Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

26. Општина ТЕТОВО

Долна Лешница

Jегуновце

Лешок (Љешс’к)

Ораше (Собри)

Рогле

Стенче (Стена ?)

 

Долна Лешница

 

Крајпатна стража. Сл. 154, 155.

 

Лит.: Ј. Трифуноски 1954, 417.

 

Местоположба. Месноста „Кале” лежи 1,5 км јужно од Долна Лешница покрај стариот напречен пат Скопје — Охрид, што на делницата Групчин — Стенче го сечел предгорјето на Сува Гора. Претставува 90 м висока чука над

 

 

Сл. 154. „Кале”, Долна Лешница, соцноантичка крајпатна стража користена и во средниот век

Сл. 154. „Кале”, Долна Лешница, соцноантичка крајпатна стража користена и во средниот век

 

 

составот на две рекички; има стрмни падини и пристапна е преку едно мало седло од југ што ја дели од повисоките ридови.

 

323

 

 

Најстари остатоци. Околу врвот се гледаат остатоци од доцноантичко обѕидие (камен со малтер) што затвора овален простор од 0,3 ха. На јужниот, највисокиот дел стоела голема кула. Наоди: доцноантичка грнчарија и монети од доцниот 4. и 6. век. Стражата го контролирала патот Скупи — Лихнид, во планинските долинки помеѓу Скопското и Полошко поле.

 

 

Сл. 155. „Кале”, Долна Лешница, наоди во кулата; 11. век

Сл. 155. „Кале”, Долна Лешница, наоди во кулата; 11. век

 

 

Средновековни остатоци. Обѕидието, обновено во 6. век останало добро запазено и подоцна. Можеби кулата била обновувана и подоцна. Во бурните настани од 10. до 13. век патот Охрид — Скопје играл значајна стратешка улога а со него и стражата кај Долна Лешница. Во неа, во кулата, диво се ископани сребрени византиски монети (Константин X, 1059—1067) и дваесет железни врвови за џилити, за пробивање панцир.

 

Очигледно е дека крепоста кај Долна Лешница била користена во спомнатото време, можеби само повремено, за да го чува патот на тој дел.

 


 

Јегуновце

 

Крајпатна стража. Сл. 6, 156, 157.

 

Лит.: Грујиќ 1933, 40; — И. Микулчиќ TIR, 66 и 1982, 47, 48 (под Дворци).

 

Местоположба. Од масивот на Жеден избива тесен карпест рид „Градиште”

 

324

 

 

и го затвора западниот дел на Дервенската клисура. Висок е 70 м над Вардар и оддалечен 3 км североисточно од Јегуновце. Во подножјето на Градиште врти стариот пат Скопје — Полог, стеснет во речниот теснец. Ридот е пристапен само преку мало тесно седло од југоисток, пошумен е и тешко прооден. Доминира над спомнатиот пат многу километри кон југозапад и исток.

 

Најстари остатоци. Една бронзена фибула од средноиталски тип, најдена на Градиште, потекнува од 6.—5. век ст. е. Во доцната антика било изградено обѕидие од камен со малтер околу простор голем 0,4 ха. Над седлото демнела една кула. Внатре се наѕираат темели од повеќе градби. Наоди: доц-

 

Сл. 156. „Градште”, Јегуновце, доцноантички граничен кастел и крајпатна стража, користена и во среден век

Сл. 156. „Градште”, Јегуновце, доцноантички граничен кастел и крајпатна стража, користена и во среден век

 

 

ноантичка грнчарија, монети од доцниот 4. до 6. век, рановизантиски и италски фибули од 6. и 7. век.

 

Средновековни остатоци. Обѕидието очигледно било добро запазено и низ следните векови и крепоста повторно била користена во бурните настани од 10.—13. век, како што тоа го потврдуваат бројните ситни наоди од тие векови: бронзен дводелен жиг од т.н. Преславски тип со вгравирано митско

 

325

 

 

животно во негатив (10. век), тока за појас; дел од коњски дизгини; гроздолика обетка, прстен и дел од белегзија (од 10.—12. век); византиска монета — бакарен скифат (13. век); огнишна грнчарија и др.

 

Крајпатната стража кај Јегуновце стоела на значајна стратешка позиција на влезот во Дервенската Клисура и патот низ неа, на североисточната граница на Полозите свртена кон Скопскиот регион на исток и Косово на север. Лежела во некогашното северозападно гранично подрачје на Византија и во насоката на ширењето на Бугарите од исток и на Србите од север.

