Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

25. Општина СТРУМИЦА

Банско (Термица ?)

Костурино (Раборци) (Василида ?)

Конче (Конче)

Струмица (Струмица, Тивериополис)

 

Банско

 

Фрурион Термица ?, регионална крепост. Сл. 148.

 

Лит.: А. Керамидчиев 1960, 111; — Т. Томоски 1970, 176; — И. Микулчиќ TIR, 21; — Ј. Ананиев 1987, 125—126.

 

Местоположба. Месноста „Градиште” лежи над јужниот дел на Банско, во подножјето на масивот на Беласица, 540 м н.м. Се издига 250 м високо над полето и има многу стрмни падини што паѓаат во две паралелни длабоки поројни долинки. Едно сосем тесно седло од југ го дели од повисокиот терен. Врвот му е тесен, зарамнет и населуван во минатото. Озгора се гледа поле-то многу километри на север, северозапад и североисток. На 0,8 км североисточно од Градиште, во подножјето, избива термална вода која била користена од дамнини; денес тука се наоѓа познатото термално лечилиште и хотелот „Цар Самуил”.

 

Најстари остатоци. Термалните извори ги привлекувале луѓето одамна. При чистењето на главниот извор за неговото каптирање во 1970 г., во него се најдени повеќе стотини антички монети во период од 4. век ст.е. до 4. век н.е. (во АМ Скопје и во приватни збирки, Скопје). Парите биле фрлани во изворот како заветен подарок, за оздравување.

 

313

 

 

Околу врвот на Градиштето било подигнато цврсто обѕидие во доцната антика. Се гледаат два ѕидни појаси. Внатрешниот ѕид. граден со малтер, затвора простор од 240 х 50 м (1 ха). Неговиот северен дел што врти полукружно и деловите од источниот ѕид, разголени се во наше време со трасирање на шумскиот пат. Тука се разголени и повеќе мали внатрешни градби. Западниот ѕид се потпирал на вертикална скала. Според начинот на градење, обѕидието потекнува од 4. век, со голема обнова во 6. век. Тоа го потврдуваат и ситните наоди на овој простор.

 

Падините северно и источно од крепоста биле користени од цивилното население за градење на збег на тој простор, опфатен однадвор со послаб ѕид без малтер, голем 1,5 ха.. На северниот крај, разголен од спомнатиот пат, се среќаваат парчиња од хеленистичка и доцноантичка грнчарија. Најдени се и монети од 4. век. На тесното седло 100 метри пред јужното чело на крепоста, била подигната една предтврдина. Голема е 36 х 24 м, ѕидана исто така со малтер и ги блокирала нападите од југ.

 

Во северозападното подножје на Градиште откопани се неколку гробови со прилози, датирани во 4. век. Кај термалните извори е откопана величествена бањска градба (балнеум) со повеќе засведени простории од 4. век, обновена во 6. век. Високо врз нејзините урнатини во турско време била изградена бања од ист карактер и по неа местото го носи името до денес. Во наше време тука е подигнато бањското лечилиште со хотелот „Цар Самуил”.

 

Средновековни остатоци. Веројатно поради термалните извори, старата крепост на Градиште била користена (со извесни обнови) и низ средниот век. Едно депо на византиски монети — бакарни скифати од 12. и почетокот на 13. век (на Јован I, Мануил I и Андроник I Комнин, Исаак II Ангел, Алексиј III Ангел, бугарски и латински имитации на Мануил I) била закопана на Градиштето во 13. век (речиси 1000 парчиња, најдени во 1956 г.; сега во Музејот во Струмица). Местото е обраснато со густа вегетација и непроодно е, поради тоа други површински наоди не се познати.

