Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

23. Општини СКОПЈЕ

Водно (Чрнче)

Кожле (Кожле)

Маркова Сушица

Матка (Матка)

Скопjе (Скопиа, Скоплjе)

Чучер (Давина ?)

 

Водно

 

Град Чрнче, збег на градот Скопје. Сл. 129—133

 

Лит.: И. Микулчиќ — Н. Никуљска 1978, 137—150 и 1979, 65—74; — И. Микулчиќ - М. Билбија 1981—82, 205—220; — И. Микулчиќ 1982, 129—133.

 

Местоположба. Месноста „Маркови Кули” лежи 4,5 км на југоистокод центарот на Скопје. Качен е на источниот крај на планината Водно, врз издаден и стрмен варовнички гребен 350 м. високо над полето и Вардар во подножјето. Озгора има поглед врз полето многу километри на север, североисток и исток. Поврзан е со патот што по изохипса врти околу планината, а на тој

 

284

 

 

Сл. 129. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, кастел од 6. век. Акрополата е обновена како град Чрнче

Сл. 129. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, кастел од 6. век. Акрополата е обновена како град Чрнче

 

285

 

 

пат израснале словенските средновековни села Сопиште, Водно, Нерези, Крушопек, Гр(ада)чец.

 

Најстари остатоци. На зарамнетиот врв во 6. век бил изграден еден необично силен кастел со големина 360 х 90 м. Ѕидовите му биле широки до 2,5 м и зајакнати со 40 кули. Страничните кули имале форма на пентагони со

 

Сл. 130. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, византиски дворец од 12.—13. век, (реконструкција според откопаните остатоци)

Сл. 130. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, византиски дворец од 12.—13. век, (реконструкција според откопаните остатоци)

 

 

големина до 11 м; акрополата била бранета со 9 тригони. Челната триаголна кула се потпирала на масивен бастион, голем 16 х 13 м. Со ископувањата од 1976 до 1980 г. била истражувана стратиграфијата на слоевите и нивната хронологија, потврдена со монети од Јустинијан I до Ираклие.

 

Откопани се делови од обѕидието и 7 кули; сондирани се цистерните за вода и делови од водоводната мрежа, како и делови од други градби. Овој голем и невообичаено силно укрепен кастел со невообичаено големи цистерни за вода и невообичаено голем број кули служел како главна заштита и збег на жителите од рановизантискиот град што стоел во центарот на денешно Скопје; градот кој несомнено може да се идентификува со Јустинијана Прима.

 

Средновековни остатоци. Благодарение на ископувањата и точната стратиграфија денес можеме со голема сигурност да зборуваме за историјатот на тврдината и низ средниот век. Најверојатно во 10. век почнала обновата на некогашната акропола. Новото обѕидие ги следи остатоците од 6. век, наслојувајќи се врз нив. Укрепениот простор мерел 130 х 80 м. Обновени

 

286

 

 

биле 4 кули на источниот ѕид и челниот бастион.

 

Источниот ѕид го откопавме по целата должина. Некогашната порта кон средната тераса во ова време била заѕидана, а на североисточниот агол е отворена нова потрена низ која се влегувало и низ која се цеделе отпадните води од цистерните. Ѕидот е широк само 1,6—1,7 м. Кулите имале неколку катови, судејќи според дупките за греди (етажни) што ги откривме во нив. Подовите во сутеренот лежеле врз рановизантиските подови. Покривните

 

Сл. 131. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, византиски покривни керамиди од 12.—13. век

Сл. 131. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, византиски покривни керамиди од 12.—13. век

 

 

керамиди се од нов, Комнински тип и биле налепени со малтер врз сводовите на кулите. Во две кули откривме слој со силен пожар и во нив парчиња од словенски црепни и византиски монети од 13. век (Теодор I, 1204—1222 г.), како траги од освојување на крепоста.

 

Просторот во обѕидието бил изграден. Откопавме повеќе градби што биле користени во средниот век. Тоа се:

 

Цистерни за вода. Од пресловенските градби останале добро запазени и непотрупани двете големи цистерни за вода. Биле градени извонредно масивно, длабоки до 10 м, а собирале најмалку 2.400 м3 вода. Помалата цистерна била препокриена со керамиди во 11. и 12. век. До неа била поставена

 

287

 

 

и нова водоводна линија, градена од керамички тубули со малтер (водата била носена од изворите кај с. Г. Водно). Еден крак од водоводот водел до југозапаниот агол на поголемата цистерна, снабдувајќи ја и неа со проточна вода. Меѓутоа, сводот над неа во средниот век веројатно бил веќе урнат, а северниот ѕид длабоко пробиен, така што можело однадвор слободно да се влегува во цистерната како во отворена просторија. Делот на цистерната веројатно бил користен како коњушница. Покриен бил со кос дрвен покрив.

 

Сл. 132. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, фолис на Василиј II

Сл. 132. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, фолис на Василиј II

 

 

многу понизок од работ на цистерната. На ова упатуваат дополнително всечените лежишта за греди низ пиластрите во западниот ѕид.

 

Крај јужниот ѕид на оваа цистерна во 11. и 12. век стоела една долга градба паралелна со неа, ѕидана без малтер. Подот и лежел во височина на круништето на цистерната. Во неа најдовме сликана византиска грнчарија од 11.—12. век.

