Илинден 2000
"Јунаците, идеалите и реалноста"

МАКЕДОНСКО ДЕЛО, БРОЈ 352/28.07.2000
 

Секоја држава има свои национални празници, историски моменти и детали кои прават морници да ни лазат по телото. За Македонија тоа е Илинден, втори август. Оние што живеат во минатото, повеќе мислат на Илинден 1903, или 1944, а оние што се загледани во иднината повеќе мислат на Илинден 2000. На иднината мислеле и јунаците од 1903 и од 1944 кои денес токму затоа ги славиме како национални величини.

Востанието против турското ропство пред речиси еден век, на своите плеќи го изнесе една генерација млади луѓе, од кои најстарите одвај имаа по триесет и некоја година. Крвавото задушување на востанието ја отвори страницата крвави години за Македонија. Во 1913 година, како последица на балканските војни, Македонија беше поделена на три дела. Моторната сила на отпорот против поробувачите, што ја даваше ВМРО, се стави на страната на бугарската армија, нешто што некому денес изгледа, најблаго речено чудно, па дури и одвратно, но е сосема нормално ако се има предвид тогашната етничка припадност на нашите предци. Водачите на Илинденското востание веќе не беа меѓу живите, тие сите загинаа во трагични околности неколку години по 1903. Началникот на востаничкиот штаб, Дамјан Груев, претседателот на Крушевската република (којашто можеби и не била република, велат некои најнови историски истражувања), Никола Карев, повеќето војводи што ги раководеле окрузите, ги оставија животите по македонските планини "во нерамноправна борба со турскиот аскер".

Таа судбина ќе ги следи и учесниците на вториот Илинден, 1944 година. Македонија Втората светска војна ја дочека поделена. Поголемиот дел од територијата влезе во рамките на фашизираното бугарско царство. Некаков отпор кај народот немаше. Дотогашното српско и грчко национално угнетување, преселување и менување на имињата, беше заменето со режим, којшто барем во национални/етнички рамки беше прифатлив за мнозинството од населението. Првите години од војната, подоцна титулираната Народно ослободителна борба, немаше многу приврзаници, затоа што народот промената на властаја прифати како ослободување. Дури во 1943 година, партизанското движењс се засилува, за во 1944 кога веќе војната привршуваше, да кулминира.

Добар дел од народот им се придружи на партизаните, во голема мерка благодарение на видните луѓе од граѓанскиот живот во Македонија, кои не беа комунисти, но беа приврзаници на левите идеи. Позитивната страна на партизанското движење и на НОБ е во тоа што ја вброија Македонија меѓу членките на Антихитлеровската коалиција. Еден од видните луѓе на еснафот, Методија Андонов Ченто, беше избран за прв претседател на Президиумот на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). Собранието го отвори стариот учител Панко Брашнаров, долгогодишен член на ВМРО. Видни членови на АСНОМ беа луѓе што во својот живот го имале идеалот за слободна Македонија, АСНОМ реши Македонија да биде членка на идната југословенска федерација. Претходно Ченто како рамноправен партнер, на хрватскиот остров Вис преговараше со Јосип Броз Тито, лидерот на новата Југославија. Условот за влегување во Југославија беше Македонија да биде обединета во своите природни граници. Во таа федерација требаше да влезат и Бугарија и Албанија. Водачите на вториот македонски Илинден во никаков случај не ја замислуваа Југославија како унитарна заедница, туку како државна творба во Македонија во голема мера ќе биде самостојна.

Но Тито излезе повешт играч од Ченто. Набргу по Илинден 1944, во Македонија се изврши пуч. Целото раководство на АСНОМ беше сменето. Донесена беше нова влада на чело со Лазар Колишевски, предвоен комунист, човек кој претежно зборуваше српски и одвај знаеше по некој збор македонски. Пред војната како сирак бил воспитаник на државните српски сиропатилишта и гимназии, а периодот на војната го помина во затвор во Бугарија. Втопувањето на младата македонска државност во југословенскиот државен субјективитет започна да се одвива со забрзано темпо, при што Македонија добиваше некој вид покраински статус во интеракцијата со соседна Србија. Историјата се повтори. Водачите на вториот Илинден постепено гинеа, сега "во нерамноправна борба со југословенскиот режим". На Методија Андонов Ченто му беше инсцениран судски процес, по којшто помина десет години во Идризово, за да почине една година по излегувањето. Панко Брашнаров, Павел Шатев, Епимонда Попиванов, Емануел Чучков, сите тие на различни начини беа ликвидирани. Затворите се преполнија со луѓе, кои не се согласуваа со државно-правниот статус на Македонија во Југославија и со нејзината поделба.

