Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

7. Општина ГОСТИВАР

Горна Бањица

Градец (Градец; Полог ?)

Калиште (Сокол ?)

Србиново (Трново)

 

Горна Бањица

 

Крајпатна стража. Сл. 45, 46.

 

Лит.: И. Микулчиќ 1970, 85; истиот TIR, 57; — Т. Томоски 1970, 87—88; и 1976, 262.

 

Местоположба. Месноста „Градиште” лежи 1 км југозападно од Горна Бањица и 2,5 км југозападно од центарот на Гостивар. Претставува издолжен рид што се издига 160 м високо над јужниот раб на Полошкото поле. Во неговото северно подножје се крстосувале главните патишта што доаѓале од север, долж западниот и источниот раб на Полето и оттука водат на југ, кон

 

173

 

 

Кичево — Охрид и на југозапад, кон Маврово — Дебар — Струга. Озгора се контролираат тие патишта и полето многу километри далеку на север, северозапад и североисток.

 

Најстари остатоци. Во доцната антика околу зарамнетиот врв било изградено цврсто обѕидие од камен со малтер, во форма на овал голем 140 х 50 м (0,4 ха). Изадениот западен дел бил зајакнат со челна кула.

 

Во внатрешноста, во источниот дел, се наѕира низа од квадратни прос-тории всечени во карпеста почва. Наоди: многу парчиња од доцноантичка питоси и тегули, повеќе монети од доцниот 4., 5. и 6. век.

 

Сл. 45. „Градиште”, Г. Бањица, доцноантичка крајпатна стража, користена и во средниот век

Сл. 45. „Градиште”, Г. Бањица, доцноантичка крајпатна стража, користена и во средниот век

 

 

Средновековни остатоци. На западниот дел на тврдината, околу кулата, се гледаат траги од големи обновувања кои потекнувале или од 6. или од 12.—13. век. Една бакарна византиска монета — скифат од 13. век кажува дека оваа значајна стратешка позиција била користена и во доцното средновековие, како постојана или повремена стража. И во североисточното подножје, близу до старата железничка станица во Гостивар, во 1955 г. било ископано депо со 1.300 византиски монети (бакарни скифати), скриени тука на крајот

 

174

 

 

од 12. или почетокот на 13. век (Б. Алексова 1966, 85).

 

Селото Г. Бањица се споменува во повеќе документи. Околу средината на 11. век византискиот цар Роман III го подарил на манастирот св. Горг кај Скопје, а тоа го потврдиле и бугарскиот владетел Константин Асен во 1265 г. и кралот Милутин српски во 1300 година во нивните грамоти. Г. Бањица е наведена и во пописните дефтери од 1452/53 и 1467/68 г. (Кравари 1989, 187). Денешното село Г. Бањица лежи на средновековната локација во североисточното подножје на Градиштето, има стари гробишта и средновековно црквиште. Малку посеверно од него бил основан манастирот Гостивар, спомнат во црковните документи од 1318 и 1343 г. Покрај манастирот постепено се ширело истоимено село, кое во пописниот дефтер од 1452/53 г. броело 88 куќи а во 1467/68 г. 108 куќи. Истото се развивало на сметка на соседната Г. Бањица, за на крајот да го достигне денешниот обем и значење како центар на Горниот Полог.

 

Т. Томоски (1976, 262—263) пишува за „град Баниц” кој божем стоел кај Тетово и затоа го лоцира на месноста „Хисар”, 3 км северозападно од

 

Сл. 46. „Градиште”, Г. Бањица, наоди, 12.—13. век

Сл. 46. „Градиште”, Г. Бањица, наоди, 12.—13. век

 

 

Тетово, во клисурата на Пена (Бистрица), кај с. Шипковица. Оваа доцноантичка крајпатна стража ја истражувавме повеќекратно; извршен е и детален технички премер на истата и прибрани се бројни археолошки наоди. За жал, таму нема средновековни остатоци. Впрочем, ниту еден пишан извор не го спомнува „градот Баниц”. Секој натамошен коментар околу ова е излишен.

 

175

 

 

 

Градец

 

Град Градец (град Полог ?), регионално средиште.

 

Лит.: Р. Грујиќ 1933, 37—38; — И. Микулчиќ 1970, 86; — истиот TIR, 59; — Т. Томоски 1976, 263; — В. Кравари 1989, 189.