 

Бања. Била изградена на тесниот простор помеѓу помалата цистерна и обѕидието, а врз остатоците на еден магацин од 6. век. Има специфичен систем за затоплување оздола, сосем поинаков од античките хипокаустни уреди. Носачите на подот се градени во вид на масивни крајѕидни банкини и средишни квадратни подиуми. Меѓу нив се оставени канали за проток на топол воздух, длабоки до 0,75 м. Помали каналчиња за топол воздух се всечени во масата на носачите, а цевките за вентилација вертикално биле вѕидани во ѕидовите и обложени со керамички тубули. Едно ложиште (префурниум) е откриено под прагот на западниот дел, лачно надсводено со голе-

 

288

 

 

ми тули. Подот во двете простории бил обложен очигледно со дрвени штици, чии што изгорени остатоци ги најдовме ка целиот простор. Бањата горе била засводена и покриена со керамиди од Комнински тип, а ја датиравме со глеѓосаната грнчарија од 12.—13. век.

 

Сл. 133. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, византиска глеѓосана чинија, 12.—13. век

Сл. 133. „Маркови Кули”, Водно, Скопје, византиска глеѓосана чинија, 12.—13. век

 

 

Дворец. Го откопавме во средишниот дел на акрополата. Има правоаголна основа (22,5 х 12 м.). Тој е граден со малтер, а бројните дрвени греди во ѕидовите му давале поголема цврстина (систем сантрач). Ѕидовите биле украсени со дерсување, а подот покриен со малтерна кошулка. Градбата имала 3 простории во една низа и отворен трем пред нив по целата должина. Има индиции дека градбата имала и кат. Ова е класичен тип на големи балкански куќи со чардак, сочувани и денес тука како „турски” тип куќи. Во северозападниот агол на тремот, однадвор, бил потпрен санитарниот јазол. Датиран е со сликаната византиска грнчарија и керамидите од Комнински тип во 11.—12. век.

 

289

 

 

Големината на оваа градба, квалитетот на ѕидањето и украсите, покрај доминантната положба над околината, зборуваат за нејзиниот репрезентативен карактер. Станува збор несомнено, за еден дворец (вила) на управните големци од Скопје од тоа време. Помошните градби околу неа само се наѕираат на теренот и не се откопани.

 

Воени бараки. На просторот до Челната кула, однатре, откопавме траги од две дрвени градби потпрени на обѕидието (северно и јужно). Имале под насипан од светол лапор добро нивелиран, а темелите биле направени од 2—3 реда кршен камен. Обновувани се два пати. Ѕидовите и покривот биле дрвени, а биле покриени со керамиди од Комнински тип. Од сето ова најдовме изгорени остатоци, проследени со клинци, спојки и со други наоди, потоа траги од секојдневно живеење - парчиња од огнишна грнчарија, бројни животински коски угазени во подовите и др. Во прашање се воени станишта — бараки, покрај челната кула која ја демнела целата тврдина и широката околина.

 

Во повелбата на кралот Милутин на манастирот Св. Горг на Серава забележано е името на овој „град”: Чрнче (1300 г.). Името му живее во денешната населба Црниче, сместена на падините на Водно северозападно од некогашната крепост. Функцијата на истата може да ја замислиме како висока стража, збег и дворец над Скопје.

 


 

Кожле

 

Град Кожле, гранична стража. Сл. 134.

 

Лит.: И. Микулчиќ 1982, 91—92 и 133—135.

 

Местоположба. Месноста „Маркови Кули” лежи 1,6 км источно од Кожле и 1,2 км јужно од Летевци, 3 км пред устието на Пчиња во Вардар. Претставува тесен и издаден карпест рид со стрмни страни во теснецот на Пчиња, околу кој реката врти во голем лак. Се издига 70 м над реката. Мало седло од источната страна го дели од повисоките планини; денес преку тоа седло поминува автопатот од Скопје кон Титов Велес. Една прастара патека ја преминува реката на тоа место, поврзувајќи ги двете антички траси на Вардарската магистрала (и денес тука водат два еднонасочни автопата) западно и источно од Маркови Кули.

 

Најстари остатоци. На седлото источно од Маркови Кули ерозијата разголила низа стари гробови — од доцноримско и од железно време. На оваа позиција во доцноантичко време бил изграден граничен кастел што ги кон-

 

290

 

 

тролирал двете траси на спомнатиот магистрален пат. Напречно преку оваа тешко проодна позиција била повлечена гранична линија меѓу провинциите Македонија и Дарданија (Горна Мезија), а тврдината ги надгледувала граничните премини.

 

Сл. 134. „Маркови Кули”, Кожле, доцносредновековна гранична стража (град Кожле)

Сл. 134. „Маркови Кули”, Кожле, доцносредновековна гранична стража (град Кожле)

 

 

Средновековни остатоци. Во средниот век била изградена целосно нова тврдина. Нејзиното јадро, поставено на највисоката позиција, има неправил-

 

291

 

 

на овална форма со влез на источниот крај, бранет со масивна кула. Ова јадро и кулата потекнуваат од најстарата градежна фаза, веројатно од доцниот 12. и 13. век. Една друга кула вклопена во западниот ѕид има тесна правоаголна основа и потекнува од следната (II) градежна фаза како и обѕидот до неа), од доцниот 13. или 14. век. Внатре во обѕидот стоела куќата на господарот на тврдината, чиј сутерен е потпрен на јужниот ѕид. Претставува трпезарија (рицарска сала) со димензии 24 х 6 м. Наспроти неа стоела друга градба. Целиот распоред на обновеното јадро го определува ова место како феудален замок.

 

На падината северно и источно од замокот се простирал стопанскиот дел, укрепен исто со малтерно обѕидие во II фаза. Има големина од 153 х 55 м, а издадените агли на западниот, југозападниот и североисточниот дел биле зајакнати со кули. Кулите имаат неправилни основи и мошне слаби ѕидови, карактеристични за тоа време. Источниот ѕид, свтрен кон седлото и најлесно ранлив, бил зајакнат со еден предѕид, потоа со уште една кула и полукула. На полукулата се гледаат вкрстени делови од постариот и помладиот ѕид, со кој тврдината била проширена кон исток (III градежна фаза). Тука е сочуван и дел од стариот ѕид со првобитното круниште (обход и парапет), вклопени странично во челото на полукулата. И на северниот дел има неколку големи преправки во вид на три паралелни ѕидови и две заѕидани порти (III фаза). Оваа тврдина е еден од најдобро запазените објекти од 13. и 14. век кај нас, врз кој може да се следи развитокот на градежните манири од тоа време.

