Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VI. МАТЕРИЈАЛНИ ОСТАТОЦИ ОД СРЕДНИОТ ВЕК

 

VI. 2. Доцносредновековни фортификации.

1. — Градежен слог и техника во 11. и 12. век

2. — 13. век и словен ските традиции

3. — Форми на кули и западни влијанија во 14. век

 

    1. — Градежен слог и техника во 11. и 12. век

 

1.   Обемните археолошки ископувања на Скопскиот Горен град (Кале) во 1967 г. и подоцна помогнаа, стратиграфијата на слоевите да се поврзе со одделни партии на ѕидовите, како и тие меѓу себе да се сложат во временски редослед од 11. до 14. век како и во турскиот период. Градежните фази се следат тука најјасно на јужниот ѕид (сп. сл. 141, 142). Партијата C.XIV има на внатрешната страна издадени пиластри, кои со своите горни краишта носеле аркада. На тој начин било проширено круништето на обѕидот, при што формирало доволно широка патека (обход) зад градобраните, за движење на бранителите. Вакви ѕидни конструкции биле познати уште во римско време и биле применувани главно поради брзината на градењето и уштеда во материјалот.

 

Повторното појавување на пиластри со аркада во доцното средновековие се врзува за Западна Европа (Италија, Франција, Рајнската област). Од Италија, чии што јужни делови Комнините уште ги држат, овој градежен елемент несомнено бил пренесен и во некој византиски град, па така и во Скопје. [4]

 

Ѕидањето од времето на Комнините во скопскиот Горен град има и други особености. На низа места констатиравме употреба на многу квалитетен хидростатен малтер (го одбележавме како тн. црвена фаза). Тулите и ќерамидите собрани од постарите урнатини биле толчени и мешани со одлежана вар; на тој начин добиениот малтер („хоросан”) бил користен, пред cѐ, за површинските поправки. Со него се пломбирани и закрпени оштетувањата на постарите ѕидови, поправени се ѕидните фасади и украсени со дерс (пластично врамување на секој камен). Со овој малтер се ѕидани и цели нови партии, меѓу нив и 2 кули со квадратни основи на северозападниот и на јужниот ѕид. Кулите имаат масивен сутерен (без просторија) со што е зголемена нивната статичност. Ѕидарскиот слог е емплектон, а во фасадите се уфрлуваат и редици од тули. Тоа е одраз на манирот на „клоазонирање”, запазен главно на фасадите од црквите во тоа време.

 

Времето на Комнините било политички и економски стабилно и силно, а тоа е одразено и на ѕидањето од тоа време. Тука спаѓа големата

 

 

4. Н. Hahn 1961, 24 u. w.

 

73

 

 

северозападна кула на акрополата на Струмичкиот Горен град (Цареви Кули), а веројатно и североисточната кула која подоцна била урната. Станува збор за масивен емплектон, а камењата на лицата се убаво изделкани.

 

Како пример на убаво ѕидарство од тоа време ја спомнуваме и челната кула на акрополата на градот Лешок кај Тетово. Градена е извонредно масивно и предимензионирано, во емплектон и со приделкани фасадни камења. Двете кружни кули кои стоеле на источниот крај на акрополата, (во наше време целосно се уништени), укажуваат со формата на јужноиталско потекло. Кастронот Лешок (Љеш’ск) го урнал во 1190 г. до темел рашкиот жупан Стефан Немања и потоа не е веќе обновуван. Единствено кулата го преживеала ова уништување.

 

 

    2. — 13. век и словен ските традиции

 

2.   Ѕидањето од 13. век е многу поскромно во однос на претходното. Тоа е и разбирливо кога ќе се проследат историските настани од крајот на 12. до доцниот 13. век. Времето било исполнето со бројни освојувања и преземања на нашите градови во ривалството на Латините и Епирците, локалните кнезови, Бугарите, Србите и Никејците. Никој од новите господари немал доволно време, а уште помалку пари за да ги потроши на солидно и цврсто ѕидање. Она што е сочувано на теренот зборува за брзо градење кое честопати се граничи со импровизирање. Ширината на ѕидот е силно редуцирана и мери само 1,4, 1,3. 1,1 м па и помалку. Во споредба со ѕидините од 6. век кои биле широки просечно 1,7—1,8 м, а во некои случаи и преку 3 до 4,30 м, обѕидијата од 13. век изгледаат како импровизација. Според ширината била намалена и висината на ѕидовите.

