Това на latinica


МАНИФЕСТОТ НА НОВИОТ СВЕТСКИ ПОРЕДОК ИЛИ: КАКО ДА СЕ ВРЗЕ ПОПАКОТ НА БАЛКАНОТ

Коста Николовски, Sidnej
"Australian Macedonian Weekly", 02.08.99

Повод: "Балканска кошница копнеж"

Кога ќе се пресече папокот, човекот е роден. Во статиjата “Балканска кошница копнеж” повеќе пати се повторува тезата дека Македониjа е папокот на Балканот. За да се роди нешто ново, мора наjпрвин папокот да биде пресечен.

Споменатиот напис, обjавен во почетокот на jуни во “Нова Македониjа”, и потпишан со име Младен Србиновски, предизвика бура од реакции, наjмногу поради отвореното искажување на идеите за бугарските корени на денешниот македонски народ.

Во сите тие реакции изостана дискусиjата по многу битни прашања кои се начнати во написот, а се од извонредна важност за денешниот историски момент. Денес сме свидетели на историjата коjа се случува, на она што ќе остане во учебниците за наредните генерации. Одлуките кои ќе бидат донесени и прифатени во ова време на бурни промени тежат илjада пати повеќе од оние во нормалниот живот, кога се тече по еден определен ритам. Големо значење имаат интелектуалните расправи по базичните идеолошки прашања. “Кошницата копнеж” е токму такво нешто. Никако не би смееле да jа отфрлиме во целост само поради тоа што ни сметаат бугарските идеи кои сепак се само еден мал дел и не се битен елемент во статиjата.

Идеите во “кошницата”

Написот е во суштина предлог програма за политичката иднина на Македониjа. Со слична гимнастика на умот се имаат занимавано и други автори во непосредно минато. Разликата меѓу Младеновата кошница и сите досегашни слични вежби е во радикалните свртувања што се предлагаат.

Накусо наброjано, во кошницата идеи за иднината на Македониjа е следното:

1. Македониjа треба да биде протекторат на “Големите Сили” (се мисли на САД)
2. Треба да биде уредена како граѓанско општество по американски модел.
3. Нациjата исто така треба да биде дефинирана според американскиот модел. За таа цел од корен треба да се изменат погледите кон минатото и националната историjа.
4. Слично како во поранешна СФРJ, Македониjа не треба да се занимава со  надворешна политика. Дипломатиjата да биде препуштена на некоj повисок орган во системот чиj дел ќе биде државата во иднина, а локалната власт ќе има меѓународни контакти во полето на трговиjата и економиjата.
5. Како метод за постигање на овие цели изобилно ќе се користи американскиот прагматизам, подеднакво и во економиjата, политиката и идеологиjата.

Не е потребна коjзнае каква мудрост да се види дека она што е во кошницата е  само прераскажана програмата за воспоставување “нов светски поредок” на Балканот. Идеите се дадени на поетски jазик, без многу формалности, но сепак не е испуштен ниту еден битен елемент. Поради тоа, статиjата зад коjа стои името Младен  Србиновски слободно би можеле да jа наречеме “Манифест на Новиот Светски Поредок”.

Кога би сакале со два збора да кажеме коjа е основата врз коjа стои Манифестот, коjа е севкупната идеjа, нема подобар избор од она што во статиjата се предлага како формула со коjа Македониjа ќе се преобрази “од асномска и секташка во граѓанска и европска држава”,  а тоа е -

Граѓанскиот македонизам.

Во кошницата е даден предлогот за американизирање на Македониjа како неjзина наjпривлечна иднина. Клучот за да се постигне оваа цел е: да се наjде прагматично решение на македонското национално прашање. Не обединување или барање права како досега, туку нешто ново, поинакво. Авторот предлага денешното сознание за карактерот на македонскиот народ да се отфрли како оптоварено со комунистичка идеологиjа. За да не останеме маса без облик, ќе се прифати идеjата за бугарски корен на македонската нациjа. И за едното и за другото постоjат факти кои би можеле да се употребат во прилог.

