Реагирање: Зошто се бара промена на македонската азбука?
Сите настоjувања на Софиjа да докаже дека нема македонски jазик, или дека тоj што го има е вештачки, се jасни. Со удирањето во темелот и со неговото поткопување, полесно ќе jа урне целата градба. Со други зборови, ако успее да го постигне тоа што го посакува, тогаш нема да биде проблем демократското припоjување на западните покраини. - Љубчо и не може да се изговори поинаку освен како Љупчо, па оттука неговото ортографско бележење според правилата на бугарскиот jазик и не е ништо друго освен груб и деликвентен напад на самобитноста на македонскиот jазик
Во текот на последниве неколку години се почести се написите за промена на македонската азбука. Тие написи се поjавуваат исклучиво во некои гласила и исклучиво од некои луѓе. Тие, кратко кажано, го повторуваат или го препишуваат она што се пишува во изданиjата на таканаречениот Македонски научен институт од Софиjа, особено периодичното издание Македонски преглед. Во тоа издание наjчесто се jавуваат луѓе кои се декларираат како лингвисти, и чиjа примарна задача е да jа докажуваат бугарската основа на македонскиот jазик. Со тие тези тие настапуваат засилено веќе половина век, а тие тези комплетно се препишуваат од луѓето во весникот Македонско дело.
Македонскиот научен институт во Софиjа и весникот Македонски преглед се формирани и финансирани од Георги Младенов - Гошо, богат бизнисмен од Канада. На македонската jавност есенва и беше обелоденето дека Георги Младенов е личен приjател, политички советник, организатор на патувања во Бугариjа и финансиер на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски. Младенов насекаде изjавува дека Македонците се Бугари и активно работи во Комитетот за поделба на Македониjа меѓу Бугариjа и Албаниjа.
Во Македониjа тезата за непостоењето на македонски jазик повеќе години упорно jа пласираат поранешни и сегашни истакнати членови или раководители на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои наjглавни се Димитар Димитров, Миле Неделковски, Младен Србиновски, Милош Линдро и други. Во таа смисла тие го негираат и го прогласуваат за српски агент македонскиот славен публицист и лингвист. Во последниве години, особено по неговата смрт со сите сили настоjуваат да го обезвреднат, да го омаловажат и да го прогласат за наjголем предавник на Македониjа, познатиот научник Блаже Конески.
ДЕСРБИЗАЦИJА
Групата квазилингвисти собрани околу Македонски преглед на т.н. Македонски научен институт (понатаму - т.н. МНИ) во своите писаниjа тезата jа сведуваат на тоа дека денешната форма на македонскиот литературен jазик не е ништо друго освен една србизирана форма на западнобугарските диjалекти. Како аргументи дека е тоа така, тие наведуваат дека како чисто бугарски карактеристичен глас е исфрлен од македонската азбука темниот вокал, потоа велат дека е србизирана лексиката и синтаксата. Значи, кога ќе се исправат тие работи, односно кога ќе се десрбизира прво македонската азбука, а потоа и лексиката и целата негова структура, ќе се исправи историската грешка и луѓето во Македониjа ќе можат да зборуваат на чист бугарски jазик. Значи, прво нешто што треба да се направи на тоj план е да се промени македонската азбука, односно барем во неа да се внесе темниот вокал, а потоа да се исфрлат љ, њ, ќ, ѓ, j. Тие би биле преодни решениjа додека не се воведат бугарските еквиваленти на тие гласови и така со ред во сите ситуации каде што се среќаваат тие фонеми.
Втората битна работа коjа треба, според нив, да се напушти е фонетскиот правопис и да се воведе бугарското решение, односно етимолошко-историски правопис. Така, тука голема функциjа би одиграло воведувањето на темниот глас, коj ќе се воведува во сите случаи каде што имаме р во меѓуконсонантска позициjа, односно ќе се исфрли вокалното р од правописот.
