Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VI. МАТЕРИЈАЛНИ ОСТАТОЦИ ОД СРЕДНИОТ ВЕК

 

VI. 3. ДВИЖЕН АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ

1. Предмети от метал и коска:
       А. Накит
       Б. Амулети
       В. Делови от машка опрема
2. Оружjе
3. Орудиjа
4. Монети
5. Керамика
      А. Византиска глеѓосана грнчариjа
      Б. Други византиски категории
      В. Куќна грнчариjа
      Г. Градежна керамика

 

VI. 3.1. Предмети од метал и коска

 

Во споредба со керамиката која остана кај нас главно непроучена, ситните предмети лиени од бакар или бронза, а поретко од олово и сребро или ковани од железо, или резбарени од коска и рог, претставуваат првокласен археолошки материјал за нас. Како модни новитети или белези на верската, културната, професионалната, сталешката, па и етничката припадност, овие предмети имаат честопати извонредно големо значење. Тие се креирани во поголемите политички и културни центри: во Цариград и Солун, Мала Азија и во друтите делови на Источниот Медитеран, но и на Источниот Балкан или во Италија. Кај нас пристигнале по различни поводи: со воените освојувања и воспоставувањето на соодветната државна управна власт: со трговските врски како модни новитети; со ширењето на христијанството меѓу Балканските Словени; со созревањето на определената културна или етничка самосвест.

 

Наведените предмети како производи на поголемите културни заедници во рамките на источномедитеранскиот свет, се проучувани на поширок европски план и на соодветно научно рамниште. Тие со сигурност се определени како од културен така и од временски и функционален аспект. Преку нив со сигурност ги определуваме и нашите крепости каде што се најдени. Од тие причини, во каталошкиот приказ на нашите градови (сп. Преглед, гл. VII) на секој локалитет се наведени и наодите од метал, како сигурни репери во датирањето.

 

 

А. Накит.

 

Во 1992 година се појави книгата на Е. Манева за средновековниот накит во Македонија. [12] Во неа се собрани. систематизирани, типолошки и временски определени сите досега познати наоди на накит од 7.—14. век на ова подрачје. Книгата е базирана на исцрпниот каталот на наоди од 100 локалитети во Македонија, меѓу нив и од повеќето градови што ние тука ги обработуваме.

 

 

12. Е. Манева и Ј. Ананиев 1993, 265—272, за рокчето од Водоча.

 

81

 

 

Ги истакнуваме овие вредности бидејќи книгава ни послужи како еден од потпорите во датирањето на оние наши крепости во кои се најдени примероци накит од средниот век. Поради истпте вредности нема потреба да ги повторуваме типолошките карактеристики на одделни групи накит и временските рамки во кои тие егзистирале. Сето тоа е кажано во книгата и ние целосно се потпираме врз заклучоците на Е. Манева.

 

 

Б. Амулети.

 

Претставуваат специфична група предмети блиски до накитот, но со поинаква намена. Откриени се во поголем број на нашите укрепени места и само делумно се прикажани во стручните гласила.

 

Во гратчето Давина кај Чучер близу Скопје е најден еден извонредно редок и значаен амулет, изделкан од парошка на еленски рог. Има форма на тн. рокче, провртено во горниот дел за протнување на врвка и за носење на вратот. Со плитко врежани линии околу, рокчето е поделено во 6 сегменти, а седмиот дел, горниот крај, е изрезбарен во вид на човечка глава со 4 лица, покриена со конусна шапка. Двете лица кои се сочувани, претставуваат возрасни мажи со мустаќи и со куса брада, нагласени со врежани цртички. На ист начин е претставена и косата. [13]

 

Пред нас е всушност претстава на главното Словенско божество од претхристијанскиот период, Перун-Севид (гледа на сите четири страни). Вакви рокчиња се познати од Преслав (прабугарската престолнина), од Вислица и Волин во Полска, а слични предмети со исти претстави се најдени во Русија, Финска па и во Шведска. Монументални камени споменици со 4 лица се откриени во Збруч и Иванковци во Украина. [14] Рокчето од Преслав е датирано во 10. век. И наодот од Давина потекнува веројатно од тоа време.

 

По приемот на христијанството во нашите краишта се појавија бројни мали крстови-амулети, кои исто така се носеле на вратот. Биле лиени главно од бронза, но и од олово или пак биле ковани од железо. Најраскошни меѓу нив се крстовите — реликвијари (енколпиони), изработени од два дела. Предната и задната половина се спојуваат на шарнир и оставаат шуплина за ставање реликвија во неа. И двете страни најчесто се украсени со релјефи: распнатиот Христос и на реверсот Богородица Оранта,

 

 

13. Овој предмет, досега необјавен, најден е покрај западниот градски ѕид на местото каде што тој прави остар двоен прелом. Ерозијата го разголила тоа место и открила слој со интензивни гореници во кои лежеле бројни исечени парчиња еленски рог и препарирана коска, меѓу нив и ова „рокче”. Во прашање е несомнено мала работилница, допрена однадвор до градскиот ѕид.

 

14. Н. Чаусидис 1994, 461 и н., Т. 105, 106, 107. Сп. и Е. Манева — Ј. Ананиев 1993, 265—272 (рокче од Водоча).

 

82

 

 

фланкирани со помали фигури на светители. Поефтините производи биле украсени со врежани сцени. Проследени се со грчки текстови. Биле произведувани во главните византиски центри. Во 10. век кога Византија продира во внатрешноста на Балканот во рамките на Црквата, а во 11. век и политички, овие крстови стигнале низ балканските простори до Дунав на север. [15]

 

Интересно е да истакнеме дека вакви реликвијари кај нас се наоѓани главно во црковните средишта (епархиски и енориски): во Скопје, Битола, Охрид, Струмица; во Прилеп, во Просек, Луковица, Козјак (Канарево) и Лешок кај Тетово. Потекнуваат од 10. и 11. век и несомнено стоеле во врска со повисоките свештенички чинови, разместени во спомнатите црковни средишта.

 

Поедноставни од претходните се крстовите-приврзоци, лиени од бронза во еден дел или исковани од железна плочка. Некои од нив се украсени на предната страна. Биле носени како амулети, исто така на вратот. Во градот Девол кај Дреново е најден мал оловен крст со остатоци од лиен шев од калапот. Шевот по лиењето не бил отстранет (цизелиран и ретуширан) и укажува дека на тоа место постоела работилница за вакви крстови. Во Стенче кај Тетово и Железнец во Демир Хисар се најдени едноставни крстови исковани од железо, во придружба со други наоди од 13.—14. век.