 

Сл. 157. „Градиште”, Јегуновце, наоди од 10.—13. век

Сл. 157. „Градиште”, Јегуновце, наоди од 10.—13. век

 


 

Лешок

 

Кастрон Леш’ск, регионално средиште. Сл. 158, 159.

 

Лит.: Р. Грујиќ 1933, 35—65; — Б. Алексова 1959, 221—222; — И. Микулчиќ TER, 78 и 1982—3, 48—49.

 

326

 

 

Местоположба. Месноста „Кале” или „Градиште” се вика 60—80 м високиот рид во подножјето на Шара не многу далеку од северниот дел на Лешок. Ридот има многу стрмни падини и зарамнет врв, а преку тесно седло на запад се поврзува со планината. Од север и исток го опкружува Лешочка Река со длабоко всечено корито. Ридот е скриен во мала долинка, вовлечена 1 км од работ на Полошко Поле и заштитен од ветришта. Денес на ова место работи рудник (мадем) за оникс, кој го уништил речиси целиот кастел со исклучок на западниот крај.

 

Сл. 158. „Кале”, Лешок, доцноантички касшрон, обновен во средниот век (град Љеш’ск). Регионално средиште во 10.—12. век

Сл. 158. „Кале”, Лешок, доцноантички касшрон, обновен во средниот век (град Љеш’ск). Регионално средиште во 10.—12. век

 

Најстари остатоци. Во доцната антика било изградено обѕидие со малтер, што опфаќало простор од 170 х 120 м (1,6 ха). Со еден внатрешен ѕид кастелот бил поделен во горниот и долниот дел. Горе, на западниот дел стоела мала акропола, одделена со внатрешен ѕид, а челото и било зајакнато со издадена кула (голема 11 х 10,6 м). Кулата се потпирала на издадена, 5,5

 

327

 

 

м широка двостепена стапка од надворешната страна; тоа се всушност остатоците од најстарата кула која по обновувањето останала допола надвор.

 

Главниот влез лежел до јужниот дел од акрополата, а патот водел од запад преку седлото. На источниот дел на Горниот град стоеле две кружни кули што ги евидентирал и внел во скица Р. Грујиќ; од нив денес нема ни трага. Со ископувања (1976 г.) беа истражувани станбените слоеви и беше прибран керамичкиот материјал, монети и други ситни метални производи (ММ Скопје, необјавено). Долниот укрепен дел се протегал на јужната падина; ѕидот вртел лачно околу него, а на југоисток аголот бил зајакнат со кула. До неа се наоѓала долната порта.

 

Овој силен кастел го контролирал магистралниот Полошки пат долж подножјето на Шара и граничните премини помеѓу провинциите Превалитана и Дарданија 10—12 км северно и североисточно оттука, а претставувал стопанско и управно средиште на регионот во доцната антика.

 

Средновековни остатоци. Крепоста била добро запазена и во средниот век и повторно заземена со обновувањето на византиската власт во овој регион (11.—12. век), а можеби и порано (од Бугарите и од Самуил), како регионално средиште. Целосно била обновена челната кула и челниот ѕид а делумно биле обновени другите партии на обѕидието. Големината на челната кула, нејзината масивност и доминантната позиција над седлото и над целата крепост ја определуват функционално како донжон. Настанала несомнено во 12. век и претставува еден од ретките сочувани објекти од Комненовско време во Македонија. Нејзините масивни ѕидини и денес стојат 10 метри високо над околината.

 

Просторот на Долен град служел, веројатно, како цивилно подградие. Оттука потекнува едно депо на византиски монети — бакарни скифати од 11.—12. век (Алексова 1959, 221). Црквата на свети Атанасие, откопана пред половина век во јужното подножје на Калето, според ѕидните украси и камената пластика потекнува од 14. век, а била изградена можеби врз постари остатоци, истовремени со крепоста (Грујиќ 1933, 52—65). Две помали цркви од 13. - 14. век откопала Алексова (1959, 221, 222) во полето јужно од Лешок.

 

Моќниот кастрон Лешок претставувал регионално управно и стопанско средиште, ангажиран за да ги брани граничните премини кон српските земји полузависни од Византија. Црквата во Лешок била црковен центар на Долниот Полог, а во рамките на Призренската епархија, како под Византија така и под Србите и подоцна.

