Епископијата на Брегалница : прв словенски црковен и културно-просветен центар во Македонија

Блага Алексова

 

9. (Архитектонски објекти и споменици во градовите по Брегалница)

 

- Мородвиз
- Виничко Кале
- Горица, Виница
- Македонска Каменица
- Базилика на Бегов Даб
- Стар Караорман
- Гујновци
- Новоселани
- Бурилчево
- Горен и Долен Балван
- Соколарци
- Карбинци
- Таринци
- Кочани
- Оризари, Кочанско
- Ѓуришки манастир
- Аџи Бегово

 

Овде ќе бидат одбележани архитектонски објекти и споменици како и археолошки наоди откриени со досегашните истражувања во некои од досега споменатите градови по Брегалница од ранохристијанската и словенската доба. Ќе бидат споменати и повеќе споменици и остатоци од материјалната култура откриени случајно или со обработка на земјата, a кои заслужуваат да бидат одбележани поради своето значење.

 

Споменичниот фонд со наодите од Баргала и Големиот град кај Крупиште овде не се опфатени, бидејќи за нив стана збор напред во овој труд. Поради типолошките особености и хронолошкото совпаѓање, еден број од спомениците ќе биде разгледуван во посебно поглавје. Тоа се крстовидните цркви по Брегалница.

 

 

МОРОДВИЗ

 

Во подножјето на тврдината во Мородвиз, [1] за која стана збор при разгледувањето на утврдените градови, во последниве години се изведуваат опсежни археолошки ископувања. Притоа е откриен комплекс од ранохристијански сакрални градби над кои подоцна се изградени архитектонски средновековни структури од црковен карактер. Околу овие цркви се истражува голема словенска некропола што била во долга употреба. [2] Истражувањата што се во тек ќе дадат можност за попрецизно определување на повеќето градежни фази на досега откриените објекти.

 

 

ВИНИЧКО КАЛЕ

 

На Виничкото кале што претставува една доцноантичка тврдина на внатрешниот лимес по Брегалница животот продолжил и во словенскиот среден век. На зарамнетото плато на градот последниве години се откриени повеќе архитектонски објекти a се истражени и гробни структури со богати прилози кои досега не се објавени.

 

Во 1985—86 година покрај еден архитектонски објект и остатоците од една колонада, на длабочина од 1,50—2,00 м се откриени 40 цели и повеќе фрагментирани градежни тули со релјефни претстави од едната страна. Целиот наод е откриен на еден куп исфрлен со градежниот шут крај бедемите на тврдината. [3]

 

Од едната страна овие градежни тули се релјефно украсени со претстави на крстови, светители и со цели композиции што илустрираат библиски сцени и со симболични претстави на животни. Претставата на архангелот Михаил е најмногу застапена. Сигнатурите и натписите на сите откриени примероци се испишани со латински букви. На задната страна на неколку примероци е задржан хидростатен малтер, каков што е зачуван на некои тули и од предната страна, над релјефните претстави.

 

Релјефно украсените тули се изработени во калапи во повеќе примероци, со еднаква рустична обработка на глината. Се јавуваат во стандардна големина позната во градежниот материјал на доцната антика и на раниот среден век. Сигнатурите и натписите се изведени со крупни релјефни букви на латински јазик. Според аналогиите од Тунис, овој материјал авторот го датира во V—VI век.

 

Според авторот, тулите служеле како внатрешна оплата на еден ранохристијански објект со цел ликовно и иконографски да го облагороди

 

 

1. Трајковски, Мородвиз, 133—142.

 

2. Ibid. 133—142.

 

3. Balabanov, Ikone iz Makedonije, 9.

 

133

 

 

просторот, со што дејствувал поучно врз присутните верници. Се претполага дека овие тули можеле да бидат симнати од ѕидовите од Словените на кои им послужиле како градежен материјал за друг објект, кој исто така бил подоцна урнат. Потоа сите тули се нашле исфрлени на еден куп. [4]

 

Очекувајќи ja деталната обработка и интерпретација на овој градежен материјал од авторот со стручната анализа на палеографскиот материјал, овде ќе го изнесеме своето мислење во однос на овој наод бидејќи тој ни укажува на мошне значајните збиднувања во овој регион во периодот по доселувањето на Словените.