 

Градежниот слог на обѕидијата е исто така маркантен. Наместо византискиот емплектон со многу малтер налиен во јадрото, сега се појавува изразито плочест слог, а во пресекот на ѕидот јадрото и лицата се градени на ист начин. Камењата се кршени, односно цепкани плочесто и врзани со мошне слаб, посен малтер.

 

Овој слог има свое потекло во профаното селско градителство кое впрочем живее и денес на балканско-анадолските простори, непрекинато од дамнини. Бидејќи за ефтините селски градби не е трошена скапа вар, камењата се ѕидани со кал; јасно е дека подобро се врзуваат меѓу себе плочести парчиња, дури и во сува техника (без кал).

 

Обѕидијата со плочест слог во 13. век се ѕидани со малтер. Но градителите — Словени како да не му верувале сосем на ова византиско врзивно средство и ѕидовите ги зајакнувале со бројни дрвени греди. И овој елемент живее до денес во селското градителство на споменатиот простор, и тоа

 

74

 

 

поврзан со плочестиот слог. Во определни растојанија во висина се поставени дрвени греди водорамно долж двете лица на ѕидот, а поврзани се меѓусебно со куси попречни гредички — клепи. Овој систем денес го викаме скара, а по турски - сантрач.

 

Доцносредновековните ѕидови градени на тој начин а кои останале запазени на теренот до денес, полни се со низи дупки и жлебови што преостанале откако гредите скапале. Редовно се појавуваат кај позначајните детали — кулите, портите, аголните прекршувања на обѕидието, меѓутоа и на внатрешните градби. Овие обѕидија, сепак, не можеле да издржат поголеми непријателски напади. Затоа градовите во 13. век толку често преминувале од едни раце во други. Георгиј Акрополит забележал дека во 1255 година царот Теодор II Ласкарис тргнал со војската од Прилеп кон Велес, за да го преземе од Бугарите. Со себе ги влечел и опсадните справи. Кога го виделе тоа, Бугарите, кои и покрај тоа што биле бројни, сепак, се исплашиле и решиле да ја предадат крепоста. Обѕидието од тоа време во Велес е запазено во големи партии и ние можеме да ги процениме со нашите мерила како силата на тогашните каменофрлачки машини, така и реалната проценка на бранителите дали да се потпрат на ѕидовите или да се предадат без борба.

 

*  *  *

 

Плочестиот градежен слог армиран со дрвени греди потекнувал несомнено од претходните векови, а бил користен за ефтини помали градби, претежно по селата со словенско население. Од крајот на 12. и низ 13. век словенските држави (локалните повардарски кнежевства на Хрс и на Стрез, потоа на Бугарите и Србите) ја потиснуваат Византија не само политички туку и во културните содржини. Тука спаѓаат и градителските традиции. Обединетата Византија во доцниот 13. век успеала да го поврати поголемиот дел на територијата на денешна Република Македонија, но не за долго време. Од 1282 до 1334 година Србите ќе ги истиснат од ова подрачје. Словенското градителско искуство кое се развивало во скромен селски амбиент, на крајот се наметнало и во фортификациите.

 

Византија од порано го познавала системот на градење со дрвена скара (сантрач) употребувајќи го кај полесните градби. Како пример го посочуваме дворецот од доцниот 11. или 12. век што го откопавме во градот Чрнче, во тврдината на Водно над Скопје (сл. 130). Ѕидовите му биле градени од камен со посен малтер, но затоа тие се целосно армирани со греди

 

75

 

 

вклопени во двете лица на секој ѕид. И планот на градбата е интересен за потеклото на нашето градителство. Се состои од три простории во низа и долг трем пред нив по сета должина. Тремот бил затворен на краиштата, а низа дрвени столбови на челната страна носеле „чардак” — трем на катот. Од тремот се влегувало и во најголемата просторија, трпезаријата (триклиниум). Санитарниот јазел бил поставен на едниот крај од тремот. Другите помошни градби биле одделно градени и поставени на двата краја од дворецот, на понизок терен.

