Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

4. Општина ВАЛАНДОВО

 

 

Валандово

 

Укрепено селиште Алавандово. Сл. 39, 40.

 

Лит.: В. Картов 1972; — Т. Томоски 1975, 271—278; — И. Микулчиќ TIR, 129.

 

Местоположба. Месноста „Исар-Извор-Кула” лежи 0,8—1,3 км ССИ од Валандово (230—430 м н.м.) 100—300 м високо над долината на Боимија (Анска река). Претставува варовнички рид наднесен над долината, што како тесен срт продолжува на северозапад во Градешка планина. Страните на ридот паѓаат стрмно во две паралелни длабоки долинки. На југозападната и југо-источната падина на Исарот избиваат многу силни извори на пивка вода, кои денес се каптирани и спроведени во градот. До наше време тука стоеле повеќе воденици и валавници, движени од силната вода.

 

Најстари остатоци. На југоисточната тераса под завршетокот на сртот, околу најсилниот извор, во раната антика била оформена укрепена населба, а на сртот над неа акропола. Наоди: парчиња атичка и коринтска сликана керамика од 6.—4. век ст.е. Во доцната антика (3.—6. век) просторот околу изворот добил ново обѕидие од камен со малтер. Населбата зафаќала простор од 10 ха. Пронајдени се внатрешни градби, бројни монети од 3. до 6. век. На падината југозападно од градот откопани се гробови, датирани со монети во 3. и 4. век.

 

Во 6. век обѕидието било обновено, југозападниот ѕид поместен нагоре, а акрополата е издвоена и зајакната со низа големи кули. На планинскиот срт 200 м северозападно од акрополата била изградена осамена кула-стража, со поглед кон долината на Вардар. Масивна, со димензии 10,7 х 9,2 м, денес е висока 8 м над почвата. Градежните белези ја датираат во 6. век.

 

Едно депо на златни пари од Исарот, ковани од Јустинијан до Хераклиј, ја одбележуваат словенската инвазија околу 615 година.

 

165

 

 

Сл. 39. „Исар-Кула”, Валандово, антички град Идомене. Акрополата е населена и во доцниот среден век (село Алавандово)

Сл. 39. „Исар-Кула”, Валандово, антички град Идомене. Акрополата е населена и во доцниот среден век (село Алавандово)

 

166

 

 

Сребрените пари од Констанс II (641—668) што тука се најдени (исто во НМ Белград) зборуваат дека византиската власт набргу била вратена и во оваа крепост, меѓутоа не за долго; во настаните од 10.—11. век и натаму местово никој не го забележал.

 

Во јужното подножје на Исарот, во центарот на Валандово и јужната периферија (ул. Л. Колишевски и „Стакина Чешма”) на 4 места се откопани делови од римски приградски вили со мозаични подови, датирани во раниот 4. век. Населбата кај Валандово имала јасни градски белези. Несомнено се работи за Идомене, единствениот писмено потврден град во Долното Повардарие во доцноантичко време.

 

Сл. 40. „Исар”, Валандово, монети од 7. и 13.—14. век

Сл. 40. „Исар”, Валандово, монети од 7. и 13.—14. век

 

 

Средновековни остатоци. Јужниот ѕид на акрополата е сочуван и денес наместа во висина до 4—5 м, а потекнува од 6. век. Очигледно е дека низ целото средновековие бил целосно сочуван и поради тоа бил користен за засолнување на жителите од тој крај. Површината на укрепената акропола зафаќа 3 ха, што е многу за средновековни потреби. Според остатоците што се гледаат на тој простор, заклучуваме дека тука постоела населба од разбиен тип и со неградски белези — село, а старите ѕидишта и служеле за заштита при помали опасности.

 

Прибраните археолошки наоди потекнуваат од доцното средновековие (13.—14. век). Тоа се парчиња од глеѓосани византиски чинии и покривни тегули од комненовски тип (лепенки), еден бронзен прстен, потоа византиски монети — бакарни скифати од 13. век и венецијанска монета од 14.

 

167

 

 

век. Во 14. век била изградена и црквата на св. Георги; во 1349 година неа ја приложил како метох на светогорскиот манастир св. Пантелејмон српскиот цар Душан („во Боимија во Алавандово”) и повторно во 1378 г. браќата Јован Драгаш и Константин (С. Новаковиќ 1912, 507, 512). Истата црква стои и денес 150 м југозападно од акрополата на Исарот, покрај еден силен извор (во месноста „Манастир”).

 

Пишувајќи за валандовскиот Исар, Т. Томоски ги пренагласува сите остатоци. За црквата вели дека лежи врз средновековната црква која била многу поголема и од која останаа 3 камени плочи со релјефни украси (1975, 275 и сл. 4). Тие плочи ниту го „утврдуваат идентитетот на локалитетот Исар” како што пишува истиот, ниту потекнуваат од старата црква на св. Георги. Станува збор за римски надгробни споменици од 2. или раниот 3. век. Поведен од остатоците на доцноантичката фортификација и не распознавајќи што е тука доцноантичко (предсловенско), а што средновековно, Томоски сето ова го прифаќа како доказ за „средновековниот град Валандово”. Меѓутоа писмено никаде не е потврдено дека Алавандово бил град (или фрурион — тврдина). И В. Картов (1972, 50) пишувајќи ја роднокрајната книга за Валандово, аматерски и потполно произволно ги датира ѕидиштата на Исарот и кулата на сртот во 11.—14. век. Пред тоа (н.д., 47) тој вели дека во 13. и 14. век Валандово постапно прераснувало во мала градска населба.

 

А. Стојановски (н.д. 1970, 119—134) пишувајќи за македонските градови во 15. и 16. век, не го покажува Валандово како град. Тоа е логично да се очекува, бидејќи Валандово не бил град ниту во претходните векови. Валандово го прикажавме во нашиот преглед токму поради споменатите пишувања, за да може читателот поточно да заклучи дали постоел град Валандово, или само селска населба Алавандово која изникнала врз урнатините на еден доцноантички град и се засолнувала зад неговите ѕидови. Во доцниот среден век Алавандово е средиште на регионот Боимија.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]