 

Нашето мислење е дека градежните тули, со релјефно претставени композиции од Стариот и Новиот завет и со архангелот Михаил, бездруго му припаѓале на некое христијанско светилиште. Можеле да бидат употребени како украс и христијанско одбележување од надворешна страна, како што ce сигнирани и одбележени сите словенски цркви во Баргала и Крупиште со загадочни знаци и глаголски и кирилски букви. Ова имало за цел и во двата случаја привлекување на народот кон црквата и христијанската вера. Обележувањето само со латински големи букви не упатува на еден мошне значаен период од нашето минато, a тоа се почетоците на ширењето на христијанството меѓу Словените.

 

Во времето од 866 до 889 година во југоисточните области на Балканскиот Полуостров покрстувањето на Словените го изведува Латинската мисија раководена од епископите пратени од папата. Проповедите се држани на латински јазик. За време на нивниот престој биле подигнати многу црковни објекти ширум целата земја. [5] Областите источно од Вардар, по Брегалница и Струмица, во кои веќе се одвивала мисијата за покрстување, наречена Брегалничка мисија на Константин Филозоф во 855 година, [6] бездруго била во центарот на интересирањето на оваа Латинска мисија испратена од папата. Траги од нивното делување и проповеди на латински јазик одбележува Р. Груиќ кој споменува за употребата на зборот комкале за причестување во Карбинци на Брегалница што произлегува од латинскиот збор communio што значи причест. [6а]

 

Постои голема веројатност дека црквата, подигната и украсена со релјефно изработените градежни тули со латински натписи и сигнатури, била изградена или дека бил обновен постар ранохристијански објект за време на престојот на Латинската мисија. Овој латински клир покрстувањето и богослужењето го изведувал на латиноки јазик, па оттаму употребата исклучиво на латински букви на градежниот материјал, на што укажуваат и споменици откриени во источните области на Балканскиот Полуостров создадени за време на престојот на оваа мисија.

 

По Соборот во Константинопол во 870 година, латинското свештенство се враќа во Рим, [7] a христијанството меѓу Словените го шират грчки свештеници на грчки јазик сѐ до доаѓањето на Климент во 886 година.

 

 

4. ibid. 10.

 

5. Гиозелев Гюзелев, ЕКМ, Борис I, 222—233, 227, во ноември 866 година пристига папската мисија на чело со епископот Формоза Портуенски и Павле Популонски (866—869).

 

6. Грашева, ЕКМ Брегалничка мисија, 237—243.

 

6a. Грујћ, Археолошке белешке, 215. Во Штип и во селата по Брегалница и денес за причестување ce употребува зборот комкале.

 

7. Гиозелев Гюзелев, op. cit. 227, со потпаѓање на црквата под јурисдикција на Цариградската патријаршија, латинското свештенство ја напушта земјата.

 

134

 

 

Мислам дека постои можност храмот украсен со релјефно украсените тули со посебно нагласени латински букви да бил срушен од грчкото свештенство по 870 година или, уште посигурно, од клирот обучен од Климента, зашто при основањето на Епископијата на Брегалница е нагласено дека клирот треба да служи служба на словенски јазик.

 

За време на основањето на првата словенска епископија, чиј духовен организатор и основач бил Климент, кој станува и прв словенски епископ во 893 година, овие украсни тули со латински букви не можеле да красат еден словенски храм бидејќи Словените веќе имаат свои симболи и своја чисто словенска азбука. За ова ни сведочат употребените стари антички сполии од ранохристијанските објекти и градежни тули во раните словенски светилишта кои се од ред обележени со знаци и словенски букви. Со ова се тежи да се нагласи христијанската словенска припадност на храмот и приврзаност кон првата словенска организирана црква во Македонија.

 

 

ГОРИЦА, ВИНИЦА

 

Во месноста Горица, северозападно од Виница, во 1986 година е откриена црковна градба, која според својот општ план му припаѓа на типот на базилики со три кораба. На исток наосот завршува со полукружна апсида во чиј олтар се откриени остатоци од чесната трпеза. На запад објектот завршува со еден трансверзален кораб кој ги нема карактеристичните бочни простории отстрана што формираат нартекс, a има некакви надоградени компартименти.

