Колумна
За македонcките (задгранични) работи
Ѓорѓи Маријановиќ
Стразбур, 3 декември 1997 година
Еден читател на „Фигаро“ (бр. 16.579, стр. 2) сведочи дека на прашањето „Што е тоа Француз?“ (нашински речено: „Што е тоа француски државјанин?“), лица на возраст од 14 до 18, од 39 до 45 години одговараат оти тоа е „граѓанин што (и по цена на сопствениот живот) сака да живее во Франција како морална заедница“. Ги читам овие редови и си мислам на македонцките работи: некои наши граѓани (кои несмеам да ги викам така како што тие самите си се викаат, зашто било навредливо?!) пред некое времего славеа „празникот на знамето“ на една туѓа држава и пак пуштаа плочи со нејзината химна, јавно демонстрирајќи за која земја се готови да си го дадат и животот. Прославениот гостиварскио суденик (не гледајќи си ја личната несреќа што го снајде) фати пак да ветува крв во Гостивар, а веројатно и другде. Не рече само чија крв ветува. Својата сигурно не. А младите СДСМ-овци, сепак, на повеќе од 100.000 вакви патриоти побрзаа да им дадат македонско државјанство, иако 90% од нив веројатно пред судот би побарале (или поточно: би морале да побараат) толкувач, зашто не го знаат јазикот на државата чиешто државјанство го бараа (и добија). И пак, по кој знае кој пат, да сечуди светот и да вика: „Аферим бре, Македончиња!“
Тука, во Стразбур, учествувам во работата на некаков си состанок за практичната примена на Европските конвенции од областа на казненото право. Македонија се' уште не е потписник на тие конвенции, па нашето присуство тука може да се протолкува со онаа народната „Ти говорам ќерко, сети се снао!“ Не' повикаа да дознаеме каква е нивната практична примена за да ја потсетиме својата влада дека е ред да го игра орото на кое се фатила влегувајќи во Советот на Европа и да ги потпише речениве конвенции. Дотолку повеќе што уште утре може да и потребаат.
Денеска, меѓу другото, дебатираме за Европската конвенција за меѓусебна помош во казнено-правните работи. Во еден момент се правам недоветен и ѓоа-прашувам: „А што ќе се прави ако некоја земја не са када ја прими правната помош поради тоа што јазикот на кој и се одговара нема пошироко меѓународно признание?“ Луѓето наоколу се муртат, очигледно не можејќи да ја сварат глупоста изразена со синтагмата „јазик што нема пошироко меѓународно признание“. Еден судија од Австрија нагласено иронизира на сметка на мојот навод дека некаде во светот постои центар за арбитрирање за тоа прашање.
Интервенирам: „Не тврдам јас, така велат Грците!“ и накратко го раскажувам случајот со конзуларниот службеник на Грција што во Скопје прегази човек (и после си умре), ние го пуштивме да избега од земјава, а потем Грците ни го вратија барањето да му се суди за стореното, поради фактот дека документите биле на јазик што немал пошироко меѓународно признание. Моите соговорници очигледно не веруваат во моите наводи. Госпоѓа Верка Цветановска покрај мене ми шепоти дека таа го водела случајот, му ги знае и името и презимето на Гркот. Откако не гледам друг начин да им се докаже овој правен резил на Европејците, му ветувам на г. Куња (од Португалија), кој претседава на состанокот, дека ќе му испратиме копија од грчкиот одговор. „И тоа е земја“, огорчено извикнувам, „поради која мора да го носиме ова грдо, некрофилско име. И ние во Македонија треба да веруваме во правдата на Европа?“. Господин Куња ги крева рамената и констатира дека тоа (политичко) прашање мора да се постави пред некој друг форум. Со оглед на тоа што ова не ми е првпат во Советот на Европа да протестирам против фироманијата, во паузата му приоѓам на претседавачот и го потсетувам на оној римски сенатор што секоја седница на сенатот ја завршувал со зборовите „Сепак сметам дека Картагина мора да се урне!“, се' додека и навистина не била разурната. Му ветувам на г. Куња дека ќе ја користам секоја пригода да протестирам против глупоста на евроактивниот акроним Фиром се' додека не се исфрли од употреба. Ме гледа значајно. Се' ми се чини дека ми се чуди на умот!
Франкфурт на Мајна, 6 декември
Од 10 до 12 декември мора да бидам на уште еден состанок во Стразбур. За да не правам скапи патни трошоци решив (со дозвола на Советот на Европа) да останам три дена повеќе. И, еве ме во тажниот и претажен Отец Богумилов Дом во Suirinstrasse 11-а во Франкфурт. Му го нема веќе стопанот, Бабунин, последното зрнце од семето на Буна-Бабуните, на Богунајмилите, кој овде на триесетина години „привремена“ работа во бел свет, одделувајќи од уста, создаде единствен музеј на Македонија: навидум обична градска куќа од визбата, преку приземјето, двата ката и поткровјето, преполна со македонски убавини (слики, скулптури, икони, резби, носии, пафти, грнци, ваганци), собирани по сите три Македонии.
Им праќам, еве, абер на нашите големци (на министерот Унковски, пред другите), кога ќе ги наведе патот наваму, да наминат во Suirinstrasse 11-а, кога веќе нашиот овдешен амбасадор (од силните партии тенис со Кинкел) не втаса ни да дознае за музејов, а камоли да намине тука, додека му беше жив стопанот и основач.
[Back]