Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

27. Општина ТИТОВ ВЕЛЕС

Теово (Бабуна ?)

Титов Велес (Велес)

 

Теово

 

Висока стража. Сл. 166, 167.

 

Лит.: И. Микулчиќ TIR, 124.

 

Местоположба. Месноста „Марково Кале” лежи 1,5 км западно од Теово и исто толку јужно од Согле. Претставува купест врв што се издига 400 м високо над долинките на Бабуна и Брезица, со многу голема прегледност на целиот регион и патиштата низ долинките, кои доаѓаат од планинските превалци на северниот раб на Пелагонија, тука се соединуваат и водат ната

 

Сл. 166. „Марково Кале”, Теово, доцноантичка висока стража, користена и во средниот век („град Бабуна”)

Сл. 166. „Марково Кале”, Теово, доцноантичка висока стража, користена и во средниот век („град Бабуна”)

 

339

 

 

му кон Т. Велес и Скопје.

 

Најстари остатоци. Во доцноантичко време околу врвот било изградено обѕидие со малтер, околу простор голем 1,2 ха. Во него добро се запазени една цистерна за дождовница и една поголема градба со низа простории. Наоди: доцноантичка грнчарија, монети од доцниот 4. и 5. век. Оваа висока стража го надгледувала патот Скупи — Керамија, кој тука се двоел во повеќе траси, што се искачувале до премините на Биса и Мукос за да влезат во Пелагонија.

 

Сл. 167. „Марково Кале”, Теово, монета на Јован Цимиск (969—973)

Сл. 167. „Марково Кале”, Теово, монета на Јован Цимиск (969—973)

 

 

Средновековни остатоци. Крепоста на Марково Кале очигледно била добро запазена и низ средниот век, кога повторно послужила како стража над спомнатиот пат (сега Велес — Прилеп). Наоди: парчиња од словенски црепни, бронзена византиска монета — фолис на Јован Цимиски (крај на 10. век). Стражата несомнено била населувана само повремено, во кризните воени ситуации.

 


 

Т. Велес

 

Кастрон Велес, регионално средиште. Сл. 168—170.

 

Лит.: И. Микулчиќ TIR, 125; истиот 1976, 149—153 и 1985, 83—100.

 

Местоположба. Месноста „Кале” лежи 2 км јужно од Титов Велес, во речниот теснец на устието на Тополка во Вардар. Кале претставува издолжено плато, горе сосем зарамнето и со стрмни падини, високо 50—60 м

 

340

 

 

Сл. 168. „Кале”, Т. Велес, средновековен кастрон Велес изграден врз доцноантички остатоци. Положбата над двете реки и подградието

Сл. 168. „Кале”, Т. Велес, средновековен кастрон Велес изграден врз доцноантички остатоци. Положбата над двете реки и подградието

 

341

 

 

Сл. 169. Кастрон Велес, јужниот крај и акрополата, реконструкција

Сл. 169. Кастрон Велес, јужниот крај и акрополата, реконструкција

 

342

 

 

над реките. Едно помало седло на јужниот дел го одвојува од повисоките планини. Од Калето се контролираат два значајни пата што водат во неговото подножје: Вардарската магистрала и стариот пат Велес — Прилеп, што водел долж Тополка.

 

Најстари остатоци. Во јужниот дел на платото се издига мала цуцка (купесто возвишение), на која во доцноримско време била изградена мала крајпатна стража. Во текот на 5. и 6. век истата била обновена во многу силна акропола, зајакната со неколку кули и бастиони. Платото северно од неа (големо 350 х 80 м) сега е обградено со обѕидие, за сместување на населението. Тврдината ги контролирала двата спомнати пата.

 

Средновековни остатоци. Стратешкото значење на Велешкото Кале било согледано и во средниот век. Не знаеме зошто словенската населба на тоа место го добила името на Велес, богот на подземниот свет и заштитникот на стоката. Старата акропола била обновена и Велес станал црковно и регионално средиште во текот на 10. век. Во историските настани во 13. век улогата на Велес пораснала, како географска врска помеѓу Средното и Горното Повардарие, Пелагонија и Брегалница. Сега е изградено ново обѕидие околу кастронот што мерел во должина дури 470 м. Новиот ѕид е поставен надвор од постарите остатоци, но тој е паралелен со нив, а зајакнат е со повеќе кули и со масивни бастиони на северниот и јужниот дел. Деловите на источниот градски ѕид запазени се и денес во височина до 8,5 м, речиси до првобитното круниште. Ѕидот е широк само 1,3—1,6 м. Главната порта е изградена во североисточниот дел. Акрополата добила нови ѕидови и најмалку 5 кули.

 

Од еден слаб извор јужно од Калето била спроведена вода низ керамички ќунци до крепоста. На падината североисточно од крепоста, на тесниот простор до Вардар и устието на Тополка, се оформило мало цивилно подградие. Во 14. век тука биле изградени црквите св. Недела, св. Димитрија и св. Никола. На северниот крај ги закопувале умрените — тука се откриени гробови со накит од 13.—14. век.

 

Пишуваните документи го спомнуваат Велес неколку пати. Во повелбата на Василиј II од 1019 г. Велес е наведен како еноријско седиште под јурисдикција на епископот на Пелагонија (Битола). Низ 13. век Велес ги менува повеќе пати господарите; прво е под Стрез од Просек, потоа под Епирците, Бугарите, Никејците. Сочуван е детален опис како никејскиот цар Теодор II Ласкарис во 1255 г. го повратил Велес под својата власт, принудувајќи ја посадата од 500 Бугари да му се предадат (сп. Гл. VI. 2, 2).

 

Во 1272 г. забележан е воениот управник, архонтот Теодор Калабак. Во 1330 г. по битката кај Велбужд Србите ги одзеле од Византија пограничните тврдини Велес, Чрешче и Просек. Бидејќи границата сега

 

343

 

 

Сл. 170. „Кале”, Велес, монети од 13. и 14. век

Сл. 170. „Кале”, Велес, монети од 13. и 14. век

 

 

била поместена далеку на југ, Велес го загубил дотогашното стратешко значење. Во рамките на обѕидието продолжило да живурка цивилното гратче Велес, големо 3,5 ха. Турците го освоиле Велес веројатно во 1385 г. (според Ф. Бабингер).

 

Турците основале нова населба, касабата Ќуприли на речниот премин два километри северно од христијанското гратче, а на Калето оставиле мала воена посада. Останало да живурка само подградието и во 19. век таму стоела уште една куќа. Денес таму функционираат само трите спомнати цркви, а околу Св. Димитрија е изграден манастирски комплекс.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]