 

Богатата архитектонска пластика од парапетните плочи е идентична по своите мотиви и плитката релјефна обработка со наодите на пластиката на првата extra muros базилика крај Баргала од IV—V век. Црквата во Горица претставува стар ранохристијански објект што му припаѓа на еден градежен комплекс од IV—V век, [8] бездруго подоцна населен од Словените.

 

 

МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА

 

На 4 км јужно од Македонска Каменица, на утоката на реката Каменица во Брегалница, се наоѓа ридот Калата со доцноантички град. На месноста Керамидница е откриена еднокорабна црква изградена со камен и малтер. На источната страна објектот завршува со широка апсида во чиј внатрешен дел покрај ѕидот е изграден синтронос со оформено централно седиште. Во олтарот се најдени остатоци од чесната трпеза со зачувана горна плоча од мензата.

 

На западната страна градбата завршува со трем чии странични ѕидови не се со иста должина. Црквата била послана со под од малтер во кој се најдени остатоци од поплочување со ситни камени плочки. Откриените градежни тули ce сигнирани со крстови на средината, a еден примерок и со посебен жиг во вид на крст.

 

Овој црковен објект му припаѓа на еден цел градежен комплекс. По крај јужниот периметрален ѕид на црквата се наоѓа еден подолг трем со ширина од 2 м. и должина од околу 6,30 м Подот во овој простор е поплочан со камени плочи со нееднаква големина и форма. Источно од тремот се откриени остатоци од ѕидови што му припаѓале на еден компартимент крај црквата. Јужно од овој комплекс се наоѓа ограден двор поплочан со камени плочи. Црквата од овој комилекс ce датира во V—VI век. [9]

 

 

8. Krstevski, Gorica, Vinica, 177.

 

9. Микулчиќ, Македонска Каменица, 181—189; Микулчиќ-Керамитчиев, ЖА ИО, 226, 227.

 

135

 

 

 

БАЗИЛИКА НА БЕГОВ ДАБ

 

На околу 400 м западно од утоката на Каменичка Река во Брегалница, на десниот брег во тесната клисура има рамно плато на кое во 1968—69 година се откриени остатоци од еден споменик што ѝ припаѓа на базилика co три кораба. И покрај тоа што овој објект според својот план одговара на вообичаената шема на базилика, во своето програмирање има извесни разлики што го приближуваат до еден друг тип градби.

 

Широката полукружна апсида на црквата е вовлечена во источната мaca на ѕидот. Во нејзиниот олтарен дел, покрај внатрешниот полукружен ѕид на алсидата е зачуван синтроносот со масивна платформа за централното седиште. Пред него се зачувани основите на изградената чесна трпеза. Зачуваната основа на канцелот покажува дека олтарната преграда одела по ширината на целиот централен кораб. Од нејзиниот аранжман се зачувани фрагменти од парапетни плочи украсени со крстови аналогни на оние од Епископската базилика во Баргала, фрагменти од столпчиња и дел од триумфалната арка изработени од сивкав песочник.

 

На источната страна на објектот трансверзалниот ѕид излегува од линијата на периметралните ѕидови, со што има тенденција да формира пастофории од северната и јужната страна. Трансверзалната сала, пак, на запад го нема вообичаениот нартекс. Нејзиното решение е како во повеќе други христијански базилики датирани во истото столетие. Јас ќе се задоволам да наведам неколку карактеристични примери. Тоа е базиликата од ранохристијанскиот период Локрида, Панорму и базиликата A од Никополис, што ги објавува A. Орландос, [10] и ранохристијанската Basilica Discoperta кај Марусинац за која нѐ известува Е. Дигве, како и двете базилики Martyriumиn. [11]

 

Централниот кораб на црквата е одделен од страничните со масивно изградени стилобати што носеле колонади од по четири колони, чии бази во поголем број се најдени in situ. Од западната трансверзална сала се влегувало во централниот кораб низ трибелон додека во страничните низ широки портали. Целиот објект има должина од 15,52 м и ширина со трансверзалниот кораб од 11,30 м.

