Обеди ништожност, Младен Србиновски

ОБРАЗОТ И ЈАЗИКОТ

Патувам во автобус за Бугарија, а в раце држам српски весник. Во принцип, не се разликувам од другите патници: тие консумираат српски турбо фолк, јас турбо весници. Најточна илустрација на македонизмот.

Емир Кустурица и Абдулах Сидран, двајцата најпознати современи уметници од Босна и Херцеговина, беспоштедно се препукуваат. Блиски другари, сценарист и режисер на заеднички филмови што го воодушевија светот. Генијалци.

Кустурица и порачува на редакцијата на весникот, во иднина да ги преведува текстовите што се објавуваат од странски земји: не го разбира јазикот. Не го разбира јазикот на својот сценарист со кого само пред неколку години правеа филмски ремек-дела!

Таа попара ние малку подолго од Кустурица ја сркаме, од решенијата на третата јазична комисија во 1944 и не сме затечени како него. Ако за пет-шест години новосоздадениот бошначки јазик успеал толку многу да се одвои од дотогашниот српскохрватски што го ползуваа, можам да замислам каков ќе им изгледа новиот јазик по педесетина години и колку ќе заличува на досегашниот. Се помирувал со тоа Кустурица или не, вештачката делба на јазикот што е започната, еден ден ќе биде факт што ќе го прифати светот. Сум го видел оловниот лист од првиот број на "Нова Македонија", сега гордо врамен во нивната печатница како документ, го споредувам тој македонски јазик од 1944. со денешниов и се е јасно. Додека суштествува Волјата, вистината е на таа страна.

Кога се потпира нешто на Волјата, основата на вистината е Енергијата. Социјализмот до пред малку време беше реална општествена појава, а сега за него зборуваме како за спомен. Покрај сите главоболки што ни ги создаде, неговиот феномен ќе биде тешко да се проучува освен како историски факт: тешко ќе се најде со научен метод невидливата оска, внатрешната суштина на која се потпираше неговото функционирање. Не може да помогне и идеолошкото книжевно наследство, Вавилонската библиотека од томови трудови и прирачници што по историскиот бродолом стануваат само експонати од огромната хаварија во имагинарниот музеј на заблудите.

Беспредметна е рационална расправа за вистинитоста на феномените ако тие внатрешниот резон на функционирање го поставуваат врз Енергијата на волјата. Во златниот век на Волјата таквиот феномен функционира беспрекорно и што да се рече за него е убедливо и вистинито. Ахилова петица на таквите феномени на Волјата е што хронично боледуваат од недостиг на Волева енергија. Нивната логика работи само на човечка енергија и не признава друг закон на функционирање. Помислата за преструктуирање на друг вид погонско гориво е незамислива. Машината оди додека р'мба народот, тогаш и планина можеш да подигнеш, но Принципот на волјата вели: можеме и треба повеќе. Изборот на човечката волја како погонско средство ги прави функционирањето на тие појави лесно ранливи. Затоа беа логорите за превоспитување, поради стравот од опструирање на Енергијата на волјата. При рационализирањето: препорачливо е народот да се претвора во толпа. Јавното сомневање на поединецот е отворено непријателство. Јазикот на толпата е пелтечењето.

На јазик со декрет педесет години пелтечиме. Создадените од Сталиновото ребро допрва ќе треба да проговорат. Намноженото пелтечење кај нас се смета за говорење. Нашиот збор не убива тишина, уште неизговорен: истрошен е, изговорен создава поголема празнотија. Допрва би требало да прогрми, а не знам за неначнат збор.

Нашите стари беа инакви, еден зборлира, ти ѕуни во ушите. Онострани, молчаливи, задумани... својства не многу за фалење во век на дрдорење. Кога сме зборлести, смешни сме. Други ќе слушаш да ти дрнкаат, сам да се учиш да ги трпиш. Образот и зборот ни беа едно и исто, но Образот на зборот не е исто со образот на општеството.