 

Нема потреба да докажуваме дека обичајот да се носи крст-амајлија околу вратот бил распространет кај сите словенски (и други христијански) народи низ средниот век, cѐ до денес. Крстовите биле правени во средниот век главно од дрво, поретко резбарени од коска, рог, ќилибар или пак иени од метал и стакло. Поради тоа во археолошките контексти од средниот век и не се сочувани во поголем број (сп. сл. 24, 60, 66, 80, 105, 108, 113, 153, 164).

 

*  *  *

 

Следните редови ќе ги посветиме на група амулети најдени на нашите градишта, кои укажуваат на определена сталешка припадност на нивните некогашни сопственици. Од тврдините Прилеп и Чемрен (с. Зовиќ) потекнуваат бронзени амулети речиси идентични меѓу себе. Изработени се на многу ниско уметничко и техничко ниво. Потекнуваат од азиските степски пространства. Претставуваат глава на митски херос (или шаман) поставена на

 

 

15. Г. Вујовиќ-Марјановиќ 1977, бр. 10, 16, 34, 39, 44, 47 (од Струмица, Чепигово, Прилеп и Лешок), што се чуваат во Народниот музеј во Белград; 10.—12. век.

 

83

 

 

коњ во трк (сл. 6). [16] Излиени се од бронза во вид на масивна плочка, делумно ажурирана, со ушка на горниот крај. Прабугарите ги донеле од Азија во Долно Подунавје, а со ширењето на државата на Борис и Симеон, тие стигнале и во нашите краишта. Не е јасно дали некогашните сопственици на овие амулети во тврдините Прилеп и Чемрен ги носеле како воено (офицерско) обележје, или тоа биле култни-магиски амајлии на шамани. Датираат од доцниот 9. или 10. век.

 

Од крајпатната тврдина во Јегуновце кај Тетово што го демнела влезот во Дервенската клисура и главниот пат од Полозите кон Скопје, потекнува бронзен амулет-печат (жиг). Двете идентични страни на печатот се лиени одделно и со шарнир се поврзани со третиот дел — носачот. Носачот има ушка на горниот крај низ која била протната врвката за носење околу вратот. На внатрешните, рамни страни на печатот угравирана е претстава — фантастично животно од азиска митологија (сл. 6).

 

Досега се познати неколку вакви амулети-печати од подрачјето на државата на Симеон и Самуил. Според првиот ваков наод од прабугарската престолнина Преслав, одбележани се во стручната литература како Преславски тип. [17] Ги носеле несомнено повисоките управни функционери и со нив втиснувале печат (или жиг) на определени документи и пратки.

 

Од Девол-град кај Дреново потекнува бронзен полутопчест амулет со алка на горниот крај за протнување врвка. Предната страна му е рамна и на неа е претставено фантастично животно од азиската митологија. Задната страна е сферно испакната и на неа во плиток релјеф е претставен лик на некој митски херос или тотем, стилизиран како маска (сл. 6). Тоа е тн. Кефал. [18] Потекнува од исто време како и претходните (доцниот 9. или 10. век, а бил носен како сталешки белег, очигледно на некој локален функционер.

 

 

В. Делови од машка опрема.

 

Тука ќе допреме неколку специфични предмети изработени, исто така, од бронза, а кои, слично на претхиодните амулети укажуваат на некоја посебна функција или сталешка припадност на нивните сопственици. Од крајпатната стража кај Арангел близу Кичево што го надгледувала патот и планинскиот премин од Кичевијата кон Полозите, потекнува мала бронзена апликација со угравиран лик на тигар или лавица (сл. 6). Ликот е претставен ан фас, стилизирано, но извонредно прецизно и впечатливо. Спаѓа во група-

 

 

16. Љ. Џидрова 1989, 247—257.

 

17. В. Залескаја 1980, 48—51; — Р. Рашев 1988, 57—61.

 

18. Ј. Waldbaum 1983, 136, pl. 51.

 

84

 

 

та протобугарски срцолики аплики од 9. (и 10.) век. [19] Нашиот наод претставува несомнено една тамга, сталешки белег на определен владеачки клан.

 

Од градот Чрешче (Црешка) на Долна Брегалница потекнува тн. јазиче за завршетокот на појасен ремен. Излиен е од бронза, со траги од посребрување на горната страна. Висел на крајот од ременот за кој бил закован со три бакарни клинци. Горната страна има релјефен украс (стилизирани кринови; сл. 175).

 

Ваквите украсни јазичиња биле составен дел на аварските парадни (сталешки) појаси во Панонија во 6.—8. век. Техничките и стилските особености на наодот од Црешка се блиски со оние од II Каганат, т.е. од завршната фаза на II аварски бран и од времето по нивниот воен слом околу 800 година. Овие украси ги прифатиле соседките словенски болјари во раниот 9. век. [20] Токму по сломот на Аварскиот каганат Словените од матичното јадро северно од Панонија можеле пак слободно да комуницираат со Словените населени порано на Балканот. Тоа е време на големиот прилив на словенско население во балканските простори во 9. век, потврден со бројни археолошки наоди кај нас. По ова тргнала и мисијата на Кирил и Методиј од Македонија во обратна насока, кон Моравското кнежевство на север.

 

Од гореспомнатиот Девол-град кај Дреново потекнува и бронзената тока за појасен ремен. Бравата има специфична форма и поврзана е преку зглоб со плочката-носачот. Таа е релјефно украсена со сцена на лав-грифон кој убива друго животно под себе (кошута; сл. 6). По потекло од азиската митологија, одржана во Персија низ раното средновековие, оваа паганска (нехристијанска) сцена успеала да се инфилтрира во византиското уметничко занаетчиство и оттаму да ја прифатат Словените како белег на соодветен воен (офицерски) или управен ранг. Во балканските простори вакви токи се појавиле главно во 10. век во врска со ширењето на државите на Симеон и Самуил. Стигнале до Коринт на југ. [21]

 

Во низа наши тврдини најдени се и обични токи за појасни ремени, ковани главно од железо и со упростена форма. По тоа јасно се разликуват од разновидните доцноантички токи, уметнички обликувани од бронза или сребро и покриени со украси и симболични детали; тие биле носени главно како обележје на сталешката. професионалната или етничката припадност. Нашите токи имаат најчесто овална или четвртеста алка, поретко кружна.