 

Градот Кожле е спомнат во српските црковни повелби од времето на Стефан Душан. Со него тогаш управувал кефалија, што значи дека бил кралска (државна) тврдина. Го контролирала Вардарскиот пат во теснините помеѓу Скопското и Велешкото Поле. До 1230 г. кога Србите ги освоиле граничните византиски кастрони Велес, Чрешче, Штип и Просек, Кожле претставувал српска гранична стража и најистурена точка кон Византија.

 

„Градот” Кожле се граничел со феудалниот имот на црквата Св. Никола на Пчиња во времето на Душан (Ст. Новаковиќ 1912, 701, 704). Црквата стоела на 1 км јужно од крепоста, вѕидана делумно во една пештера во кањонот на Пчиња. Во 16. век е обновена како Св. Богородица. На 200 м југоисточно од крепоста лежи друга пештера чиј што влез во средниот век бил делумно заѕидан; влезот имал горе арка, украсена со керамо-декорација. Тоа било скит (испосничка ќелија).

 

292

 

 

Сл. 135. „Марково Кале”, Маркова Сушица (Малчиште), доцноантичка рудничка тврдина. Обновена во доцниот среден век

Сл. 135. „Марково Кале”, Маркова Сушица (Малчиште), доцноантичка рудничка тврдина. Обновена во доцниот среден век

 

293

 

 

 

Маркова Сушица

 

Феудална крепост. Сл. 135.

 

Лит.: И. Микулчиќ 1981, 118—120; истиот 1982, 92—95 (под Малчиште).

 

Местоположба. Месноста „Марково Кале” лежи 1 км југозападно од познатиот Марков Манастир покрај Маркова Сушица и 1 км северно од Малчиште. Претставува издаден рид во подножјето на планинскиот венец Караџица, што од запад го затвора северниот дел од долгата речна клисура на Маркова река. Ридот Марково Кале се издига 100 м високо над реката и

 

Сл. 135А. „Марково Кале”, Маркова Сушица (Малчштие), наоди, 14.—15. век

Сл. 135А. „Марково Кале”, Маркова Сушица (Малчштие), наоди, 14.—15. век

 

 

530 м н.м. Од ова место се контролира патот долж Маркова река до нејзиниот извор, што преку планинскиот премин на Караџица продолжува кон соседното Порече и Азот; денес овој пат има само локално значење. Во северното подножје на Марково Кале лежат антички испиралишта на златоносен песок, кои повремено биле експлоатирани и низ средниот век и турскиот период, до наше време.

 

294

 

 

Најстари остатоци. Во доцната антика на врвот од ридот Марково Кале било изградено обѕидие од камен со малтер. Укрепениот простор имал неправилна правоаголна форма, голема 105 х 85 м, а на него од југозапад се потпирала акропола голема само 60 х 32/22 м. Таа стоела на највисокиот дел од ридот и со челото го надвишувала малото седло југозападно од неа. Нејзиното чело и јужниот ѕид биле два пати целосно уривани и повторно градени, секој пат поместувани погоре на падината. Во рановизантиско време врз урнатата челна правоаголна кула била изградена нова триаголна, а на источниот крај била изградена голема полукружна кула. На југозападниот ѕид на кастелот, широк сега 2,50 м, била изградена голема петоаголна кула и еден предѕид, со издаден потковичест бастион на јужниот крај, за да се отежнее доближувањето на непријателот до главниот ѕид. Во кастелот, во северниот дел, се гледаат темели од бројни куќи поставени долж тесна уличка. На падината стоела една црква.

 

Средновековни остатоци. Во доцното средновековие тврдината била обновена: на акрополата, врз челниот тригон од 6. век, сега била изградена нова, петаголна кула со масивна основа. Обѕидието околу кастелот било исто така обновено, но со намалена широчина (до 1,5 м) и зајакнато со 7 потпори — контрафори. Јужниот агол на крепоста е зајакнат со потпор во форма на мала петоаголна кула. Предѕидот и јужниот бастион останале во урнатини и вон употреба. Движниот археолошки материјал е малуброен, бидејќи целиот локалитет е денес густо обраснат со грмушки од бел трн и на тој начин природно конзервиран. На јужната падина, пред челото на крепоста, се среќаваат парчиња од доцносредновековна грнчарија, а најдени се и монети од 14. (А. Гропа) и 15. век (турски акчи).

 

Најверојатно е дека тврдината била обновена во времето кога е изградена и големата црква кај Маркова Сушица, со цел да ја штити. Црквата била обновена од Волкашин во средината на 14. век. Судејќи по бројните портрети на кралското семејство на Мрњавци и библиските ликови симболично поврзани со нив, црквата требало да послужи како мавзолеј на кралското семејство (Л. Мирковиќ 1933, 181—191).

 


 

Матка

 

Укрепен манастир и збег. Сл. 136, 137.

 

Лит.: В. Лилчиќ 1985, 185—196, и 1995, 1—153.

 

Местоположба. Месноста „Марков Град” лежи на северниот крај на долгата клисура на Треска, 2 км југоисточно од Матка. Претставува стрмен гребен

 

295

 

 

на источните падини на планината Осој, 380 м високо над реката и 860 м н.м. Опколена е со многу стрмни карпести гребени и раседлини. Има пристап само по една тесна патека од североисток. Местото е скриено со повисоки карпи од сите страни и има поглед на теснецот на реката и тешката комуникација низ теснецот.