Ако си со Образ кон зборот, недоверлив си за образот на општеството. Многумина во Македонија се колнеме во образот на зборот, но му служиме на образот на општеството. Јазикот не издава. Веднаш се познава кој кому служи, кој на која црква се крсти: само да зине, само еден збор да изговори, само една воздишка да испушти... Многумина го дадоа Образот, малкумина го зачуваа зборот. До колку се потплашувавме од ѕвезденото небо над нас, можеби ќе зачувавме нешто од моралните норми во нас. Бесрамно му го поттуривме зборот на општеството како чергиче пред врата за да си ги брише обувките со нашиот Јазик.

Во газени и изгнасени зборови не верувам, а со нив треба да работам. Со други веќе не знам: чистите ми ги снемува. Отскоро, секоја куќа кај нас клучот од влезната врата го чува под чергичето пред прагот. Чергари да бевме, не бевме, чергари станавме: зборот го продадовме. Ни да збориме знаеме, ни да молчиме сакаме. За збор мерка немаме, со свој клуч, во своја Куќа не можеме да влеземе. Преку праг ако пречекориме, во своја Тајна не влегуваме. Тајна ќе е мене само да ми се отвора, или барем да ми се присторува. За Тајната јас сал клуч штом имам, во неа ќе царувам. Јазик без образ е јазик без клуч, на мојот јазик секој калауз пасува.

Опинокот на Јазикот е почист од образот на општеството. Образот на Јазикот никогаш не може да го извалка образот на општеството, но образот на општеството може лесно да му стави трбушка на Образот на зборот.

Бесот на Кустурица за неговиот мајчин јазик е реакција на првата лекција од подебелиот прирачник на мегусебната босанска омраза што наголемо се оформува. Допрва Кустурица ќе крка татлии и баклави, допрва ќе гледа како духот на времето му крои на духот на вечноста.

Не знам дали се состанати бошначките јазични комисии за да го определат наречјето на новиот литературен бошначки, но тој дијалект треба да ја покаже на секој начин разликата од српскиот или хрватскиот јазик. Недипломираниот бошначки лингвист од Небрегово нема да ја прокоцка понудената шанса на јазично покомпетентните да им ја закисели за цел живот и да се прогласи од власта за папана новата бошначка култура. Не треба да чуди ако првата граматика на бошначкиот јазик им ја напише, да речеме, некој туѓинец Хораст Лант и ако излезе од печат во Германија, а најголемите пропагатори на новиот јазик да се бараат меѓу странски лингвисти.

Не ме чуди, Кустурица, ако во новата азбука Ти стават и некоја арапска буква за да се докаже континуитетот со таа традиција, а да ви снема букви за гласови што секое уво ги слуша и што ги имавте до вчера. Тоа што бошначкиот јазичар од Небрегово ќе рече, тоа ќе е амин. Земи ја неговата "Историја на муслиманистичкиот јазик" и детално и внимателно да ја прочешлаш, па после да истапуваш со предлози, ќе ти порачаат триото Вангелови: Атанас, Венко и Огненчо. Не ја прочита ли оваа достапна книга и не се согласи ли јавно со лингвистот поголем од Роман Јакобсон, најмалку што ќе ти направат е што покрај твоето име ќе ти стават "интелектуалец во наводници".

"Муслиманистичките лингвисти од Скопје" веројатно наскоро ќе го нападнат и Свети Кирила што грешел при одбележувањето на гласовите од неговата азбука. Свети Кирил, а нејќе да биде македонист или барем бошнак! Целата приказна на твојот "Татко на службен пат" се потпира врз коментарот на главниот јунак кон карикатурата со Маркс што зад своето биро го чува портретот на Сталин. Лингвистичката парафраза на македонизмот е работно биро со Свети Кирил што на ѕидот го држи портретот на Блаже Конески. Има оправдување за сиротиот Свети Кирил, не му била достапна Историјата на македонскиот јазик на лингвистот Конески од Небрегово, инаку сто насто ќе се коригирал и за темните вокали и за "едначењето по звучност" и за "интервокалното" "р" и за ќ, ѓ, љ, њ и за се што ќе ти се појави како проблем во изразувањето.