 

Во повелбата на Василиј II од 1020 г. во Призренската епархија е наведен и градот „Леаскоумтцон”, кој М. Грујиќ (1933, 43—44) уверливо го поистоветува со Лешок во Долен Полог. Тоа е имено, постара форма на име изве-

 

328

 

 

дено со истиот корен од Леска: „Лесковец”. Доколку тоа е точно, ова би бил прв пишуван помен за Лешок. Под скратено име Љеш’ск го забележал српскиот крал Стефан Првовенчани во житието на татко му Стефан Немања За него вели дека, откако го зазел Скопје, го зазел „и град Љеш’ск у Дољнем Полозје и град Град’ц..., и тјех градов с’круш и до конца основанија их искорјени”..., така што „не оста бо ни ками на камени, иже и не в’здигоше се и до сего дне” (Шафарик, Стефан 8; според Грујиќ 1933, 37).

 

Уривањето на градот Лешок се случило во 1189/90 година. Во 13. и 14. век Лешок не се спомнува како град. Тоа го нагласува и Стефан

 

Сл. 159. „Кале”, Лешок, наоди од 11.—12. век

Сл. 159. „Кале”, Лешок, наоди од 11.—12. век

 

 

Првовенчани: дека не бил обновен ни во неговото време. Само селска населба под ова име ќе продолжи да живее низ доцното средновековие и во турскиот период, до денес.

 

Резултатите од уривањето на двете главни полошки градчиња, жупските средишта Љеш’ск и Град’ц, веројатно била причина истите веќе никогаш да не се обноват. Тоа го покажуваат и археолошките остатоци на

 

329

 

 

теренот. Освен моќниот донжон, во Лешок не останало ништо над земјата. Но 12 км појужно од Лешок, во 13. век почнал да се издига манастирот на св. Богородица Хтетовска, кој станал црковно средиште на Долен Полог. Во 14. век ќе стане седиште на новооснованата Полошка епархија. Околу него ќе израсне населбата Тетово, од Турците форсирана како Калканделен. Тоа е и денес управно, стопанско и културно средиште на овој регион.

 


 

Ораше

 

Град Собри, регионално средиште. Сл. 160, 161.

 

Лит.: Р. Грујиќ 1933, 40; — Т. Томоски 1976, 257—259; — И. Микулчиќ 1982, 135—138.

 

Местоположба. Месноста „Градиште, Собри” лежи на највисокиот дел од еден долг и тесен огранок што од планинскиот масив на Шара се спушта кон Вардар. Јужниот дел на огранокот завршува во Дервенската клисура, затворајќи ја од северната страна. Градиште е оддалечено 1 км од Вардар и 3 км југоисточно од Ораше и се издига 110 м високо над реката. Двете страни му се многу стрмни и паѓаат во длабоките бразди на Љуботенска Река и на еден поток. Има лесен пристап од север и југ. На падините источно од Градиште лежат стари рудници на железо и сребро и денешните копови на рудникот Радуша (хром). Низ Дервенската клисура водел стариот пат од Скопје кон Полозите и кај Градиште се одвојувал од него патот кон преминот Вратница на север, водејќи кон Качаник, Косово и Призрен.

 

Најстари остатоци. Во доцноантичко време на Градиште било изградено обѕидие во цврста малтерна техника, кое опкружувало 3 простори:

 

Акрополата зафаќала простор од 0,8 ха, а ѕидот и бил зајакнат со повеќе кули, два челни бастиони, предѕидови и ровови пред овие, всечени во карпеста почва. Долж акрополата по средина водела широка улица трасирана на гола карпа, а од двете нејзини страни се гледаат основи на повеќе куќи со по неколку правоаголни простории, сложени во еден до два реда. Куќите се вклопени во правилна урбана шема и носат рановизантиски белези, иако е веројатно дека биле обновени и користени и во доцниот среден век.

 

Западното подградие се простирало на падината западно од акрополата, потпирајќи се на неа по целата должина. Зафаќало површина од 1,5 ха. Обѕидието (со малтер) било зајакнато со кули и контрафори а на северната страна и со предѕид. И тука се наѕираат темели од куќи.