 

Големината на градбата, нејзината доминантна позиција во однос на околината, малтерните премази на ѕидовите и подот како и квалитетните ќерамиди со кои била покриена, ни даваат можност за определени заклучоци. Ваквите планински, ловечки и други дворци за одмор и разонода се познати од пишаните извори, како и од археолошките наоди во низа европски земји од средниот век. Интересно е да истакнеме дека опишаниот план живее и денес во Македонија и пошироко. како модел на побогати селски куќи со трем и со чардак на катот.

 

 

    3. — Форми на кули и западни влијанија во 14. век

 

3.   Српската држава во првата половина на 14. век, политички стабилна и силна и со целосно оформен феудален систем, оставила материјални траги главно во сакралната архитектура. Остатоци од тврдини има само наместа и тоа без монументални креациии какви што би се очекувале.

 

На Скопскиот Горен Град од ова време потекнуваат нови партии на јужниот ѕид и обновената Јужна порта, а на западниот ѕид големата кула со квадратна основа, сочувана целосно до денес (реставрирана во наше време). Кулата има заоблени агли кои се опшиени од долу до врвот со убаво делкани блокови и одвај забележливи фуги. Со ова е зголемена отпорноста на проектили, а водено кулата се здобива со извонреден естетски ефект. Има големи прозорци на сите страни, на катовите, горе засводени и порабени со делани блокови. Ова се елементи вообичаени во градителството на Западна Европа. Тука ги донеле, веројатно, мајсторите од Јадранскиот брег, воспитани во духот на градителството во Италија.

 

Во втората половина на 14. век дошло до распадот на Царството на Душан во низа помали држави. Во источните делови на денешна Република Македонија владееле силните феудалци: деспотот Оливер и по него Константин Дејанов; во западната половина кралот Волкашин и по него Марко. Волкашина го истиснал од Скопје Волк Бранков и тој столувал во Прилеп. По Маричката битка (во 1371 г.) Андреа Гропа го одвоил Охрид и околните региони од државичката на Марко. Сите овие региони и локални моќници изградиле безбедни засолништа за себе и за својот двор. Тврдините

 

76

 

 

над Штип, Прилеп и Охрид се всушност големи феудални замоци; за тоа зборувавме во претходната глава (V.5). Укажавме и на некои аналогии со замоците од ова време во Западна Европа.

 

На ова место треба да кажеме нешто за новите форми кои се појавуваат на спомнатите тврдини. Најизразити се оние во Охрид. Како најблизок од нашите градови до Јадранскиот брег, Охрид бил изложен во сите историски епохи на силни влијанија од Италија. Тоа го забележуваме и на крепоста Горни Сарај, изградена (обновена) во ова време, а сочувана до денес.

 

Главната (јужна) порта на Горни Сарај е фланкирана со 2 издадени кули кои имаат карактеристична потковичеста (“U”) основа. Оваа форма не била употребувана во Византија. Настанала во западноримските провинции во 3.—4. век, а била оживеана во доцниот среден век во истите земји (Италија, Франција, Рајнската област). Од 13. век се величаат портите како симболи на богатството и моќта на владетелот или господарот на замокот. Во Италија, Франција и Англија се градат порти фланкирани обично со 2 кружни кули, кои подоцна добиваат U-основа. Рајнската област ги прифаќа во 14. век од соседите. [5]

 

Од Јужна Италија и Сицилија (Капуа, Тарент, Ориа, Бари, Сиракуза и др.) специфичната форма на порта фланкирана со 2 заоблени кули била пренесена и на оваа страна од Јадранот. Во Стариот Бар (Антибари) северозападната порта била фланкирана во 14. век од 2 кули со U-основа. [6] Близу Скадар, на реката Дрим лежел градот Шурда (Сарда) чија што јужна порта во 14. век била фланкирана од 2 кули со U-основа. [7] Во внатрешноста на Балканот оваа форма продрела дури на крајот од 14. или почетокот на 15. век, кога се повикуваат мајсторите од Приморјето да ги градат последните упоришта против Турците. Ваква порта стоела на тврдината на врвот на Авала (доцен 14. или ран 15. век; пред 6 децении е целосно урната) и во Белград (Калмегдан, Источна порта, градена во 1403 г.). И двете порти биле фланкирани од кули со U-основа. [8]

 

По една ваква кула со U-основа стоеле и покрај Горна, Челна и Долна порта во варошот Охрид. Градежните особености им се исти како и оние на Горни Сарај и, несомнено, потекнуваат од исто време. Во североисточниот дел на Горни Сарај, покрај североисточната порта стои уште една кула срод-на со претходните којашто потекнува од исто време. Има заоблено чело

 

 

5. W. Hotz 1975, 188 u.w.; H. Hahn 1961, 17 u.w.

 

6. П. Мијовиќ — М. Ковачевиќ 1975, 93—97, бр. 112 на планот. Јужната кула е подоцна преѕидана со поинаква основа.

