Македонска мемоаристика
Диктатори не пишуваат мемоари
Младен Србиновски
Писател
Кога се чита „На полковникот нема кој да му напише“, еден од романите со чудесни портрети на јужноамериканските диктатори, се наметнува инверзното прашање дали таквите имаат нешто и некому да напишат од самоизбраната изолација и преголемата моќ што почнува да работи против нив. Одговорот на таквите моќници од кои е посилна само физиологијата е едноставен: сите си вообразуваат да напишат мемоари. Истрошени од годините, нивните раздразливи суети буричкаат низ умот покрај мижуркави гламји во камините. Идејата за пишување мемоари за нив е современ начин за потполна пресметка со Времето, единствениот непријател што од невнимание заборавиле да го поразат. Повеќето остануваат само на намери, малкумина нешто и напишуваат, а само најумните не забораваат дека токму од ѓаволштината на буквите се сепнувале цел живот.
Мемоаристиката е сериозна работа; белег е за жанровското богатство на националните литератури. Барана е, издавана, читана и почитувана, како ретко кој друг литературен вид.Нема списание што држи до себе, а да не обрнува големо внимание за изборот на феjтоните. Многу научни дисциплини што се занимаваат со воопштувања, од политичката социологија до филозофија на историјата, ползуваат податоци од успешните мемоарски дела. Изјавата на претседателот Глигоров дека ќе се откаже од кандидирање за трет претседателски мандат и намерата во пензионерски мир да напише свои сеќавања, само ја актуелизира состојбата на македонската мемоарска литература.
Франција важи за татковина на мемористиката и нивниот дух што дал сјајни резултати на сите полиња, блеска и на овој план. Барем така сме слушале: нема значајна личност што се потврдила во одредена област, на поодминати години да не напише и остави зад себе спомени. Водење приватна документација и правење постојани белешки е долгогодишна подготовка за тие книги. Тука се от прилика и критериумите за успешноста на таквите дела: што поверно пренесување на недоумиците на значајни личности при кроењето судбини на цели народи; добро опишани настани; обилен фактографски материјал, јасни ставови на протагонистите; колоритност на времето со дејство како на сцена...
Стилски неповторливите „Исповеди“ (Конфесион), го прават Русо вечен исповедник, конфитеор, како ретко кој во друга исповедна книга. Не заостануваат ни мемоарите на Шатобријан, Иго или на Сен Симон. Од напишаното на браќата Гонкур, денес најинтересни им се спомените. Маркизде Сад и сега е нестандарден. Малро експериментираше, пишувајќи антимемоари.
И Русите не заостануваат на овој план. Нема автор од неповторливиот руски деветнаесетти век возбудливо да не си го документирал сопственото време: Гончаров, Аксаков, Херцен... Дневниците на Достоевски се читааат денес колку и неговите романи. Толстој е толку безмилосен спрема себе, па ни го цензурираа неговите ќерки.
Во Америка веќе е мемоароманија секоја ѕвезда да објави, а потоа да ги екранизира своите приклученија. За врв на американската политичката мемоаристика се сметаат Кисинџеровите сеќавања.
Нема да најдете голема национална култура што нема омилени мемоаристички четива. Италијанците може да ви предочат пустоловини од Челини до Казанова. Грофот Чано, зетот на Мусолини, успешно си ја опишал сопствената судбина пред да биде убиен од својот таст. Мусолини, сепак, не напишал мемоари.
За нас секако е најинтересно искуството со македонската мемоарска литература. Знам, почнувате веднаш да се киселите. Имате право, но само донекаде. Сушата од македонски успешни сведоштва е од Втората светска војна наваму. Македонскиот парадокс е таков: во слобода кога можело многу нешто да се напише и напишано е, неквалитетно е.