 

Северното подградие било изградено на сртот пред акрополата, големо 0,5

 

330

 

 

Сл. 160. „Кале, Град, Собри”, Ораше, доцноантичка рударска и гранична тврдина, обновена и во доцниот среден век (град Собри; реконструкција)

Сл. 160. „Кале, Град, Собри”, Ораше, доцноантичка рударска и гранична тврдина, обновена и во доцниот среден век (град Собри; реконструкција)

 

331

 

 

ха и со обѕидие како и претходното. Во една подоцнежна фаза на североисточната кула бил дограден нов ѕид кон североисток, со кој е укрепен и просторот источно од неа. Од надвор, на дистанца од 20—40 м пред обѕидието бил насипан силен бедем од камен и земја, што служел како предѕид на целата тврдина. Внатрешниот простор е исто така исполнет со куќи во правилни и паралелни шеми.

 

Сл. 161. „Кале”, Ораше, наоди (13.—14. век)

Сл. 161. „Кале”, Ораше, наоди (13.—14. век)

 

 

Северно од крепоста, на зарамнетиот срт на ридот, на просторот до 3 ха се протегала неукрепена населба. Наоди во крепоста: керамика, повеќе монети од 4.—6. век, многу парчиња ситни предмети ковани од железо или лиени од бронза и сребро. Крепоста ја контролирала границата меѓу провинциите Превалитана и Дарданија, што била повлечена преку овој цотез. Воедно ги штитела блиските рудници што ги спомнавме напред, а преработката на металите во неа претставувала стопански основ на населението во и околу неа.

 

Средновековни остатоци. На обѕидието на акрополата се гледаат големи обновувања во доцниот среден век: била доградена северната кула-бастион и ѕидниот потег југозападно од неа, со полукула на западниот крај и сложен премин со скали и рампи пред него. Тука се следат дури две или три накнадни преправки.

 

Јужното чело на акрополата било изградено целосно и денес е

 

332

 

 

запазено во височина од 9—11 м. Тоа остава впечаток на вонредна монументалност и атрактивност, со што го вбројува градот Собри меѓу нашите нај-добро запазени крепости од средниот век. Челото е повлечено во права линија запад — исток, долго е вкупно 30 м, а една од двете кули на него има белези на донжон (од 13.—14. век). До неа од внатрешната страна стоела голема правоаголна градба — трпезарија или коњушница (?), чии што горни катови служеле несомнено за живеење.

 

Во доцниот среден век покрај акрополата биле населени и двете подградија и неукрепената варош северно од нив, на чиј северен дел лежат урнатините од една средновековна црква. Црквата е делумно откопана од Р. Грујиќ (во 1939 г., необјавено). На целиот простор се среќаваат парчиња од средновековна грнчарија и предмети исковани од железо (ножови, врвови од стрели со средновековни форми, алатки, шарки и кламфи, токи, делови од брави, клинци и др.). Една мамуза од железо со специфична форма упатува на 9.—10. век а турските акчи во 15. век, ја претставуваат временската рамка во која егзистирала крепоста.

 

Крепоста Собри имала функција речиси иста како и доцноантичката: ги чувала двете спомнати патишта и премините на СЗ граница на Византија кон полунезависните српски земји преку Шара, а ги контролирала и обновените рудници во околината. Својата монументална фортификација градот Собри ја добил несомнено по српските освојувања на Полог и по уривањето на византискиот центар Лешок (во 1190 г.). Потоа Собри станало главна крепост во овој регион, а несомнено и стопанско средиште благодарение на рудниците и металургијата. Не само во крепоста и населбата до неа, туку и во целата околина лежат бројни згуришта и трагите од обработката, пржењето и топењето на железо, бакар и сребро. Во тој регион и денес се наоѓаат коповите на рудниците Јегуновце и Радуша.

 

По cи изгледа дека и Турците ги користеле овие рудници некое време, а поради нив и тврдината Собри. Можно е последните преправки во тврдината да потекнуваат токму од турско време. Во пописниот дефтер од 1467/68 г. покрај селото Собри (кое тогаш броело 73 куќи) е спомната и тврдината Собри (В. Кравари 1989, 221).

 


 

Рогле

 

Крајпатна стража. Сл. 162.

 

Лит.: Микулчиќ TIR, 110; истиот 1982, 100—101.

 

Местоположба. Месноста „Кука” се вика 250 м висок рид (470 м н.м.). 1 км северно од Рогле, што одјуг ја наткрилува теснината на рекичката Фуш. Низ теснината се пробива магистралниот пат Скопје — Полози — Охрид

 

333

 

 

(античкиот пат Скупи — Лихнид). Од ридот се контролира овој пат многу километри на запад и исток и во теснината може лесно да се блокира. Најстари остатоци. На врвот од Кука во доцноантичко време бил подигнат кастел со големина од 120 х 90 м (0,7 ха). Обѕидието е градено во цврст малтерен слог, со три кули на аглите. Во средината доминира голема базилика со мозаичен под (5.—6. век). Најдени се монети од доцниот 4., 5. и 6. век, потоа печки за топење на бакар и боење на стаклени мозаични тесели со хромни оксиди.