 

Сл. 136. „Марков Град”, Матка, укрепен манастир и збег. Доцен 14. век

Сл. 136. „Марков Град”, Матка, укрепен манастир и збег. Доцен 14. век

 

 

Најстари остатоци. Во доцноантичко време местото било укрепено: ѕид од камен и малтер, широк 1,6—1,9 м, го опфаќал зарамнетиот врв и карпестиот гребен над него, каде што се издигала издвоена акропола. Укрепениот простор мермел 160 х 115 м (1,5 ха). Преку сондирање е истражуван станбениот слој; содржел парчиња од доцноантичка керамика и една монета од 5. век. Местото служело како непристапен збег.

 

Средновековни остатоци. Акрополата на стариот збег била обновена во 14. век: тука е изградена црквата на св. Недела и северно од неа две манастирски градби. Новото обѕидие денес е добро сочувано на западната

 

296

 

 

страна (со порта) и од север и североисток. Евидентна е бројна доцносредновековна грнчарија (од манастирската трпезарија и магацините). Начинот на градењето на црквата и остатоците од ѕидното фреско-сликарство упату-

 

Сл. 137. „Марков Град”, Матка, кујнска грнчарија од манастирската трпезарија, доцен 14. век (по В. Лилчиќ)

Сл. 137. „Марков Град”, Матка, кујнска грнчарија од манастирската трпезарија, доцен 14. век (по В. Лилчиќ)

 

 

ваат на доцниот 14. век, како и црквата на св. Андреаш во подножјето на гребенот, на работ на денешното акумулационо езеро.

 

Во доцното средновековие позначајните манастири во Источниот Медитеран (на Света Гора — Атос, во Мала Азија, Сирија, Палестина, Синај, Грција), биле мета на чести ограбувачки напади како на воени одреди на нехристијанските земји така и на христијанските. По битката на Марица (1371) и на Косово (1389), кога турските одреди упаѓаат во нашите краишта пред конечната и целосна окупација, повеќе наши манастири биле укрепени (Зрзе, Трескавец, св. Горг кај Скопје). Веројатно тогаш и Матка станала крепост и збег за околината.

 

297

 

 

 

Скопје

 

Град Скопје, полис, седиште на тема, престолнина. Сл. 138—145.

 

Лит.: Р. Грујиќ 1926, 45—77 и 1935, 8—59; — А. Дероко 1971, 3—16; — К. Петров 1958, 229—236 и 1975, 75—88; — И. Микулчиќ 1982, 119—127.

 

Местоположба. Месноста „Кале” претставува 45 м висока тераса од лапорести седименти наднесена над левиот брег на Вардар, во денешниот центар на Скопје. Оддалечен е 4 км низводно (источно) од римскиот град Скупи. На ова место патот од Косово го преминува Вардар и води на југоисток кон Солун. Најлесен пристап на терасата постои преку тесно седло од север; западната и јужна падина паѓаат вертикално кон Вардар, а долгата североисточна страна косо се спушта кон пространата пониска тераса, населувана во минатото.

 

Преглед на досегашните истражувања. Калето служело низ турскиот период и во поново време за стационирање на месниот гарнизон. Дури во 1951 година војската ја напуштила тврдината; некои воени градби биле урнати, а во двете најголеми се сместени Археолошкиот и Историскиот музеј. Во 1953 г. беа изведени првите археолошки ископувања со кои се констатирани предисториски слоеви на Кале. Во земјотресот од 1963 г. тешко страдаа градбите во Калето и обѕидието. Поради тоа, во 1967 г. беа изведени многу обемни ископувања со цел да се истражи, пред cѐ, обѕидието со неговите бројни фази, како и градбите од внатрешната страна на обѕидието.

 

Откриено е дека на овој природно укрепен простор постоела населба и во раноантичко време (5.—4. век ст. е.). На крајот од антиката тука било подигнато многу силно обѕидие кое затворало простор од 280 х 110 м (2,3 ха). Најмонументален е североисточниот ѕид, сочуван денес во неговата северна половина и со првобитната висина (10—11 м). Широк е до 2,85 м, ѕидан во цврст слог емплектон; надворешната страна му е обложена со многу стотини травертински блокови — квадери, сполии од римски стели, ари и архитектонски делови прибрани главно од урнатините на римскиот град Скупи. Блоковите се сложени во фронтална, легната и странична положба така што формираат извонредно стабилен и цврст преплет. На ист начин се обложени и кулите на овој ѕид. Една кула има кружна основа, една полигонална, една правоаголна и четири триаголни.

 

Ваквиот начин на обложување на ѕидовите, потоа слогот на блоковите како и формите на кулите се многу карактеристични елементи кои се врзуваат за големото фортификациско градење во 6. век. Познати се на околу 200 запазени крепости од тоа време во Северна Африка, на Блискиот Исток и во соседна Бугарија и Грција (сп. Гл. VI). Го потенцирам

 

298

 

 

ова датирање, бидејќи во претходниот приказ на Скопје (1982, 121—123) го датирав овој ѕид во 11. век, поведен од заклучоците на раководителот на истражувањата на Калето Б. Бабиќ (1973, 359—364). Неговите заклучоци се покажаа во меѓувреме целосно произволни и неосновани, а старата претпоставка на А. Еванс од 19. век како точна (времето на Јустинијан I).

 

Сл. 138. „Кале”, Скопје, скопски Горни град обновен врз акрополата од 6. век

Сл. 138. „Кале”, Скопје, скопски Горни град обновен врз акрополата од 6. век

 

 

Неговото мислење без дискусии го повторувале бројните историографи на Скопје до нашето време.

 

Укрепениот простор на Калето служел како акропола на градска населба што била оформена на пониската тераса источно од првата.