 

Местоположба. Месноста „Градиште” лежи на западниот крај на Градец. Претставува 40—60 м високо ритче во подножјето на Шара. Една длабока поројна бразда го опфаќа од север и запад, а на југ преку мало седло се поврзува со планинскиот масив. Неговата источна страна се спушта терасесто кон Полето. Главниот полошки пат што води долж западниот раб на Полето го допира.

 

Најстари остатоци. Заоблениот врв на ритчето е изделен на две рамништа. Повисокиот југозападен дел бил одделно укрепен како мала акропола. Нејзиното јужно чело, свртено кон седлото, било брането со висок насип. На пониската тераса се протегал станбениот дел. Крепоста била голема само 0,6 ха. Месното население со години интензивно вади камен од старите ѕидини така што од нив останале само траги во вид на ешарпи.

 

Најдени се повеќе монети од хеленистичко време, потоа римски монети од 4. и 5. век. Во доцната антика обѕидието веројатно било обновено, градено со малтер. Неколку гробови во северното подножје содржеле предмети од доцниот 4. и 5. век. Пред половина век во источното подножје биле ископани темели од ранохристијанска базилика со мозаичен под, потоа римски надгробни стели со релјеф и натпис.

 

Средновековни остатоци. Со диви копања на Градиштето на површината се исфрлени и парчиња од словенски црепни и огнишна грнчарија. Други наоди од средниот век нема, како ни траги од обновување на обѕидието.

 

Забележано е дека во 1190 г. српскиот жупан Немања го освоил регионот Полог и засекогаш го разурнал „градот Градец” (и Леш’ск) што дотогаш ги држела Византија (Грујиќ, 37—38). Во 15. век во турските пописни дефтери Градец е забележан како село. Во 1452/53 година тоа броело 88 куќи а во 1467/68 г. 108 куќи (Кравари 1989, 189).

 

Повеќе истражувачи на минатото на оваа област, меѓу нив и такви угледни научници како што се В. Томашек (Идриси, 78) и Р. Грујиќ (1933, 39), го поврзувале овој локалитет со загадочниот град Полог кој до денес не е потврден на терен. Тие помислиле дека Византија го обновила старото гратче Градец во 13. век и му дале ново име, Полог, како жупско средиште на Горниот Полог. Овој локалитет има денес сосем бедни остатоци, мал е, а

 

176

 

 

источното подножје каде што евентуално можело да се шири подградието, денес е покриено со многу силни наплави од Градочката рекичка. Затоа имаме право да се сомневаме во изнесената можност. А и пишаните податоци за градот Полог не ни помагаат многу. Тие се многу исфорсирани и со оглед на податоците од денешниот степен на истраженоста на оваа регија, се сомневаме да ли воопшто постоел град со такво име во Полозите. Тоа важи за сите изнесени мислења — дека градот Полог треба да се бара на Соколец кај Калиште, кај Стенче, Тетово и др. На тие места нема простор за еден град, а археолошките остатоци укажуваат само на помали крајпатни стражи. Пишаните извори на кои досегашните истражувачи се повикуваат, се следните:

 

Арапот Идриси патувал во 1153 г. низ овие краишта и забележал „град Болгхура” или „Булгхар”, оддалечен два дена одење од Охрид и еден ден од Скопје. На карваните им требало значително повеќе време од Охрид до Тетовско, ако инсистираме дека тој град се наоѓал во Полозите. Стои отворено и прашањето дали Идриси под тоа име мислел на името на градот, или е тоа само еден „бугарски град” (= булгхара) чие вистинско име не го кажал. Впрочем, во тоа време постоеле тука два жупски центри, градовите Градец и Леш’ск што во 1189/90 г. ги разурнал Стефан Немања. Ниту српските ниту византиските извори во тоа време не спомнуваат град по име Полог.

 

Во 1333 година српскиот крал Душан потпишал еден акт „у Полозе” (Новаковиќ 1912, 298). При тоа тука недостасува поблиска определба -дека е тоа „град”, а не област. Во сите други случаи секогаш покрај името на некој град стои и квалификативот „град”. Дали во овој случај е направен исклучок, или и тука се подразбира не градот туку областа Полог, како што на пример, се вели дека кога во 1282 г. кралот Милутин ги зазел „оба Полога с градови их и с областију ѝ”?(Даничиќ 1856, 108).

