Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

21. Општина РЕСЕН

Евла (Василида ?)

(Преспа)

Стење (Конско) (Петра ?)

 

Евла

 

Фрурион Василида ? Крајпатна стража. Сл. 119, 120.

 

Лит.: Т. Томоски 1970, 172—180; —

 

Местоположба. Месноста „Кале” лежи 2,5 км ЗСЗ од Евла, на источните падини на Петринска планина. Преставува 60-80 м висок рид помеѓу две длабоки долинки, вовлечен 2,5 км навнатре во планината. Покрај Калето поминува стариот пат од Преспа за Охрид, качувајќи се оттука кон превалецот на сртот Исток. Оваа траса е за 17 км покуса од северната траса — преку

 

273

 

 

превалецот Буковик — по која и денес води автопатот Ресен — Охрид. Во античко време Егнацискиот пат ја користел северната траса за колски сообраќај, додека појужната траса — преку Евла — била користена само за коњи (караванска патека). бидејќи е за 500 м повисок преминот преку Исток отколку оној преку Буковик, и освен тоа е и многу стрмен.

 

Сл. 119. Патот Охрид — Преспа преку преминот Исток, со доцноантички тврдини долж него

Сл. 119. Патот Охрид — Преспа преку преминот Исток, со доцноантички тврдини долж него

 

 

Најстари остатоци. Ридот Кале е озгора зарамнет и има стрмни падини. Снабден е со доволно вода и заштитен е од студените ветрови. Во доцноантичко време било подигнато обѕидие околу издолжениот простор од 230 х 45 м (1,3 ха). Западниот дел бил преграден во мала акропола и зајакнат со издадена кула.

 

Местото денес е обраснато во густа шума и не е пристапно за површински истражувања. Наместа можат да се најдат парчиња од доцноантичка керамика и тегули. Во југоисточното подножје, крај патот се раскопани гробови со наоди од 4. век.

 

Средновековни остатоци. Засега не се откриени, но запазеноста на обѕидието индицира таква можност. Описот на Скилица е јасен: византискиот цар Василиј II

 

274

 

 

враќајќи се од освоениот Охрид кон градот Преспа преку една висока планина ( — Исток — Петринска), изградил на неа на брзина една крепост (фрурион) и ја нарекол Василида. Истата му требала да го чува планинскиот премин меѓу двете езера и двете македонски престолнини.

 

Очигледно е дека Василиј немал време да гради нова тврдина, за тоа би биле потребни повеќе месеци. Затоа искористил една од добро сочуваните кре-пости крај овој пат, ја поправил и оставил посада во неа. Тоа можело да се изведе за неколку дена.

 

На истиот пат, на самиот срт на планината, на преминот Исток, постои уште една доцноантичка крепост. Лежи 4 км западно од првата.

 

Сл. 120. „Кале”, Евла, доцноантички крајпатен кастел. Обновен во 1015 г. како фрурион Василида ?

Сл. 120. „Кале”, Евла, доцноантички крајпатен кастел. Обновен во 1015 г. како фрурион Василида ?

 

 

Поставена е на карпите на врвот, на височина од 1540 м каде што зиме повеќе месеци снегот стои. Месноста се вика, исто така „Кале”, а спаѓа во атарот на Петрино. Помала е од претходната, зајакната е со кула, а ѕидовите и биле обновувани на крајот на антиката и заштитени со еден одбранбен ров

 

275

 

 

пред нив. Поради многу високата позиција оваа крајпатна стража била користена веројатно само сезонски.

 

Поради денешната (не)истраженост на двете стари крепости, можеме и двете да ги поврземе со хипотетичниот фрурион Василида, обновен во 1015 година на планиснкиот пат помеѓу Охрид и Преспа.

 


 

Преспа, денес во Грција

 

Град Преспа, кастрон, престолнина и регионално средиште. Сл. 121—123.

 

Лит.: Н. Муцопулос 1965 (монографија): — Т. Томоски 1975, 49—58: — В. Кравари 1989, 371—372.

