Дневник
Година II Број 352
Среда, 21.10.1998

Колумна
ДНА и македонската етногенеза

Ѓорѓи Маријановиќ

Мојот учител по кривична постапка на постдипломските студии во Загреб (проф. Бајер) имаше обичај да каже: „Кога човек ќе го мине каналот Ламанш, тој, во процедурална смисла, доаѓа на друга планета!“ Толкава е разликата во кривично-правните системи на континентална Европа и на англосаксонскиот свет (комушто му припаѓаат и САД)! Оттаму, делум, и мојот отпор да дојдам тука: што барам јас во свет за кој професионално немам кој знае каков интерес?! Така беше и така си остана, а јас тука сепак (и професионално) дознав некои важни работи што може (и треба) да се преземат во македонската кривична процедура: употребата на новото (сензационално!) доказно средство - DNA (кратенка за дезоксирибонуклеинска киселина), на пример! Иако за неа се знае од поодамна, нејзината примена во постапката заутврдување на нечиј идентитет е од понов датум.
Минатата година во Англија бил направен интересен научен експеримент: првин била изолирана DNA од коските пронајдени крај едно англиско село (седум до десет илјади години стари, што ќе рече - од камено доба!) и направена нејзина анализа, за потем иста таква анализа на крвта да се направи за секој одделен жител на селото. Така, научниците успеале да го откријат семејството што директно потекнува од најдениот англиски прачовек. Неодамна,со помош на DNA на принцот Филип војводата од Единбург, непобитно беше утврдено дека коските пронајдени во еден рудник во Екатеринбург им припаѓаат на неговите роднини - членовите на масакрираното царско семејство Романови.

Фактот дека DNA содржи во себе неизбришливи, некривотворливи записи за нас, денес почнува да се користи во постапките за докажување на татковството, но и во кривичната процедура: последниве неколку години, со помош на DNA, педесетина осудени лица во САД (во обновена постапка) биле ослободени од обвинение како невини, додека неброени други се обидуваат да се изборат за ревизија на процесот за да докажат дека се невини.

Суштината (а особено силата и сигурноста) на овој доказ е во тоа што секој од нас има DNA-структура поинаква од онаа на кој и да е друг жив (или умрен) човек. Така, кога некој еобвинет за тешко кривично дело (што го негира како свое), а врз телото на жртвата се најдени органски траги од извршителот (сперма - кај силувањето, искубани влакна под ноктите на жртвата) треба само да се направи анализа на DNA на зачуваните траги и на DNA на обвинетиот, па, ако се совпаѓаат - тој е виновникот, ако не се совпаѓаат - тој е невин. Нема можност притоа да се згреши - некој да биде осуден невин, или пак - да биде ослободен, иако е виновен.

Инаку, за примената на овој доказен метод кај нас не е потребна никаква измена на Законот за кривичната постапка. Колку што е допуштено вештачење на папиларните линии од прстите на извршителот, исто толку мора да биде допуштено вештачењето на неговата DNA. Но, ако и нема законски пречки, за примената на овој метод секако има такви од професионална природа: кај нас одвај да има експерти за вакви анализи.
Ова, се разбира, е занемарлива тешкотија: ако Македонија има пари за сите оние силни делегации што сосема непотребно се мотаат наоколу по светот, таа мора да најде пари и да испрати наваму два-тројца експерти што би се специјализирале за вршење DNA-анализи. Од спомнатиот англиски експеримент, меѓу тоа, е јасно како бел ден дека DNA може да даде одговори и на многу други прашања, што денес се главно од политичка природа: за етногенезата на еден народ. На македонскиот, на пример!

Со оглед на тоа што не сум антрополог, мојата теза во врска со нашата етногенеза секогаш беше здраво разумска: луѓето не се вода за да испарат од долго стоење на сонце, па ни античките Македонци не можеле да исчезнат туку-така! Од друга страна, ако старите Словенине биле крвници што уништиле сe' пред себе (а никогаш не ги биел таков глас!), јасно е дека древните Македонци не паднале како жртва на некаков си словенски геноцид. А, сепак, ги нема веќе! Единствено објаснение е дека, со текот на времето, домородното население било асимилирано од страна на словенските дојденци. Тоа, пак, значи дека ние денес сме истотолку наследници на античките Македонци, колку и на старите Словени.

И сега, ако научниците успеале да ја докажат крвната врска на едно англиско селско семејство со луѓе што живееле седум до десет илјади години пред нив, дотолку е полесно ние да ја докажеме нашата врска со луѓето што ни биле предци на овие простори во историско време (пред три-четири илјади години). Македонија, од друга страна, не е во оскудица на коски од луѓе што живееле милениуми пред нас. Пронајдени се и зачувани! Некои од нив веќе се насигурно во лабораториите на Colimbia University, а некои наши научно љубопитни луѓе веќе работат врз проблемот! Во еден нацрт-истражувачки проект под наслов „Генетските корени на населението во Република Македонија“, меѓу другото, стои: „...претпоставуваме дека македонското население, покрај DNA-карактеристиките својствени за целата човечка раса, ќе има и карактеристики заеднички за сите Словени, но и специфични DNA-карактеристики поради специфичноста на етничкото мешање со античките Македонци, Траките и населениетона Византија“.

Оваа работа тука сериозно се сфаќа: некои други нашинци (што во меѓувреме станале претприемачки настроени Американци) веќе имаат регистрирано фирма што ќе го води овој бизнис - MacDNA, Inc. Споменатиот метод е добро разработен, сигурен, непобитно научно фундиран, па такви ќе мора да бидат и нејзините очекувани резултати. Се разбира, од научна гледна точка! Политички, тие резултати повеќе од сигурно нема многу да им се допаднат на нашите соседи. Првин - на Грците: ако поставената теза се потврди (дека имаме генетска врска со античките Македонци), ќе отпадне и нивниот монопол врз антиката (а тоа значи - и врз името!).

Сосема друго е прашањето - дали нашите мили соседи (колку Грците, толку и Болгарите), ќес акаат да се подложат себе си на вакво истражување. Во случајот со Грците, имено, може би антрополошки ќе се докаже тезата на оној австриски (или австро-унгарски) научник, кој сметал дека денешните Грци се потомци на Словените што се „погрчиле“, што е на линија и на тврдењето на познатиот византолог Георгие Острогорски дека во седмиот век од новата ера 75% од населението на денешна Грција било - словенско. Може само да се замисли ужасот на Фанариотите кога, евентуално, ќе дознаат дека и самите се, всушност, потомци на презрените Словени!
Не помалу незгодни може да бидат резултатите од вакво едно истражување за нашите мили источни браќа.

Дека кај многумина Болгари ќе се утврди DNA-структура идентична со македонската нема никого да го изненади: премиерот Костов и самиот признава дека двамилиони жители на неговата земја, иако доселени од Македонија, се чувствуваат Болгари. (DNA не кажува ништо за нашите чувства, туку само за нашата непишана генеалогија.) Работата е што кај голем дел од бугарското население секако ќе се открие DNA-структура (наследена од азијатските Прабугари), која, можеби, ја нема кај Македонците, што, тогаш, ја побива тезата за нашиот болгарски карактер.
Туку, да не нагаѓаме! Работата е во сигурни раце, па такви секако ќе бидат и резултатите! А на нив претпоставувам, нема да се чека предолго!

[Back]