 

7. Н. Spahiu 1975, 151—159, sl. 5.

 

8. А. Дероко 1950, 101, сл. 82 и 103—104, сл. 41, 84.

 

77

 

 

широко дури 8,20 м, но долга е само 5.80 м. Основата има форма на полукруг (бр. 2 на планот).

 

Кулите со заоблено чело се градат во Западна Европа во 14. век и подоцна поради новото опсадно средство, артилеријата. Со топови се напаѓаат пред cи кулите. Во доцниот 14. век артилеријата се шири и на Балканскиот полуостров — во Приморските градови, потоа во Византија и во Србија, а ја користат и Турците. Поради неа и трите големи кули на Горни Сарај во Охрид имаат заоблени чела, за рикоширање (скршнување) на ѓулињата. Поради артилеријата обѕидието на Горни Сарај има импозантна ширина од просечно 2,30 м, а внатрешниот (преграден) ѕид има ширина од дури 2,85 м! И пушкарниците на кулите од Јужната порта имаат форма и големина која не соодветствува на дејствијата со стрели низ нив, туку со огнено оружје (со аркебузи или мускети). Сите овие елементи упатуваат на доцниот 14. век како време на градењето на Горни Сарај, никако порано.

 

Освен трите спомнати кули со заоблено чело, на Горни Сарај стоеле уште 7 кули со четириаголна основа. Тие се мали до сосем мали, така што внатрешните простории мереле одвај 2 х 2 м или помалку. Во погорните катови на овие кули се качувале по коси дрвени скали, поставени во отворите на секој катен под. А секој погорен кат имал и пушкарници низ кои бранителите дејствувале врз непријателот, истовремено од повеќе катови. Поради теснотијата на ваквите кули и скалите во нив не преостанувал ниту минимален простор за нормално дејствување на бранителите на секој кат. Исто така, во случај на пробивање и оштетување на кулата, бранителите не можеле благовремено да се извлечат од неа ниту пак да дејствуваат непрекинато од неоштетените катови.

 

Од тие причини во Италија и Франција биле креирани кули со задна (внатрешна) страна отворена нагоре до врвот. Преку долгите дрвени надворешни скали можело од дворот да се искачува директно до оној кат каде што имало потреба, без да се попречуваат бранителите на долните катови. И во случај на оштетување на кулата нејзините останати катови и натаму функционирале нормално, поврзани со скалата директно со дворот.

 

Отворените кули се појавуваат во одминатиот 14. и подоцна низ Европа, поради ширењето на артилеријата. Под влијанието на италијанското градителство вакви кули се градат и од оваа страна на Јадранот. На Горни Сарај во Охрид некои од спомнатите мали четириаголни кули (бр. 7 и 8 на планот) имале отворена задна страна; на другите денес не им се гледа тој детал поради оштетеноста или поради преправките во турско време.

 

Мајсторите од Приморјето граделе вакви кули и во внатрешноста на Балканот. Ќе наброиме неколку најмаркантни примери во Србија: Голубац

 

78

 

 

и Смедерево на Дунав (ран 15. век); Маглич; Ресава (1407—18 г.); Белград (Калемегдан, почеток на 15. век); Призрен (доцен 14. век) и Вишеград над манастирот Св. Архангели (исто); Петрч (доцен 14. век); Ново Брдо на Косово (истек на 14. и ран 15. век). [9]

 

Следниот елемент што дошол од Запад кај нас можеби уште во доцниот 13, а главно во 14. век е главната кула, донжон во француската терминологија или бергфрид во германската. Донжоните се јавуваат на подрачјето на Франција во 12. век. [10] Оттука се шират кон Англија, Рајнската област, во Алпските земји, Северна Италија и тн. Низ 13. и 14. век доживеале голема еволуција во поглед на градежните елементи и конструкцијата како целина, нивната позиција во крепоста (кај главната порта; во средишниот простор; на највисоката точка во крепоста; во седлото покрај тврдината, и тн.). Во 14. век долниот дел на кулата се ѕида многу помасивно и со поинаков план од горниот. Формата и димензиите на оваа кула многу варираат бидејќи во текот на нивното постоење — до доминацијата на артилеријата — архитектите најмногу експериментирале околу донжоните.