Бугарските идеи не се основа на написот. Тие се само средство кон остварувањето на главната идеjа: создавање на нова нациjа коjа е македонска во “граѓански” смисол, исто како што денесната австралиска нациjа е австралиска во граѓански смисол. Граѓаните на Австралиjа се од различно етничко потекло. Англискиот jазик го употребуваат како официjален jазик за да се разберат еден со друг, а не како белег на нивната национална припадност. Истото треба да биде и во идната, граѓанска Македониjа. Во неа ќе живеат граѓани од наjразлично етничко потекло. За да нема забуни и мешање на поимите, за да не се брка она што досега се нарекувало “македонски jазик” и “македонска нациjа” со идната, граѓанска македонска нациjа, многу пожелно е, како што тврдат авторите, она што досега е означувано како “македонско”, да му се даде поинаков белег, за да се разликува од “граѓанското” кое е нашата иднина..

Меѓу сонот и jавето

Авторот на “кошницата” се обидува поетски да го претстави своето залагање за идеjата коjа jа нарекува “утописка, политички бесмислена, наjнеостварлива опциjа”. Ако кон ова jа додадеме бурата од протести коjа уследи како реакциjа на бугарската состоjка во написот, би требало да мислиме дека народот не jа прифаќа “кошницата”, и дека таа е навистина утопиjа,  идеjа без допир со реалноста, па не би требало премногу да не загрижува.  Факт е токму обратното: еден добар дел од “кошницата” е веќе реалност во Македониjа. Со секоj нов ден нова прачка се плете во рамките кои се веќе поставени. Се дава голем труд, се вршат големи промени. Се води голема грижа за тоа како народот jа прифаќа, дали е удобно да се биде во неа или не.

Да спомнеме само некои од досега извршените задачи.

1. Протекторат на Големите Сили

“За Македониjа е потребен протекторат од големите сили” - се вели во “кошницата”.

Во новата распределба на интересните сфери, во униполарниот свет, постои само една голема сила: САД. Со признавањето на Таjван и прекинот на дипломатските односи со НР Кина, владата на Георгиевски го стори првиот решителен чекор  со коj Република Македониjа започна да го губи статусот на независна држава. Со воjната на Косово, зависноста на Македониjа од САД е зголемена повеќекратно. Денес веќе тешко може да се зборува за Македониjа како за самостоjна држава, туку за област под директна американска политичка, воена и финансиска контрола.

Друга страна на американизирањето се новите односи меѓу балканските држави. Се вели  дека балканските држави се премногу заглавени во сопствениот варваризам, па не се во сосотоjба сами да воспостават цивилизирани односи меѓу себе. Поради тоа, потребно е да се замешаат големите сили, па, ако треба и со сила, да ги префрлат од 19. во 21. век, да ги европеизираат и цивилизираат.

“Меѓусебната доверба (на балканските држави) е првиот непремостлив праг што ќе учат да го прескокнат, во припомош со Големите Сили..” речено е на истакнато место во “кошницата”.

Со договорот меѓу “првата и втората страна” што го потпиша Стево Црвенковски во Њуjорк 1994, Република Македониjа стана првата од балканските државички коjа доброволно го прифати американскиот диктат во разрешувањето на проблемите со соседите. Овоj договор содржи во себе “мерки за градење доверба”. Со откажување од знамето, од националното малцинство во Грциjа и од пропаганда,  Република Македониjа започна да се учи да го прескока прагот на недовербата. Владата на Георгиевски е цврсто определена да го следи и овоj дел од “кошницата”, да се учи на цивилизациjа, да излегува од челустите на историjата. “Во припомош со Големите Сили”, на сличен начин како со Грциjа, воспоставена е доверба и со Бугариjа во февруари 1999.

2. Граѓанско општество

“Американскиот прагматизам.., американизирањето на Република Македониjа би требало да е рационализирање на владеачкиот болшевички македонизам и негово пограѓанчување по терк на богатиот американски терк на тоа поле”.

