Колумна
Писмо до Ацо Алексиев
Атанас Вангелов
Еве што кажува моjата скромна евиденциjа по тоа ВМ [Венко Марковски] - прашање кое се драматизира, сценографира, се центрира ексцентрично, за да се продаде како бугароцентризам што бил (педесет години) бришан. Прегледав, на пример, некои нови (од 90-та, па наваму) антологии на бугарската поезиjа. Од Венкота ни глас ни трага таму. А беше, во таа поезиjа и култура, Венко видно име и презиме. Ако е точно тоа што за него го кажуваше и кажа тогаш (1971 год., стр. 24) Димитар Димитров пред предвидена партиска елита, Венко Марковски практикувал некои недозволени и, секако, сомнителни сексуални активности. Бил, според тогашниот ум и наум на ДД, ноторна „салонска проститутка“. Освен тоа, пак според тогашната (с)експертиза на тогашниот секс-истражител, поетот Венко Марковски се служел не само со себеси како со - „проститутка“, туку и со - поезиjата воопшто. Тоj поет, „составуваjќи акростихови за Тодор Живков, jа проституира поезиjата“, утврдува секс-диjагнозата на Димитар Димитров.
Потоа додава: „треба да се каже дека тоj сега живее во Бугариjа врз основа на истите идеолошко-политички услови, благодарение на кои профитираше во Македониjа“. Сето тоа што тука се наведува за Венко може да се прочита каj Димета Димитров и во 1990 година. Сето тоа, до последна точка и запирка е публикувано во неговата книга „За македонцките работи“ од 1990 год., чии рецензенти се Крсте Црвенковски и Блаже Ристевски. Последниов, нешто подоцна станува, во променливата оптика на Димитров (и тоа уште пред да стапат на сцена „промените“) човек склон кон бесмислици само затоа што бил „професор по историjа на книжевностите на СФРЈ“, но не е „доктор по философски науки“ во истата „СФРЈ“. Можел секако да внесе Димитар Димитров и некои поjаснениjа затоа што поправки и бришења не се дозволени без такви - поjаснениjа. Нема, меѓутоа, никакви поjаснениjа во тоj поглед. Следува од тоа дека: во еден период од речиси дваесетина години сликата за поетот Венко Марковски воопшто не се менува во свеста на тоj специjалист по (с)екс-прашања во областа на поезиjата, критиката, политиката, етнологиjата, антрополигjата и - „философиjата“. Се менува, меѓу тоа, некаде во 1990 година. Ваму и таму пак се споменува Венко во неговата книга „Името и умот“, но затоа пак тоj Венко станува несреќна „девица“, врз коjа се врши сурово идеолошко насилство. Секоjа девица е, како што се знае, кревко, невино, незаштитено и чисто суштество кое, по обичаj, паѓа пред налетот на грубата и похотна машка сила (физичка или идеолошка). За еден таков падзборува многу подоцна Димитар Димитров. Еве како го опишува тоj фатален и, по секоjа вероjатност, неизбежен пад на девствената нежност и чистота под притисок на машката сила и грубост. Се прави комисиjа за jазик во Македониjа во околности кога владее еден комунистички „примитивен интернационализам, разбран како анационална идентификациjа“.
Во таа комисиjа има струjа коjа се спротивставува на тоj „примитивен интернационализам“, а се спротивставува на тоj начин што предлага„принцип“. Составки на тоj принцип се: нациjата и лингвистиката. Носители и бранители на тоj „принцип“ се Венко Марковски, Георги Киселинов и Георги Шоптраjанов. Бил, меѓу тоа, „подреден“ нивниот „принцип“на еден друг, по секоjа вероjатност, „хетерономен принцип“, коj го застапувале и бранале „останатите членови“ на истата jазичка комисиjа. Тие, од своjа страна, се надевале дека „сите jугословенски народи аналогно ќе постапат па ќе се создаде единствено jугословенско писмо, па единствен jугословенски jазик, па единствен jугословенски народ“. Нема место тука систематски да се наведува: што се испушта, што се повлекува во „темно поле“?; што зборувал во своjот „реферат“ тогаш Георги Киселинов?; коj давал оставка од таа комисиjа и зошто?; како се однесувале Ченто и Панко Брашнаров кон таа оставка?; како и каде се потпишувал Венко на предлог-документот за азбуката? и тн. - што не значи се' уште дека ќе нема место на некое - друго место. Има место само да се нотира една очигледна „антиномиjа“. Кога Венко Марковски, во тоа време, бара jазички решениjа врз основа на „принцип“ (jазичко-национален), тоj постапува во согласност со своjата компетенциjа во таа област, а пак компетенциjата не допушта да се огрешува човек спрема сопствените уверувања кои, по дефинициjа, се базираат врз знаења (наука). Вопрашање е така наречената „вистина на увереноста“ коjа не допушта компромиси односно - толеранциjа, затоа што науката е, по природа нетолерантна. Тоj попушта, меѓутоа, затоа што „бил принуден“.
Силата, како и во многу случаи, го победува „принципот“ што не е ништо ново во историjата. Тоj „попуст“,меѓутоа, налага да се рече дека Венко се однесувал тогаш „хетерономно“, според речникот на Димитров. Кога, дваесет години подоцна, тоj станува „салонска проститутка“ коjа му пишува „акростихови“ на ТодорЖивков во истиот стил и манир како на Сталин, Тито, Гилас, Темпо и тн., тоj не го прави тоа затоа што „бил принуден“ туку сосем „автономно“ по своjа волjа и по сопствен избор. И кога му пишува „акростихови“ на Живков, и кога го прави тоа со Сталин и Тито, се' уште не значи дека тоj прави нешто „одвратно“, подуслов тоj тип поезиjа да има доволна уметничка димензиjа, онака како што го покажа тоа Јакобсон со поезиjата на Бертол Брехт и на Владимир Маjаковски (пишуваше поеми за Ленин).
Ете што лоцирам jас, господин Ацо, како „ситуациjа“ што jа бара веднаш и без остаток вашата директна интервенциjа. Ете на што треба да се концентрирате со сите средства и „орудиjа“, до колку не сакате да ви „рѓосаа“ тие „орудиjа“, како цевките на оние тенкови од Бугариjа што кристализираат по извесно време, пошто треба да се менуваат. Пукале или не, тие цевки - кристализираат. И освен тоа: на дело е своевидно насилство над елемантарни факти. Тоа ништо не оспорува каj вас, а во врска со вашето гледиште за Венко. Ако не оспорува затоа што не може, тогаш елиминира (поништува) затоа што - може. Сметате ли дека таа„општа“ работа не jа покрива вашата - „посебна“?
[Back]