 

Донжонот служел како главно (и последно) упориште на целата тврдина. Во сутеренот (доколку постоел) се наоѓала цистерна за вода (дождовница) или затвор. Потоа следат магацините, простории за живеење на командантот на стражата и на помошниците. Во случај на опсада и голема опасност, во донжонот се повлекувал и господарот со придружбата.

 

На низа наши крепости од доцниот среден век можеме да препознаеме донжони. Најизразит е оној во Струмица (Цареви Кули; сл. 151), изграден среде празниот простор на акрополата. Оддалечен е од обѕидието и од другите градби. Има специфична правоаголна основа голема 21.60 х 8 м, чии што потесни страни однадвор се извлечени под остри агли во форма на клунови од кораб. Ѕидовите му се масивни и широки 2,5 (челните 4,80) м и денес има височина уште 8—9 метри. Нема врата во партерот (се влегувало од катот). Внатрешноста во сутеренот е обложена со хидростатична изолација и служела како цистерна за вода (дождовница). На северозападниот ѕид однадвор стои една слепа ниша, горе засводена и со димензии 90 x 70 см. Во неа има 2 кружни дупки (со пречник од 12 см.), кои водат до внатрешноста — служеле за вентилација. Сите елементи упатуваат на доцниот 14. век. Кулата најверојатно ја изградил Константин Дејанов. Струмичкиот донжон со специфичната форма сугерира директни аналогии со донжоните во Западна Европа (Граубинден во Тирол; Пфалцграфенштајн на Рајна од 1326

 

 

9. Истиот, 38—42, 112—113 и Преглед (101—190), сл. 25, 29, 94—96, 112—118, 130—134, 171—172, 177—180, 183—190.

 

10. М. Boüard 1979, 99—100, 109—111; W. Hotz 1975, 16, 42—44.

 

79

 

 

г. и др.). [11]

 

На Исарот во Штип, на источниот ѕид на дворецот доминира главна кула, голема 10 х 8 м и висока денес уште 12 м (сл. 177, 178). Нејзината позиција, големина и масивноста целосно ја издвојуваат од другите кули и ја определуваат како донжон, што демнеел над главната (источна) порта во дворецот и над источната порта на цвингерот.

 

На Марковите Кули се издвојува исто така една кула со својата предимензионираност. Стоела во северозападното подножје на акрополата Чардак, источно од северната порта. Сочуваниот партер е масивен и без просторија, со кос, тесен премин низ него. Основата му е полукружна, со димензии 13 x 9 м. Го бранел главниот пристап кон Чардак каде несомнено стоела кралската резиденција во доцниот 14. век.

 

Донжони биле градени и во помалите крепости. Во градот Собри североисточно од Тетово несомнено во доцниот 14. век бил изграден на јужниот крај на акрополата силен штит-ѕид (широк 3 м и висок денес до 9 м). На неговата средина стои масивен донжон, со димензии 9,5 и 8,5 м и запазен денес во висина од 12 м. На него и на челниот ѕид била потпрена масивна трпезарија, со станбени простории на катот.

 

Во градот Девич кај Брод донжонот стоел на средина на акрополата, на највисоката точка. Основата, поставена врз една издадена карпа мери 8 х 7,6 м. Потекнува од 14. век.

 

Во градот Трново (с. Србиново кај Гостивар) донжонот е лоциран на северозападниот агол, на највисокото место. Голем бил 10 х 8,3 м и на неговата јужна страна се потпирала главната порта. Градежните особености го датираат во 14.век.

 

Во градот Чрешче на долна Брегалница. на северозападниот агол на акрополата бил накнадно доѕидан донжон. Временски му прилега на 14. век. За разлика од обѕидот кој е без малтер, донжонот е граден со цврст малтер и има многу масивни ѕидови. