Дневник,
28.07.1999

Прес-конференција на СБМ
Борците не добиле покана за прославата на Илинден

Со свечената академија им даваме отпор на сите што ја негираат самобитноста на македонскиот народ, го негираат неговиот јазик, а нашата држава ја нарекуваат србокомунистичка творба, вели претседателот Борко Темелковски

- Сојузот на борците од НОВ на Македонија на 1 август ќе одржи свечена академија по повод 55-годишнината од одржувањето на првото заседание на АСНОМ, на која ќе говори претседателот Киро Глигоров, - беше речено на вчерашната прес-конференција на претседателството на републичкиот одбор на СБМ. На годинашната прослава во Крушево,делегација на борците ќе положи цвеќе на споменикот на двата Илиндена.

Владината комисија за одбележување значајни настани не го прифати предлогот на Сојузот на борците нивната програма да влезе во официјалната прослава на Илинден. Претседателот на РО на СБМ БоркоТемелковски предупреди на појавата на некои политички сили што го намалуваат и го негираат историското значење на АСНОМ и ка НОВ и коија доведуваат во прашање самостојноста на државава.

- Со свечената академија им даваме отпор на сите што ја негираат самобитноста на македонскиот народ, го негираат неговиот јазик, а нашата држава ја нарекуваат србокомунистичка творба. По осамостојувањето на Македонија, во неа, а и во соседните држави се јавија негатори на автентичноста на НОВ во Македонија и на првото заседание на АСНОМ. На 2 август 1944 година се удрени темелите на денешна самостојна Македонија, вели Темелковски.

Во Сојузот на борците велат дека се' уште не добиле покана да учествуваат на годинашната прослава на Мечкин Камен. Најавеното присуство на премиерот на Бугарија Иван Костов на прославата на Илинден во Крушево борците го оценуваат како атак врз македонската самобитност, јазик, култура и нација.

- Со неговото присуство повторно ќе го доживееме минатото кога нашата земја четири години беше под бугарска фашистичка окупација. За тоа време беше применувана сила за побугарчување на македонската нација. Нивната желба за асимилација не успеа, а македонскиот народ даде 24.000 жртви. Ако не успеаја тогаш, залудни се сегашниве обиди на разни политички сили во остварувањето такви намери. Ние нема да бидеме дел од таква политичка манипулација на најсветлиот празник на македонскиот народ, вели Темелковски.

Марјан Блажевски

[Back]