Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

19. Општина ПРОБИШТИП

 

 

Злетово

 

Збег крај населбата Злетово. Сл. 116.

 

Лит.: А. Керамитчиев 1962, 52, 59, 63 и 1974, 154—155; — И. Микулчиќ TIR, 137; Т. Томоски 1978, 103—110.

 

Местоположба. Месноста „Баучар, Градиште” лежи 0,5 км источно од Злетово, на левиот брег од Злетовица. Претставува вулкански куп со стрмни страни и зарамнет врв, висок 150 м над реката која на тоа место избива од долг теснец. Долж Злетовица водел главниот рударски пат во минатото до срцето на Осогово, до бројните рудници и руднички постројки долж реката. Од врвот на купот се гледа патот многу километри далеку на север и југ.

 

Најстари остатоци. На врвот на купот во доцноантичко време било изградено обѕидие со малтер, кое што затворало простор од 110 х 36 м (0,3 ха). Во највисокиот дел на кастелот со внатрешен ѕид била одделена мала

 

268

 

 

акропола. Неколку градби се гледаат на источниот крај.

 

Околу кастелот накнадно бил изграден еден предѕид без малтер, опкружувајќи овален простор од 166 х 90 м (1 ха). Овој простор служел очигледно како збег за околното население и во него нема траги од цврсти градби. Наоди: доцноантичка керамика, монети од крајот на 4. до 6. век, железна згура, ситни предмети ковани од железо, оловни парчиња.

 

Сл. 116. „Баучар”, Злетово, доцноантичка рудничка тврдина, користена и во средниот век како збег

Сл. 116. „Баучар”, Злетово, доцноантичка рудничка тврдина, користена и во средниот век како збег

 

 

Средновековни остатоци. Покрај обѕидието на кастелот се гледаат остатоци од уште еден ѕид, без малтер, што се потпирал на постарите остатоци од нивната внатрешна страна. Овој ѕид е несомнено средновековен. На просторот на старата акропола лежат и парчиња од доцносредновековна грнчарија, делови од глеѓосани чинии од доцновизантиски тип, а најдени се и бакарни монети — скифати од 13.—14. век. Можеби и околниот простор на стариот збег бил користен во кризни времиња. Несомнено е едно, дека оваа висока, безводна и тешко достапна позиција била користена само повремено,

 

269

 

 

во кризните воени услови.

 

Злетово (фрурион или населба ?) се спомнува за прв пат во повелбата на Василиј II од 1019 г. како енорија (црковна општина) на Мородвишката епископија. На спротивниот брег на Злетовица, на местото на денешно Злетово се развивала средновековната населба, без стеги на градските ѕидови. Со време таа израснала во централна рударска населба во овој регион. Богати лежишта на оловно-сребрена руда лежат неколку км северозападно од Злетово (кај Древено, Добрево, Лесново и др., каде што се експлоатираат до денес), а лежиштата на злато се наоѓаат кај Гризилевци (месностите Златица — Плавица); оттука и името на населбата, Злетово.

 

Значењето на Злетово пораснало по српските освојувања на овој регион во 1282 г. Со развојот на рударството, занаетчиството и трговијата со метали, во Злетово се развило пазариште („трг”). Овој бил толку богат што од средината на 14. век му плаќал 100 перпери годишно на Злетовскиот епископ односно на манастирот во Лесново (С. Новаковиќ, 1912, 454, 678). Високата крепост на Баучар и служела на населбата како заштита односно збег во несигурните времиња, но не израснала во државна крепост или во феудално упориште со постојана посада и со цврсти малтерни градби.

 

Името Баучар е од куманско - печенешко потекло и настанало веројатно по нивното населување во овие краишта (под византиска контрола), во 11.—12. век.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]