Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

2. Општина БИТОЛА

Битола (Битола, Бутела, Пелагониjа ?)

Долно Ореово

Живоjно

Зовик (Чемрен)

Стрежево (Габаларион)

 

Битола

 

Кастрон Бутела — град Битола (кивитас Пелагонија?). Сл. 20—22.

 

Лит.: Папазоглу 1957, 188—194; — И. Микулчиќ 1974, 347—368; — Мошин 1966, 51—61; — Томоски 1980, 17—21; — Филиповска - Србиновски 1980, 111—122 и 1981, 113—120; — Манева 1992, 113—117.

 

Местоположба. Месноста „Буковски гробишта” (Хераклеја), лежи на јужната периферија на Битола. Претставува 50 м високо и издадено ритче на западниот раб на големото Поле, кое преку тесно седло продолжува на запад во повисоки ридови, кон планината Неолица. Околу ова место вртел познатиот Егнациски пат, денес патот Охрид - Битола - Лерин.

 

Најстари остатоци. На ритчето и во јужното подножје, долж Сива Вода, се раширил античкиот град Хераклеја Линкестис. Археолошките наоди потврдуваат живот од 2. век од ст. е. до крајот на 6. век. Откопани се: театар и дел од форумот (2. век), бања (4. век), 3 базилики и епископска палата (доцен 5. и 6. век). Запазено е и обѕидието, градено во 2., 4. и 6. век (обнови), а затворало простор со големина од 8 ха, кој во 6. век бил редуциран на 5 ха.

 

139

 

 

Црковните градби се покриени со бројни мозаични подови, кои спаѓаат меѓу најубавите во Македонија. Познати се повеќе епископи од 4. до 6. век.

 

Сл. 20. Античкиот град Хераклеја Линкестис. Акрополата (А) е обновена како средновековен кастрон Пелагонија (?) а епископскиот комплекс (М) како манастир — Бутела (Битола ?)

Сл. 20. Античкиот град Хераклеја Линкестис. Акрополата (А) е обновена како средновековен кастрон Пелагонија (?) а епископскиот комплекс (М) како манастир — Бутела (Битола) ?

 

 

Средновековни остатоци. По аваро-словенските уривања на градот (според монетите тоа се случило во 586 г.), преостанале делумно запазени неколку големи градби. Пред cи тоа е Епископскиот комплекс со 2 базилики и епископскиот двор. Веројатно врз нив, неколку века подоцна бил изграден манастирскиот комплекс. По него новата словенска населба го добила името: Битол’а, Бутела, (од „обителъ” = калуѓерска заедница). Крепоста над населбата во грчките документи носи име Пелагонија.

 

При ископувањата на спомнатиот простор (1961—1974 г.), во најгорните слоеви се откриени траги од примитивни словенски живеалишта, датирани со парчиња од огнишна грнчарија, бронзен накит, железни алатки и византиски монети од 10.—13. век. Истовремени гробишта се истражувани 250—300 м источно од тој ареал, околу базиликата Д (1980—86). Датирани се со накит и византиски монети во 10.—13. век. Источно од некрополата се констатирани населбински слоеви од доцниот среден век.

 

Локацијата на „градот” (тврдината) Битола останала до денес непотврдена. Тука помислуваме на акрополата на Хераклеја од предсловенскиот период, која се издига на 80—100 м северно од ископаниот епископски комплекс односно претпоставениот средновековен манастирски дел. На

 

140

 

 

планот од градот што го работев пред 3 децении имам внесено и обѕидие на врвот од ритчето, зајакнато со неколку кули. И денес релативно добро е сочувано на теренот. Од јужната страна на врвот, меѓу современите подѕидувања за лозја што се гледаат на тој простор, континуирано се следат два стари крепосни ѕида од кои едниот е можеби доцноантички, а другиот средновековен. Овие обѕидија опфаќаат простор голем 0,8 односно 1,5 ха, што е доволно голем за тоа време. За жал, просторов досега археолошки не бил истражуван.

