Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

3. Општина БРОД

Белица (Белица)

Белица (Белица)

Девич (Девич)

Заград (Растеш ?)

Здуње (Здун?)

Ижиште (Иж ?)

Модриште (Модрич)

 

Белица

 

Белица, рудничка крепост и збег. Сл. 27.

 

Местоположба. Месноста „Кале зад дабјата, Миткороен” лежи 2 км ЈЈИ од Белица. Претставува тесен гребен меѓу 2 поројни бразди што се спуштаат кон планинската долинка Шејтаница, на 150—250 м височина. Скриен е меѓу соседните ридови и пристапен е само од запад, по тесна падина. Северната страна претставува долг вертикален карпест отсек (раседлина), непристапен за искачување. Највисокиот, источен крај завршува со карпеста чука, одвоена со седло од повисокиот планински масив.

 

Најстари остатоци. Зарамнетиот врв на гребенот, долг 250 и широк 20—60 м, во доцноантичко време бил опфатен со слаб каменен ѕид.

 

Источниот дел, акрополата, со еден напречен ѕид бил одделен од подградот. На западниот дел пред тесното седло, се гледаат остатоци од еден предѕид, што го отежнувал пристапот кон крепоста.

 

Ерозијата ги има испрано остатоците од скромните станбени слоеви: парчињата од доцноантичка грнчарија и питоси, потоа железна згура. Во

 

150

 

 

школската збирка во Белица има повеќе римски монети од доцниот 4. и 5. век, најдени на овој локалитет. Претставува добро заштитен рударски рефугиум за околината, користен веројатно само одвреме-навреме.

 

Сл. 27. „Кале-Миткороен”, Белица, доцноантички рударски збег. Делумно е обновен — користен низ средниот век (шрафирано)

Сл. 27. „Кале-Миткороен”, Белица, доцноантички рударски збег. Делумно е обновен — користен низ средниот век (шрафирано)

 

 

Средновековни остатоци. Во просторот на старата акропола се гледа еден напречен ѕид изграден во едно подоцнежно време; несомнено во средновековието. На тој начин била оформена малечка крепост, искачена на карпестата чука на источниот дел на гребенот. Од тој простор месното население собрало повеќе византиски монети — бакарни скифати од 12.—13. век. Во школската збирка во Белица се чуваат и неколку врвови од стрели, ножови и алатки исковани од железо, што по форма упатуваат на доцниот среден век, кога било обновено рударството во овие краишта. На 2—3 км јужно од Калето лежи потезот Мелои со траги од експлоатација (површински копови) на железна руда.

 


 

Белица

 

Белица, рудничка крепост. Сл. 28, 29.

 

Местоположба. Месноста „Кале на Столоватец” лежи 2 км северно од Белица. Претставува 200 м висок рид (938 м н.м.); кон север и југ, преку седла, продолжува во планина додека страните стрмо паѓаат во долинки. Во источното подножје поминува локален рударски пат, што од Белица се качува кон преминот Глибовец на север и продолжува кон Караџица и Скопската котлина. Преку Глибовец во доцноантичко време била повлечена гранична

 

151

 

 

Сл. 28. „Калена Столоватец”, Белица, доцноантички руднички кастел, обновен во средниот век

Сл. 28. „Калена Столоватец”, Белица, доцноантички руднички кастел, обновен во средниот век

 

152

 

 

линија меѓу провинциите Македонија и Дарданија.

 

Најстари остатоци. На врвот на Калето во рановизантиско време била изградена рударска и гранична тврдина. Ѕидовите се изведени во црвст малтерен опус емплектон, и затвораат триаголен простор со димензии 100 х 40 м. На аглите стоеле издадени кули. Долж источниот и јужниот ѕид однатре се допирале низи од четвртести простории за живеење и магацини. Најдени се бројни монети од 5. и 6. век, врови од стрели, токи и украси за појас од бронза и железо, како и многу железна згура. Кастелот ги контролирал блиските рудници за железо и спомнатиот граничен премин.