 

 

19. Спореди Л. Дончева-Петкова 1986, 165—168, сл. 4. Една аплика сосем блиска до нашата, од 10. век, најдена е во Силистра-Дрстр, објавена само во Каталогот на музејот во Силистра.

 

20. Д. Мркобрад 1980, 78—79, Т. 106.3, 10 и Т. 112, 2, 6, 10.

 

21. З. Вински 1974, 57—81, Т. II, 10, 11.

 

85

 

 

Плочката-носач, доколку постои, има упростена правоаголна форма; искована е од железен или бакарен лим и со 2-3 нитни се прицврстува за ременот. Овие упростени средновековни токи не дозволуваат типолошко или временско класифицирање.

 

 

VI. 3.2. Оружје

 

И оваа група предмети била изработувана главно од метал, но ја издвоивме од претходните метални производи поради специфичната намена. Веќе спомнавме еден податок кај Теофилакт Симоката за Подунавските Словени на преминот од 6. во 7. век. Тоа е случката со заробените Словени кои на себе немале никакво оружје од железо, и нивна изјава дека и дома не го користат овој метал. Археолошки гледано, оружјето во тие векови сеуште било правено на предисториски начин: од дрво, кожа, рог или коска, а деловите од воената опрема и облеката исто така.

 

Гробовите на Словените-мажи од 8.-9. век што се откопани на Пелопонез (во Олимпија, Патрас, Тиринт итн.) не содржат остатоци од метално оружје. Тие биле кремирани и во урните се наоѓани (покрај изгорените коски) по некое железно ноже и железно огнило како белег на статусот на умрениот. Ножињата се мали и служеле за секојдневна употреба. Тоа не се големи бојни ножеви или ками, познати од кај другите народи од тоа време.

 

Дури во одминатиот и доцниот среден век биле масовно произведувани и кај нас поголеми ножови, што можеле да се користат и за куќни и за воени потреби (сп. сл. 10).

 

Меѓу магиските (култните) релјефни плочки од Велестино во Тесалија (8.—9.

 

Сл. 10. Група врвови од стрели и ножови од Просек, 12.—14. век

Сл. 10. Група врвови од стрели и ножови од Просек, 12.—14. век

 

86

 

 

век), поврзани со племето Велегезити (Берзити), привлекува внимание една плочка со претстава на брадест маж вооружен со секира и со мал кружен штит (сл. 3). Секирите биле ковани од железо и користени во секое домаќинство за секојдневна употреба. Меѓутоа секој селанец - воин ја носел од дома и својата секира во војната. Племенската аристократија можела да си дозволи луксуз и да поседува боеви секири кои се потесни и полесни од оние за цепење дрва. Овие секири биле користени и од другите народи од тоа време и досега не е изработена јасна типологија, поврзана со нивната етничка и временска припадност. [22]

 

На подрачјето на Република Македонија најдени се неколку боеви секири од ран тип (9.—12. век): во Просек, Стрежево, Прилеп, Белица кај Брод, Вратиславци кај Делчево (сл. 11, 15). Оваа форма води потекло од времето на Преселбите на народите.

 

Копјето како стандардно оружје на обичните воини одвај да ни е познато од нашите градишта. Копјето со долга рачка, пред cѐ e оружје на коњаниците. Така биле вооружени и номадските Прабугари, претставени на повеќе цртежи што се врежани во камен во тие векови. Но, кога Словените - пешаци станале главна борбена сила во бугарската армија, основното оружје станало лакот и стрелата. Византиските елитни единици и натаму биле вооружени главно со копја (сп. сл. 9). Тоа категорично е кажано за познатата битка кај Ихтиман во 986 г. каде што Самуил  извојувал сјајна победа над Василиј II:

 

 Сл. 11. Боева секира од Вратиславци, кај Делчево, 10.—12. век

Сл. 11. Боева секира од Вратиславци, кај Делчево, 10.—12. век

 

 

„Стрелите на Скитите (Словените) ги победија копјата на Евзоните (Ромеите)”.

 

 

22. Секирите како оружје биле особено често користени кај Источните Словени во средината и на крајот од средниот век — сп. А. Н. Кирпичников 1966. III. — Г. Шкриваниќ 1955, наведува бројни наоди од доцниот среден век во Босна и Србија, користени главно како противоклопно оружје. Во турскиот период секирата ќе биде заменета со наџакот.

 

87

 

 

Во нашите градишта наместа се најдени парчиња искршени врвови од копја. Тие не пружаат потребни елементи за нивно сигурно временско и типолошко вреднување. Во Просек, во големата тврдина на Стрезов Град (с. Человец) најдовме еден голем и масивен врв, мајсторски моделиран и со полирана површина која носи траги од германско црно бронирање (челичење). На тулецот се додадени две долги железни ребра, стегнати со навиткани железни обрачи. Ребрата имаат подвиткани краишта; долните се подвиткани навнатре и биле забиени во дрвената рачка, за поголема цврстина на целото копје. Горните краишта се подвиткани надвор, како браници за длабочината на убодот. Со тоа копјето се доближува до постарата форма на копјата „со крилца”, омилена кај германските народи во Западна Европа во 8.—11. век, па и подоцна. [23] Копјето од Просек очигледно го донел некој германски наемник, во 13.—14. век (сл. 12). Веќе спомнавме дека основното вооружување на словенските народи на Балканот низ целиот среден век биле лакот и стрелите. Врвови за стрели исковани од железо најдовме во речиси секоја тврдина. Врвовите имаат различни форми: сечилото им е листесто — овално или ромбично, триаголно, со тенок или масивен пресек, понекогаш со подолжно ребро по средината од двете страни. Долу завршуваат обично со шилец (трн) кој се забивал во трската (носачот); поретко врвовите имаат цилиндричен тулец за наденување на трската. Овие врвови ги прикажавме во голем број меѓу наодите од нашите градишта (сл. 10 и Преглед, гл. VII).

 

Сл. 12. Врв од тешко германско копје со додатоци, Просек; 13.—14. век. Стрезов град, Человец, Демир Капија
Сл. 12. Врв од тешко германско копје со додатоци, Просек; 13.—14. век. Стрезов град, Человец, Демир Капија

 

 

Не се сомневаме дека најголемиот дел од пронајдените врвови од стрели потекнуваат од средниот век. Но, исти вакви форми се појавуваат и во античко време. А најголемиот број наши средновековни тврдини биле

 

 

23. За вакви наоди на Балканот сп. З. Вински 1977/78, 143—208.