 

По познатата битка кај Беласица во 1016 година следел походот на Давид Аријанит од Солун кон Струмица. Тој попат освоил две тврдини, Мацукион и Термица. Мацукион (денес Мацукион — Мачуково — Евзони) лежи 5 км југоисточно од Гевгелија. Не знаеме каде се наоѓала Термица. Меѓутоа, поведени од крајната цел на Аријанит — да ја освои Струмица — историчарите од наше време ги ставале двете крепости во близина на тој град. За Мацукион немаат право. Доколку Термица се наоѓала близу Струмица, тогаш можеме да го прифатиме логичното поврзување на овој фрурион со карактеристично име со денешното село Банско, каде лежат термални извори. Средновековните траги на Градиштето над Банско ја допуштаат оваа претпоставка како можна и веројатна.

 

314

 

 

Сл. 148. „Градиште”, доцноантичк кастел и здег, делумно обновен во средниот век (друрион Терминца ?)

Сл. 148. „Градиште”, доцноантичк кастел и здег, делумно обновен во средниот век (друрион Терминца ?)

 

315

 

 

 

Костурино (Раборци)

 

Кастрон Василида ?, висока крајпатна стража. Сл. 149.

 

Лит.: И. Микулчиќ TIR, 74.

 

Местоположба. Локалитетот „Василица” лежи 3,5 км северно од Костурино и 1 км на југ од Раборци (б км јужно/југозападно од Струмица), во најтесниот дел на клисурата на Дервенска Река; низ неа поминува патот Струмица — Валандово — Солун, античкиот пат Добер — Идоменае — Тесалоника. Станува збор за долг рид со зарамнет врв чии страни стрмно паѓаат во спомнатата река и во Маркова Река на запад. Висок е 220 м над реките (590 м н.м.), со голема прегледност над патот низ теснецот.

 

Најстари остатоци. На врвот лежат остатоци од цврсто обѕидие, градени во доцноантички манир. На северната страна се гледаат две фази на градби (од доцниот 4. и 6. век). Укрепениот простор мери 152 х 38 / 25 м; на трите агли бил зајакнат со три издадени кули. Еден внатрешен ѕид го делел просторот на два дела.

 

Долж јужната страна на кастелот се потпирала станбена тераса голема 0,7 ха и подѕидана од југ со каменен ѕид без малтер. На неа се гледаат бројни парчиња од доцноантичка грнчарија, питоси и тегули, како и ретки хеленистички фрагменти. Кастелот на Василица имал функција на висока стража, чија посада можела да го блокира патот во спомнатата клисура.

 

Средновековни остатоци. Позицијата на старата крепост во теснецот, само 6 км јужно од Струмица, била извонредно значајна за овој град; токму тука можел да се задржи секој непријателски напад од југ. Затоа Василица била повторно запоседната и во средновековието. Западната кула, чија големина и форма (12 х 10/7 м) не се вообичаени во антиката, била обновена. Меѓу движните археолошки наоди се гледаат парчиња од словенски црепни и од глеѓосана византиска трпезна керамика. Во североисточното подножје, близу до патот, во 1980 година било откопано депо со скриени пари — златници од 11.—12. век (во Музејот во Струмица).

 

Спомените на ова време живеат несомнено во топонимите кои не се словенски, туку грчки (византиски). Костурино е словенска форма изведена од византискиот „кастрон”. Ваквите примери се бројни на Балканот и ние немаме потреба ова посебно да го докажуваме. Името Василица несомнено потекнува од името на некогашниот кастрон, Василида (номинатив: Василис). Името на соседната Маркова Река и името Маркови Кули како второ име на истата крепост се топоними настанати на крајот од средниот век односно од турско време, а одразуваат сеќавања на старата крепост.

 

Идните теренски истражувања треба да ја дополнат оваа прет-

 

316

 

 

поставка, која се базира и на првичните материјални докази. Веруваме дека претпоставениот кастрон Василида ? имал значајна улога во сите воени операции околу Струмица низ средниот век, како главна стража што од југ го чувала пристапот кон градот.

 

Сл. 149. „Василица”, Костурино, доцноантичка крајпатна стража, обновена во средниот век

Сл. 149. „Василица”, Костурино, доцноантичка крајпатна стража, обновена во средниот век

 


 

Конче

 

Фрурион Конче, регионално средиште.