 

Средновековни остатоци. Во училишната збирка во Белица евидентиравме неколку византиски монети од 11., 12. и 13. век, потоа венецијански од 14. век; сите тие се најдени на ова Кале. Тврдината била многу добро сочувана низ средновековието и со минимални крпења била оспособена да ги штити обновените рудници на железо.

 

Веројатно во 13. или 14. век била изградена централната кула (донжон) внатре во крепоста. Таа го делела помалиот северен дел од главниот јужен простор. Вакви донжони биле изградени и во соседните крепости во Девич и во Заград.

 

Сл. 29. Кале на „Столоватец”, Белица, наоди; 10.—12. век

Сл. 29. Кале на „Столоватец”, Белица, наоди; 10.—12. век

 

 

Во 893 година Климент Охридски бил поставен за епископ во Дрембица или Белица. Досега се изнесени повеќе мислења каде лежела Белица (или Велица). Археолошките остатоци во Порече укажуваат на бројно словенско население во тие векови и веруваме дека станува збор токму за нашата Белица. Урнатините на една голема црква лежат на 2,5 км западно од Белица, на устието на Белешница во Треска (Велика), покрај главниот пат низ Порече.

 

153

 

 

 

Девич

 

Девич, регионално средиште. Сл. 30, 31.

 

Лит.: Ф. Месеснел 1933, 175—176; — И. Микулчиќ TIR, 42.

 

Местоположба. Тесниот карпест гребен „Девини Кули” се издига 75 м високо над реката Треска (596 м н.м.), еден км југоисточно од Девич. Реката скршнува во голем лак околу него. Пристапен е лесно од запад, преку тесното седло каде што поминувал стариот пат Скопје — Брод (— Кичево — Охрид); на ова седло се одвојувал патот кон Прилеп.

 

Сл. 30. „Девини Кули”, Девич, античка рударска населба. Акрополата е целосно обновена во 13.—14. век („град Девич”)

Сл. 30. „Девини Кули”, Девич, античка рударска населба. Акрополата е целосно обновена во 13.—14. век („град Девич”)

 

 

Најстари остатоци. На гребенот била изградена укрепена населба во античко време. Во доцната антика бил изграден ѕид со малтер, чии што остатоци наместа се гледаат под средновековниот ѕид. На јужната падина и во источното подножје, до реката, се простирало неукрепено подградие со

 

154

 

 

Сл. 30А. „Девини Кули”, Девич, акропола; реконструкција

Сл. 30А. „Девини Кули”, Девич, акропола; реконструкција

 

155

 

 

големина од 3 ха. Наоди: хеленистичка, римска и доцноантичка керамика, хеленистички и римски монети заклучно со 6. век. Насекаде лежи големо количество згура од топено железо и олово. Оваа рударска населба е нај-голема во Порече и претставувала несомнено средиште на регионот во стопанска и управна смисла.

 

Сл. 31. „Девини Кули”, Девич, наоди 13.—14. век

Сл. 31. „Девини Кули”, Девич, наоди 13.—14. век

 

 

Средновековни остатоци. Крепоста што денес се гледа на врвот на гребенот носи градежни белези на 13.—14. век. Градежниот слог е плочест, армиран со бројни дрвени греди (сантрач). Укрепениот простор имал димензии 160 х 52 м (0,7 ха). Поделен е со напречен ѕид во два дела. Во центарот на крепоста стоела главната кула (донжон), со димензии 8x8,5 м и висока, денес, до 5 м.

 

На западниот дел се наоѓала порта, бранета со издадена кула и со две стражарски куќи однатре. На источниот дел стоела следната кула, а четвртата стои и денес во јужното подножје на ридот. Крај неа се влегувало во подградието, опколено со камен ѕид без малтер. Близу до последната кула стои една црква, украсена со керамо-декорација (несомнено од 14. век). До половина е урната, со делумно запазен тамбур што ја носел главната купола.

 

156

 

 

Од живописот останале минимални остатоци.

