Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

11. Општина КАВАДАРЦИ

Дреново (Девол ?)

Ресава (Тиквеш)

 

Дреново

 

Град Девол, крајпатна крепост и населба, регионално средиште. Сл. 65, 66, 67.

 

Лит.: В. Радовановиќ 1924, 177, 214, 515; — И. Микулчиќ 1973, 173—197 и 1983, 211—218.

 

Местоположба. Месноста „Градиште” или „Девол-град” лежи 2,3 км северозападно од Дреново, покрај рекичката Раечка и автопатот Градско — Прилеп. Овој пат претставувал и во минатото главна врска помеѓу Повардарието и Пелагонија. Претставува варовнички рид со стрмна северна и блага јужна страна, долг 400 м и висок 130 м над реката. Лесно е достапен од југ, преку широко и ниско седло, преку кое што поминувал стариот пат; денешниот пат е просечен низ теснецот во северното подножје на ридот. Од ова место се одвојува еден локален пат кој води долж Црна Река на југ, низ

 

200

 

 

Сл. 65. „Градиште”, Дреново, антички град Аударист (Еурист). Акрополата е обновена во средниот век („град Девол”)

Сл. 65. „Градиште”, Дреново, антички град Аударист (Еурист). Акрополата е обновена во средниот век („град Девол”)

 

201

 

 

Витачево до рудоносните ревири на Кожуф. Старото рударство претставувало стопанска подлога врз која израснала населбата на Градиште. Неколку км северно од Градиште лежат мадеми на мермер, експлоатирани исто во антиката.

 

Најстари остатоци. Јужната падина на ридот Градиште е терасесто изделена и на неа израснала населба која што зафаќа 17 ха; тоа бил несомнено градот Аударист (Еурист), еден од пајонските центри, потврден со голем

 

Сл. 66. „Градиште”, Дреново, словенски накит, 10.—12. век

Сл. 66. „Градиште”, Дреново, словенски накит, 10.—12. век

 

 

број движни наоди и стотици монети од 4. век ст. е. до римското време, кога речиси замрел и живуркал како селска населба до крајот на антиката. Обѕидието му е хеленистичко, без малтер. Нема други цврсти градби со малтер. Две ранохристијански базилики лоцирани јужно од населбата оставиле траги во вид на многу богата мермерна градежна пластика од 5. и 6. век.

 

202

 

 

Средновековни остатоци. На западниот крај на старата акропола бил изграден средновековниот „град”, од прирачен камен без малтер. Обѕидието опфаќа триаголен простор со димензии 170 х 40/50 м. Источниот крај е одвоен со внатрешен ѕид во акропола, голема 50 х 20 м. На северната страна се потпирал на вертикалниот карпест отсек, а пристапен е од југ. Го демнее патот што горе го спомнавме. На северозападниот дел стои цистерна за вода, всечена длабоко во жива карпа уште во хеленистичко време.

 

Сл. 67. „Градиште”, Дреново, византиски монети, 10.—13. век

Сл. 67. „Градиште”, Дреново, византиски монети, 10.—13. век

 

 

Станбените слоеви се запазени во јужниот дел, а со ерозија се испрани бројните движни наоди: средновековната огнишна и трпезна грнчарија, тегулите од т.н. Комнински тип, парчињата од стаклени белегзии, бронзениот словенски накит (10.—13. век), бројните железни врвови за стрели, ножови и др. Една украсена бронзена тока за ремен со лав-грифон во релјеф упатува на 9.—10. век (сл. 6). Монетите се византиски: на Јован Цимиск, Михајло IV, Константин IX (фолиси од крајот на 10. и 11. век); на Јован Ватац, Михајло VIII, Андроник II и Михајло IX (скифати од 13. и 14. век).

 

Траги од средновековни градби има и на сртот источно од тврдината.

 

203

 

 

Две од нив се помали цркви, од кои едната е откопана целосно а другата делумно. Тегулите од Комнински тип со кои биле покриени упатуваат на 12.—13. век. На источната падина на Градиште се наоѓаат средновековни гробови. Подградието се раширило на средната тераса јужно од тврдината. Една голема базиликална црква со богата камена пластика стои и денес во селото Дреново, 2,3 км југоисточно од Градиште (12. век).

 

Гратчето Девол претставувало регионално средиште на Раец и укрепена стража на важниот пат од Вардар кон Пелагонија. Името му е изведено од грчкит назив Диавол (= враг, ѓавол, непријател), секако во време на словенското отцепување од Византија (9. век). Идентично е со друг, многу попознат Девол кај Корча, седиштето на големиот Деволски комитат во 9. и 10. век и првата престолнина на Самуил.