Од Вруток сум, Гостиварско, сум зел сам на себе обврска да напишам еден текст на вруточки или гостиварски, но ми недостигаат букви. Имам еден драмски текст "Итар Пејо", но имам проблем со писмото за јазикот на пиесата. Неможен е таков текст без архаичен и сочен јазик: "Итар Пејо" не оди по јазичните стандарди на "генијот од Небрегово", а јас не владеам друг дијалект поубаво од оној на кој првпат сум прозборел, кој и денес дома си го зборувам, дијалект за кој многу се плашам набрзина да не го снема. Не знам дали има поубаво од тоа да му дигнеш споменик на својот говор, па згора на тоа да се погоди и уметнички успешен! Колку наречја пропаднале што не се забележале, но многу се и префрлени во Вечното, овековечени во чудесни уметнички творби.

Настапи мојот безизлез. Правописот на нашиот литературен јазик е Прокрустова постела за мојот роден дијалект! Никаква историја, никаква географија не помага!... Научни мавтала без око да им трепне одбиваат секаква стојност што идеолошки не им конвенрира. Сe' било токму, па уште букви ми фалеле! Македонизмот е ординарен пример за одбивање стојности во државата. Прочитав доста работи за нашиот јазик и ништо не ме возбуди како неколкуте реченици за гостиварското наречје на големиот штипјанец Љубомир Милетич. Само еден ден во воената 1916 му е потребно на увото на генијалниот штипјанец да го слуша гостиварското наречје па да заклучи: "За првпат во крајните предели на западна Македонија - Охридско, Дебарско и Тетовско внимателно ги следев преодните области од едно наречје во друго и можев да ги установам нивните граници подобро, а над тоа и да најдам едно мало наречје западно од Охрид, кое сега наполно ја објаснува еволуцијата на карактеристичниот дебарски говор, рефлекс на јусовиот вокал и врската на тој говор со соодветните од таа фонетска страна родопски говори, за што сметам одделно и подробно да пишувам. Гостиварскиот говор кој е фонетски поархаичен од дебарскиот, е од главно значење зашто го запазил источнобугарскиот рефлекс на јусот, западно од тетовскиот говор во кој веќе се вметнале фонетски србизми".

Не може попрецизно! На гостиварци и тетовчани не им треба експерт по историска дијалектологија: убаво си ги познаваат меѓусебните големи разлики во говорот. Милетич веднаш ги видел и не знам дали се навратил и напишал уште нешто за моето родно наречје. Колку само ми ласкаат и ме радуваат овие заклучоци дека јас сум прозборел и зборувам на едно од најархаичните наречја од сите словенски јазици!

Еволуцијата и редукцијата на темните вокали за кои толку многу сакаат да зборуваат скопските јазичари, за гостиварскиот дијалект не важат. Да ги имам графемите за темните вокали, можам да направам речник од гостиварското наречје дебел колку и "тритомникот со српски толкувања" што се смета за гордост и најголем дострел на македонската лингвистика. Не само интервокалното "р", а отскоро и "л", туку сите согласки во гостиварско по македонистичкиот резон треба да се "интервокални"! Исклучок се, се разбира, уфрлените ќ, ѓ, љ, њ! Стопроцентна математика во јазичниот механизам! Таму е темниот вокал конзервиран како можеби на ниедно друго место.