 

Просторот на подградието има големина од 2,5 ха. Покриен е со остатоци од некогашните куќи, со парчиња од средновековна керамика и ковано железо (клинци и кламфи, ножови и др.), многу железна згура и парчиња сурово железо. Позначајни наоди: дел од бронзен крст — енколпион, прстен (10.—12. век), монети — бакарни скифати од 13. век (бугарски и латински имитации), српски сребрени пари од 14. век.

 

Градот Девич со обновеното обѕидие и кули претставува најдобро запазен средновековен укрепен пункт во Порече. Изграден е несомнено по српските освојувања, во доцниот 13. или 14. век. Тогаш и рударството достигнало силен развој, а Девич станал стопанско средиште на регионот. Со турската окупација рударството замрело, а управниот центар бил померен неколку километри на југ, во новата касаба Брод каде што и денес се наоѓа. Градот Девич не е забележан во турските документи, што значи дека бил напуштен веднаш по турското освојување.

 


 

Заград (Растеш)

 

Град Растеш, рударска крепост и крајпатна стража. Сл. 32.

 

Местоположба. Издвоениот вулкански куп „Кула” се издига над устието на Требовска Река во Црнешница, 1 км источно од Заград и 1 км северно од Растеш. Висок е 140 м (915 м н.м.), има стрми падини и зарамнет врв, пристапен е само од запад, преку длабоко седло. Крај него води стариот пат Порече — Гостивар, кој оттука се качува кон планинскиот превалец Волче на Сува Гора.

 

Најстари остатоци. Во доцноримско време на врвот на Кула било изградено малтерно обѕидие околу триаголен простор, голем 80 х 60 м (0,3 ха). Во 6. век ѕидот бил целосно обновен, со кули на аглите. Внатре на источниот крај се наѕира една цистерна за дождовница, всечена во карпа. Наоди: парчиња од доцноантичка керамика и железна згура, ситни предмети ковани од железо. Кастелот на Кула очигледно служел како рудничка стража и за контрола на граничниот премин на превалецот Волче, каде што била повлечена границата меѓу провинциите Македонија и Превалитана.

 

Средновековни остатоци. Регистриравме повеќе парчиња од словенски црепни и доцносредновековна огнишна грнчарија. Во средишниот, највисокиот дел на крепоста лежи голема грамада од паднати ѕидови на една доцна градба, очигледно доцносредновековна. Има форма на кружен венец со пречник од 12—13 м. Градбата била градена без малтер, како голема кула — донжон за руднички потреби и за стражарите. Обѕидието на старата кре-

 

157

 

 

Сл. 32 „Кула”, Заград, доцноантички руднички кастел, обновен е делумно во средниот век („град Растеш”)

Сл. 32 „Кула”, Заград, доцноантички руднички кастел, обновен е делумно во средниот век („град Растеш”)

 

 

пост е добро запазено и на него нема подоцнежни обнови.

 

Високата стража на Кула имала иста функција како и порано: да ги контролира и да ги штити околните рудници и патот од Порече преку Волче кон Гостивар. Овој пат имал големо значење како главна врска со матичните српски земји на север, по српските освојувања на Полозите и Порече. Според преданието, на Кула стоел градот Растеш.

 


 

Здуње

 

Крајпатна и рудничка крепост. Сл. 33, 34.

 

Лит.: И. Микулчиќ 1989, 56; — М. Ивановски 1987, 123—124.

 

Местоположба. Месноста „Градец” претставува завршеток на долг планински огранок наднесен над устието на рекичката Оча во Велика со 250 м височина. Лежи 1 км северно од Здуње, над денешната полициска станица. Патот од Скопје за Порече, Кичево и Охрид, слегувајќи од високиот премин

 

158

 

 

Дервен (Скопско Брдо) во клисурата на Велика, врти околу Градец од три страни пред да слезе до Велика. Стратешката позиција на Градец е извонредна. Лесно е достапен само преку мало седло од југоисточната страна.

