Писмо од ДПМ [Друштвото на
писателите на Македониjа] до Владата
Димитров атакува и врз Друштвото и врз неговите бранители
На актуелниот министер не му пречат само Друштвото и неговите јасни ставови за самобитноста на македонскиот народ, туку и оние што стојат зад ДПМ и што ја бранат оваа асоцијација, сметаат авторите на писмото.
- Не се согласуваме со наметната политика на министерот Димитров, сокоја го ускрати финасирањето на активностите на ДПМ на сите нивоа. Притоа, користејќи ја позицијата на власт, на најбескрупулозен начин се пресметува со оние што се повикани да ги бранат интересите на Друштвото, како што е случајот со актуелниот претседател на ДПМ Милован Стефановски, - се вели во писмото што го испратило Друштвото на писателите до Владата.
Писмото, наводно, веќе го потпишала третина од членовите на ДПМ. Стефановски доби решение за прекин на работниот однос во Министерството за информации, зашто, според потписниците, тој "имаше доблест категорично и јавно да им се противстави на обидите на Димитров да го разбие ДПМ".
Писателите ги отфрлаат квалификациите на министерот Димитров дека првата најголема и најреномирана асоцијација на творци во Македонија била идеолошки обоена, дека е продолжена рака на Централниот комитет, дека македонскиот писател е привилегиран... Тие сметаат дека се тоа квалификации "без аргументи, сведени на гола фраза, што е типично заоние што не знаат да го артикулираат во чиста мисла тоа што сакаат да го кажат".
Автори на писмото, кои се сe' уште анонимните (група познати писатели), сметаат дека министерот Димитров "се обидува да ги девалвира светските достигнувања на македонската литература, а таквите обиди зборуваат јасно за личните фрустрации на министерот Димитров и за расчекорот во кој се наоѓа - како негов член од 1970 година од една страна, а од друга - како актуелен министер, кој преку саботирање на активноста на ДПМ се обидува да го ликвидира Друштвото, во кое безнекој творечки прилог членува веќе триесет години".
Политиката на Министерството за култура, според овие писатели, е сведена на регионализација на македонското творештво и на минимализирање на духовните вредности и резултати на македонскиот народ, кои ги подриваат однатре за да ги доведат во зависност ододредена долгорочно-планирана партиска политика.
(Л.Г.Д.)
[Back]