 

Подот во трансверзалниот источен кораб што ги зафаќа презвитериумот и пастофориите е послан со хоросан малтер со добро измазнета површина. На ист начин е решен и подот во централниот кораб. Страничните кораби и нартексот се послани со керамички тули.

 

Покрај ѕидот на северниот дел на нартексот подоцна е дограден анекс со форма на квадрат со димензии 5,80 х 5,70 м. Оваа просторија комуницирала со нартексот и имала влез од источната страна.

 

Од наодите откриени при истражувањето треба да се спомне архитектонската пластика од триумфалната арка на солеата, потоа повеќе тегули сигнирани со крстови, со буквата алфа изведени во непечена глина. На еден фрагментиран примерок се наоѓа цртеж на основа на една базиликална градба.

 

По својот генерален план црковниот објект од Бегов Даб на Брегалница претставува базиликална градба со нагласен преод во крстовидна градба. Тоа е одбележано со самиот план на објектот и во решавањето и третманот на подовите внатре во самата црква. Според стилските особености на архитекурата оваа црква е датирана во V—VI век. [12]

 

 

10. Orlandos, Basilike, Lokrida-fig. 126; Panormu-fig. 133; Nikopolis Basilika A-fig. 134.

 

11. Dyggve, Basilica Discoperta, 415—431, fig. II.

 

12. Микулчиќ, Македонска Каменица, 184—191, 190.

 

136

 

 

Во оваа градба мајсторот настојува во црква од базиликален тип да постави на источната страна еден трансверзален кораб со тенденција во него да формира тричленен олтарен простор со презвитериум и две пастофории. Тоа е постигнато на мошне инвентивен начин со оформување на крстовиден простор во внатрешноста на храмот. Ова веќе укажува на тенденција за оформување на крстовиден план на црквата во правоаголник, што зборува за нешто подоцнежен, исто така мошне значаен период во црковното градителство врзано за Брегалница.

 

Решавањето на планот на објектот со масивните ѕидни маси на стилобатите и нагласеноста за создавање на крстовидна црква во правоаголно пространство, чии странични кораби имаат третман на широки отворени коридори, потсетува на сличното решение кај Катедралната црква во Крупиште и црквата посветена на Четириесетте маченици во Струмица. Нивни прототипови се црквите во Мајафаркин од VII век и црквата во Ќурлине за првиот објект и наброените цркви на јадранскиот брег и во Босна за вториот објект, со карактеристики за VII век. [12а]

 

Овде треба веднаш да споменам дека неговата архитектонска пластика и градежните тули се обележани со крстови, знаци и словенски букви од глаголскиот алфабет, a на еден наоѓаме и невешто нацртан црковен објект, како на камениот блок на црквата бр. 3 од Крупиште.

 

Црквата од западната страна била опкружена со ѕид што го формирал дворот, кој не е откриен во целост. При откривањето на базиликата се истражени пет гробови од една поголема словенска некропола. Гробовите биле во редови, со конструкција од кршен камен поставен во еден или два хоризонтални реда. Откриените наоди во гробовите по стилската и техничката изработка укажуваат на непосредно византиско влијание. Типолошки и временски накитот од Дулица може да се поврзе со најстарите наоди од големата словенска некропола во Демир Капија, што ja датираме во IX—X век. [13]

 

Овој споменик не е исклучено да е подигнат како црква Martyrium кад гробот или над реликвиите на некој маченик. Во словенскиот период тој добива фунерална функција и станува цеметеријална црква околу која се оформува една словенска некропола, каков што е случајот со црквите бр. 1 и бр. 3 во Крупиште.

 

 

СТАР КАРАОРМАН

 

Во месноста Крушка, покрај реката Брегалница, североисточно од Стар Караорман, во 1984 година се откриени една доцноантичка засводена гробница и остатоци од една ранохристијанска базилика. Гробницата била малтерисана и живописана од внатрешната страна, со банкини отстрани и влез од источната страна. Објектот на базиликата е со три кораба и нартекс и мала писцина пред нартексот. Подот во црквата е од тули поставени на хоросан малтер. Црквата имала анекси кои не се откриени. Објектот се датира во V—VI век со можност за негова употреба и во словенскиот период. [14]

 

Во самото село Стар Караорман, на 5 км северно од Штип, во неговиот источен дел, во 1958 година се откриени и прекопани повеќе гробови

 

 

12a. Grabar, Martyrium I, fig. 92; Hoddinott, Churches, fig. 104; Dyggve, Basilica Discoperta, Abb. 19. A, B, C.

 

13. Микулчиќ-Керамитчиев, Словенски накит, 227.

 

14. Beldedovski, Kruška, 171—172.

 

137

 

 

од една словенска некропола. Гробовите имаат ориентација И—3, a градени се од камени плочи. Според наодите прибрани од жителите откриени во гробовите, некрополата ja датираме во IX—X век. [15]

 

 

ГУЈНОВЦИ

 

На источната страна на селото, покрај патот, се наоѓаат остатоци од една црква во урнатини. Црквата има базиликална форма, можеби од типот на базилики co три кораба. На ова упатуваат повеќе фрагментирани колони. Многубројните примероци од архитектонската пластика укажуваат на еден стар црковен објект од раниот христијански период, чија употреба е евидентна и во словенскиот среден век.

 

 

НОВОСЕЛАНИ

 

Покрај Злетовска Река кај Новоселани, во 1981 година е откриен од населението еден црковен објект кој претставува еднокорабна базилкка co нартекс. Должината на црквата е 16,70 м, и ширината 10,60 м. Ѕидовите се градени од кршен камен и малтер со ширина од 0,65 м. Крај црквата се наоѓа природен извор со култно место посветено на св. Петка. На селските гробишта има остатоци од стари гробни структури изградени од обработени камени блокови.

 

Оваа црква е од низата објекти обновени и изградени врз стари ранохристијански темели во времето на покрстување на Словените на Брегалница.

 

Крај Злетовка е и црквата од крстовиден тип што се одбележува кај селото Жиганци, a која ќе биде разгледана заедно со другите крстовидни цркви понатаму во трудов. [16]

 

 

БУРИЛЧЕВО

 

Покрај патот, близу до утоката на Злетовска Река во Брегалница се наоѓа еден црковен објект од словенскиот период. На ова укажува богатата архитектонска пластика по нивите од мермер, песочник и дацит. Пошироко на овој простор кон селото се констатирани траги од доцноантичкиот период co населбинска керамика и римски надгробни опоменици. Откриени се и траги на одбележување на градежните камени блокови co загадочни знаци, крстови и глаголски букви. [17]

 

 

ГОРЕН И ДОЛЕН БАЛВАН

 

Освен од трагите на тврдината кај Балвански Рид, што претставува едно доцноантичко утврдување обновено од Словените, во двете села се најдени остатоци од архитектонска декоративна пластика што припаѓале на еден црковен објект, меѓутоа, црквата досега не е откриена. [17а]

 

 

СОКОЛАРЦИ

 

Во месноста Црквиште во 1970 година се констатирани остатоци од еден сакрален објект со под од мермерни плочки. Околу објектот од

 

 

15. Алексова, Караорман, 99—100.

 

16. Алексова, Новоселани, Баргала и средниот тек на Брегалница, 107; Жиганци: Михајлов, Козјак, 20—22; Алексова, Крстовидните цркви, 269—284.

 

17. Остатоци од архитектонски објекти се констатирани во 1984 година од Б. Алексова и Д. Црневски. Тогаш се откриени знади и цртежи на градежни камени блокови на обработливите ниви.

 

17a. Алексова, Баргала и средниот тек на Брегалница, 109; Санев, Каталог, сл. 108—109.

 

138

 

 

населението се прекопувани стари гробови кои имале камена конструкција. Во селската црква се вградени сполии од декоративна пластика од една ранохристијанска црковна градба и повеќе фрагменти од средновековен сакрален објект.

 

 

КАРБИНЦИ

 

Куќите во селото се изградени во поголем број врз стари архитектонски објекти. Западно од црквата Св. Спас има остатоци од бројни архитектонски објекти со богата архитектонска пластика. Во месноста Црквиште се констатирани со увид на теренот остатоци од под изведен со мермерни бели и сиви плочки во техниката на opus sectile, [18] кои бездруго припаѓаат на еден црковен објект.

 

Во црквата Св. Спас има секундарно употребени мермерни колони, бази a на ќошињата од надворешна страна се вградени капители со животински глави под абакусот што припаѓале [19] на постари црковни објекти.

 

 

ТАРИНЦИ

 

Во самото село има траги од две црквишта со некрополи од кои потекнува една мермерна колона што ѝ припаѓала на олтарната преграда на една од црквите. Колоната се чува во збирката на локалитетот Баргала. [20]

 

 

КОЧАНИ

 

Цигански Рид. Во дворните места на овој простор, во 1971 година се откриени остатоци од една словенска некропола чии гробови биле со камена конструкција и со скелетно закопување. Некрополата се простирала околу една црковна градба. Богатите прилози од накит, откриени по гробовите, се аналогни на наодите откриени во Демир Капија и од другите некрополи во Македонија датирани во IX—X век. [21]

 

 

ОРИЗАРИ, КОЧАНСКО

 

Еднокорабна црква со некропола. Селото се наоѓа источно од Кочани, на реката Масалница, денес притока на Брегалница. Северозападно од селото во 1959 година е откриена еднокорабна црква со нартекс и трем од јужната страна. Црквата е зачувана во темелите кои од северна страна се поставени врз карпа. На истраженото плато крај црквата се откриени остатоци од една словенска некропола со гробови во два нивоа, што ги датираме во IX—X век. Оваа некропола се шири над ранохристијанските гробници, од IV—V век. Од словенската некропола се истражени 48 гробови и 7 ранохристијански гробници. Овие некрополи припаѓале на една доцноантичка и подоцна на една словенска населба чии траги се констатирани јужно од селото. Самата црква

 

 

18. Алексова, Баргала и средниот тек на Брегалница, 109; Aleksova-Mango, Bargala 278 бр. 9.

 

19. Алексова, ор. cit. 109; Aleksova-Mango, Bargala, 278, бр. 6 и 7.

 

20. Со увид на теренот, Б. Алексова и С. Манго, 1970 година.

 

21. Георгиев, Кочани, 228—239.

 

139

 

 

претставува цеметеријален објект со фунерална функција околу која се оформила некрополата. [22]

 

Депо со златни наоди. При трасирањето на патот во 1957 година, непосредно покрај подоцна откриената црква, е најден од месното население земјен сад co богати златни и сребрени наоди. [23] Наодот го сочинуваат четири чифта златни наушници, еден сребрен триптихон и еден сребрен путир. Наушниците се изработени во луксузната техника филигран украсени co полускапоцени камења. Триптихонот и путирот се изработени во техниката на исчукување и се одликуваат со висока техничка изработка.

 

Зраковидните наушници од овој наод се идентични со примероците од Варош кај Прилеп од XIV век, [24] додека двата типа наушници со кружно решение се аналогни co оние од Кратово и Демир Капија, [25] што ги датираме во XIV век. [26]

 

Во археолошките наоди од XIII—XIV век се застапени наушници од двата споменати типа во различни варијанти, изработени во злато, сребро и бакар. Овој тип наушници е во честа употреба и подоцна во народното творештво на целиот Балкански Полуостров. Наушниците co кружно решение „Cercelli rotundi sclavici" се сметаат за карактеристични во словенското творештво. [27] Овој тип накит кај нас доаѓа од византиското златарство, a има античко потекло. [28]

 

Наушници од зраковидниот и од тркалезниот тип наоѓаме на повеќе женски портрети во ѕидното средновековно сликарство. Такви или слични наушници носат средновековните владетелки и благороднички a понекогаш и светителки. Да споменеме дека зраковидни луксузни наушници носи Симонида од Нагоричино, a тркалезни наоѓаме на Елена од Лесново. Овој последниов тип на наушници необично е омилен во народното творештво во Македонија, Србија, Босна, Далмација, Бугарија и Грција. [29]

 

Луксузните примероци од накит од Оризари по својата техничка изработка, по изборот на скапоцените метали, изработени во луксузните техники филигран и гранулација, му припаѓале на некое благородничко или богато градско семејство. Целиот наод според стилската анализа, типолошки и технички одлики може да се датира во XIV век. Содржината на наодот укажува дека тие биле ограбени. Сопственикот бил принуден, поради голема опасност, да ги закопа. Меѓутоа, никогаш повеќе не дошол да ги прибере.