 

Пред источното лице на кастелот се протега гранична камена преграда, наречена денес „Марков Ѕид”. Долга е повеќе километри — до Бојане и до падините на Жеден на север и до Раович и масивот на Сува Гора на југ. Преградата (клаустра) е свртена со лицето на исток, кон Скопското Поле и се совпаѓа со граничната линија меѓу провинциите Дарданија и Превалитана. Задачата и била да ги блокира сите споредни гранични премини на тој простор.

 

Средновековни остатоци. Меѓу површинските наоди регистриравме и неколку средновековни предмети: византиски монети — бакарни скифати од 12.—13. век; тока за ремен, дел од бронзен крст — енколпион и прстен (10.—12. век); железни врвови за стрели за пробивање оклоп.

 

Очигледно е дека оваа стратешки многу значајна крепост била користена низ целото средновековие, демнејќи го магистралниот пат од Скопје кон Полозите и граничните премини кон српските земји на северозапад како и кон Охрид на југозапад.

 


 

Стенче

 

Град Стена ?, крајпатна стража. Сл. 163—165.

 

Местоположба. Месноста „Градиште” лежи 1 км источно од Стенче. Претставува тесен рид меѓу две паралелни поројни бразди, висок 130 м над подножјето а доминира над источниот раб на Полошкото Поле. Од Градиште се надгледува широка околина и стариот пат што доаѓал од Скопје, сечејќи го предгорието на Сува Гора (превојот Света) и тука избивал во Полето водејќи натаму кон Гостивар, Кичево и Охрид. Денес овој пат има само локално значење. Ридот Градиште има стрмни падини и зарамнет врв, а лесно е достапен преку рамно седло од исток.

 

Најстари остатоци. Околу врвот во доцноантичко време било изградено обѕидие со малтер околу овален простор голем 150 х 60 м (0,4 ха). На североисточниот дел, на највисоката позиција стоела кула што го демнела

 

334

 

 

Сл. 162. „Кука”, Рогле, доцноантичка гранична и крајпатна стража користена и низ среден век

Сл. 162. „Кука”, Рогле, доцноантичка гранична и крајпатна стража користена и низ среден век

 

 

седлото и главниот пристап од исток. На истиот дел, внатре, откопан е дел од ранохристијанска црква и една засводена гробница (крипта) до неа. Наоди: многу монети од доцниот 4., 5. и 6. век, ситни предмети од железо, фибули од доцниот 6. век.

 

Средновековни остатоци. Античката стража кај Стенче била користена и низ средниот век, за што зборуваат бројни наоди: еден византиски фолис од раниот 11. век; повеќе скифати од 12. и 13. век (Јован II и Мануил I Комнин; Теодор Комнин Дука; Јован Ватац; Михаил VIII, Андроник II и III

 

335

 

 

Палеолози од раниот 14. век); латински имитации од 13. век; бугарски скифати на Јован Асен II (13. век); дел од еден крст — енколпион (11.—12. век), бронзени апликации (10.—12. век), накит од сребро и бронза (10.—13. век); словенски црепни и др.

 

Сл. 163. „Градиште”, Стенче, доцноантичка крајпатна стража, обновена во средниот век („град Стена”)

Сл. 163. „Градиште”, Стенче, доцноантичка крајпатна стража, обновена во средниот век („град Стена”)

 

 

По cѐ изгледа дека над средишниот кораб на базиликата од 6. век била изградена помала црква во средниот век. Оваа мала, но значајна крепост, освен што го надгледувала спомнатиот пат, ги контролирала и блиските рудници на железо источно од неа.

 

Ѓорче Петров (1896, 456) забележал народно предание дека тоа се урнатините на „градот Стена”, чие што име преминало во денешното село (Стенче).

 

336

 

 

Сл. 164. „Градиште”, Стенче, наоди, 10.—13. век

Сл. 164. „Градиште”, Стенче, наоди, 10.—13. век

 

337

 

 

Сл 165. „Градиште”, Стенче, монети од 11.—13. век

Сл 165. „Градиште”, Стенче, монети од 11.—13. век

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]