Дневник
Година II Број 332
Среда, 23.09.1998

Колумна
Лингвистичка алхемиjа

Ѓорѓи Марјановиќ

Првите две недели од септември ги минав на убавото, сино Охридско езеро одморајќи се од долгото жешко лето. Еден ден го посетив нашиот познат истражувач, македонист, д-р Стојан Ристевски и му ветив една моја статија, на времето објавена во ЛИТЕРАТУРЕН ЗБОР (година 37, книга 3-4, стр. 15-17). Деновиве, најдов еден сепарат од статијата, па препрочитувајќи ја, се свестив дека таа и денес е исто толку актуелна (и интересна за пошироката јавност) како и во времето кога настана. А настана на барање на редакцијата, која во таа смисла им се обрати на сите политички партии, па и на Лигата за демократија. Тогаш луѓето како и навистина да веруваа дека партијата се за тоа да ги менуваат состојбите во земјата (па и во јазикот!). Не знам што сторија другите партии, но ние одговоривме, а редакцијата коректно го објави нашиот одговор под наслов "За демистификација на политичкото во лингвистиката". Во продолжение јапредавам статијата без какви и да е измени (освен што поправив некои очигледни печатни грешки), а оригиналот на д-р Ристевски ќе му го испратам по пошта.

Ако е точно (а во голем број случаи секако е точно) дека јазикот е конститутивен елемент набитието на еден народ, ние Македонците во голема мера сме хендикепирани со фактот дека судбоносните одлуки за нашиот литературен јазик се донесувани од носителите на политичката (и секаква друга) моќ во новосоздадената држава. Политичкиот тестамент на првиот човек на македонската комунистичка партија, кој повеќе од четири децении беше на нејзиното чело, (според едно актуелно усно предание) наводно гласел: "Држете се за Србија!".Ако се има предвид историската реалност од последниве 45 години нема никаква разумна причина да се сомневаме во автентичноста на оваа порака. Ваквата политичка определба беше раководно начело и при изградбата на македонскиот литературен јазик. Како што одминува времето нашите сознанија за превласта на политичкиот над лингвистичкиот резон во овој домен се (ева!) се побогати.

Неславен резултат на оваа политичка опција е целосно неавтономната изградба на македонскиот литературен јазик. Наместо да се изградува според императивите на најчистите од надворешни влијанија, "најмакедонските" народни говори, македонскиот литературен јазик најчесто се изградуваше според една, би рекол, преведувачка логика и методологија. Докази има безброј. Еден (автентичен!) пример нека послужи повеќе како илустрација одошто како доказ: кога и во Македонија почнавме да градиме автопатишта се јави проблемот на именување на повеќе или помалку сложените распаќа без вкрстување на исто рамниште. Следејќи ја линијата на помал отпор и гореопишаната раководна политичка логика, проблемот беше решен на следниов начин: со оглед на тоа што за ваквиот вид распаќа во српскохрватскиот јазик се употребува зборот "пет?а", доволно беше да се праша првата Македонска-плетачка и да се дознае (ако не се знаеше) дека тоа кај нас се вика, меѓу другото, и "клучка". Притоа е повеќе од веројатно дека зборовите "котелец" и "клучец" отпаднале од конкуренција поради значителното отстапување од духот на политичката порака "Држете се за Србија!": македонскиот еквивалент за српскохрватскиот збор мораше да има и ист род, а не е без значење ни фактот што има и еднаков број слогови! Да не зборуваме посебно за тоа дека понекогаш по секоја цена се бараа вештачки еквиваленти за српските зборови и таму каде што на духот на македонскиот јазик можеби и повеќе му одговараше некој фразеолошки обрт. Така и го добивме грдомазниот глагол "се вработува" и од него изведените зборови "вработување", "вработеност" итн., од кои некои сосема неоправдано ги истиснаа старите природно настанати и секому разбирливи зборови, како, на пример, "безработица". Понекогаш, за чудо, оваа јазичка алхемија им одговараше на комунистичките реалности: така навистина човек можеше да биде "вработен" и притоа везденда седи "безработен" (да безделничи, би се рекло поубаво по старо). Но, тоа е веќе друга приказна...

"Држењето за Србија" имаше уште една практична консеквенција: македонскиот јазик нема пристап во говорните арени на сојузно рамниште. Во Југославија стана речиси политичка доблест македонските политичари на сојузно рамниште да комуницираат само и исклучителнона српскохрватски јазик. Многумина од нив, особено оние најистакнатите од старата гарда, дури многу подобро го владееја српскохрватскиот одошто македонскиот јазик. Натамошна (природна!) консеквенција од ваквата практика беше и буквалното "србизирање" на говорниот јазик. Обрнете внимание: 99% од оние што преку радиото или телевизијата зборуваат или одговараат на разноразни прашања без да имаат претходно напишан (и јазичкипроверен) текст безброј пати ќе го употребат србизмот "така да" наместо "така што"! Или, кога последен пат сте чуле некој правилно да акцентира некој членуван збор (особено ако е од странско потекло)? Кога последен пат сте чуле некој да зборува придржувајќи се за убавата карактеристика на нашиот јазик - акцентските целини?

Нема посебно да зборувам за тоа дека во комунистичката политичка пропаганда (а во т.н. социјализам апсолутно си беше и останува превосходна политичка пропаганда) јазикот престана да биде средство за соопштување на сопствени ставови и мислења (зашто поседувањето вакви во овој систем долго време беше мошне опасна работа) и се претвори восредство за сокривање на вистината, на вистинскиот став, на вистинското мислење. Така, таму каде што некој (политичар) ја оплескал работата, а како "кадар" и натаму остануваше незаменлив, во обичаено беше да се каже дека, ете, "дошле до израз субјективни слабости". Кога ќе започнеше некоја од многубројните партиски чистки (поради кои луѓето остануваа на улица, без работа, без заработувачка, а не ретко и без слобода) тоа политичкисе изразуваше како "диференцијација". И тн. И тн. Работите втасаа до таму што некои духовити луѓе си направија име и заработи дебели пари пишувајќи нешто како прирачници со наслови"Зборувате ли политички?" и слично.

Што да се прави тогаш во ваква ситуација?

Лигата за демократија, во чие име зборувам, воопшто не е политичка организација од типот на авангардата на работничката класа, комунистичката партија, и таа нема (или подобро речено: не сака да има!) готови решенија и одговори на сите проблеми што се јавуваат во животот на еден народ, па ни во врска со македонскиот литературен јазик. Таа уште денес може да изјави дека повеќе од сигурно нема никогаш да организира партиски политички дебати од типот на оние што се занимаваат со "состојбата и проблемите на македонскиот литературен јазик и патиштата за нивното решавање". Од простата причина што Лигата енергично го застапува ставот дека е тоа домен за кој единствено "надлежни" се лингвистите. Политичарите во нивната работа едноставно не смеат да се плеткаат.

Па сепак, од фактот дека веќе во првиот број на својот гласник ("Демократски форум" од 29 јуни 1990 година, стр. 8) Лигата за демократија отвори простор за една значајна лингвистичка полемика зборува за тоа дека ние не сме рамнодушни ни спрема прашањата од доменот на нашиот убав (а запустен, како и си друго, впрочем) јазик. Но, една темелна демистификација на идеолошките и политичките напливи во македонскиот литературен јазик е работа (превосходно стручна!) што допрва претстои. А тоа е работа, како што вели Јонеско, "дотолку помачна, зашто многумина од оние што се претставуваат како демистификатори прават си зада ве измамат. Ве измамуваат дури и при дефинирањето на демистификацијата".

[Back]