 

88

 

 

подигнати врз антички остатоци. Затоа мораме со голема претпазливост да зборуваме за тие наоди како за средновековни.

 

Во таа смисла направивме обиди да се изнајдат формите кои не биле користени во античко време. Таква е формата на противоклопната стрела, пронајдена во речиси сите наши средновековни крепости, во контекстот со остатоците од 11.—14. век. Во античко време не ги произведувале. [24] Врвот е кован масивно, во форма на издолжена четиристрана пирамида и со тенок трн за набивање во трската. Должината и витоста му варираат. Тие врвови требало да ги пробијат непријателските панцир-кошули протнувајќи се низ алчињата или пробивајќи ги ламелите.

 

Следниот елемент карактеристичен за средновековните врвови за стрели е задебелувањето на преминот од листот кон трнот. Со него врвот поубаво е зацврстуван на трската, а при продирот во непријателското тело овозможувал стрелата подлабоко да навлезе. И двете форми ги зедовме како сигурни елементи за датирање на низа тврдини од средниот век.

 

Стрелите биле смртоносно оружје бидејќи често ги премачкувале со отров, така што и мало ранување со нив носело неизбежна смрт. Сочувани се бројни записи дека словенските народи за правење отров го користеле главно растението јадиче, налеп (Aconitum napellus). Распространето е низ Средна Европа, а било користено од Чесите на север до балканските народи на југ. Јадичето расне и низ цела Македонија. Од неговите лисја и коренот бил цеден отров. [25]

 

По прв пат слушаме за Подунавските Словени од крајот на 6. век дека користеле вакви отровни стрели. Балканските Словени од Поморавјето користеле вакви стрели против Крстоносците од Запад кои тука поминале во 1172 и повторно во 1189 година. Византискиот цар Јован Комнин умрел од отровна стрела од невнимание, при лов на диви свињи. а царот Јован Кантакузен случајно избегал од смртта од ваква стрела кај градот Верија (Бер) во Македонија. Во 1559 г. е забележано дека населението околу Бар во

 

 

24. Во западната литература им се посветува голеио внимание и на овие врвови. За германските наоди од 3.—5. век сп. W. Böhme 1974, 110—111, Taf. 27, 67, 71, 77, 91, 111, 132, 137, 143. За хунските форми: Ј. Kalmar 1945, 283—294.

 

За доцноантнчките наоди несомнено најегзактно и систематски сеопфатно е обработена укрепената населба кај Садовец во Северна Бугарија, истражувана од бугарските, австриските и германските археолози (И. Велков, Г. Берсу, Р. Егер. Ј. Вернер) — сп. Ѕ. Uenze 1992, Taf. 40, Nr. 45—54, Taf. 41, Nr. 1—47. Средновековните форми на подрачјето на Византиската империја и соседните земји не се класифицирани. Одделни наоди што со сигурност се датирани во 9.—11. век, а кои типолошки и ние ги издвојуваме во оваа студија, прикажани се во бројни извештаи —сп. Ј. Waldbaum 1983, 37, Pl. 4 (Сардес); исто и Ж. Важарова 1966, 21—31, сл. 3 в. (Парван) и др.

 

25. За ова кај К. Јиречек II, 1952, 108.

 

89

 

 

Црна Гора cи уште ги премачкувале стрелите со ваков отров.

 

За да се заштитат од стрелите, елитните единици, феудалците и коњаниците носеле оклопи. Забележано е дека царот Василиј II во 1017 г. во Пелагонија ја разбил војската на Јован Владислав и му заробил 200 оклопници. Во 1083 г. норманските оклопници на јуриш ги зазеле градовите Пелагонија (Битола), Костур (Касториа) и Трикала. [26] Јасно е дека оклоп можел да поседува само богат воин — феудалец или наемник — рицер. Тие, главно, јавале на коњ; оклопите биле прилагодени за јавање. Тоа биле долги кожни кошули на кои биле пришиени неколку стотини метални плочки (ламели), сложени како рибини крлушки за да може воинот да се движи. Рацете биле заштитени над и под лактите со долги метални плочки, поврзани со шарнир околу мишката или глуждот. Потколениците биле заштитени со одделни штитници. Таков бил и оклопот на византискиот цар Василиј II (сл. 9) и на другите цареви и велможи, а вакви оклопи се претставени и на воините - светители насликани во нашите цркви од 12.—14. век (Г. Нерези, Охрид, Лесново и др.).

 

Сл. 13. Германски меч од марката „волчјак”, Пасау во Баварска. Најден во Кочанско; доцен 14. век (по Т. Костадиновски)

Сл. 13. Германски меч од марката „волчјак”, Пасау во Баварска. Најден во Кочанско; доцен 14. век (по Т. Костадиновски)

 

 

Поретко е претставен друг вид панцир-кошули, плетени од железни алчиња или од свиткана челична жица. Во доцниот среден век на глас биле оружарите од Венеција, но и од Дубровник. Од нив владетелите и феудалците од Србија и Босна купувале оружје, а тука се забележани и делови од оклопи: околувратници и ракавици плетени од алчиња, потоа штитници за раце и за нозе, шлемови и др. [27]

 

На крајот ќе го спомнеме и најелитното средновековно оружје, мечот. На нашето подрачје најден е засега само еден

 

 

26. Византиски извори III, 1966, 382.

 

27. К. Јиречек II, 1952, 108—109.

 

90

 

 

меч, кој според жигот на расотилницата бил произведен во јужногерманскиот град Пасау на Дунав, во доцниот 14. век. [28] Во Кочанскиот крај доспеал или по пат на трговија или поверојатно го донел некој наемник со себе (сл. 13).

 

Во повеќето наши средновековни цркви од 12.—14. век живописани се светители и воини, вооружени како елита покрај другото и со меч. Тие се претставени како прави мечови со две острици од Западна Европа како и повиени мечови со една острица (претходници на сабјите) од ориентално потекло. Ова е, секако, одраз на различната етничка структура на воините - платеници како во Византија така и во Србија. Најмногу податоци се запазени за српската војска од доцниот 13. и 14. век и бидејќи и во тоа време нашите краишта биле завладеани од нив, посочуваме на трите категории војници:

 

1— Благородништво со придружба. Тоа биле главно коњаници - пронијари, од кои секој бил обврзан да поведе во борба и придружби од 10 коњаници - слуги.