 

Барлети забележал дека во 15. век постоел „urbs Pologus” и дека од него потекнувала мајка му на Ѓерѓ Кастриот (Скендербег). Меѓутоа, покрај овој град веднаш стојат и Белеград (денешен Берат) и Колоња, градови во денешна Јужна Албанија (според Г. Пахимер I, 107). Географски, Полошката котлина лежи многу далеку од Јужна Албанија. Нешто тука не е во ред.

 

По сето ова мора да констатираме дека не располагаме ниту со археолошки докази ниту со сигурни пишани податоци дека постоел град Полог во денешната Полошка регија.

 

177

 

 

 

Калиште

 

Град Соколец, гранична стража — Сл. 47, 48.

 

Лит.: Т. Томоски 1976, 264—265; — И. Микулчиќ 1970, 83—86.

 

Местоположба. Месноста „Соколец” лежи еден километар јужно од Калиште и 970 м н. м., 300 м високо над Полошкото поле. Претставува осамена варовничка карпа што се издига над околниот зарамнет терен, 25—30 м висока. Падините на карпата се сосем стрмни до вертикални, од југ и запад испукани и избраздени од ерозијата. Во јужното подножје, на средина, стои мала пештера од која според преданието бил пробиен тунел нагоре, до врвот на карпата. Озгора се гледа широка околина многу километри на исток и северозапад.

 

Сл. 47. „Соколец”, Калиште, доцноантичка гранична стража. Обновена е делумно во средниот век („град Соколец”)

Сл. 47. „Соколец”, Калиште, доцноантичка гранична стража. Обновена е делумно во средниот век („град Соколец”)

 

 

Најстари остатоци. Врвот на карпата е зарамнет. Во доцната антика било подигнато обѕидие од камен со вар, кое што опколувало овален простор со димензии 120 х 60/50 м. Северниот ѕид на средина е вовлечен под агол навнатре и тука се евидентни три ѕидни платна, допрени едно на друго. Се работи за две големи обнови на обѕидието (во 6. и 12.—13. век?). На тој простор се

 

178

 

 

наоѓала и портата, а најлесниот (и главен) пристап оддолу водел по падината од североисточното подножје.

 

Наоди: парчиња од доцноантичка грнчарија, питоси и тегули, повеќе монети од доцниот 4. и 6. век. Во североисточното подножје, на рамна површина со големина до 2 ха, лежат остатоци од расфрлена истовремена населба. Оваа тврдина го контролирала патот од полето по долинката на Маздрача кон преминот Враца на Шара, кој оттаму се спушта во долината на Дрим на запад. Во доцноримско време тука била повлечена граничната линија помеѓу провинциите Македонија и Превалитана.

 

Сл. 48. „Соколец”, Калиште, наоди, 12.—14. век

Сл. 48. „Соколец”, Калиште, наоди, 12.—14. век

 

 

Средновековни остатоци. Извонредната стратешка позиција на карпата Соколец, тешко освоива, била причина таа да се користи и во средниот век. Веројатно во 12.—13. век бил обновен средниот потег на северниот ѕид. Од тие времиња останале парчиња од словенска грнчарија и црепни, а најдена е и византиска монета — скифат од 12.—13. век. Областа Полог во тие векови е гранична зона на Византија кон агресивната Србија, која од Призрен преку Шара постојано упаѓала во Полозите. Името Соколец е словенско и се среќава кај повеќе крепости од тоа време на широкиот балкански простор.

 

Т. Томоски (1976, 265) инсистира на Соколец да го смести загадочниот град Полог. Меѓутоа просторот на карпата е премногу мал за на неа да може да се смести еден град. Исто така, ниту во подножјето нема траги од некоја отворена населба од средновековието. Сосема е јасно дека на Соколец можела да престојува само помала стража, демнејќи го патот од Призрен преку планината Шара и преминот Враца кон Полошкото поле. Средновековните остатоци на Соколец се сосем скромни и укажуваат на тоа дека крепоста била користена само повремено, во кризни мигови.

 

179

 

 

 

Србиново (Трново)

 

Град Трново, рудничка крепост. Сл. 49.

 

Лит.: И. Микулчиќ 1970, 82—85, 88; истиот, TIR, 118; Т.Томоски 1976, 266—267.