Македонската војска што сакаше да оди на Солун, беше вратена, и пратена на Срем. Водачите на војничките бунтови беа затворени. Многу граѓани, и соработници и несоработници на фашистичкиот окупатор, беа убиени без судење. Македонија имаше многу повеќе жртви по војната, отколку за време на нејзиното траење. Данокот на неучествување во оружената борба во НОБ, бидејќи немаа против кого, Македонците го платија некоја година подоцна. Практично многу  поголем отпор имаше против востановувањето на југословенската, отколку на бугарската власт. За тоа сведочат и документите на странските известителни служби, од коишто дел објави и "Дело". Некој да им кажеше на македонските борци дека влегуваат во партизанските единици за да се борат за Југославија, тие ќе мислеа оти се шегува со нив.

Политичките околности на времето, направија да нема ништо и од влегувањето на Бугарија и на Албанија во Балканската федерација. Така веројатно безболно ќе се случеше преминот од бугарски во посебен македонски ентитет, којшто природно течеше повеќе од половина век. Првенците на АСНОМ ја прифатија формираната реалност од постоење на засебна македонска нација, но никако не беа приврзаници на длабокиот рез што се случи 1945 година. Со евентуалното заедничко егзистирање на Македонија и Бугарија во една федерација, нивната етно-поврзаност и различност, ќе добиеше со текот на времето, веројатно форма на српско-црногорскиот и на германско-австрискиот модел.

Новиот претседател на македонската влада, Лазар Колишевски дури и протестираше зошто за датум на свикување на АСНОМ се одбрал втори август - '"тој бугарски празник", како и ставањето на Гоце Делчев, "тој Бугарин" во редот на национални јунаци. Новата свест почна да се формира. На Македонија й заврши "бугарската карма" и почна да ја одработува "српската". На водачите на првиот Илинден, кои мака мачеа да й објаснуваат на тогашната меѓународна јавност и на новинарите што ги интервјуираа, дека не мислат Македонија да ја припојат кон матицата, слично како што тоа сега го прават водачите на косовските Албанци, во учебниците почна да им се придодава засебна етничка македонска свест, покрај навистина постоечката, државна.

Во 1991 година се распадна Југославија. Комунизмот пропадна и Македонија стана повеќепартиска држава. Повеќето Македонци, сепак, на почетокот се определија за останување во Југославија. Своевиден предреферендум за тоа беа првите избори во 1990 година. Партијата што се залагаше за независност, ВМРО ДПМНЕ доби вкупно помалку гласови од реформираниот Сојуз на комунистите на Македонија - Партија за демократска преобразба и Сојузот на реформските сили на Македонија, заедно, кои што ја претставуваа југословенската опција. Дури и оние гласови што ги доби ВМРО ДПМНЕ во вториот круг, кои што ја направија поединечно партија со најмногу гласови, беа добиени благодарение на тогашната албанофобија, а не врз база на разликите од типот независност/југо-федерација. Референдумот за самостојност од 8 септември, во пресрет на настаните коишто следеа и веќе се одвиваа, беше со додавка во прашањето, коешто го задржуваше југо-интегралистичкиот карактер.

По неколку децении, можеби за 8 Септември ќе се зборува поинаку, и веќе се зборува, но нам се уште ни се свежи сеќавањата на настаните од изминатата деценија, коишто ни се обновуваат на секое светско и европско првенство во фудбал и кошарка.

Од таа перспектива ни се отвора патот, пореално, и без историографски и секакви догми и патоси, да ги погледнеме и Илинден 1903 и 1944. Можеби и тие се некаков дестилат на вистинските случки, како што идните генерации ќе го примаат 8 Септември.

[Back]