Литературата што сведочи за своето време и што доаѓа од преродбенскиот, илинденскиот и по илинденскиот период е недобројна и рамна по квалитет на која било европска мемоаристика. „Ослободителните борби во Македонија“ од ресенчанецот Христо Силјанов е капитално остварување без кое не може да мрдне ниту еден историчар што го истражува тој период. Деновиве излезе на македонски уште едно мемоарско ремек-дело, „Предвесници на бурата“ од анархистот, кучевиштанец Петар Манџуков. Големата празнина од овој вид литература, донекаде ја дополни „Култура“, издавајќи неколку книги на спомени од илинденските револуционери. Бескрајно работливиот академик Љубомир Милетич ги запишуваше и печатеше нивните сеќавања и благодарение на него, денес имаме директни сведоштва на: Татарчев, Груев, Петров, Сандански, Арсов, Кљашев... и десетици други дејци. Без свои спомени не останале ни Александров и Михаилов, но и оние малкумина што не напишале сведоштва,оставиле богата граѓа и лична преписка за успешно реконструирање на своето време. До скоро нам ни беа „помакедончени“ само автобиографиите на Прличев и Цепенков, но денес постои вистински натпревар меѓу разните тукашни весници кој попрво чии сведоштва ќе објави. Можеби неспремни за различни гледања на одредени настани и личности, по природни зачитателите се сеќавања на самите учесници одколку шпиртосаните толкувања на историчарите. Доскорешниот систем, крут непријател спрема секоја опција што е по инаква однивната, културно и национално нe' осиромаши со лишувањето од воспитната лектира што насекаде по светот е темел за градење народносно чувство.
Идеолошките непријатели од Втората светска војна имаа заедничка одбивност спрема мемоарите. Хитлер, Мусолини, Франко... мемоари не оставија. Сеќавања не оставија ни Сталин, Мао, Чаушеску, Енвер Оџа... Неодамна, меѓу исклучоците, свои видувања напечати Тодор Живков и пред читачката публика само се докомпромитира. Затоа пак, мемоарите на Де Гол или Черчил се врвни достигнувања. Черчил дури доби и Нобелова награда за литература.
На Тито цели армии полтрони му пишуваа биографии, но и тој не напиша мемоари. Не напиша ништо ни пензионираниот Ранковиќ... Темпо креваше одреден прав повеќе со инаетења, отколку со убедливост. Не му веруваа дека не знаел за Голи Оток! Образот им го обели донекаде нетолку клучниот Гојко Николиќ, но и него не го сакаа.
Водачите во нашиов македонски сокак отидоа уште подалеку во молчењето. Нема настан што е целосно историски расветлен. Се препукуваа дури и за датумот и местото на формирање на КПМ. Одговори нема ниту за Скопскиот партизански одред, за Рацин, многубројни слични стрелања, силувања, Сремскиот фронт, егејската драма...
По толку години во пензија, Колишевски можеше да напише десет тома сеќавања. Повлечен како јужноамерикански диктатор, одбива да даде и интервјуа за јавноста. Велат се' уште гивлече конците на нашата судбина. Од него никој нешто и не очекувал, па провидните „мижиасан да ти баам“ со Кљакиќ, на сите маки, ја смеат јавноста. И Крсте Црвенковски ништо ненапиша, поубаво му е се' уште да изигрува либерал. Гигов и Апостолски објавија сведоштва и докажаа дека молчењето било злато. Интерес за нивните мемоари суштествува дури неизлезат во јавноста. После никој не ги пофаќа.
Свои преживелици во неколку книги за сегашното македонско осамостојување најавува Никола Кљусев. Излезе првата; следните може да не ги објавува. Можел и за оваа да не се мачи. Киро Глигоров од пензионер го увезовме за претседател. Ако имал ниет за мемоари, во пензионерските денови и досега нешто можел да напише. Би сакал да бидам разубеден од времето, но председателските сведоштва од цветот на староста ќе бидат редактирани исповеди од нивото на Елеонора Каранфиловска и Катерина Коцевска.
Нашите протагонисти на европската лева идеолошка деструкција што ни рие во двор повеќе одполовина век, немаат сила да погледнат во огледалото на реалноста; дека времето одамна ги носи кон имагинарниот Музеј на човечките заблуди. На Македонија и се потребни свежи пари, но уште попотребно е отворање на прозорите за општествени прочистувања од засмрдениот воздух во кој не се дише. Огромен сме духовен контејнер и кој да замине покрај нас, го затворасо прсти носот.
Диктатори, едноставно, не пишуваат мемоари.
[Back]