 

Местоположба. Месноста „Горна Кула” лежи југоисточно од Конче; во североисточното подножје на долгиот планински венец Серта — Градешка Планина. Претставува истурен и тесен рид, 120 м висок над долината на Лакавица. Има стрмни падини, омеѓени со две длабоки бразди. Старите

 

317

 

 

патишта од Штип (долж Лакавица) и од Струмица се соединуваат кај Конче и се искачуваат покрај Горна Кула до сртот на Градешка (преминот Превалец), за оттаму да продолжат кон Демир Капија на југозапад, односно кон Градец и Вардарската магистрала на југ.

 

Најстари остатоци. Во доцноантичко време околу врвот на ридот било изградено обѕидие во цврст малтерен слог, затворајќи простор од 85 х 70 м. На јужниот крај, над седлото, стоела издадена кула. Наоди: доцноантичка грнчарија, питоси, тегули. Оваа стража ги надгледувала спомнатите патишта над планинскиот премин и провинциската граница помеѓу Македонија I и II повлечена преку овој потез.

 

Средновековни остатоци. Меѓу површинските наоди се среќава и доцносредновековна керамика. Траги на обнова на обѕидието нема. Старите ѕидови веројатно биле добро запазени и во средниот век и крепоста била користена повремено како контрола на спомнатите патишта. Овие пак биле користени до нашето време во локалниот сообраќај. Крепоста не е премерена ниту снимена. Во подножјето на ридот се развила неукрепена населба Конче, со значајна црква на Св. Стефан, обновена во 14. век. Во повелбата на Василиј II од 1019 година Конче е наведено како енорија на Струмичката епископија.

 


 

Струмица

 

Кастрон — град Струмица, регионално и црковно средиште. Сл. 150—153.

 

Лит.: Ф. Папазоглу 1957, 248—52 (Добер) и 254—255 (Тивериопол); — М. Јовановиќ 1961, 105—107; — Виз. извори III, 1966, 119; 122,136; — И. Микулчиќ TIR, 121; — П. Миљковиќ - Д. Коцо 1978, 93—104.

 

Местоположба. Ридот „Цареви Кули” се издига над југозападната периферија на Струмица. Има стрмни страни и тесен зарамнет врв, а преку длабоко и тесно седло од југозапад продолжува во повисоките ридови. Висок е 180 метри над полето во подножјето, каде се крстосувале значајни антички патишта: патот Астибо — Астрајон — Добер — Идоменае — Тесалоника (денешен Штип — Струмица — Валандово — Дојран — Солун); патот кон Стримон на исток (денешен Петрич) и кон Стенае на запад (денес оди само до Конче, а не и до Демир Капија). Големото плодно поле претставувало секогаш стопанска подлога на овој микрорегион.

 

Најстари остатоци. На ридот Цареви Кули пронајдени се неколку монети од хеленистичко време. Цврстото обѕидие со вар било подигнато во доцната антика околу овален простор со извлечен северен врв, голем 330 х 230/160 м

 

318

 

 

Сл. 150. „Цареви Кули”, Струмица, струмичкиот Горни град (кастрон), изграден врз доцноантички остатоци

Сл. 150. „Цареви Кули”, Струмица, струмичкиот Горни град (кастрон), изграден врз доцноантички остатоци

 

 

(5 ха). Највисокиот северозападен дел со еден внатрешен ѕид бил издвоен во акропола. Големи обновувања се гледаат на западниот крај на акрополата: една порта и две кули северно и јужно од неа, кои според начинот на градењето потекнуваат од 6. век. Оваа обнова можеби е изведена за времето на царот Тибериј или Тибериј Маврикиј и оттука доаѓа новото, византиско име за овој град, Тибериополис.