 

Местоположба. На северниот крај на езерото Мала Преспа, близу до каналот низ кој водата се „пресипува” во поголемото езеро (оттука и името Преспа) стои островот св. Ахил. Голем е околу 1700 х 500 м, а јужниот дел му

 

Сл. 121. Св. Ахил, Мала Преспа, основа на соборната црква на Самуил (околу 990 г.). По Н. Муцопулос

Сл. 121. Св. Ахил, Мала Преспа, основа на соборната црква на Самуил (околу 990 г.). По Н. Муцопулос

 

 

се издига 83 м над езерото. На тој дел лежат урнатините на поголема средновековна крепост, несомнено градот Преспа. Местото не е истражувано.

 

276

 

 

Во средишниот дел на островот стојат урнатините на голема базиликална црква на св. Ахил. според која и островот го добил името. Истражувана е (Муцопулос). Еден натпис во апсидата содржи список на епископиите подложни на Преспанската (подоцна Охридската)

 

Сл. 122. Св. Ахил, Преспа, една парапетна плоча од црквата со загадочни, нехристијански симболични претстави. Крај на 10. век (по Н. Муцопулос)

Сл. 122. Св. Ахил, Преспа, една парапетна плоча од црквата со загадочни, нехристијански симболични претстави. Крај на 10. век (по Н. Муцопулос)

 

 

архиепископија. Во јужниот кораб се откриени 3 саркофага; во бр. 3 („Г”) бил погребан несомнено царот Самуил, со остатоци од свечена владетелска одора. Црквата е денес во урнатини.

 

Од документите е познато следното. При крајот на 10. век Самуил изградил палата во Преспа. Во 986 г. од Лариса Тесалска тој ги пренел моштите на св. Ахил во Преспа. Тука изградил катедрална црква посветена на овој светител. Преспа станала негова престолнина (наместо Девол) и седиште на новиот патријархат.

 

Во 1015 г. по заземањето на Охрид Василиј II ја зел и Преспа и таму некаде ја изградил тврдината Константиос, за да го контролира местото. Не се знае каде стоел Константиос. Некои историчари претполагаат дека тоа била всушност крепоста, изградена врз урнатата Преспа на Самуил.

 

По смртта на Самуил во Преспа столувале Гаврил Радомир и по него Јован Владислав. По смртта на последниот, во 1018 г. Василиј II ги зазел Охрид и Преспа. Во 1020 г. Преспа е под јурисдикцијата на Охридската архиепископија. Во 1072 г. по задушувањето на востанието на Бодин, француските и германските платеници во служба на Византија добиле дозвола да

 

277

 

 

ја ограбат и да ја урнат старата царска палата во Преспа. Очигледно е дека споменот на старата престолнина и на некогашната слава cи уште живеел кај народот и Византија решила ова да го уништи.

 

Во 1108 г. Теофилакт, архиепископ Охридски пратил едно писмо до архонтот на Преспа. Тогаш таму е одржан црковен собир; катедралната

 

Сл. 123. Св. Ахил, Преспа, саркофаг Г: наметката на царот Самуил со царски симболи — детал (по Н. Муцопулос)

Сл. 123. Св. Ахил, Преспа, саркофаг Г: наметката на царот Самуил со царски симболи — детал (по Н. Муцопулос)

 

 

црква на Св. Ахил уживала cи уште голем углед. Во 12. век Преспа е спомната и како регионален административен центар. Во почетокот на 13. век Епирците ја зазеле Преспа. Од нив ја преземаат Никејците во 1253/54 и повторно во 1259 г.

 

По ова се губи трагата на градот Преспа. Во 14 век Преспа е забележана како област, регион Преспа.

 


 

Стење (Конско)

 

Укрепен остров — збег. Сл. 5, 124, 125.

 

Лит.: В. Битракова 1967, 147; иста 1986, 116—119; иста 1988, 193—210; иста 1989, 101—133.