Ете примери што во мигов ми идат: с'бота (сабота), г'ба (габа), св'р'дел (сврдел), кл'ва (колва), л'га (лага), м'гла (магла), т'га (тага), к'де (каде), м'де (маде), к'дела (кадела), с'де (саде), ("ѓ" ја прескокнуваме) ј'же (јаже), л'же (лаже), м'же (маже), ј'з'к (јазак), ј'зик (јазик), ј'нѕа (јанѕа), ѕ'нза (ѕенѕа), ("ј" е сомнителна како преземена буква, зашто има помек глас, но тоа е друга тема), л'јца (лажица), ск'п (скап), 'кна (акна), 'кнува (акнува), м'кне (молкне), р'ка (рака), м'кеница (макеница), м'ка (мака), ж'лт (жолт), с'лнце (детска игра), т'лчник (толчник), т'лче (толче), п'лн (полн), м'лк (молк), м'лкум (молкум), к'лцка (куца со нога), к'лне (колне), изм'лкна (измолкна), п'лн (полн), в'лна (волна), п'лжав (полжав), д'лбочина (длабочина), д'лжина (должина), д'лго (долго), м'лскаица (молскавица), к'лк (колк), в'лк (волк), к'лчка (коска месо), к'лчишта (колчишта), ("љ" ја прескокаме каќо туѓа буква) б'мбар (бумбар), 'мбар (амбар), в'мпир (вампир), з'мба (вид игла), с'нд'к (сандак), с'нце (сонце), з'не (знае), м'ндало (мандало), с'ндала(сандала), ("њ" ја прескокаме), т'п (тап), т'по (тапо), з'п (заб), д'п (даб), ("Р" им била "интервокална", условна, во интерниот јазик за интерна употреба интерлингва, во интеракција на интернацијата што ми ја интеркалираа како интермецо на интермисијата пред интерпелација. Ха...ха...ха... Сепак, да спомнеме неколку "интермедијари": в'рвка, с'рце, д'рво, С'рбиновски..., с'ска, г'с (газ), м'ска (маска), п'т (пат), т'рт (трат), к'ти (кати), к'тник (катник), м'ти (мати), ("ќ" ја прескокаме) ф'ф'рон (феферон), д'х (здив), вд'хнат (вдахнат), ц'цка (нешто ситно работи), к'л'цка (оди на една нога), м'чи (мачи), ј'чи (јачи), ("џ" ја прескокнуваме) м'ш (маж), м'шко (машко), в'шка (вошка)...

Не, несносливо ми е да си ги гледам зборовите на својот дијалект вака накажани и оштрбени, сам да не си ги познавам! Олку немоќен, груб и искасапен никогаш не ми изгледал мојот мајчин говор, најтопол на светот. Со овој правопис, вака искршено изгледа и моето битие. Никаква "Фонологија на македонскиот современ стандареден јазик" не помага! Особено не кога е правена (пак!) од туѓинец (Савицка). Стандардниот јазик може да се врти како ќе им текне на македонистите, но друго е да се направи таква звучност каква што имаат дијалектите.

Митко Маџунков има едно поглавје во неговиот роман "Кон другата земја" напишано на струмички и целото е парчиња од запирките. Секој втор збор му е штрбав, беззаб. Јазик без заби, без сила да гризне, не е јазик. Еден докажан мајстор на зборот е немоќен да прави уметност од наречјето што го создало. Можат ли неговите родители и другите струмичани да се замислат како литературни јунаци наместо на струмичко, на небреговско наречје да зборуваат. А колку магичен е само струмичкиот говор, двајца в автобус да прозборат струмички, сите се вртиме кон нив.

Многујасна и карактеристична е природата на моето наречје: архаичните темни вокали како никаде на друго место и со акцент на западните говори! Не ме чуди Милетич што е вџашен... Не смеам ни да помислам како би изгледал мојот домашен говор кога би се акцентирал по источните наречја. "Побугарски" од бугарскиот.

Познати ми се македонистичките јадеци (ј'деци) за тенденцијата на губењето на еровите и во други јазици (ј'зици). Во Русија, Псков, на пример. Сепак има право Милетич, сепак е неспоредлив генијалниот штипјанец со светосавскиот прилепчанец! Во моето наречје ова не се исклучоци: таму темниот глас е правило, негова лична карта за распознавање од фонологичарите. Нашето учење за јазикот сакаат да се претвори во промовирање на подобноста. Вакви текстови нудат и воопштувања, но помагаат во доближувањето до срцевината на болката. Ј'з'к, ј'зичари!

