободува позитивна енергија и пред кое сме исправени сите и што се очекува од македонските Албанци.

Најмногубројното население во Република Македонија за оваа "мала" привилегија се уште не се избори: од повоените пописи наваму, се изјаснуваме како Македонци. Власта од нас постојано бара некакво оградување, дистанцирање и омраза спрема сопственото минато иако воопшто не е срамно што нашите предци се декларирале и ги третирале како македонски Бугари. Не верувам во добронамерноста на тенденциите што бараат од нас постојано в очи да се лажеме и да се правдаме пред наметнатата вина за нашето "предавничко" минато. Бегањето од овие проблеми го прави болшевичкиот македонизам сомнителен и фаличен, а колку малку треба за почеток!

Умниот политичар кој би се нафатил да ја води Република Македонија, не ќе може да ја поведе кон стабилност и благосостојба државава без решавање на овие проблеми кои ни ги плеткаат нозете, ако сме со голем ниет да излеземе од нашата песочна кула што ни се руши без врзивен елемент. Македонскиот политичар кој ќе програмира во секојдневието адитив како замена на болшевичкиот македонизам со својства на нов врзивен елемент за македонската Вавилонска кула од јазици, народи и религии, треба да е со извонредни квалитети. Овој текст не е за политичар купи ден-помини, од типот на нашиот сегашен дипломат Александар Димитров кој неподготвен, се изгуби на скопската средба, пред истекот на 1998, со грчкиот колега Пангалос.

Адитивот за граѓанско македонизирање си останува: духовниот код на бугарството, милениумски колективен белег што од различни побуди и со различна вештина се уште се премолчува: од државно платените македонисти до Јелена Лужина, Ферид Мухиќ или Данило Коцевски. Пуштање сок од вековните корени, низ педесет години затворениот винт од болшевизмот, е дозирање животен еликсир со кој ќе почнеме да ја губиме наметнатата јаловост. Лесно можам да бидам обвинет дека се залагам во Република Македонија за дозирање бугарство со кафено лажиче! Секогаш скапоцените работи се трошат во мали дози. Нам не ни треба потрошувачко кич бугарство, ни треба рехабилитирање на атрофираното сознание со доза и терапија на искусна дипломатска рака што не ќе предизвика форсирање на едно кон едно, ниту контраиндикации кај другите национални групи. Досегашниот страв од книга, филм или песна од Бугарија може само лековито да не релаксира како пиење свежа вода од најстудени планински кладенци.

По такви големи општествени прередувања во Република Македонија, добиваат смисла честите иницијативи за бришење на кратенката ВМРО од името на актуелните политички партии. Досегашните иницијативи за бришење на оваа кратенка немаат искрени намери и идат од истите сили што и досега судеа за тие идеи. Во времето кога колективната опасност надвиснуваше над оваа република, народот се фати и ја актуелизира идејата за самостојна Македонија за која синоним е ВМРО и секогаш кога ќе доаѓа до историски пресвртници и колективни загрози, таа идеја ќе излегува од музеите и учебниците и ќе зема народен замав.

Циници по кафеани знаат да речат дека ВМРО-ДПМНЕ го формира полицијата. Уште подобро: барем за таа работа знаат како им реагира населението, но уште поумно е ако се создаде општествена клима самата идеја за ВМРО да се повлече во историјата. Не треба преголема школска елаборација за суштествени разлики меѓу историска организација и политички партии: БМОРК, ВМОРО беше создадена за ослободување од турското ропство, а ВМРО беше самоодбрана од грчките и српските аспирации. Со нивно искрено пријателство спрема Република Македонија тоа име може да претставува баласт за една посветла балканска иднина. Тие се на потег!

Главните предуслови треба да се направат тука: по извршеното национално помирување и дезидеологизираното гледање на сопственото минато, ќе ги снема и контроверзите во наставата и читанките на сите балкански деца и дај боже таа ситуација да ја дочекаме! Тоа додека не се случи, од употреба на митот ВМРО се уште ќе има потреба.

Република Македонија педесет годинија управуваше и ја разнебитува финансиско-политичкиот октопод на македонизмот, но вистинскиот народен октопод е ВМРО и колку да му сечеа од пипалата, на друга, невидлива страна нови му никнуваа. Последниот потфат како со Болен Дојчин на самиот мит на ВМРО е победата на третите парламентарни избори во Република Македонија на партијата што ја носи во своето име и наставката на четирите митско набиени букви. Беше победен болшевичкиот форсиран негативен мит на македонизмот како македонски синдром на самоуништување со позитивната енергија на ВМРО за самоодржување. Позитивниот народен мит на најдобар начинја сврши работата и може мирно да се пресели во витрините на историјата. Сега наставката ВМРО може да седи и пред кратенката на партијата ДПМНЕ и пред кратенката на партијата СДСМ и пред кратенката на партијата ЛДП... Народот докажа дека е ВМРО, а ВМРО народот и четирите магични букви на натамошни избори малку ќе помогнат при меѓусебни партиски пресметки.

Пограѓанчувањето на Балканот започнато од папокот, квалитативно е различно од паливали младотурските реформи започнати во почетокот на веков во географска Македонија. Со граѓанското профилирање на партиите и со самоповлекување на името ВМРО е допустливо такво барање да се прошири низ целиот Полуостров кај сите организации и партии организирани врз етнички основи. Може ли да се замисли Република Македонија без национални партии и организации на: Славомакедонците, Албанците, Србите, Муслиманите, Ромите, Турците. Замислете го истото тоа во Србија, Грција, Бугарија, Албанија: без Царкњас, Ахмед Доган или Сулејман Угљанин.

Се лаже македонски политичар кој мисли на успех, а перфектно не ги владее овие проблеми. Оној што ќе може во едно да го собере неосакатеното минато на народите и да ги обедини и да ги заштити граѓаните во просперирачка заедница, ќе може да се речеја поставил формулата на граѓанскиот македонизам, а Македонија ја трансформирал од асномска и секташка во граѓанска и европска држава. Светски познат е нашиов регион по неповторливите народни ритми, но македонското општествено оро од етнички шаренила (ајде малку соцреализам!) што овие децении се игра во Република Македонија по својот апсурд е со светски маштаб! Фатени рака за рака во круг, сите етнички групи се свртени нанадвор и гледаат во своите собраќа од околните држави, а само најмногубројните, Славомакедонците (можеби и Циганите) се свртени навнатре, онака како што нормално се игра по секоја балканска музика. Правилата на нашите балкански ора налагаат да се свртиме кон внатре, за да заиграме комплицирани тактови со умеење што запираат здив. Македонското оро е прекомплицирано, но е без конкуренција ако се исполнителите бравурозни. Момент е за нашата музика.

Задремани од монотонијата на моето симпозиумско излагање, Ви ја поттурам под новогодишната елка мојата кошница копнеж со билет за дваесет и првиот век: американизирана Македонија во гоцевизиран Балкан.

[Previous] [Next]
[Back]