Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

6. Општина ГЕВГЕЛИЈА

 

 

Габрово (Петрово)

 

Гранична стража. Сл. 43, 44.

 

Лит.: И. Микулчиќ TIR, 101 (Петрово).

 

Местоположба. Месноста „Марков Манастир” лежи 1,3 км северно од Габрово и 2 км ИСИ од Петрово; оддалечена е 4 км од Вардарскиот пат. Претставува 100 м висок рид со стрмни падини (300 м н. м.), наднесен над устието на рекичките Петровска и Калица во Стара. Пристапот до врвот води преку тесно седло од југозапад. Тука поминува локалниот пат по долинката на Стара кон планинскиот премин Калуѓерска Чука и натаму во долината на Змиорница и Дошница и избива на Вардарската магистрала кај Демир Капија. На тој начин во минатото ја заобиколувале 16 км долгата Градечка Клисура (Демир Капија-Удово), во која Вардарскиот пат можел лесно да биде блокиран и затворан во кризни времиња.

 

171

 

 

Најстари остатоци. На врвот од ридот во рановизантиско време била изградена тврдина со триаголна основа, со димензии 110 х 120 м. (0,6 ха) и со издадени кули на аглите. Еден внатрешен ѕид го дели јужниот, највисокиот

 

Сл. 43. „Марков Манастир”, Габрово, доцноантичка стража. Делумно е обновена во доцниот среден век

Сл. 43. „Марков Манастир”, Габрово, доцноантичка стража. Делумно е обновена во доцниот среден век

 

 

дел во мала акропола. Парчиња од доцноантичка грнчарија, тегули и железна згура лежат на површината. Во планинските пазуви на југозапад од кастелот има траги од старо рударство (бакар и железо).

 

Средновековни остатоци. Крепоста била користена и во одминатиот среден век, судејќи според наодите во неа: парчиња од глеѓосана византиска керамика, монети — бакарни скифати од 13. век (латински имитации) и др.

 

172

 

 

Има индиции дека обѕидието на акрополата било обновено, како и кулите на југозападниот и југоисточниот агол. Оваа последната, со потковичестата основа, по формата, големина и ориентација потсетува на црква. Не е исклучено дека ваква функција имала во тоа време. Народното предание ја врзува за Крале Марко. Оттука и името на локалитетот.

 

Сл. 44. „Марков Манастир”, Габрово, наоди, 12.—13. век

Сл. 44. „Марков Манастир”, Габрово, наоди, 12.—13. век

 

 

Функцијата на крепоста може да ја поврземе со распадот на византиското царство, кога се одвоиле земјите во Повардарието во 13. и 14. век, а границата била поместена јужно од Демир Капија. Тогаш овој граничен кастел ги контролирал граничните премини, како на Вардарскиот пат во Градечкиот теснец така и заобиколниот планински пат што погоре го спомнавме.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]