 

2— Вооружени селани и сточари служеле како лесна пешадија - стрелци.

 

3— Странски наемници, платени од касата на владетелот, ги претставувале најелитните единици во државата. Забележани се ритерите од Запад: од Германија, Австрија. Швајцарија, Шпанија, Италија. Потоа Ориенталците: Кумани, Турци Селџуци и по нив Османлии, Туркопули (Турци христијани); јужноруски Татари; кавкаски христијани Алани и Јаси (денешни Осети). [29]

 

Сл. 14. Мамуза ( осшрога ) од Оризари, Кочани, гроб 12; ран 13. век (по Д. Митревски)

Сл. 14. Мамуза ( осшрога ) од Оризари, Кочани, гроб 12; ран 13. век (по Д. Митревски)

 

 

Како белег на коњаниците-рицери и на феудалците биле тешките кожни чизми со мамузи („остроги”). Мамузите се најдени на повеќе места кај нас: во Девол (Дреново), Прилеп, Морихово (Манастир), Оризари кај Кочани (сл. 14) итн. Сите наоди се од постар тип, со недвижен шилец одзади; од постар 13. век и наваму наместо ваков шилец се монтирале подвижни наз-

 

 

28. Т. Костадиновски 1995, 227—230, сл. 1, 2, најден во Брегалница кај Кочани.

 

29. К. Јиречек II, 1952, 105—106.

 

91

 

 

абени тркалца („ѕвезди”), кои се во употреба и денес. Прикажаните мамузи од Оризари имаат благо извиен профил и упатуваат на преминот од 12. во 13. век. [30]

 

Во коњска опрема спаѓаат и узенгиите, што висат од двете страни на седлото и во кои коњаникот се потпира со стапалата. Тие се за нас,исто така, непосреден материјален доказ за постоењето на коњаниците во некое место.

 

Сл. 15. Групен наод (остава) од Стрежево, Битола, избор: дизгини, узенгии и секири; 10.—11. век (по Т. Јанакиевски)

Сл. 15. Групен наод (остава) од Стрежево, Битола, избор: дизгини, узенгии и секири; 10.—11. век (по Т. Јанакиевски)

 

 

30. За типологијата и хронологијата на ваквите мамузи исцрпно кај R. Koch 1982, 80, Abb. 19.

 

92

 

 

Во тврдината Габаларион (Габалавци-Стрежево кај Битола) ископана е група предмети од железо, скриени под земја веднаш по нивната изработка. Во оставата (сл. 15) имало и 18 узенгии со форма, карактеристична за византиско-номадскиот тип, употребуван во раното средновековие во Византија како и во соседните варварски земји (кај Аварите, Бугарите и др.). [31]

 

Во истата остава се најдени и 2 коњски узди (за дизгини), датирани во исто време. Делови од узди се најдени и во гратчето Давина кај Чучер близу Скопје, во Јегуновце, Луковица, Просек (Демир Капија), Прилеп и тн., што укажува на присутноста на коњаниците во овие тврдини.

 

 

VI. 3.3. Орудија

 

Во низа наши тврдини се откриени разни орудија, ковани, главно, од железо. Тоа се претежно земјоделски алатки што биле ковани во работилниците во тие тврдини, но има и алатки наменети за различни занаети — дрводелски, камено-клесарски, кожарски, кројачки и др. Овие предмети имале чисто утилитарен карактер и не подлегнувале на модата, затоа формите не име се менувале и за нас тие немаат типолошка вредност. Затоа нема да ги коментираме. Нивната форма не е карактеристична само за средниот век.

 

Сл. 16. Група железни алатки од Просек (варошот), 12.—14. век (по Н.Чаусидис).

Сл. 16. Група железни алатки од Просек (варошот), 12.—14. век (по Н.Чаусидис).

 

 

Меѓу алатките ќе спомнеме само едно мало длето или зумба која, сепак, има големо значење за нас. Овој предмет не е познат во античко време туку само во средниот век. Откриен е на голем број наши градишта. Поради тоа го

 

 

31. Т. Јанакиевски 1980, 103 109, претпоставува дека се тоа аварски узенгии од 7. век. Го истакнувам ицслењето на Ј. Вернер. водечкиот светски авторитет по овие прашања, дека потекнуваат од 10—11. век. Нивната продукција во тврдината во Стрежево се совпаѓа со обновата на рударството во тој регион во 11—12. век.

 

93

 

 

користевме како еден од доказите за средновековниот карактер на тие локалитети. Најдени се во Лешок, Ораше и Јегуновце кај Тетово, Матка и Давина кај Скопје, Градиште и Канарево кај Куманово, Луковица и Чрешче (Црешка) на Брегалница, во Просек, Прилеп, Железнец итн. (сп. сл. 16).

 

Овие длета имале дрвени рачки, набиени во манжетата на горниот крај. Трите запчиња на долната страна имале очигледно задача, со помош на притисок или удар, да се забијат во помека материја (кожа, дрво, глина?) и да остават рамномерни траги (убоди-дупчиња, браздички или паралелни жлебови). Не знаеме cѐ уште што точно е работено со тој инструмент.

 

 

VI. 3.4. Монеши.

 

Напред (гл. IV.2) зборувавме за почетоците на употреба на парите како платежно средство во текот на 11. век. Од една страна, тоа се византиските бакарни фолеси од тн. анонимна серија, застапени кај нас главно од времето на Василиј II и од 70—80-те години на 11. век. [32] Од друга страна, се појавуваат и византиски сребрени пари, главно по средината на 11. век. Овие временски периоди како и ограничениот број на сите монети најдени кај нас наведуваат на заклучок дека париве ги поседувале наемниците во византиската војска и ги сокриле во миговите на кризата.

 

Во текот на 12. век паричниот систем на плаќање фатил широк замав и кај нас, како одраз на длабока феудализација и фискалната политика која наложувала плаќање во пари, наместо во натура. Ова е потврдено со бројни наоди на ситни бронзени апоени, наоѓани единечно на низа населби и некрополи од тоа време, па и во нашите тврдини. Сепак, 12. век е маркантен по низа големи остави (депоа) на вакви пари, чиј вкупен број изнесува повеќе десетини илјади парчиња.