 

Најстари остатоци. Зарамнетиот простор на врвот на Градец, со димензии 190 х 40 м (0,6 ха) опфатен е со остатоците на малтерно обѕидие, со доцноантички белези. Наоди: многу парчиња од доцноантичка грнчарија, питоси и тегули, парчиња од ковано железо и топено олово, железна згура; метални украси од 6. век, римски монети од 4., 5. и 6. век. Во подножјето се откопани гробови со накит (5. и 6. век).

 

Кастелот надгледувал еден многу голем дел од спомнатиот пат, кој неколку километри јужно оттука ја преминувал провинциската граница од Дарданија кон Македонија. Ги контролирал и околните рудници на железо и олово.

 

Сл. 33. „Градец”, Здуње, доцноантички крајпатен кастел, користен и во средниот век („град Здун”)

Сл. 33. „Градец”, Здуње, доцноантички крајпатен кастел, користен и во средниот век („град Здун”)

 

 

Средновековни остатоци. На обѕидието нема траги од средновековни обновувања; веројатно било добро запазено и во средновековието и користено за иста цел како и порано. Ова го потврдуваат наодите на бројни

 

159

 

 

словенски црепни на просторот на целата крепост, потоа ситни парчиња од ковано железо со средновековни белези — врвови од стрели за пробивање панцир, појасни токи, алатки и др. Најден е еден бронзен прстен (12.—13. век) и монети — бакарни скифати (бугарски имитации) од 13. век. На планинските коси југоисточно од Градец лежат стари рудници.

 

Сл. 34. „Градец”, Здуње, наоди, 11.—13. век.

Сл. 34. „Градец”, Здуње, наоди, 11.—13. век.

 


 

Ижиште

 

Висока крајпатна и регионална стража. Сл. 35, 36.

 

Лит.: Г. Спасовска 1987, 167—175 (под Миокази); — Е.Манева 1992, 121.

 

Местоположба. Вулканскиот куп „Кале” се издига 440 м високо над реката Велика (1022 м н.м.) затворајќи го западниот дел на речниот теснец. Има стрмни падини и зарамнет врв. Пристапен е преку едно длабоко седло од север. Озгора се гледа многу широк простор наоколу: спомнатиот речен теснец (со патот Кичево — Брод — Прилеп) до источниот крај; потоа долината на Велика и на Голема Река до планинските премини Пресек и Церон 22 км на запад преку кои патот од Кичево води кон Охрид и огранокот кон Дебар. Натаму, преминот Турла на планината Баба Сач преку кој патот од Кичево се искачува кон Железнец и води натаму кон Битола.

 

Најстари остатоци. На врвот се регистрирани остатоци од хеленистичко време. Во доцноримско време било изградено силно обѕидие околу простор

 

160

 

 

Сл. 35. „Кале”, Ижиште, доцноантички збег, користен и во средниот век („град Иж”)

Сл. 35. „Кале”, Ижиште, доцноантички збег, користен и во средниот век („град Иж”)

 

 

со димензии 230 х 195 м (2,5 ха). Во средишниот дел се наѕираат основи од повеќе куќи. Наоди: доцноантичка керамика, стакло, ситни бронзени украси, монети од доцниот 4. и 5. век, фибула од доцниот 6. век Овој голем и висок збег го надгледувал граничниот премин од провинцијата Македонија кон Нов Епир и Превалитана.

 

Во југозападното подножје на Калето, на ритчето „Венец” крај патот, во 6. век била изградена уште една крепост чиј челен ѕид бил зајакнат со предѕид и 9 кули; во неа стоела и една голема базилика. Тука, веројатно била стационирана погранична коњаничка единица за директна контрола на

 

161

 

 

патиштата кон Лихнид, Скупи и Керамиае, додека високата крепост на Кале и помагала како стража и служела како укрепена населба и збег за околината.