Потоа треба да се исфрли од употреба едначењето по звучност, и да се применува етимолошкото правило, како во бугарскиот jазик. Така, наместо Љупчо од Љубомир, Љубиша и другите негови вариjанти, би било Љубчо (во коренот е фонемата б и во сите парадигми треба да остане б според етимолошкиот правопис, каков што има во бугарскиот jазик. Наспроти него, во македонскиот правопис се вели дека во формата Љупчо настанува регресивна асимилациjа, односно едначење по звучност, бидеjќи самиот фонетски принцип тоа го бара, и е сосема природно).
Тоа се во кратки црти тезите на луѓето од т.н. МНИ. Тие тези се посилно се пласираат во македонскиот весник Македонско дело, и речиси и нема броj во коj тие не атакуваат на македонскиот jазик, а едновремено го користат токму тоj jазик коj го напаѓаат. Има некои проjави на употреба на бугаризми (се разбира по диктат на писаниjата во т.н. МНИ), како на пример значение наместо значење, потоа суштествување наместо постоење (да разjасниме: зборот суштествување постои и во лексиката на македонскиот jазик и неговото значење е слично, но не и идентично со постоење, а токму некои луѓе од Македонско дело наjчесто го употребуваат наместо постоење, и оттука таквата употреба е употреба на бугаризам). Има и некои други случаи на употреба на бугаризми.
Луѓето од Македонско дело се задржуваат, како што рековме, на истите становишта што се пласираат од т.н. МНИ, без речиси никакви новитети или самостоjни согледувања. Оттука, слободно може да се каже дека тие комплетно jа преземаат бугарската стратегиjа во настоjувањата да се избрише македонскиот jазик од лингвистичката карта. Тоа го прават поради ним познати причини, а кои не е тешко да се погодат. Но, ние нема да се задржуваме на тоj аспект од нивното делување.
Луѓето од Македонско дело како доказ постоjано го приложуваат документот од првата комисиjа за кодификациjа на македонскиот jазик, во коj освен другите решениjа, стоела и фонемата њ. Тие документи се обjавени во книгата на Стоjан Ристески Создавањето на современиот македонски литературен jазик. Господинот Ристески коjзнае што имал на ум кога напишал Создавањето.... Бидеjќи можеби и самиот не е свесен колку несреќно решение избрал за наслов на своjата книга. Тоj директно им налева вода на бугарските негатори, бидеjќи индиректно признава дека jазикот е создаден, што значи дека претходно не постоел. Тоj може да рече: Да, така е, претходно не постоел македонски литературен jазик. Но и тоа не држи, затоа што jазикот постоел долго пред неговото кодификување, во една или друга форма, но веќе од краjот на 19 век се посилно навлегува идеjата за македонски литературен jазик базиран на централните говори, и сведоштво за тоа ни е книгата на Крсте Мисирков За македонцките работи, пишувана на централните говори во форма коjа е многу блиска до денешната форма на македонскиот стандарден jазик. Значи, од тоj аспект терминот создавање е многу погрешен, бидеjќи просто на просто, неизбежен термин е кодификациjа или стандардизациjа.
Како што напоменавме, луѓето од Македонско дело jа земаат таа книга како клучен доказ дека наводно македонскиот jазик е правен по диктат на Белград.
РАЗНЕБИТУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЛИТЕРАТУРЕН JАЗИК
Се поставува прашањето кои се тенденциите и што сака да се постигне со тоа?
Менувањето на македонската азбука и воведувањето на темниот глас (како прво решение), а подоцна и други елементи, е насочено директно кон разнебитување на македонскиот литературен jазик. Тоа би се направило преку разнебитување на неговата основа (централните говори), неjзиното релативизирање, и внесување куп елементи од граничните источни говори, кои, се разбира, содржат елементи што ги има и во соседниот бугарски jазик (како што северните говори содржат елементи што ги има и во соседниот српски jазик). Кога ќе се разнебити неговата основа, тогаш останува да се примени небулозното тврдење дека македонскиот литературен jазик треба да содржи елементи во граматиката од сите негови говори (бидеjќи темниот глас се jавува во дел од источните говори, но и дел од западните). Тоа тврдење е небулозно затоа што кога би влегле сите диjалектни елементи кои некоj jазик ги поседува, тогаш нема да можеме да зборуваме за стандрден jазик. Нема стандарден jазик бидеjќи некои елементи се спротивставуваат на други, што природно значи дека се прави селекциjа. Што би се случило, кога, на пример, италиjанскиот стандарден jазик би ги содржел сите елементи што ги поседуваат броjните диjалекти? Тоа неминовно води кон разградба и поништување, и следствено изумирање на jазикот.