 

 

ЃУРИШКИ МАНАСТИР

 

Златен накит на Марија Палеологова. Ѓуришкиот манастир со црквата посветена на св. Богородица се наоѓа во Овче Поле, западно од Св. Николе. Богатиот наод откриен пред Втората светска војна во еден гроб крај манастирот го сочинуват една златна обетка и еден златен медалјон. [30]

 

 

22. Алексова, Оризари, 91—98

 

23. Поленаковиќ, Наод, 5—12.

 

24. Љубинковић, Маркова Варош, 110.

 

25. Алексова, Кратово, 7—46.

 

26. Aleksova, Prosek, Demir Kapija, 47—61.

 

27. Ковачевић, Ношња, 144; Фисковић, Дубровачки златари, 185.

 

28. Hadaczek, Ohrschmuk, 32—36, № 58, 62, 63; Head, Historia Numorum, fig. 16, 99, 102, 104, 392—395 претстави на овој тип накит на антички монети.

 

29. Алексова, Кратово, 7—46.

 

30. Алексова, Марија Палеологова, 213—229; idem, Marie Paléologue, 121—133.

 

140

 

 

На рамната површина од медалјонот на средината се наоѓа крст со пет алмандини. На рамната метална површина е изведен пајажинаст орнамент со филигранска жица. Отстрана при врвот е поставен по еден делфин, a на средината по една нимфа, изведени во техниката на исчукување. Медалјонот бил од типот енколпиони, меѓутоа, од него е зачувана само горната украсена страна.

 

Обетката од овој наод е од чунестиот тип „Kahnförmige Ohringe", изведена во технмката на пробивање. Целата површина е изведена од лозици и палмови лисја што формираат два круга. Во едниот круг е претставен двоглав орел, a во другиот монограм М ПА.

 

Чунестите обетки и наушници од средновековните археолошки наоди на Балканскиот Полуостров имаат свој изворен тип во византиската златарска уметност шо се развивала на антички принцип. [31] Ваков луксузен накит во развиениот среден век им припаѓал на владетелките, благородничките и на градскиот патрицијат.

 

Наодот од Ѓуришкиот манастир секако ѝ припаѓал на некоја властелинка. Почетните букви на монограмот од едната страна на обетката нѐ упатуваат на Марија Палеологова, втората жена на Урош III. Таа, по смртта на мажот, останала во Србија и се повлекла во еден од манастирите во областа што ѝ била доделена на користење, a тоа бил Ѓуришкиот манастир, покрај кој е и погребана. Анализата на откриениот наод во гробот крај Гуришкиот манастир и историските податоци врзани за овој крај ни даваат можност овој наод да го припишеме на Марија Палеологова. [32]

 

 

АЏИ БЕГОВО

 

Селото се наоѓа на околу 17 км западно од Штип. Во месноста Шарламди, на утоката на Светиниколска Река во Брегалница, во 1962 година се откриени остатоци од една средновековна некропола со повеќе гробови околу една црковна градба. Со увид на теренот констатиравме дека гробовите се наоѓаат во два нивоа. Конструкцијата на гробовите е со камени плочи од зеленикав песочник. Имаат вообичаена источно-западна ориентација. Откриените наоди во гробовите се карактеристични за словенските некрополи во Македонија во времето на IX—X век. [33] Од урнатините на црквата се зачувани големи обработени камени блокови и многу остатоци од бигор што припаѓал на горните засводени делови на објектот.

 

 

31. Љубинковић, Накит, 28.

 

32. Алексова, Марија Палеологова, 213—229 со библиографија што се однесува на овој тип накит, во археолошките наоди.

 

33. Алексова, Аџи Бегово, 100, 101.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]