 

Местоположба. Островот „Голем Град (Голема Петра)” се наоѓа најугозападниот дел од Преспанското езеро, оддалечен е 1 км од брегот, недалеку од државната тромеѓа со Албанија и Грција. Селцето Конско, 2,5 км североза-

 

278

 

 

Сл. 124. „Голем Град”, Стење, укрепен остров — збег, користен и во среден век

Сл. 124. „Голем Град”, Стење, укрепен остров — збег, користен и во среден век

 

279

 

 

падно од островот, денес е запустено, а најблиското место што постојано е населено е Стење, 4 км северозападно од островот.

 

Островот има овална форма. Големо е 680 х 440 м (околу 20 ха). Претставува карпеста плоча со вертикални страни, озгора зарамнета, што се издига 15-50 м над езерската површина. Само на две места, на северозападниот и на југоисточниот крај постојат мали плажи и пукнатини во карпите кај кои може да се пристане со лотка и да се искачи горе на островот. Островот лежи отпат, скриен во езерото така што имало идеални можности да послужи како збег на луѓето од брегот, во повеќе наврати во минатото.

 

Најстари остатоци. Освен што е природно непристапен, островот некогаш бил укрепуван. Камени ѕидови без малтер широки 1,5—2 м се гледаат денес околу двете спомнати пристаништа, бранејќи го пристапот кон внатрешноста на островот. Во јужниот дел се следи обѕидие околу еден внатрешен ринг, со обем од 2 ха. До него е укрепено главното пристаниште на југоисточниот брег и една кула недалеку северно од ова (бр. 1. 2, и 3 на планот).

 

Сл. 125. „Голем Град”, Стење, обетки од словенски гробови бр. 64 и 55; доцен 10.—11. век (по В. Битракова)

Сл. 125. „Голем Град”, Стење, обетки од словенски гробови бр. 64 и 55; доцен 10.—11. век (по В. Битракова)

 

 

Со повеќегодишните ископувања на низа пунктови на островот може да се следи историјатот на ова место. Во хеленистичко време веројатно било подигнато прво обѕидие, кое е обновено во доцната антика. Тогаш биле изградени и две ранохристијански цркви (бр. 4 и 5 на планот). Околу нив биле закопувани умрените. Најдени се монети од крајот

 

280

 

 

на 4., 5. и 6. век и богат сребрен накит во гробовите (6. век). Средновековни остатоци. Името на островот — Голем Град — е словенско и упатува на времето пред византиската супремација; значи од времето на Самуил или уште пред него. Тогаш веројатно островот бил населен или фортифициран. На соседниот остров св. Ахил, 12 км југоисточно оттука, Самуил ја изградил познатата монументална црква во која што бил и погребан. На истиот остров веројатно се наоѓала и престолнината на Самуил, градот Преспа.

 

Од раниот среден век на Голем Град потекнуваат неколку гробови: бр. 48 е датиран со чифт златни обетки во 7. век, а бр. 63 со железна обетка со 5 алчиња во доцниот 7. или 8. век. Тие се од византиско-јужноиталско потекло. Гробните конструкции укажуваат на автохтоно (предсловенско) население кое тука успеало да го преживее словенското преселување. Од тоа време потекнува и монета на Константин IV (668—685), најдена на овој простор. Инаку, словенски гробови ископани на островот, според накитот пронајден во нив потекнуваат од 10.—11. век и подоцна.

 

Во доцното средновековие (13.—14. век) островот служел како мистично место за монасите. Во северозападниот дел била изградена црквата св. Петар (14. век), чиј што живопис и денес е делумно сочуван. Старата кула на југоисточното пристаниште во ова време била преѕидана во мала загробна црква. Со ископувањата се откриени остатоци од фреско-живописот во олтарот и гроб со повеќе скелети во припратата. Една венецијанска монета најдена на подот на црквата, потекнува од 14. век. Гробовите од тоа време, откопани крај црквата на св. Димитрија во средишниот дел на островот, датирани се преку наодите во исто време.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]