 

299

 

 

Релјефот на почвата ни помага да го согледаме периметарот, а тој е сонди-ран на просторот на црквата Св. Спас и северно од неа. Тука навистина се протега силно обѕидие, зајакнато со вградени травертински блокови. Просторот на Долниот град е големоколу 10 ха и воопшто не е истражуван. На тој простор се наслоени и остатоците од средновековниот Долни Град и од турскиот период, до денес. Најстарите остатоци лежат длабоко под рецентните слоеви и насипи кои тука се многу високи.

 

Сл. 139. „Кале”, Скопје, Горни град, кружна североисточна кула (основа, пресек и фасада), градена во 6. век

Сл. 139. „Кале”, Скопје, Горни град, кружна североисточна кула (основа, пресек и фасада), градена во 6. век

 

 

Кон рановизантискиот град на Калето водел еден монументален акведукт, спроведувајќи изворска вода од Скопска Црна Гора. Кај селото Визбегово, зад главната касарна, е сочуван делот со 42 големи арки. Неговата ѕидарија како и сочуваните пишувани помени за него од 16. век наваму го определуваат акведуктот како рановизантиски, а не турски (К. Петров 1962, 7—25). Ова е најмонументалната доцноантичка градба запазена до денес во Македонија.

 

Средновековни остатоци. Со обемните ископувања во 1967 г. и подоцна откриено е целото обѕидие на Горниот град. Тоа се состои од голем број

 

300

 

 

помали ѕидни делови, доѕидувани и надѕидувани врз остатоците од 6. век во времето од 10.—11. до 17.—18. век. Меѓу себе тие делови се разликуваат по начинот на ѕидање и по употребениот материјал, според димензиите, украсите, склопот на контрафорите, скалилата и др., а датирани се според станбените слоеви со соодветни археолошки содржини со кои се поврзуваат. На

 

Сл. 140. „Кале”, Скопје, кружна североисточна кула, облога од травертински блокови

Сл. 140. „Кале”, Скопје, кружна североисточна кула, облога од травертински блокови

 

 

тој начин обѕидието на скопското Кале ни овозможи по прв пат кај нас типолошки да ги разликуваме и временски да ги вреднуваме ѕидариите од доцниот среден век и од турскиот период. Ова скапоцено искуство можеше оттука да се пренесе и да се примени и на другите крепости од тие векови во Македонија.

 

Обѕидието на Горниот Град. Благодарение на извонредните технички особености обѕидието од 6. век останало добро сочувано и по словенските инвазии и уривањата во доцниот 6. век. Најцврст бил ѕидот долж долгата челна страна, свртена кон североисток и кон сеер. На тој дел ѕидот е сочуван

 

301

 

 

речиси целосно до новиот век, а бил делумно уриван во земјотресот од 1553 г., можеби од Пиколомини во 1689 г. и конечно во 1916—17 година. Ѕидните делови повлечени долж стрмниот јужен и западен раб на платото биле послабо фундирани и тие слизнале со време низ падината. Тие сукцесивно се доѕидувани низ средниот и новиот век.

 

На северната страна, на средина, стоела вовлечена порта од која по пробивањето на модерниот асфалтен пат остана само трага во здравицата. А. Дероко дава сосем произволна реконструкција на оваа порта, за која тој нема археолошки докази. Северозападниот агол на обѕидието бил зајакнат со полукружна кула која слизнала низ карпите и во 12. век била заменета со една квадратна кула, поместена повеќе на исток.

 

Кружната североисточна кула е сочувана во височина до 11,5 м и имала купола на врвот, изведена со тули (6. век). Низа дупки за дрвените греди кажуваат дека кулата имала сутерен, партер и висок кат. Малото правоаголно предсобје на кулата било засведено во височина на катот и украсено со ѕидни фрески (12. век). Врз фреските има врежани сграфити (13. век). По cи изгледа дека кулата била седиште на управникот, кефалијата на кулата. Во еден период сутеренот служел како затвор: таму долу, засипан со градежен шут и искршени луксузни чинии од раниот 13. век, откопавме скелет на некој несомнено политички затвореник кој се обидел со копање на тесен канал надолу да излезе под темелите на кулата. За жал не успеал и умрел во необична положба, со главата вертикално удолу, веројатно потрупан и задушен.

 

На југоисточниот агол на Горниот град сочувана е една полигонална кула и дел од ѕидот до неа, широк дури 4,30 м! Однадвор носи траги од обид за уривање во вид на долг и длабок поткоп во темелите, водорамно всечен под ѕидот. Во ранотурско време кулата внатре била исполнета со малтерна маса и служела како топовница, пред да се изгради една подоцнежна топовска кула пред неа (во 17.—18. век).

 

Јужниот ѕид на потегот западно од спомнатата кула е составен од низа делови, градени во различни векови. Прикажани се на сл. 141. Прво следи делот C.IX, изграден во 10.—11. век, потоа делот С. XIV со внатрешни контрафори; покрај овој стоела една црква од 12. век, урната во борбите во 13. век. Покрај ѕидот откопавме многу парчиња од ѕидни фрески и дел од скриените црковни богатства, работени од сребро со позлата (дел од оков за икона, ампула со синџирче, голем пехар со алмадини и украсен натпис и др.). Во повелбата од 1300 и 1308 г. наброени се најмалку 3 цркви кои стоеле во Грониот град.

 

Следниот ѕидан дел, С. XV треба да се датира во времето на

 

302

 

 

Комнините и на него однатре се потпирале мали дрвени објекти, веројатно војнички бараки. Датирани се во 12. и во 13. век со пронајдените монети. Врз нив во 14. век била изградена поголема градба од камен со малтер; истата била надѕидувана и доградувана во 15. и 16. век, а завршила со силен пожар и уривање во доцниот 17. век.

 

 

Сл. 141. „Кале”, Скопје, дел од јужниот ѕид со градежни делови од 10. до 14. век - Сл. 142. Истиот ѕид, јужна градска иорта со крилни ѕидови, доградувани и преправани од 14. до 18. век

Сл. 141. „Кале”, Скопје, дел од јужниот ѕид со градежни делови од 10. до 14. век

 

Сл. 142. Истиот ѕид, јужна градска иорта со крилни ѕидови, доградувани и преправани од 14. до 18. век

 

 

Во западниот дел на Јужниот ѕид се наоѓала Јужната порта, настаната уште во 12. век и преправана, преѕидувана и адаптирана на изменетите услови низ турскиот период cи до 18. век, кога била заѕидана и кога на нејзиното место била оставена мала потерна (сл. 142).

 

Од внатрешните градби откопавме само еден дел од големиот објект сместен во северозападниот агол на Горниот град, можеби резиденцијата на

 

303

 

 

српските владетели од 14. век. Се работи за дел од соборна или ритерска сала. Во земјотресот од 1963 г. целиот тој сектор попуштил и со западниот ѕид слизнал низ карпите удолу.

 

Предѕид. Пред обѕидието се протега и еден предѕид (протеихисма), оддалечен 12—25 м од јужниот ѕид, 6—25 м на североисточната страна и 40 м

 

Сл. 143. „Кале”, Скопје, словенска грнчарија ископана зo североисточната кула, 9.—10. век (по Б. Бабиќ)

Сл. 143. „Кале”, Скопје, словенска грнчарија ископана зo североисточната кула, 9.—10. век (по Б. Бабиќ)

 

 

на северната страна од Калето. Поради стрмнината на карпите, западната страна немала предѕид. Предѕидот на јужната страна претставува тесна камена кошулка која ја покрива нерамната карпеста падина во височина до 16 м. Предѕидот на североисточната страна е ѕидан статички како и главниот ѕид, само што е неспоредливо потесен и понизок. Пред него бил прокопан одбранбен ров. На средина стои една порта со дрвен мост преку ровот (16.—17. век).

 

Во северниот дел на цвингерот, меѓу главниот ѕид и предѕидот

 

304

 

 

откопавме еден редок и необичен фортификациски детал. Тоа е т.н. Испадна порта во вид на голема и масивна шахта, длабока 6—7 м. Однадвор имала двокрилна дрвена порта, а служела за ненадејно излегување на бранителите од нивото на цвингерот надвор во ровот. Датира несомнено од 6. век. Во турско време нејзината порта била заѕидана со нов предѕид, на кој се оставени две мали порти за излегување.

 

Ѕидаријата на предѕидот што денес се гледа на теренот носи обележја од доцнотурско време (15.—18. век). По запустувањето на главниот тврдински ѕид и воведувањето на огненото оружје, предѕидот ја презел целосно функцијата на дотогашниот внатрешен ѕид.

 

Долни Град. Од документите знаеме дека во 13. век Скопје имало и Долен град заштитен со обѕидие. Меѓутоа локацијата на Долниот град досега беше погрешно дефинирана. Имено, во северозападното подножје на Кале, во речната рамница на Вардар стои една кула со квадратна основа, која во повелбата од 1300 г. е наречена Воден пирг. Оваа кула му послужила на А. Дероко како појдовна точка, на тој простор да го смести Долниот град. Водената кула ја вклопил во замислениот северен ѕид на градот, а јужниот ѕид го замислил во височина на рампата по која и денес се искачуваме по јужната падина нагоре, во Горниот град.

 

Предложениот простор за Долниот град зафаќа 180 х 60—100 м и изложен е на постојано плавење на Вардар. Јасно е дека на тие 1,3 хектари површина не би можела да се смести целата скопска Варош. Сепак, поради авторитетот на Дероко го прифатив неговиот предлог и истиот го вклопив во мојот план од 1982 г. Со накнадни опсервации на теренот и со помош на археолошките откритија што уследија дојдов до сосем поинаков заклучок и тие исправки тука ги прикажувам.

 

1 — Јужната и западната страна на Водената кула се обложени со украсни травертински блокови и на нив нема траги од допир на ѕид или порта. Јасно е дека тие биле надворешните страни. Меѓутоа на кулата се потпирале ѕидовите од источната и од северната страна, и тие затворале сосем мал простор на карпестата падина, со димензии 40 х 30 м. Овој простор се протегал северно, а не јужно од Водената кула и имал секундарна функција: во случај на опсада бранителите да можат да дојдат до водата, заштитени со долните ѕидови.

 

2 — Просторот на Долниот град е потврден со археолошките остатоци на пониската тераса источно и североисточно од Горниот град. Контурите на оваа тераса, од 8—10 ха, денес уште се наѕираат во релјефот на почвата на оние места кои не се уништени целосно со модерните градби.

 

Јужниот ѕид на Долниот град водел несомнено по јужниот раб на

 

305

 

 

терасата кој е изразито стрм и висок повеќе метри. Тој се надоврзувал на југоисточниот агол на Горниот град, непосредно под големата доцнотурска кружна топ-кула. Тука се гледаат и денес на предѕидот траги од пресечен градски ѕид што водел кон исток. Најверојатно на тој пункт стоела јужната градска порта; зад неа водела главната улица низ Долниот град. По нејзина-та траса води и денешната (до неодамна главна) улица Маршал Тито во правец на север, кон денешната главна касарна и натаму кон Косово. Оваа магистрална линија постои неизменета од многу векови наназад.