Воведувањето на граѓанска држава беше наjавено и започнато уште од претходната влада. Социjалдемократите сепак не можеа докраj да jа извршат задачата. Основна пречка за нив беше немањето решеност да менуваат ништо во дефинициjата на националното, и покраj сериозните забелешки за определени делови на националната историjа. Новата влада отворено наjавува поинаков однос кон ова прашање. Ако изjавата на лидерот на ДПМНЕ за свртување кон “политички прагматизам” беше неразбирлива во времето кога беше искажана, настаните што следат, особено по преземањето на власта, фрлаат доволно светлина на новиот курс на сегашната власт. Зад прагматизмот на Георгиевски се крие решеноста начелото за граѓанска држава да се спроведе онака како што тоа го бараат владетелите на Новиот Светски Поредок и како што е кажано во Манифестот: со бришење на неконзистентните национални идеали. Не со враќање кон милениумската македонска историjа, туку со прифаќање на тезата дека македонска нациjа навистина нема. Националноста всушност не е ни битна. Првенствна задача е да се  изгради благосостоjба, а за тоа вреди како влог да се стави бришењето на сопствениот национален идентитет. Па зарем броjните македонски исселеници по светот не го имаат прифатено истото?

Граѓанскиот карактер подразбира дека државата треба да се занимава со своите граѓани, а не со граѓаните на други држави. Поради тоа, во “кошницата” стои барање за поинаков однос на државните органи: “полезноста од македонските македонистички државни организации досега беше да риjат тука, по околните држави и низ иселеништвото по светот. ... преку националностите во другите држави се подметнува клин за расцепување на нивните целини”. Владата на Георгиевски има направено драстичен чекор напред во согласност со оваа точка од Манифестот. Од  државните медиуми се исфрлени ОМО “Илинден”, “Нова Зора” и проблемите на Македонците во Албаниjа. Контактите со иселеништвото се редуцирани и покраj формирањето на посебно министерство за иселеништво.

Битен елемент на манифестот и на идеjата “Македониjа - Папок на Балканот”, Македониjа како центар од коj со кружни бранови ќе се шири Новиот Поредок на Балканот, е предлогот сопственото пограѓанчување да биде основа врз коjа ќе се бара истото од соседите. Во тоj смисол се дава полезноста од “Грциjа без Никодимос Царкњас, Бугариjа без Jордан Константинов”. Владата на Георгиевски веќе има преземено конкретни чекори кон реализациjата на оваа точка од проектот. Jордан Константинов е целосно изолиран. Во надлежност на владиката Петар се мерки за компромитирање на Царкњас, се со цел да се деактивира “бомбата не сецесионистичкиот иредентизам преку етничките малцинства”.

3. Корекциjа на минатото

“Адитивот за граѓанско македонизирање си останува духовниот код на бугарството”

Корекциjата на минатото е идеjата коjа би требало да даде одговор на клучното прашање од кошницата: како да се врзе папокот, како да се разреши македонското прашање, како да се прескокнат и сите проблеми што произлегуваат од постоењето на македонската нациjа. Со менување на минатото ќе биде многу поедноставно да се измоделира иднината.

Се изискува  луѓето да се превоспитаат, постепено да им се менуваат убедувањата и верувањата за конечно еден ден целосно да го прифатат верувањето за сопственото бугарско потекло.  “... се залагам за дозирање на бугарство со кафено лажиче.. ” - се вели во кошницата.

Во овоj дел од “кошницата” лежи една замка за неjзините идеjни автори, бидеjќи со него буквално се врши силување на филозофиjата на прагматизмот. Точно е дека уверувањата на човекот се подложни на менување, дека измените во системот убедувања шти ги има човекот се предуслов за измена во неговото поведение. Но исто так а точно е дека постоjат граници во она што може да се менува. Не може заjакот да стане лав ако го смени своето убедување и навистина поверува дека е лав.

Без оглед на тоа што вулгаризираниот прагматизам во суштина значи оддалечување, а не доближување до американската филозофиjа, владата на ДПМНЕ во целост работи според оваа точка од програмата на Новиjа Световен Ред. Еден многу важен чекор секако е  обjавувањето на Манифестот во весникот “Нова Македониjа” и започнувањето на каква-таква jавна расправа по него. Друг исто така важен чекор е пуштањето на бугарските медиуми и култура во Републиката, според она што е зацртано во кошницата, во коjа е речено дека ослободувањето од ”досегашниот страв од книга, филм или песна од Бугариjа може само лековито да не релаксира”, и дека “пуштањето сок од вековните корени ... е дозирање животен еликсир, .. рехабилитирање на атрофираното сознание”. Има вистина во тоа дека досегашниот страв од културната размена со Бугариjа ни е наследство од животот во поранешната братска заедница, дека не е добар за духовното здравjе на нациjата и дека треба да се премавне. Но да се рече дека неопходните промени значат “враќање кон вековните корени” е уште понездраво од она што го имавме порано. Како да сакаме да се извлечеме од една кал со тоа што ќе се заглавиме во друга, уште подлабока.