Не прејадувај се од благите работи, Кустурица, за јазикот, со усул, допрва ќе ти треба апетит за шеќерпарињата и пилјафот од бошначката историја и литература. Не прашуј гаталец, прашај Македонец. Ти пакувам по малку насе насе. И многу благо не чини, да не ти се слоши. Кога се удира клоца на своето минато и се налага настанување нова нација, се удира по мистериозниот триаголник: јазикот, литературата и историјата, создавајки бермудска зона каде што и најкомпетентните интелектуални морепловци потонуваат. Што има толку силно под површината во тие зони, јас само претпоставувам, но ти како профетски дух, веројатно најмногу знаеш.

Големото "М" муслиманите го добија со Уставот на СФРЈ од 1974 и станаа Муслимани. Ние македонците големото "М" го добивме на АСНОМ 1944 и веќе сме со децении Македонци. По овие крупни собитија, првиот чекор на националните идеолози е создавање свој одделен јазик, историја и литература што со текот на времето ќе се оформи и ќе се затвори македонистичкиот или бошначкиот триаголник. Македонистичката магепсана геометриска фигура е каде-каде пооформена и помладата наша посестрима, бошначката, има многу фурни леб да изеде дури не не стигне. Нека учи, бистра е, а има и од кого.

Се реши ли кое наречје ќе се избира за нов книжевен стандард, хипотенузата на триаголникот е позната, повеќе од половина работа е свршена. На ред е сето духовно наследство "критички" да помине низ оваа решетка. А твојата Босна не е без минато. Токму обратно, целото е темно и магливо, како нарачано. Копањето по локални бошначки личности и појави е започнато, апсолутизирајќи ги регионалните разлики: Кулин Бан, Мехмед Паша Соколович, Смаил Ага Ченгич, неимарот Синан, стечците, босанските богомили, азбуката "босанчица"!... Кога ќе Ти примавтаат античките Муслимани со шеснаесетокраката полумесечина од Вергина, ќе те видам дали не ќе подвиткаш опаш...

Шербетот најмногу ќе Ти се слади кога ќе почне да излегува "побошначено" големото тематско книжевно наследство за Босна "Мостот на Дрина" или "Дервишот и смртта" за новите генерации одгледани муслиманчиња во новото школство. Судирот со оригиналот ќе треба да им биде вистински шок, како мене со нашите оригинали. Државниот дервиш на македонизмот, Блаже Ристовски, би Ти рекол дека Андриќ или Селимовиќ се служеле со српскиот или хрватскиот јазик, а не со бошначкиот, затоа што од големите пропаганди на околните народи потпаднале во заблуда, станале нивни експоненти и јаничари па се определиле и да пишуваат на туѓи јазици.

Сегашниот статус на државен писател во Босна на Твојот пријател Сидран е логичен. Отсега ќе пишува на новиот јазик и се ќе му биде позлатувано од претседателот Изетбеговиќ, а дотогашното напишано на врховистичкиот српски јазик сам ќе го образложи како младешка грешка. Така што и него нема да го приопштат целосно, туку само во делови, а Ти, предавникот, постојано ќе се прашуваш дали да направиш филм за својот бивш пријател, Босанскиот Фауст. Ние во Македонија си имаме свој Македонски Фауст во поетот Венко Марковски постојано прашувајќи се кој дел од него е наш, отпола нагоре или одпола надолу.

На крајот, да кажам зошто реков дека само Ти знаеш што има под површината на маѓепсаните македонски и босански триаголници во кои вечно пропаѓаме без можност за излез. Откако го видов твојот "Андерграунд" каде што со години во визба го чуваат народот мала група моќници со разни манипулации божем за негова заштита, ми се чини дека целиот мој досегашен живот се одвива во визба, групно заточени под "парцелата од триста чекори" од кај што Ти се јавувам со овој текст, обидувајќи се да излезам над земја, но над капак застанале челичните сили на македонизмот, па оди тргни ги.

Македонизмот и бошнаштвото како општествени феномени се класични андерграунд појави, материјализиран Платонов мит за пештерата. На крајот на дваесеттиот век, Балканот како најголем европски потон со визбенска свест, прашање е дали ќе излезе однатре без нови трагедии. Тоа ако ни успее, ќе може со гордост да речеме и во темните вилаети стапна третото илјадалетие.

[Previous] [Next]
[Back]