 

Околу 100 м североисточно од претпоставената порта, под помошните градби на црквата Св. Спас (17. век) сондирано е обѕидието на Долниот град. Јужно од црквата се протегале гробиштата. Околу 60—70 м северно од Св. Спас, крај улицата Шарска, сондирано е истото обѕидие обложено со делкани травертински блокови. Уште 100—200 м северно по истата изохипса, се протега големиот подѕид на дворот на Мустафа-Пашината џамија. Подѕидот е висок 6—10 м и несомнено е потпрен на североисточниот дел од урнатиот средновековен градски ѕид. Под него, на просторот на Музејот на Македонија, при градењето на истиот биле откопани средновековни слоеви со српски сребрени монети од 14. век. Во таа зона веќе започнува отворено подградие — Варош, без градски ѕидини, кое на исток се протегало, би рекле, до рекичката Серава. Денес тоа е западниот крај на Старата („Турска”) чаршија.

 

Со уредувањето на денешните улици во тој дел од градот, копањето канализација и градењето нови објекти во источната зона на спомнатата тераса се покажа дека средновековните остатоци лежат на значителна длабочина, надслоени со многу силен насип и станбени слоеви од турското и од новото време. Дури по земјотресот од 1963 г. овој простор во најголемиот дел е расчистен и оставен неизграден. Тука длабоко под рецентните слоеви треба да лежат меѓу другите градби и најмалку 10 цркви што се спомнати во документите од 13. и 14. век; меѓу нив и прочуената соборна црква на Св. Богородица Троеручица, заштитничка на градот Скопје.

 

Од пишуваните извори може да се реконструира и историјатот на Скопје. Градот Јустинијана Прима, чии што остатоци лежат несомнено на ова место, се спомнува последен пат во 602 г. По словенската инвазија градот опустел за некое време. Можеби веќе во доцниот 7., а во 8. век секако Ромеите повторно имаат посада во ова вонредно значајно стратешко место, како и во соседната Сердика (Софија) и во некои други пунктови до Дунав на север. Во експанзијата на Борис и по него на Симеон до Јадран на запад, Скопје не можело да биде заобиколено бидејќи лежи на две најзначајни среднобалкански патишта: од Софија кон запад (Скопје — Полози — Охрид —

 

306

 

 

Јадран) и на патот Морава — Вардар (Софија ја освоил од Ромеите уште Крум во 811 г.).

 

Во државата на Самуил Скопје го има истото стратешко значње, како раскрсница на главните патишта од Македонија кон Сердика (Средец, Софија) на исток и Белград и Видин на север.

 

Во 1004 г. кај Скопје Василиј II ја разбил војската на Самуил, а градот без борба му го предал Роман, синот на последниот бугарски цар Петар II. И оваа личност зборува за особеното значње на Скопје. Сега Василиј II во Скопје остава своја воена посада и го назначува за седиште на катепанат „Бугарија”, многу голема тема која ја опфаќала и денешна Србија до Дунав на север и денешна западна Бугарија до Софија и Видин на североисток. По сломот на остатокот од државата на Самуил, во 1018 г., оваа тема се проте-

 

Сл. 144. „Кале”, Скопје, византиски глеѓосани чинии од североисточната кула; ран 13. век (по Б. Бабиќ)

Сл. 144. „Кале”, Скопје, византиски глеѓосани чинии од североисточната кула; ран 13. век (по Б. Бабиќ)

 

 

гала до Охрид и Девол на југозапад и до работ на Солунското Поле на југ. Со Скопје и со темата управува многу висок функционер, стратег и автократор од рангот на катепан. Оваа улога Скопје ќе ја задржи и следните два ипол века под Византија. Скопје е голем град, полис.

 

Ова долго владеење на Ромеите било прекинувано во неколку наврати. Во 1040/41 г. и Скопје било зафатено со востанието на Петар Делјан. Во 1072 г. градските првенци на Скопје на чело со Георги Војтех кре-

 

307

 

 

нале бунт против царот и му се приклучиле на Константин Бодин од Дукља. кој во Призрен се прогласил за бугарски цар. И ова востание било набргу задушено.

 

Во 1082 г. норманскиот одред под водство на Пунтесиј ги зазел Полозите и Скопје и го држел градот до 1088 г. Норманите повторно ќе го земат Скопје во 1097 г. Малку пред тоа, рашкиот жупан Вукан во 1093 г. ја опустошил околината на Скопје. Во судирите со Рашка, царот Алексиј I

 

Сл. 145. „Кале”, Скопје, црковен сад со натпис, ископан до јужниот ѕид. Сребро со позлата и алмандини, 12. век

Сл. 145. „Кале”, Скопје, црковен сад со натпис, ископан до јужниот ѕид. Сребро со позлата и алмандини, 12. век

 

 

Комнин од Скопје ја следел борбата против неа. Во 1190 г. рашкиот жупан Немања за кусо време го освоил Скопје.

 

Во 1204 година кога Латините воспоставиле власт во Цариград, Скопје го освоил Бугаринот Калојан. По неговата смрт (1207 г.) со

 

308

 

 

Повардарието завладеал локалниот моќник Стрез, господарот на Просек. Скопје веројатно потпаднало под неговата власт.

 

По смртта на Стрез, во 1217 г. Повардарието до Скопје на север го освојува Теодор Ангел, деспот на Епир. По битката кај Клокотница во 1230 г. и по растежот на бугарската моќ, Скопје го зазема Јован Асен II. Од него Скопје ќе го преземат Епирците во 1246 г. Во 1252 г. градот го освоил Јован Ватац III од Никеја, наследничката на централната византиска власт. Веќе во 1258 г. Скопје го зазема Бугаринот Константин Тих. Во истата година Скопје го освојуваат Никејците и по нив Србите. Во 1259 г. во Скопје повторно владеат Никејците, предводени од царот Михајло VIII Палеолог кој набргу ќе успее да ја обнови распарчената Византија.