 

Најголемиот број на овие депоа одбележан е прелиминарно во стручните гласила. [33] Детална научна обработка cѐ уште нема. Не е познат ни точниот број на најдените пари, туку само на одделните групи — толку колку што музеите успеале да одземат (најчесто присилно) од наоѓачите; остатокот е растурен меѓу колекционерите или во трговијата, без евиденци-

 

 

32. В. Иванишевиќ и Ј. Кондијанов 1994, 85—102, се обидоа да ги соберат сите вакви наоди од нашето подрачје, што во голем степен им успеало (67 монети). Сепак, низа наши наоди не им биле познати, како ни историската и економската заднина на нивното појавување.

 

33. За ориентација ќе изведеме неколку позначајни извештаи: Б. Алексова 1955, 17—22; — Истата со А. Керамитчиев, 1968 (Каталог); — А. Керамитчиев 1968, 199—206; — К. Кепески 1978, 159—187: — Д. Размоска 1983, 83—108 и 1987, 221—236.

 

94

 

 

ја колку монети биле вкупно најдени и кои владетели се застапени на нив.

 

Овие депоа се наоѓани главно покрај (или во близина на) главните патишта од тоа време. Сите се закопани во време на распадот на Византиската империја и во годините веднаш по тоа. Тоа е време кога во нашите краишта доаѓале војските од Бугарија. Епир. Латинско Солунско царство, од Никеја, Србија. Практично сите војски добивале некоја сума пари, без оглед за која држава војувале и во која класа или род припаѓал определниот војник.

 

Спомнатите десетини илјади монети скриени на почетокот од 13. век претставуваат апоени со мала вредност. Бронзените скифати од времето на Комнените содржат неколку проценти сребро во себе; тоа се т.н. билон — трахеи кои биле особено ценети. Веќе во времето на Ангелите (1185—1204 г.) овие трахеи се сечат од обична бакарна ламарина. По распадот на Империјата, повеќе од половина век се водат ривалските борби околу деловите на Царството и исто толку долго се коваат бакарни имитации на трахеите од времето на Комнените. Ги ковале владетелите во Бугарија, Епир, Солун, Цариград, дури и во Дубровник и Венеција. Вакви инфлаторни бакарни парчиња ковале и Ласкаридите во Никеја, а тие се сметале себеси за наследници на големиот Визант.

 

Сите тие имитации од времето помеѓу 1204 и 1261 г. личат меѓу себе до тој степен што понекогаш е невозможно да се разликуваат. Големината им е многу помала од трахеите од 12. век, сечени се сосем неправилно и жигосани се крајно невнимателно, така што голем дел од најдените парчиња по нашите денешни норми би претставувале отпадок. Сепак, сите тие парички претставувале ценето платежно средство во 13. век, времето исполнето со војни, пустошења и беда.

 

На крајот, останува да ги наведем и местата каде што се најдени спомнатите депоа, иако сите тие не стојат во директна врска со нашите градови и тврдини. Најмногу скриени пари се пронајдени покрај Егнацискиот пат. Ќе ги проследиме местата од исток кон запад:

 

— Живојно, 24 км југоисточно од Битола (и 3 км од денешната граница со Грција): најдени се 3 депоа, сите од 12. век.

 

— Битола, кај новата болница, во 1970 г. прибрани се за Музејот во Битола 1257 трахеи од 12. век. — Во Бадем Балари ископано е грне со 60 трахеи од истото време.

 

— Рамна, 13 км западно од Битола: во 1975 г. изорани се 9—10.000 трахеи од 12. век (во Музејот во Битола, како и претходните).

 

— Сопотско кај Ресен: преку 5.000 трахеи од 12. век. Во Музеите во Охрид и Скопје.

 

95

 

 

— Велестово кај Охрид: во 1953 г. за Музејот во Охрид прибрани се 634 трахеи, 12. век.

 

Другите депоа се наоѓале крај други патишта:

 

— Коњско, на западниот брег на Преспанско Езеро: 660 трахеи од 12. век, ископани во 1950 г. (во Музејот во Охрид).

 

— Новоселани, 10 км северозападно од Прилеп, крај патот за Брод—Кичево—Охрид: во 1958 г. се ископани 232 трахеи од 12. век, заклучно со неколку латински и никејски имитации по 1204 г.

 

— Долно Коњари на Пчиња, 22 км југоисточно од Скопје: 2.000 трахеи од доцниот 11. и 12. век прибрани за Музејот во Скопје. Уште едно депо од преку 1.000 парчиња понудени за откуп на Археолошкиот Музеј во Скопје, од исто време.

 

— Лешок, 7 км северно од Тетово: 300 трахеи од 12. век, ископани во 1953 г.

 

— Сиричино, 9 км источно од Тетово: за Музејот во Скопје откупени се 192 трахеи, од 12. век.

 

— Гостивар: во 1955 г. ископани се 2.430 трахеи (во Музејот во Скопје).

 

— Банско, 10 км југоисточно од Струмица: на Градиштето е пронајдено депо од околу 1.000 трахеи од 12. век (1955/6. г., во Музејот во Струмица).

 

*  *  *

 

Како единечни наоди во нашите градови и тврдини најмногу се појавуваат латински и бугарски имитации на Комненските трахеи ковани од 1204 до 1261 г. По нив следуваат малубројните наоди на скифати на обединетото Византиско царство. Застапени се главно Михајло VII, Андроник II и III Палеолози. Во годините 1230—34 Византија била целосно истисната од ова подрачје од страна на Србите. Српските монети се без исклучок сребрени; грошеви и динари се појавуваат обично заедно со венецијанските грошеви (матапани) од исто време. Застапени се сите владетели почнувајќи од Драгутин и Милутин до Волкашин и Марко; во доцниот 14. век ковале пари и локалните феудалци на ова подрачје, деспотите Оливер, Јован Драгаш, Андреаш, потоа жупанот Андреа Гропа — „господин Охрида”, како и градот Скопје („Скоплје”).

 

Српски сребрени пари како единечни наоди регистрирани се главно во рудничките тврдини: Модриште, Белица и Девич во Поречје. Чемрен и Живојно кај Битола, Просек на Вардар, Шопур кај Радовиш, Чрешче и Луковица на Брегалница, Србиново (Трново) кај Гостивар, потоа во тврдините Штип. Кичево, Охрид и тн.

 

Познати ни се и 20 депоа на сребрени пари, скриени под земја главно

 

96

 

 

во годините кога Србија ја истиснувала Византија од западните региони на Македонија (1281/82 г.) и по Маричката битка (1371 г.). до турската окупација на Македонија (1385—1392 г.). Ќе ги наброиме и тие депоа: [34]

 

— Скопје, Стара чаршија, 1972 г.: од поголемо депо за Музејот на Македонија откупени се само неколку парчиња, заклучно со Волкашин и кнез Лазар (била скриена во 1391/2 г.).

 

— Драчево кај Скопје: 10 српски и 2 венецијански пари, 14. век, откупени за Музејот на Македонија во Скопје.

 

— Штип, на Исарот: 11 пари на царот Душан (Музејот во Штип).

 

— Доброште кај Тетово, 1953 г.: сад со 782 венецијански, 6 бугарски. 4 хрватски и 265 српски пари скриени околу 1311 г. (во Музејот во Белград).

 

— Градец кај Гостивар, 1974 г.: 4.300 венецијански и 225 српски пари, скриени во 1281/2 г. (во Музејот во Белград).

 

— Гостивар, 1925 г.: големо депо со венецијански и српски пари, растурено низ приватните колекции.

 

— Белово кај Гостивар, 1928 г.: големо депо, од кое 273 српски динари на Душан (крунидбени) од 1346 г. ги откупил Музејот во Белград.

 

— Кичево: I депо најдено по I светска војна, од кое 345 српски пари откупил Музејот во Белград. Скриено по 1371 г.

 

— II депо најдено на Калето во 1959 г., растурено. Од средината на 14. век.

 

— Охрид: I депо во црквата св. Пантелејмон. во 1965 г.: грне со 1298 венецијански и 6 српски пари, заклучно со А. Гропа.

 

— II депо најдено во црквата Св. Софија: грне со 18 српски пари, заклучно до 1372 г.

 

— III депо, најдено во Варошот: грне со 102 српски и 8 венецијански пари заклучно со Марко и Гропа. По 1378 г. Сите во Музејот во Охрид.

 

— Прилеп (Шаторов Камен), 1950 г.: грне со 25 пари заклучно со Волкашин скриено по 1371 г.

 

— Селце кај Прилеп: 17 српски пари, до кнез Лазар, околу 1371 г.

 

— Кривогаштани кај Прилеп, 1969 г. најдени во еден гроб: 340 пари на Душан (крунидбени) и неколку венецијански (во Музејот во Скопје).

 

— Манастир во Мориово: 20 српски, до Волкашин (1371 г.). Музејот во Прилеп.

 

— Богомила, на патот од Прилеп за Велес, 1930 г.: 30 српски пари, скриени до 1350 г. (во Музејот во Белград).

 

— Титов Велес, 1938 г. (во Музејот во Белград).

 

— Стоби, 1939, во еден гроб во Северната базилика: 90 српски и венецијански пари, до 1371 г. (во Музејот во Белград).

 

— Демир Капија, 1952/54 г.: 16 српски пари, 14. век (во Музејот во Скопје).

 

 

34. Б. Алексова 1955, 17—22; — С. Димитријевиќ 1981.

 

97

 

 

*  *  *  *

 

Значењето на монетите што се најдени во нашите градови и тврдини не треба посебно да го истакнуваме. Нивното присуство на едно вакво место е најсигурниот и најпрецизниот доказ за средновековниот карактер на локалитетот и неговото време. Монетите укажуваат и на определени политички настани, на движењето на војските. стопанскиот подем или пропаѓањето во одделни периоди и др. Монетите се специфична група археолошки материјал што опфаќа многу поширока и сложена стручна проблематика. Ние тука само патем ги спомнавме наодите што се интересни и се во функција на нашата тема.

 

 

VI. 3.5. Керамика

 

Во споредба со археолошките предмети изработени од метал, керамичните наоди секогаш се неспоредливо побројни. На секој археолошки локалитет, почнувајќи од неолитско време до новиот век, се наоѓа изобилство парчиња искршена грнчарија кои се извонредно отпорни на забот на времето и практично неуништиви. Со нивната типолошка обработка добиени се безбројни елементи кои помагаат при културното и временско определување на локалитетот.

 

Тоа важи и за средниот век. Во споредба со предисториската и античката керамика од нашите наоѓалишта која е релативно добро проучена, средновековната е непроучена. Кај нас постојат помали прикази само за некои категории луксузна керамика. Оваа ситуација е апсурдна, ако го споредиме нашето подрачје со некои други региони на Балканот или уште повеќе со словенските земји во Подунавјето, Средна и Источна Европа каде што илјадниците средновековни наоѓалишта се определени главно — или исклучиво — со помош на керамиката.

 

Поради тие причини не се потпираме врз средновековната керамика при описот на тврдините. Само наместа спомнуваме некои специфични керамички категории, кои се апсолутно сигурни како доказ за средновековниот карактер на соодветната наша тврдина. Во натамошните редови ќе се обидеме во најкуси можни црти да допреме некои од најтипичните средновековни керамички категории кај нас.

 

98

 

 

 

А. Византиска глеѓосана грнчарија.

 

Оваа луксузна трпезна грнчарија претставувала највисока класа во керамичкото производство од 9. до 14. век во Византија и во соседните земји, вклучувајќи ја и Македонија. Кај нас се појавува можеби во доцниот 11., а сигурно во 12. век. Врзана е за поголемите населби (градови) каде имало богати луѓе кои биле во можност да ја купат. Од оваа категорија кај нас се откриени главно само длабоки чинии, украсени од внатрешната страна со сликање, во т.н. сграфито техника. Иста е ситуацијата и во соседните земји: во Бугарија, Србија, Грција, на Јадран и н. Во текот на 12. век сграфито техниката се раширила од Византија низ целиот Медитеран. [35]

 

Сл. 17 Византиски глеѓосани чинии, сликани во сграфито-техника; Варош, Прилеп, 13. и 14. век (по Б. Бабиќ)

Сл. 17 Византиски глеѓосани чинии, сликани во сграфито-техника; Варош, Прилеп, 13. и 14. век (по Б. Бабиќ)

 

 

Убави чинии украсени на тој начин, и парчиња од нив, ископани се во Горниот Град (Кале) во Скопје. на тврдината Водно (град Чрнче), во Варош-Прилеп, во Охрид, Просек, Жеглигово (Младо Нагоричане) итн. (сп. сл. 144, 133, 17, 85). Во почетокот (доцен 11. и 12. век) цртежот е врежан лесно, со тенки и сигурни потези. Во 13. век линиите стануваат cѐ пошироки, а потезите негрижливи. Двете основни бои, зелена и кафеавата, се нанесу-

 

 

35. За оваа глеѓосана керамика cи уште основен нзвор е делото на Ch. Morgan, 1942. Натаму: М. Станчева 1964; — Т. Макарова 1967; — М. Бајаловиќ 1981.