 

Сл. 21. Тн. Битолска илоча од 1016/17 г.: царот Јован Владислав го обновува градот Битола (по Ј. Заимов)

Сл. 21. Тн. Битолска илоча од 1016/17 г.: царот Јован Владислав го обновува градот Битола (по Ј. Заимов).

 

 

Во прилог на горното мислење зборува и текстот на т.н. Битолска плоча подигната од Јован Владислав во 1016/17 година. Тој „го обновил градот Битола” (Ј. Заимов 1970, 1—160). Значи дека користел веќе постојани ѕидови, што само ги надѕидал и ги обновил. Освен силното обѕидие на дочноантичката Хераклеја, пред cи нејзината акропола, нам не ни се познати други ѕидишта поблиску до Битола освен неколкуте планински кастели и збегови, оддалечени повеќе километри. Останува идните ископувања сето ова да го потврдат.

 

Од пишаните документи познато е дека кон крајот на 10. век Самуил

 

141

 

 

ја зема Битола од Византија, а син му Гаврил Радомир кај Битола гради дворец, изгорен од Василиј II во 1014 г.

 

— Гореспомнатата Битолска плоча зборува за обновувањето на градот Битола. Во 1018 г. градот му се предал на Василиј II и останал под византиската управа следните 3 века. Само одвреме-навреме градот имал други господари. Така, во 1082 г. го освоиле на кусо Норманите под Боемунд, од Јужна Италија; — Околу 1200 г. локалните феудалци — одметниците Добромир Хрс и Камица; — во 1230 г. — деспотот Теодор Дука од Епир, а потоа Јован Асен од Бугарија; — во 1246 г. пак Епирците; — во 1252/53 г. Никејците; — во 1257/58 г. Михајло II од Епир, а во следната година повторно Никејците, односно обединетата Византија. Од 1330 г. е под српска власт, а во 1385 г. освоен е од Турците.

 

Горенаведената хроника зборува дека Битола низ целиот среден век имала големо воено-стратегиско значење, кое и се наметнувало пред цивилната функција на градот — да се развива како стопанско и културно средиште на регионот. Во прилог на ова ќе наведем уште неколку елементи. Имено, низ 11. и 12. век во Битола („Пелагонија”, „Хераклеја Мизиска”, „Бутела”) повеќе пати престојувале лично византиските владетели со војска, подготвувајќи ги оттука своите воени походи на соседите (Нормани, Срби, Унгарци). Ова е значаен факт што секој историчар треба да го почитува (М. Бошкоски 1989, 83—104). Исто така, до средината на 12. век Битола cи уште се означува како кастрон, голема тврдина (писмото на Мануил I Комнин до опатот Вибалд од 1153 г. е сигнирано со „a castro Pelagoniae”).

 

На крајот да забележиме дека за разлика од низа други наши градови кои им се предале без отпор на Турците и благодарение на тоа биле поштедени, Битола била освоена со борба и поради тоа била урната. Ова уривање било несомнено целосно, така што ние денес на теренот и не гледаме надземни средновековни остатоци, а токму тоа е она што сите нас досега најмногу не збунувало.

 

Турската населба Битола („Манастир”) како неукрепена касаба (според пописот од 1467/8 г. имала само 463 куќи) а подоцна како голем шехер се развила подалеку од старата крепост, во центарот на денешниот град и северно од Драгор. Џамиите што преостанале од тие векови се неоспорни докази за тоа.

 

Пред 15 години направени се обиди, средновековниот град Битола да се открие на една друга локација. Тоа е ридот „Кале” накај с. Раштани, над северозападната периферија на денешниот град. Местото доминира над долината на Драгор и западниот раб на Полето. Стратешката положба му е добра, меѓутоа таму нема вода ниту други основни услови за живеење. На

 

142

 

 

крајот од антиката таму бил подигнат голем одбранбен бедем во вид на земјен насип, за привремен престој на војска. Во 10.—12. век во него била изградена една осамена црква, додека теренот околу црквата останал речиси сосем стерилен (ископувања од 1978, 1980 и 1994 г.). Минимални се можностите на тоа место да се открие средновековниот град Битола.