 

Големата крепост на Цареви Кули претставувала цитадела или Горен

 

319

 

 

град. Подградието се простирало во северното подножје на ридот, на високата тераса на која денес лежи најстариот дел на Струмица. И тоа било опфатено со обѕидие, а надвор од овој простор се ширела некрополата (кај старата пошта); тука се откопани гробови од хеленистичко време (3.—2. век ст. е.) и римскиот период (3. и 4. век н.е.). Градот Добер во 5. и 6. бил епископско седиште; повеќе цркви од тоа време се откриени во околината: кај Водоча, Велјуса, Банско, Петралинци, Ѓечерли и др. Во самата Струмица се

 

Сл. 151. „Цареви Кули”, Струмица, главната кула (донжон); доцен 14. век (основа по М. Јовановиќ)

Сл. 151. „Цареви Кули”, Струмица, главната кула (донжон); доцен 14. век (основа по М. Јовановиќ)

 

 

откриени делови од две цркви од 6. век: едната лежи под средновековната црква на Св. 15 Маченици, на југоисточниот дел од градот, а втората кај Орта џамија, на југозападниот дел.

 

Средновековни остатоци. На западниот дел од акрополата стојат две кули кои биле обновувани во 12.—14. век. Во тоа време на средината на акрополата, на слободниот простор, била изградена донжон — кула со шестоаголна основа и издадени остри краишта. Нејзиниот сутерен, хидростатно изолиран, служел како цистерна за вода (дождовница) а влезот се наоѓал на катот.

 

На целиот простор на акрополата (Горни град) се гледаат темели од куќи за живеење и поголеми градби од друг карактер, а ситните наоди и градежната керамика со ерозија се свлечени главно на јужната падина. Пронајдени се и византиски монети — бакарни скифати од 12.—13. век. Во северното подножје на ридот израснало големо неукрепено подградие, со трг (пазариште) на северозападниот крај (денес Стара чаршија). Над урнатините на ранохристијанската базилика по средината на 9. век била изградена црквата на Св. 15 Маченици, а старата крипта под неа добила нов живопис.

 

320

 

 

Струмица се спомнува во низа документи низ целиот среден век и подоцна до денес. Бугарскиот кнез Борис во 864 година, станал христијанин и набргу потоа христијанството се раширило и низ нашите краишта. Тогаш биле добиени (од византиската црква) коските на 15 Тивериополски маченици, ископани во Тивериопол во Мала Азија и пренесени во Струмица — Тивериопол. За нив била изградена црквата што веќе ја спомнавме. Како епископија Струмица постои низ целиот среден век и во црковните документи го задржува грчкото име, Тивериопол.

 

Сл. 152. Струмица, црква Св. 15 Маченици, 9. век (по Д. Коцо — П. Миљковиќ)

Сл. 152. Струмица, црква Св. 15 Маченици, 9. век (по Д. Коцо — П. Миљковиќ).

 

 

Од 986 до 1018 г. Струмица се наоѓала во рамките на државата на Самуил и на неговите наследници. Од 1018 до 1330 г. егзистирала во рамките на Византија, со покуси прекини од крајот на 12. до средината на 13. век. Имено тогаш со неа владееле локалниот феудалец Добромир Хрс (од околу 1185 до 1202 г.), а потоа наизменично Бугарите, Латините од Солун и царевите од Никеја. Србите ја зеле Струмица во 1330 г., а Турците во 1385 г. (кога ги зазеле и Велес, Штип, Битола, Прилеп и др.) или во 1395 г. (по смртта на

 

321

 

 

вазалот Костадин Дејанов). Во турскиот период Струмица постои како градче со мешано турско и христијанско население и седиште е на една голема каза. Во крепоста (Горни град) во 15.—16. век ќе престојува само мала стража од неколку војници, а во 17. век крепоста е сосем запустена (М. Соколовски 1970, 99—100; А. Стојановски 1981, 75).

 

Сл. 153. Струмица, крстови-реликвијари, од 10.—11. век (во Народниот музеј, Белград; по Г. Вујовиќ — Марјановиќ)

Сл. 153. Струмица, крстови-реликвијари, од 10.—11. век (во Народниот музеј, Белград; по Г. Вујовиќ — Марјановиќ)

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]