 

99

 

 

ваат невнимателно и се разлеани околу цртежот. Тоа е времето кога овие чинии биле произведувани од домашни мајстори во нашите места (Скопје, Прилеп и тн.), а уметничката изведба спаднала на многу ниско рамниште. Во 14. век практично и нема увезени византиски садови; сите производи се домашни.

 

 

Б. Други византиски категории.

 

Во Скопје и Варош-Прилеп се најдени неколку садови, украсени, исто така со боја и глеѓ. Тие се изведени со тампони, во стилот на мраморирање. Од Просек (Демир Капија) и Прилеп потекнуваат неколку садови украсени со енгоба (бел глинен прелив), врз која е сликано со посна (мат) црвена боја. Најчест е мрежестиот мотив, нанесен на горните делови на амфорите, стомните, грнињата и др. Тука, се јавуваат и садови со измазнета површина, натопена со мика која им дава златест или сребрен тон. Некои од нив накнадно се сликани со бела посна боја (главно спирали и волути. Овие украсни техники биле користени до ранотурско време. [36]

 

 

В. Куќна грнчарија.

 

Оваа категорија е далеку најбројна и ја среќаваме на секој локалитет. Најчести форми кои се среќаваат се: огнишни грниња со или без рачки, лонците и длабоките чинии. Од амбалажните садови најчести се малите амфори. За жал, овие форми не се обработени типолошки и статистички, ниту им е изнајдена хронолошката вредност. Затоа, целосно ги изоставаме. Во Прегледот (гл.VII) приложуваме илустрации на овие садови, земени само од неколку локалитети каде што се појавуваат во мали затворени контексти (Матка кај Скопје, Коњух кај Куманово; 14. век). На Горниот град во Скопје, покрај кружната североисточна кула, ископани се парчиња од најстарите примероци вакви лонци-грниња, датирани според средноверопските наоди во 9.—10. век (сп. сл. 143).

 

Во оваа категорија спаѓаат и црепните (подници) за печење леб. [37] Се појавуваат само во словенската материјална култура, додека античките народи пред нив на нашата почва не ги користеле. Затоа ги спомнуваме на секое градиште каде што се евидентирани, како сигурен доказ за постоењето на

 

 

36. Л. Дончева-Петкова 1973, 14—21.

 

37. Б. Бабиќ 1986, 298-306, му посветил особено внимание на проблемот на црепните, следејќи ја нивната распространетост кај Западните и Јужните Словени.

 

100

 

 

средновековен словенски слој. Црепните имаат сосем упростена форма која не се менувала од раниот среден век до денес. Затоа тие немаат хронолошка, туку само културна вредност.

 

 

Г. Градежна керамика.

 

Во некои наши градови и тврдини ископани се покривни керамиди кои се разликуваат од античките. Поради тоа имаат за нас сигурна типолошка и хронолошка вредност. Додека античките тегули биле моделирани во форма соодветна за редење врз покривната дрвена конструкција (чатијата), керамидите од средината и од крајот на средниот век биле лепени со малтер на сиданата подлога (сводот, куполата).

 

Овие керамиди - лепенки се јавуваат кај нас главно во времето на Комнените (кога е најповеќе градено) и ние ги одбележавме како т.н. Комненски тип. Откриени се во станбените слоеви што со сигурност се датирани во доцниот 11. и 12. век, но тие егзистирале и во следните векови. Можно е типолошки да ја следиме нивната еволуција до турскиот период. [38]

 

Вакви керамиди се откопани во Скопје (Горни град — Кале), во тврдината Чрнче на Водно, во Варош и на Маркови Кули во Прилеп, во Охрид (Св. Софија и др.), во Мородвис, во Тиквеш и Девол кај Кавадарци, во Просек (Демир Капија) и во некои други места. Ние ги земаме како еден од основните елементи за датирање на градбите на кои им припаѓале, па и за целиот станбен слој. Керамидите од ова време се одликуваат со следното: имаат правоаголна форма, благо извиена навнатре и многу се помали од античките тегули. На внатрешната страна имаат жлебови за подобро прилепување на свежа малтерна подлога. По рабовите уште во свежа (непечена) глина со чешел се втиснувала бордура од 8—12 тенки бразди, кои формираат карактеристична рамка околу керамидата. На средина од полето со 4 прсти (подоцна со 3, па и само со 2) се повлекувале од горе надолу длабоки бразди, широки околу еден прст. Над нивните горни краеви напречно се повлекувала (исто така со прст) една бразда, лачно извиена (сп. сл. 131)

 

Керамидите биле едноставно редени една до друга, а за да се спречи продирањето на дождот низ составот меѓу нив, составите биле поклопувани со тесни извиени керамиди-имбрекси. Тие не се лачно извиени како античките, туку се прекршени на средината, со испакнат раб по должина.

 

 

38. Оваа проблематика кај нас уште не е обработена. Првите укажувања од И. Микулчиќ (со Н. Никуљска) 1980, 128—129, каде се посочени и неколку други наоди од Македонија и И. Микулчиќ 1992, 131, 132, сл. 74.

 

101

 

 

Имбрексите се најдени во многу помал број и би рекле дека не биле секогаш користени.

 

Во текот на следните векови керамидите од т.н. Комненски тип претрпеле забележителни измени. На градбите од 14. век тие се многу поголеми во споредба со оние од 11.—12. век и повеќе се извиени. Маркантната бордура изведена со чешел наоколу сега исчезнува, делумно или целосно. Од браздите извлечени со прст по средината од долната страна најдолго ќе се одржи напречниот лачен жлеб, сосем кус и силно извиен (како лунета), што продолжува и низ турскиот период. Овие керамиди, сложувани во редови наизменично свртени со кривината надолу и врз нив со кривината нагоре, ќе продолжат преку турското до нашите времиња, само со намалени димензии и без поранешните жлебови на долната страна.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]