 

Сл. 22. Хераклеја, Битола, словенски накит од 10.—12. век најден на просторот јужно од акрополата (6р. 6—8) и во гробиштата крај базиликата Д (бр. 1—5, 9; по Е. Манева)

Сл. 22. Хераклеја, Битола, словенски накит од 10.—12. век најден на просторот јужно од акрополата (6р. 6—8) и во гробиштата крај базиликата Д (бр. 1—5, 9; по Е. Манева)

 

143

 

 

Д. Ореово

 

Крајпатна и регионална стража.

 

Лит.: М. Грбиќ 1954, 122; — И. Микулчиќ TIR, 46; Е. Манева 1992, 117.

 

Местоположба. Ридот „Кале” се издига 2 км североисточно од Долно Ореово и 360 м високо над околните долинки (1105 м н.м.). Доминира над многу широка околина и над превалецот 2 км северно од него, по кој патот од Битолското Поле води кон Јужно Мориово.

 

Најстари остатоци. На врвот од ридот на крајот од антиката бил изграден силен кастел; обѕидието (камен со малтер) затвора простор од 180 х 90 м (1,3 ха). Северниот, повисокиот дел со внатрешен ѕид бил преграден во мала акропола. Наоди: доцноантичка керамика и монети од 5. и 6. век. Кастелот го контролирал спомнатиот пат и границата меѓу провинциите Македонија I и II, повлечена северно оттука.

 

Средновековни наоди. На обѕидието на акрополата се гледаат обновувања изведени во среден век. На просторот на обновената крепост има траги од следните векови: средновековна керамика, парчиња од стаклени белегзии, железни алатки, бронзен прстен (12.—13. век). Веднаш до крепоста и внатре во старото обѕидие откриени се 3 некрополи и истражени 66 гробови (во 1986—88 г., Музеј Битола); датирани се со накит типичен за 10.—12. век.

 

Очигледно е дека крепоста била интензивно населена во текот на неколку века, со функција на крајпатна и регионална стража меѓу градот Битола од една страна и Чемрен односно Морихово од другата.

  


 

Живојно

 

Рудничка населба и тврдина.

 

Лит.: М. Грбиќ 1954, 127; — И. Микулчиќ TIR, 136.

 

Местоположба. Месноста „Градиште” лежи 1 км југоисточно од Живојно и 1 км од денешната граница кон Грција. Претставува доминантно ритче со стрмни падини над изворишните краци на Живојнска Река, во западното подножје на Кожуф-планина. Во близина лежат рудниците на јаглен и старите копови на железна руда.

 

Најстари остатоци. Од почетоците до крајот на античката епоха на Градиште егзистирала укрепена населба, потврдена со бројни движни наоди од населбени слоеви, како и со 10-ина некрополи од одделни временски периоди околу неа. Во доцната антика било изградено цврсто обѕидие со малтер; бројни монети завршуваат со доцниот 6. век. Очигледно е дека населението живеело од експлоатацијата на железна руда, која тука лесно е топена благодарејќи му на јагленот (површински копови).

 

144

 

 

Средновековни остатоци. Доцноантичкото обѕидие било несомнено добро запазено и во раниот среден век и во неговите рамки живеела средновековна населба. Истата е потврдена со керамика од тоа време како и со бројни византиски монети од 11. до 13. век. Во непосредната околина на Градиште најдени се и 3 остави со византиски пари (скифати-трахеи), закопани таму на крајот од 12. и почетокот на 13. век. Во доцниот среден век населбата на Градиште изгледа целосно замрела.