Сегашната форма на македонскиот стандарден jазик е искристализирана и има доволно дистинктивни елементи што го разликуваат од соседните словенски jазици. Таа форма и не може да биде поинаква, самата еволуциjа на jазикот jа наложува таквата форма, и во никоj случаj таа не може да биде поинаква. Вештачкото неjзино приближување до формата на бугарскиот стандарден jазик значи само едно - неjзино елиминирање и претопување со бугарскиот jазик. Тогаш би имале бугарски стандарден jазик, и мртов македонски jазик (како што е латинскиот, старогрчкиот, старословенскиот и други мртви jазици). Тоа е страсно посакувано од бугарската политика, зашто со уништување и менување на македонскиот jазик се уништува наjсилната карактеристика на еден народ. Кога тоj народ ќе остане без своj jазик, тогаш не преостанува ништо друго, освен да се претопи во народот коj му го наложува сопствениот jазик.
Сите настоjувања на Софиjа да докаже дека нема македонски jазик, или дека тоj што го има е вештачки се jасни. Со удирањето во темелот и со неговото поткопување, полесно ќе jа урне целата градба. Со други зборови, ако успее да го постигне тоа што го посакува, тогаш нема да биде проблем демократско припоjување на западните покраини.
Кога е сосема jасно коjа е целта на Софиjа, тогаш останува неjасно коjа е целта на овдешните гласноговорници на софиските идеи. Зошто доброволно прифаќаат да бидат троjански коњ, и што е тоа што ги наведува тоа да го прават? Дали се можеби пари во прашање, интереси ветени позиции или слично? На тоа прашање не би можеле да дадеме одговор, зашто тоа наjдобро го знаат самите тие. Зашто, да биде jасно: менувањето на сопственото име во форма што претставува норма на еден соседен jазик и не е ништо друго, освен симболично придонесување кон таквите идеи. Во вода паѓаат сите наводни аргументи дека секоj сам си решава во каква форма ќе му биде сопственото име. Зашто не станува збор за име што при неговата фонетска промена има друг изговор, и битно jа менува неговата форма. Станува збор за негирање на сопствениот правопис и прифаќање на туѓ Љубчо и не може да се изговори поинаку освен како Љупчо, па оттука, ортографското негово бележење според правилата на бугарскиот jазик и не е ништо друго освен груб и деликвентен напад на самобитноста на македонскиот jазик. Што е целта? Очигледно, се настоjува преку личен пример да се внесе збрка каj Македонците и да се поведе вештачка расправа за автентичноста на македонското писмо и правопис. При немање сериозни аргументи за тоа, се посегнува по наjперфидниот начин, а тоа е горенаведениот - со аргумент дека секоj има право да си го пишува името како што сака. Ако е така, ако се работи за изделен случаj, зошто се тогаш настоjувањата да се воведат и други промени во македонскиот jазик?
Врз основа на сето тоа што беше изложено, треба да се постави прашањето: До кога само ќе се леат солзи од некои колумнисти за се полошата употреба на македонскиот стандарден jазик, кога имаме примери со кои се посочува дека целата основа на тоj jазик треба да подлежи на ревизиjа? Леењето солзи тогаш ќе биде предоцна и затоа време е лингвистите, и пред се jавноста посериозно да размисли на какви притисоци е поставен македонскиот jазик однадвор, што не е толку страшно кога ќе се спореди со тоа дека притисоците од истиот калибар доаѓаат однатре.
Дали треба да попуштиме на притисокот полека и мазохистички да се предаваме на барањата однадвор, силно потпомогнати со структури однатре: На тоа прашање треба сериозно да си одговори секоj македонски граѓанин.
ИГОР ГАЛЕСКИ
[Back]