Залагаjќи се за “дезидеологизирано гледање на сопственото минато”, манифестот предлага отфрлање на “болшевичкиот форсиран негативен мит на македонизмот” и jа нуди “позитивната енергиjа” како алтернатива. Точно е дека во погледите кон минатото има точки замаглени со идеологизирање, но исто така точно е дека со предложените измени уште повеќе ќе бидеме измачкани со непрозирни средства за боjадисување. Владата на Георгиевски воглавно доследно и послушно ги спроведува програмските замисли за замена на една идеологиjа со нова, наизглед без премногу размислување за тоа каде ќе jа одведе тоj пат. А патот личи на одење по работ од ножот. Опасноста да се пропадне е двоjна: не само за “болшевичкиот македонизам” туку и за “рехабилитациjата на атрофираното сознание”. Ако почнеме премногу да копаме по она што авторите го наречуваат “атрофирано”, голема е вероjатноста дека ќе удриме на нови извори за атрофираниот македонизам, непознати во досегашните “болшевички” рамки кои Љубчо со сета своjа покорност сака да ги урне.

4. Надворешна дипломатска деполитизациjа на Македониjа

Во кошницата се бара Македониjа да биде исклучена од дипломатиjата и  надворешната политика на соседните држави: “Нарочното политичко провинциjализирање на Република Македониjа,... автоматски ќе jа спушти емотивната меѓунационална температура”. Се вели дека со тоа би се добила “релаксирана средина”. Идеjата не е воопшто нова, и во суштина значи враќање кон политиката на Титова Jугославиjа. Долги години, проблемот со Егеjска Македониjа беше наречуван дека е “од емотивна природа”. Односот на државата кон овоj проблем беше: без да се зборува многу за македонското прашање, со зацврстување на економската соработка да се пушти времето да ги изолади емотивно запалените. Во периодот непосредно по осамостоjувањето на Република Македониjа, капакот на котелот од емоциите беше делумно подотворен, но денес, според смерниците од Манифестот на Новиот Светски Ред, Љубчо го враќа капакот на местото што му било определено од Тито и Кардељ. Денешните изjави на премиерот за “приjателски и блиски односи со Грциjа” и за тоа дека “отворените прашања” ќе бидат разрешени еден убав ден но не се знае кога, не се разликуваат ниту за влакно од изjавите што своевремено доаѓаа од кабинетот на Маршалот. Како и порано Jосип Броз, Љубчо денес води љубов со Грциjа - врз грбот на поделена Македониjа.

Место политика, кошницата и препорачува на Македониjа економска соработка со соседите: “еквидистанца спрема соседите на економски план: секому дозволуваjќи му да вложува приближно подеднаков капитал во државава”. Ова е уште еден дел од Манифестот коj новата македонска влада доследно го спроведува, но со мала корекциjа. Она што за време на социjалдемократската власт беше нарекувано легален грабеж при приватизациjата, сега повторно се случува под власта на ДПМНЕ. Разликата е единствено во тоа што сегашното доразграбување на националното богатство го вршат не домашни, туку бизнисмени од соседните држави.

Како да се излезе од кошницата

Кажавме доста работи, но тоа не е се. Би одзело многу време да се преxвакаат сите прачки кои се веќе сплетени , прифатени  како секоjдневие. А би имало уште многу да се каже за останатите jаjца од кошницата кои владата на ДПМНЕ се има нафатено да ги исквачи: за позитивната енергиjа, за американската политика кон “Словените на Балканот”, за пограѓанчувањето на Македонската Православна Црква, за “уставното име” и “уставниот jазик”, за секташтвото на АСНОМ. Ќе го оставиме тоа за некоj од наредните броеви на весникот.