 

На крајот да спомнеме дека само 4 км југоисточно оттука стоела познатата тврдина (фрурион) Сетина во која царот Гаврил Радомир имал свој ловечки дворец.

  


 

Зовиќ (Чебрен)

 

Град Чемрен, рудничка крепост. Сл. 6, 23, 24.

 

Лит.: И. Микулчиќ TIR, 136; — Филиповска - Србиноски 1978, 117—120.

 

Местоположба. Локалитетот „Град, Чебрен” лежи на еден издвоен вулкански куп во кањонот на Црна, 140 м високо над реката (560 м н. м.), 3 км северозападно од Зовик. Тука лежат урнатините на средновековниот манастир и на раселеното селце Чебрен. Речниот свијок го опфаќа купот од 3 страни. Една пониска тераса го поврзува купот со други ридови на југ, одвоена од нив со тесно седло. Локалниот планински пат што поаѓал од Полето на запад и ја сечел јужномориовската висорамнина. го допирал Чебрен и се качувал до пазувите на Кајмакчалан - Кожуф на исток, кон старите рудни-ци на железо (денес патот Суводол — Рапеш — Манастир — Полчиште). Наброените села денес во голем степен се раселени.

 

Најстари остатоци. На спомнатиот висок куп во доцната антика бил изграден силен кастел, којшто зафаќал простор од 3 ха. На пониската јужна тераса се развила цивилна населба, опфатена исто со обѕидие. Ѕидовите се градени со малтер. влечени во долги прави потези и зајакнати со повеќе кули. Целиот простор е планиран и оформен како град, со големина од 5 ха (со кастелот-акрополата вкупно 8 ха).

 

Во центарот на населбата стоела голема базилика, чии што темели и делови од мермерната пластика денес лежат околу средновековната црква. Оваа црква била изградена врз старата базилика, а обновена е во 16. век како манастир Чебрен. Во текот на I светска војна (1917—18) манастирот бил урнат и до денес не е обновен. Доцноантичкиот градежен шут лежи насекаде, а изобилството железна згура зборува за индустријата на железо во населбата. Траги од старите рудници има на повеќе места во околината.

 

145

 

 

Сл. 23 „Чебрен”, Зовик, доцноантички рударски град. Акрополата е обновена во средниот век како град Чемрен

Сл. 23 „Чебрен”, Зовик, доцноантички рударски град. Акрополата е обновена во средниот век како град Чемрен

 

146

 

 

Според сите индиции на ова место стоел градот Антанија, епископско седиште во 5. и 6. век.

 

Средновековни остатоци. Акрополата била обновена во средниот век; новото обѕидие отстапува од линијата на доцноантичкиот ѕид и има белези типични за 13.—14. век. Укрепениот простор од тоа време мерел 1,5 ха. Со ископувањата на тој простор (1976—78 г.) биле сондирани станбените слоеви крај обѕидието. Најдена е керамика, различни ситни предмети и монети од 11. до 14. век. Се истакнува една бронзена аплика со претстава на глава-јавач, и крст-реликвијар (10.—11. век; сл. 6, 24).

 

Сл. 24. „Чебрен”, Зовик, крст-реликвијар, 10.—11. век (по Р. Петровиќ)

Сл. 24. „Чебрен”, Зовик, крст-реликвијар, 10.—11. век (по Р. Петровиќ)

 

 

На местото на базиликата од 6. век била изградена нова но помала црква (13.—14. век?), уште еднаш обновена и живописана во 16. век (манастирот Чебрен). Една друга црква, посветена на св. Илија, изградена е во тоа исто време на југоисточниот агол на античкото обѕидие.

 

Спомнатите траги од преработката на железо во околината и во самиот Чебрен зборуваат за стопанската подлога врз која израснал доцносредновековниот „град” Чемрен. Името на крепоста е словенско и зборува дека населението во регионов било словенско. Чемрен останал под византиска власт до 1331 (или 1334) г. кога го освоиле Србите. По турската окупација рударството замрело, а со него и крепоста, така што во документите веќе не се спомнува. На ова место остана да живурка само селцето и манастирот Чебрен, како спомен на некогашниот град.