 

Средновековни остатоци. Најдени се повеќе парчиња словенски црепни, потоа железни врвови за стрели за пробивање панцир и бронзен прстен (10.—13. век). Во југоисточното подножје на Калето, на месноста „Стара Црква” лежат темелите на една црква и околу неа гробови, со наоди типични за 10.—12. век. Други гробишта се откопани во југозападното подножје, на спомнатото ритче Венец, крај урнатата ранохристијанска базилика од 6. век. Датирани се во 10.—12. век. Средишниот кораб на базиликата во тоа време очигледно бил обновен и функционирал како помала црква.

 

Високата стража на Кале имала иста функција како и порано: во бурните времиња од 10. век наваму била, веројатно, одвреме-навреме населена, за да го набљудува движењето по патиштата низ околниот регион. Според преданието, на Кале стоел градот Иж.

 

Сл. 36. „Венец”, Миокази, крајпатен кастел од 6. век. Словенски гробови од 10.—12. век откриени се крај базиликата (по Г. Спасовска)

Сл. 36. „Венец”, Миокази, крајпатен кастел од 6. век. Словенски гробови од 10.—12. век откриени се крај базиликата (по Г. Спасовска).

 

162

 

 

 

Модриште

 

Град Модриче, рудничка населба и крепост. Сл. 37, 38.

 

Лит.: П. Јовановиќ 1928, 278—280; — Р. Грујиќ 1933, 53; — Ф. Месеснел 1934, 183; — Т. Томоски 1971, 255—258; — И. Микулчиќ TIR, 87.

 

Местоположба. Тесниот карпест рид „Марково Кале” лежи 1 км северно од Модриште. Висок е 160 м над реката Велика (645 м н.м.). Има стрмни падини и пристапен е само преку тесното седло од југоисток. Од врвот се гледа кањонот на Велика до утоката на Белешница 5 км на север и утоката на Тополница 4 км на југ. Во подножјето, долж реката, минува патот Скопје — Брод —Кичево — Охрид, античкиот пат Скупи — Лихнид.

 

Сл. 37. „Марково Кале”, Модриште, доцноантичка стража, обновена во средниот век („град Модрич”)

Сл. 37. „Марково Кале”, Модриште, доцноантичка стража, обновена во средниот век („град Модрич”)

 

 

Најстари остатоци. Во доцноантичко време околу врвот било подигнато обѕидие со малтер, кое затворало простор со димензии 120 х 50 м. (0,4 ха). Внатре, во жива карпа биле всечени бројни простории за живеење, како и една цистерна за дождовница на југоисточниот дел. Наоди: монети од доц-

 

163

 

 

ниот 4., 5. и 6. век. Во јужното подножје, крај реката и устието на Модришка, лежат остатоци на поголема рударска населба (темели, керамика, згура од топена железна руда, монети од 3. до 6. век, базилика). Стари рудници на железо („Мелои”) лежат југоисточно.

 

Сл. 38. „Марково Кале”, Модриште, наоди, 12.—14. век.

Сл. 38. „Марково Кале”, Модриште, наоди, 12.—14. век.

 

 

Средновековни остатоци. Крепоста на Марково Кале била користена и во зрелиот среден век; најдени се парчиња од словенски црепни и бројни монети — бакарни скифати од 13. век (латински имитации на Мануил I како и на Андроник II Палеолог (1282—1328), потоа бронзен накит од 12.—14. век, железни производи — ножови, врвови од стрели, спојки, алатки и др.

 

На соседниот Варошки Рид што лежи 200—500 м јужно од крепоста се простирала неукрепена населба (варош), потврдена со бројни основи на куќи и ситни наоди од исто време. Под денешното село, кај црквата на Пречиста, според кажувањата лежат остатоците на Модричкиот манастир од 14. век, делумно ископуван.

 

164

 

 

Модричката тврдина ги контролирала рудниците на железо околу Модриште и пошироко. Подградието се развило во варош со трг, ковачници, дуќани и пазар. Модричкиот манастир имал имоти низ целото Порече и на запад се граничел со метохите на Гостиварскиот и Тетовскиот манастир. Сепак, градот Модрич останал во сенка на регионалниот центар, градот Девич.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]