За денес е доволно ако се каже дека кошницата околу Македониjа продолжува да се плете, и со секоj изминат ден е се подлабока. Можно е наскоро да биде како во приказната за жабите, никоj повеќе нема да може да се извлече дури и да сака, бидеjќи останатите ќе го враќаат назад.

Без оглед на тоа дали сме согласни со идеите во кошницата иле не, дали можеби и самите учествуваме во неjзиното плетење, остануваат отворени безброj прашања.

Зошто е потребно Македониjа да биде “протекторат”? Од кого ќе биде бранета? Зошто токму Македониjа е папокот коj треба да биде подврзан? Зошто брановите на граѓанското општество не започнат да се шират од Грциjа? Зошто не од Хрватска? Зошто токму од Македониjа, а не од Албаниjа се бара да се откаже од риење по соседните држави? Зошто од Америка не се бара да се откаже од риење по светот?

Кошницата може да jа разбереме како предлог, место Македонците да одат во Америка, Америка да доjде во Македониjа. Притоа, влогот за поинаков животен стандард ќе биде ист и за оние што останале како и за оние што си отишле од Македониjа. Наредните генерации ќа бидат нешто друго, некоj поинаков свет, наследството од татковците да биде нешто туѓо и неразбирливо за нив. Храбрите меѓу нас би се согласиле со ваквиот предизвик, но, сепак останува прашањето: коjа е гаранциjата дека ако се плати влогот, навистина ќе се добие наградата?

Доаѓаме до наредното прашање. Дали кошницата е сплетена затоа што и е потребна на Македониjа, или затоа што му е потребна на Новиот Светски Колониjализам? Коjа е улогата на македонското управителство? Да води македонска или да спроведува американска политика? Дали треба самите да ги бараме националните идеали за 21. век, или да се согласиме да ги добиеме готови, на чиниjа? Можеме ли да прифатиме дека за еден Македонец коj живее во Цапари, да си го смени идентитетот во “граѓанин на Македониjа од бугарско потекло” е исто толку едноставно како и за неговиот брат коj станал “граѓанин на Австралиjа од македонско потекло”?

Следи уште едно. Дали е вистина дека се си има своjа цена, па и националното убедување? Колку чини менувањето на идеалите? Дали, ако се водиме според стандардите на денешната македонска влада, се што имаме вреди само ситни пари?

Кошницата е промовирана од партиjата ДПМНЕ. Би можеле да и дадеме уште едно име, “Кошница на ДПМНЕ”. Како таква, таа е живо сведоштво за тоа дека за оваа партиjа, или барем за неjзиното раководство, нема ниту еден принцип до коj би се држеле подолго од шест месеци. Ништо не е толку свето за да не може да биде изнесено на пазар и продадено, пошто-зашто. Дали треба да прифатиме дека ситниот ќар и материjална добивка е основната водечка сила на човековата природа? Дека  американскиот прагматизам, применет во посткомунистичиот распад, станува нова филозофиjа во коjа ТАТ е животниот идеал на масите?  Дали ќе се согласиме со владиката Петар, дека единствено апсолутно во светот е релативноста на вистината? Ќе jа прифатиме ли неговата идеологиjа за безгранично моделирање на реалноста?

Дали конформизмот е втора по ред религиjа коjа пружа гаранции за иднината, веднаш зад првокласниот силуван прагматизам на балкански начин? Нели е посоодветно “политичкиот прагматизам” на Љубчо да го наречеме со вистинското име,  политичко ликсурство PAR EXCELLENCE?

Дали линиjата Љубчо - Петар - ТAT е одговорот на иднината? Тоа ли е она што лидерот на советот на интелектуалците на ДПМНЕ, господин Кљусев, има да го каже? Дека интелектуалната енергиjа на илjада интелектуалци кои стоjат зад него е преточена во врховната енергиjа на Соња, Љубчо и кошницата? Има ли “интелектуалната елита” на ДПМНЕ некаков одговор на кошницата?

Исто како и Петар при преземањето на црквите, носителите на кошницата го имаат преземено правилото на Михаjлов од духовниот код на “вековните корени”: прво и наjважно е да се ликвидира попот и учителот. Со неписмените е лесно. Коj е воопшто одговорот на македонската интелигенциjа на антиинтелектуалната револуциjа на кошничарите? Зарем единствено бугарството е тоа што не засега?

[Back]