 

Недостигот на поголеми и цврсти градби од доцното средновековие во нашиот Девол укажува на тоа дека значењето му се изгубило уште пред српските освојувања на овие краишта, а неговото место го презел градот Тиквеш 10 км јужно. Тиквеш како големо село ќе остане средиште на Тиквешкиот регион (нахија) и подоцна, потврдено во турските документи од 15. и 16. век.

 


 

Ресава

 

Град Тиквеш, населба, регионално средиште. Сл. 68, 69.

 

Лит.: В. Радовановиќ 1924, 433—435; — И. Микулчиќ 1971, 269—285; истиот 1975, 190—191; — В. Лилчиќ 1989, 125—127.

 

Местоположба. Месноста „Град, Тиквеш” се вика 80 м високиот куп над устието на Тиквешка Река во Црна, 2 км западно од Ресава. Така се вика и соседната долинка на Тиквешка река, од Ресава до устието на запад; на тој простор се ширело подградието. Низ долината на Црна водел значаен рударски пат на југ, кон рудниците во масивот на Кожуф, додека крај Тиквешка Река водел локалниот пат низ Тиквешијата до Вардар на исток (денес патот Возарци — Кавадарци — Неготино). Од врвот на Градот се контролираат двата пата многу километри далеку на север, југ и исток. Најстари остатоци. На зарамнетиот врв во хеленистичко време постоела укрепена населба, голема 4—5 ха. Наоди: керамика, монети од 3.—1, век ст. е. Во доцноримско време на тој простор бил изграден кастел, голем 140 х 155 м. Малтерниот ѕид околу него бил зајакнат со најмалку 7 кули. Во 6. век обѕидието било обновено на низа места, а во југоисточниот агол била оформена мала акропола со внатрешен ѕид.

 

Со археолошките ископувања во 1959-61 и 1967—68 г. откопани се

 

204

 

 

Сл. 68. „Градот, Тиквеш”, Ресава, доцноантичка укрепена населба и кастел. Обновена е во среден век („град Тиквеш”)

Сл. 68. „Градот, Тиквеш”, Ресава, доцноантичка укрепена населба и кастел. Обновена е во среден век („град Тиквеш”)

 

205

 

 

делови од обѕидието, сондирани се културните слоеви и прибрани се движни наоди, меѓу нив и повеќе монети од 4., 5. и 6. век. Во долината на Тиквешка река е откопан еден полски имот, гробишта, црква и др.

 

Средновековни остатоци. Некои од споменатите обновени партии на обѕидието можеби потекнуваат од доцниот среден век, додека акрополата била целосно обновена (со димензии 56 х 30 м). Пред половина век нејзините ѕидови стоеле до 4 м високо над почвата (Радовановиќ, 1924). Во неа е изградена една цистерна (?) и една помала црква, додека друга ваква црква лежи пред западното чело. Наоди: средновековна грнчарија и црепни, бројни ситни предмети исковани од железо, византиски монети од 13. век.

 

Очигледно е дека акрополата го претставувала јадрото на „градот” Тиквеш, додека просторот околу неа а во рамките на античкото обѕидие (зафаќа 2 ха) бил населуван сукцесивно подоцна. Тој служел за сместување на помошните објекти — коњушници и магацини, работилници, простории за стража, ковачници и др., а нивните темели се откриени со ископувањата. Меѓутоа и во Тиквешката долинка долж реката, на голем простор источно од Градот, лежат остатоци од едно подградие. Со спомнатите ископувања пред потопувањето на овој терен во новото Тиквешко Езеро, на 3 места откопавме помали цркви со остатоци на фреско-живопис (врз глинена подлога) и гробишта околу нив. Овие остатоци потекнуваат од 13. век (монети) до 15.—16. век (фрески).

 

Сл. 69. „Тиквеш”, Ресава, гробни наоди (13.—14. век)

Сл. 69. „Тиквеш”, Ресава, гробни наоди (13.—14. век)

 

 

Во турските пописни дефтери од 15. и 16. век Тиквеш се јавува како село и центар на истоимената нахија (Стојановски 1981, 63). „Градот” (крепоста) Тиквеш не постои во тоа време, меѓутоа не е забележан ниту во српските или византиски извори. Не се спомнува ни во документите врзани за соседниот манастир Полошко, изграден во 14. век неколку километри југозападно од Тиквешкиот град.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]