 

Местоположба. Локалитетот „Кале-Ѕвезда” лежи 2,5 км западно од Србиново. Претставува издаден и 80 м висок карпест нос (690 м н.м.), наднесен над устието на Симница во Падалишка река. Северната и североисточната страна му се речиси вертикални карпи, а лесно е пристапен преку седлото од запад и југозапад. Во источното подножје, низ речниот теснец води патот Гостивар — Кичево.

 

Најстари остатоци. Под средновековното обѕидие се наѕираат делови од постар, доцноантички ѕид искористен како темел и потпор на подоцнежната тврдина. Парчињата од доцноантичката грнчарија, питоси и тегули потекнуваат од првата тврдина.

 

Средновековни остатоци. Во доцниот среден век врз старите темели било изградено јадрото на новата тврдина. Има форма на трапез со димензии 45 х 60/23 м. Ѕидот е граден од плочест кршен камен со посен варовен малтер и има бројни дупки за скеле и сантрач, а типичен е за доцниот 13. и 14. век. На јужното чело стоела една кула, денес сосем урната. Добро запазена останала кулата на северозападниот агол, по функцијата веројатно донжон. Има димензии 13 х 8 м, а височината денес изнесува до 4 м. Има влез од јужната страна, а до влезот е потпрена и главната порта. Од цвингерот низ оваа порта се влегувало во мало предворје, а потоа во главниот двор на тврдината. Друга порта се наѕира на источниот ѕид. Долж северната страна, потпрена врз вертикални карпи, ѕидот не е сочуван.

 

Околу јадрото на тврдината бил изграден и еден надворешен ѕид (предѕид), оставајќи меѓупростор (цвингер) широк 12—18 м. На северозападниот агол стои добро запазена порта — обичен премин низ предѕидот широк 2,7 м. До неа, внатре, била поставена стражарска куќа. Предѕидот носи доц-носредновековни градежни белези.

 

Парчиња од словенски црепни, огнишна грнчарија и бројни производи исковани од железо (клинци и кламфи, ножови, врвови од стрели — тип за пробивање панцир, железна згура) упатуваат на доцниот среден век. Во источното подножје на Калето, во речниот теснец на месноста Самоков и Ковач, населението со години ископува остатоци од стари топилници (печки) и ковачници на железо. Железната руда е копана површински на падините на Ветерник, околу денешното село Железна Река и долж истоимената река која се влива во Падалишка, 5—6 км источно од Калето и

 

180

 

 

Самоков. Овие остатоци потекнуваат од доцната антика и доцниот среден век.

 

Сл. 49. „Кале-Ѕвезда”, Србиново, доцноантичка рудничка тврдина. Целосно е обновена во 13.—14. век (град Трново)

Сл. 49. „Кале-Ѕвезда”, Србиново, доцноантичка рудничка тврдина. Целосно е обновена во 13.—14. век (град Трново)

 

 

Имаме основа да заклучиме дека тврдината Ѕвезда била целосно изградена во времето на расцутот на рударството во овие краишта, во 13. или 14. век, а како државен контролен пункт над околните рудници. Таа воедно го контролирала и тогаш важниот пат од Полозите кон Кичево, во експанзионистичката политика на Србија кон југ.

 

181

 

 

Хисарот Трново е забележан во пописниот дефтер бр. 4 од 1467/68 година. Во него стои дека оваа тврдина, покрај Собри и Аргирокастро, испорачувала контингент (железо) за оружје на градот Призрен. Трново е старо село и денес лежи изместено повисоко во планината, 4 км североисточно од Србиново кое постапно го зафаќа неговиот синор. Нема сомнение дека „хисарот Трново” се однесува на калето Ѕвезда.

 

Дека Ѕвезда била населена и во ранотурскиот период (15. и можеби 16. век) како контрола на cи уште активните рудници на железо, укажуваат градбите на Калето. Една од нив (стамбена кула или магацин) била поставена врз урнатото чело на главниот ѕид на тврдината, со слободна ориентација која отстапува од претходната. Другата градба стражарската куќа до источната порта, има исто така ориентација што отстапува од главниот план на тврдината и многу послабо и негрижливо е градена. Високата грамада врз западната стражарска куќа индицира, исто така една подоцнежна градежна фаза врз постарите остатоци. Овие невешти и многу послаби остатоци на обновување несомено потекнуваат од турско време.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]