 

Во 1282 година кралот Милутин ќе го приклучи Скопје кон српската држава, во чии рамки ќе остане до доаѓањето на Турците во 1392 г. Во 1299/1300 г. во Скопје престојува византискиот пратеник Теодор Метохит и бележи дека покрај Горниот град постои и Долниот, заштитен со ѕидишта и дека тука се наоѓала и најубавата соборна црква. Во истата година е датирана и познатата повелба за правата на имотите на манастирот св. Георги — Горг на Серава. Во неа се забележани многубројни топоними — села, месности и други поими, градби во Скопје и др.

 

Во 1346 г. во Скопје бил прогласен кралот Стефан Душан за цар. Скопје е сега престолнина на големото балканско царство. Во 1349 г. тука е издаден и познатиот Душанов законик. По смртта на Душан во Скопје столува Урош V. Скопје кова сребрени пари со натпис „Скоплъе”. Од 1366 г. Скопје е под властта на кралот Волкашин, а од 1371 година тука владее феудалецот Волк Бранков. Турците го освоиле Скопје во првите денови на 1392 година. Како прв турски управник е забележан освојувачот на Скопје, Јигит-бег.

 


 

Чучер

 

Град Давина ?, крајпатна крепост и регионално средиште. Сл. 7, 146.

 

Лит.: А. Evans 1883, 92—93; — И. Микулчиќ 1982, 107—116, 148 (доцноантички наоди);

 

Местоположба. Месноста „Давина” (или „Кула”) лежи 3 км југозападно од Чучер и 12 км северозападно од Скопје, покрај магистралниот пат за Косово, на јужниот крај на Качаничката клисура. Претставува издолжен рид, горе зарамнет, чиј јужен дел паѓа 230 м. длабоко во долинката на Лепенец. Преку едно благо седло на северниот дел продолжува постепено во венецот на

 

309

 

 

Скопска Црна Гора. Падините му се стрмни и лесно е пристапен само од североисток. Озгора има преглед врз магистралниот пат повеќе километри на север (во клисурата) и на југ (низ Полето). Стари рудници на железо регистрирани се на неколку километри североисточно оттука.

 

Најстари остатоци. А. Акропола. На јужниот крај на ридот што е највисок, во доцноантичко време бил изграден кастел со овална форма, со димензии 185 х 110 м (1 ха). Обѕидието, градено од камен со вар и зајакнато со низа кули, потекува од доцноримско време (4. век), генерално е обновено во 6. век (несомнено по земјотресот во 518 г.). Обновена била и внатрешноста, што и денес одлично се гледа на површината: низа станбени градби со неколку одделенија, вклопени во низи долж тесни паралелни улички. На највисоката позиција стоела црква, опркужена со неколку помошни градби.

 

Б. Северно од акрополата, на тесна зарамнета тераса која е малку пониска било изградено јадрото на градот по однапред утврден план. Опфатено е со двојно обѕидие, зајакнато со кули и со голема порта на северниот крај. Во центарот стоел мал квадратен плоштад, врамен со дуќани. Северно од него стоеле поголеми куќи за живеење, а јужно од него базилика и повеќе други големи градби.

 

На јужниот дел, во подножјето на акрополата, има слаб извор што го снабдувал со вода. Сето ова било изградено наеднаш и по еден однапред осмислен урбан план, во текот на 6. век. Градот со укрепениот простор за збег крај него зафаќал површина од 8,4 ха. Покрај спомнатите две базилики во градот евидентиравме уште 6 други цркви во блиската околина. Стопанската моќ на жителите се потпирала главно врз експлоатацијата на железо и врз металургијата. Најдовме многу голем број ситни железни предмети — фибули, алатки и делови од опрема и покуќнина, исковани тука (главно во 5.—6. век). На еден оловен печат се чита името на епископот Тома.

 

Средновековни остатоци. Изворот што веќе го спомнавме, денешното население го вика Давина; по него така е наречен и целиот рид. Обѕидието и внатрешните градби извонредно добро се запазени до денес и во среден век тие биле практично употребливи, со извесни обнови. Наодите од 7.—8. век се маркантни: неколку аплики и окови за појас изработени од бронза и легура на сребро, или од железо тауширани со сребро; тие носат византиски — предсловенски белези. Еден амулет, резбарен од парошка на еленски рог, има на горниот дел 4 лица наоколу; тоа е несомнено претставата на Перун — Све(нто)вид (сл. 7), — врвното словенско божество (од 9.—10. век?). Истиот се поврзува со словенското предхристијанско име на местото, Давина (Дева), главната словенска божица која можеби тука имала свое светилиште.

 

Останатите наоди се од следните векови: византиски монети -

 

310

 

 

бакарни скифати од 12.—13. век. Базиликата (од 6. век) на акрополата била делумно обновена во зрелиот среден век: врз нејзиниот среден кораб била изградена нова црква. Пред еден век А. Еванс (1885, 92—93) тука забележал делови од камен саркофаг од времето на Немањиќи (?).

 

Несомено е дека доцноантичката акропола, добро запазена, служела и во средновековието како висока стража на влезот во Качаничката Клисура, демнејќи го магистралниот пат од Скопје на север — кон Косово,

 

Сл. 146. „Давина”, Чучер, наоди, 7.—8. и 13. век

Сл. 146. „Давина”, Чучер, наоди, 7.—8. и 13. век

 

 

Рашка и Белград. Блиските лежишта на железната руда веројатно повторно биле експлоатирани и така израснало и подградието, „градот Давина” според месното предание. Овој значаен укрепен пункт со многу веројатност бил седиште на една од енориите во рамките на Скопската епископија; може-би Преамор или Принип, споменати во повелбата на Василиј II од 1019 г.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]