 

147

 

 

По реката Црна 8 км северно од Чебрен, меѓу селата Чаниште и Манастир лежи крепоста Градок. Тоа е несомнено кастронот Морихово, управно и стопанско средиште на истоимениот регион во 9.—12. век. По неговото замирање средиштето било пренесено во Чемрен.

 

 


 

Стрежево (Габалавци)

 

Фрурион Габаларион, рудничка крепост. Сл. 25, 26.

 

Лит.: Томоски 1964, 43; — И. Микулчиќ TIR, 121; — Јанакиевски 1980, 97—110.

 

Местоположба. Месноста „Кале” лежи 1 км североисточно од раселеното Стрежево и 3,5 км западно од Габалавци. Претставува 60—70 м висока тераса на работ на долинката на Шемница. На ридовите од двете страни на Шемница има траги од експлоатацијата на железо во минатото. Патот долж Шемница го допирал и Калето а го поврзувал рудоносниот Демир Хисар на север со Егнацискиот пат (денес Охрид — Битола) на југ.

 

Сл. 25. „Кале”, Стрежево (Габалавци), рудничка тврдина од 6. век, делумно е обновена во средниот век (фрурион Габаларион?).

Сл. 25. „Кале”, Стрежево (Габалавци), рудничка тврдина од 6. век, делумно е обновена во средниот век (фрурион Габаларион?).

 

148

 

 

Најстари остатоци. Во 6. век на ова место била изградена силна крепост за да ги штити околните рудници и граничниот премин меѓу провинциите Македонија I и II; граничната линија била повлечена во близина на крепоста. Кастелот бил голем 195 х 164 м (2,5 ха). Бил обграден со силно обѕидие кое било зајакнато со неколку кули и предѕид. На северниот ѕид од кастелот се потпирал станбениот простор, исто така укрепен. Со ископувања е утврдено градењето на крепоста во 6. век. На отворен простор 300—600 м југозападно од неа лежат остатоци од населба од истиот период и ранохристијанс-ка базилика, украсена со мозаичен под и мермерна пластика.

 

Сл. 26. „Кале”, Стрежево, група железни предмети, исковани во тврдината; 10.—11. век; (по Т. Јанакиевски)

Сл. 26. „Кале”, Стрежево, група железни предмети, исковани во тврдината; 10.—11. век; (по Т. Јанакиевски)

 

149

 

 

Средновековни остатоци. Ѕидовите околу кастелот се добро запазени до денес; во доцниот среден век тие веројатно биле обновени и тврдината се користела да ги контролира обновените рудници околу неа. Тука е ископано депо со железни предмети од 10.—12. век: 18 узенгии за коњи (номадски тип), боеви секири, земјоделски алатки, голем крст и др.; предметите биле исковани во оваа крепост и пред употреба скриени под земја. Пронајден е и бакарен скифат од 13.—14. век.

 

Во борбите помеѓу Византија и Србите околу рудоносните региони Демир Хисар и Дебрица во 1330 г. спомнат е фрурион Габаларион (покрај Бучин, Добрун, Железнец и Дебрица). Името на денешното село Габалавци во тој регион наведува на помисла дека е изведено од името на византиската тврдина. Други топономастички траги нема на други места. Томоски прв помислил на ова село како на патоказ за локацијата на Габаларион. За жал, тој посочил неодреден простор меѓу селата Габалавци и Лопатица, од левата страна на Шемница. На тој простор нема траги од некоја стара крепост. Единствената тврдина во тој микро-регион е оваа што тука ја прикажуваме. И името на Стрежево народното предание го поврзува со крепоста во која владеел легендарниот Стрез.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]