Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

8. Општина ДЕБАР

 

 

Дебар

 

Град (О)раховник, Дибре, регионално средиште.

 

Лит.: Т. Томоски 1972, 110—114 и 1977, 19—24; — С. Антољак 1985, I, 837—845.

 

Местоположба. Средновековниот град Ораховник (Раховник) го зафаќал јадрото на денешниот град Дебар, поточно неговиот северен дел. Не е проучуван на теренот, не е извршен премер ниту техничко снимање. Освен запазените пишани податоци за ова место, не знаеме ништо друго.

 

Во нашата историографија вестите за градот Раховник не се интерпретирани секогаш како што треба. На ова место ќе се задржиме само на најважните елементи. Раовник е неоправдано идентификуван со Свети Град во денешна Албанија и со Коџаџик, планинската тврдина 13 км ЈЈИ од Дебар. Овие три одделни места можат точно да се локализираат со помош на растојанијата, искажани прецизно во милји во описот на италијанскиот историчар од 16. век Марино Барлети.

 

Инаку, денешното име потекнува од средновековното име на регионот, жупата Дебар (Горен и Долен), наречена и „Дебарски земји”, која се протегала покрај Дрим натаму во денешна Албанија. Името Дебар го

 

182

 

 

носел и еден друг регион и нејзиниот центар (крепоста Дебар) кај градот Кајлари (денешен Птолемаис) во Грција, седиштето на „епископот Дебарски од Македонија” (според Никифор Грегора, ран 14. век). Овој податок потекнува од времето кога регионот на денешниот Дебар (Раховник) веќе бил освоен од Србите и не може да се замени со претходниот. Еден поранешен епископ Дебарски, спомнат во писмото на Теофилакт Охридски од 1108 г., несомнено се однесува на истото место.

 

Во пописните дефтери турски од 1519 и 1583 г. Раховник е забележан како касаба (гратче), а потоа како седиште на целата дебарска каза (област). Подоцна наместо Раховник се појавува името Дибре.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]