Дневник
Година II Број 436
Петок, 29.01.1999

Колумна
Александринци

Атанас Вангелов

Топ-тема за нашата јавност станаа, во текот на последниве десетина дена, две имиња од новата македонскаполитичка историја, а имено: Тодор Александров (Т. А. Попорушев: 1881 - 1924) и Иван/Ванчо Михајлов(1896-1990). Причина за тој топизам беше посетата (по покана од актуелната македонска влада) на две видни личности на МПО (Македонска патриотическа организација) на Република Македонија, која во некои медиуми се означува како "контроверзна". Личностите се: Љубен Тодоров, потпретседател на веќе споменатата "контроверзна" МПО, и Љубен Топчев, член на нејзиниот Централен комитет.

Гостите на македонската влада имаа можност поблиску да ја запознаат најшироката јавност со програмата и политиката на нивната "патриотическа организација". Потсетија дека таа организација ја основал, во 1922год., Тодор Александров (Љ. Топчев), односно дека: "низ своето досегашно постоење секогаш се борела за самостојност и независност на Македонија" (Љ. Тодоров). Тоа што го велат двајцата гости на македонската влада, а го велат на начин кој дава основа да се именуваат како искрени и вредни александринци, не се согласува многу (да не речам: ич!) со тоа што е напишано, за тие личности, во книгите на македонските историчари. Веројатно и затоа нивниот домаќин, министерот Мартин Треневски, најде за умесно да и соопшти на македонската јавност дека: "нашата историја од 1945 година "била "идеологизирана и исполитизирана"; дека во таа историја недостигале точни и веродостојни претстави за улогата на крупни личности (не ги споменува Александров и Михајлов што не значи дека, на индиректен начин, не се вели дека се - крупни); дека таа историја, според неговиот увид и мера, била правена врз основа на "дозирани информации" и, најпосле, дека тој не гледал "ништо лошо" во тоа "да се преиспитаат некои работи", што секако било во надлежност на "историчарите, а не на политичарите".

Макар што министерот Мартин Треневски смета дека "посебно по воената историја" бара нов прочит ирасчит, ништо не спречува да се мисли дека таа "идеологизирана и исполитизирана" историја не ги сликала со: црни, сатански, фашистички бои животот и делото на Тодор Александров и на Ванчо Михајлов кои (=боите), по секоја веројатност, ќе исчезнат, откако ќе се "преиспитаат некои работи од нашата историја". Мислам дека министерот Треневски е, на свој начин, во право, барем што се однесува до - боите. За да го определам само донекаде тоа "право", ќе се повикам на една монографија за Ѓорче Петров (гостите на македонската влада не ја следат неговата политичка линија затоа што и според најновата историографија во Бугарија Ѓорче Петров бил "убит от привържениците на Т. Александров", а бил "убит" затоа што следел своја, антиалександринска линија). Се повикувам на таа монографија за Ѓорче Петров не само затоа што во неа станува збор и за Тодор Александров, туку и затоа што: а) нејзиниот автор, академик Гане Тодоровски, е несомнен авторитет (што не може да се рече за министерот Треневски) во областа на предилинденската, илинденска и постилинденска епоха на нашата нова историја и б) пошироката јавност може да стекне, по доста кус начин, појасна претстава за тоа како, во духот на една "идеологизирана и исполитизирана" историја, се пишувало кај нас за - ликот и делото на Тодор Александров.

Општопознато е дека академик Гане Тодоровски не се лишува од сликовитоста на својот стил дури итогаш кога се занимава со историја. Токму тоа им дава посебна боја и впечатливост на неговите историски списи кои, меѓутоа, обилуваат и со - факти. Тие факти се, од своја страна, и самите слика за себе. Една таква слика-факт кој, на секавичен начин и во еден потег, го дава портретот на Тодор Александров е искажан од устата на проф. д-р Александар Цанков, министер-премиер по убиството на Алаксандар Стамболиски (исто така министер-премиер), во кое учествува и Тодор Александров. Еве како, според академик Тодоровски, одговара Александар Цанков на прашањето за тоа кој бил Тодор Алакесндров,откако станале баласт, за тогашната бугарска влада, неговите "терористички услуги": "Ме прашувате кој икаков е Тодор Александров? Пишувајте: Глава наполнета со злоба, со грандоманија, со бесен шовинизан, со рутина. И ништо повеќе!"

Тоа се автентични мисли и оценки на еден автентичен и учен (универзитетски професор) Бугарин кој користел "терористички услуги" од Македонец што живеел во Бугарија и работел за "слободна и самостојна Македонија", според зборовите на Топчев и Тодоров. Затоа што се тоа мисли на Бугарин (не на- Македонец!) кој, како Бугарин, може да падне под ударот на механизмот етноцентризам (општа појавакога човек, во разбирливата лjубов кон својот народ, го потценува туѓиот и, дури, го мрази!), сега ќе се повикам на мисли и оценки на академик Гане Тодоровски. Нему ќе мора и натаму да му се верува, од причина што, сй уште, не стапило во сила новото "читање на македонската историја", најавено од министерот Треневски.
Според досегашното читање на академик Тодоровски на тие страници од нашата нова историја, Тодор Александров спаѓа во редот "одродени македонски елементи". Тие стануваат инструмент на бугарската политика, во нејзината замисла да ја "присоедини" Македонија кон Бугарија, врз основа на нејзините "историски права", кои денес се продаваат под фирмата "едни етнички корени". Кога сака поблиску да ги определи тие "одродени елементи", академик Гане Тодоровски вели дека станувало збор за "македонската политичка емиграција" од која се селектираат некои "бивши офицери на бугарската армија, по потекло Македонци (како Александар Протугеров, некогашен генерал; како Тодор Александров, некогашен полковник)", за да послужат како средство на бугарските - цели.

Дали е тоа "идеологизирана и политизирана" историја?

Би можело, некако, дури и да - биде.

Ако се суди само врз основа на фактот дека е, неговата слика за Тодор Александров, публикувана вовремето на монизмот (1971), а пак академик Гане Тодоровски не можел да пишува тогаш дуалистички, туку само - монистички. Како и министерот Треневски, впрочем, од Сиднеј!

[Back]