Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

14. Општина КРИВА ПАЛАНКА

 

 

Опила

 

Град Славиште?, регионално средиште. Сл. 76

 

Лит.: Керамитчиев 1966, 118; — И. Микулчиќ TIR, 94; — Ц. Крстевски 1987, 129.

 

Местоположба. Месноста „Градиште” лежи 2 км северозападно од центарот на расфрленото село Опила, северно од маалата Билибајци и Бабунци, на северниот раб од долината на Крива Река. Претставува 90 м висок рид чие јужно чело стрмно паѓа кон реката. Трите страни му се стрмни карпи, забесто испукани. Пристапен е од север, преку мало тесно седло. Во подножјето, долж Крива водел патот Скупи — Пауталиа, средновековниот пат Скопје — Велбужд, а денес трасата на пругата Скопје — Ќустендил.

 

215

 

 

Сл. 76. „Градиште”, Опила, доцноантичка населба и кастел, обновени во средниот век („град” Славиште?”)

Сл. 76. „Градиште”, Опила, доцноантичка населба и кастел, обновени во средниот век („град” Славиште?”)

 

216

 

 

Најстари остатоци. Врвот на ридот и западната падина биле населени во доцноантичко време. Со камен ѕид без малтер бил опфатен овален простор со димензии 180 х 120 м (1,5 ха). Ѕидот вртел лачно околу северниот крај, а на другите страни се потпирал на големи карпи. Наоди: многу керамика, питоси, монети од 3. до 6. век.

 

На крајот од антиката на највисокиот дел од ридот бил изграден кастел опфатен со ново обѕидие од камен со малтер. Голем бил само 120 х 60 м (0,5 ха). По средина се протега карпест срт во кој се всечени 10-ина правоаголни простории за живеење со врати, скалила и др. Еден подземен тунел, всечен исто така во карпа, делумно е откопан на западниот раб. Од ова време потекнуваат и гробиштата во подножјето на ридот. Откопани се 60 гробови, датирани со накит и др. во 5. и 6. век.

 

Средновековни остатоци. Кастелот очигледно бил добро запазен и во следните векови, кога бил повторно населен. За тоа зборуваат наодите: словенска огнишна грнчарија, повеќе византиски монети — бакарни скифати од 12. и 13. век и еден златник (триенс) на Константин X (средина на 11. век). Неколку доцносредновековни гробови всечени во карпата ерозијата ги разголила северно од крепоста, а близу 200 гробови откопани се во југозападното подножје.

 

Опила има добра стратешка положба, на спомнатиот магистрален пат со кој на тоа место се сече патот од Козјак на север кон Осогово и натаму кон Брегалница на југ.

 

Опила е старо средиште на регионот Славиште, мала питома долина долж Крива Река. Според повелбата на Василиј II од 1019 г. една од енориите на Морозвишката епископија била и Славиште. Без оглед на тоа дали под тоа име се подразбирал само регионот или постоел и еден фрурион со исто име, веруваме дека црковното (и управното) седиште на овој регион во средновековието лежел на Градиштето во Опила. Друго место во Славиште, потврдено со средновековни остатоци со вакво значење нема.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]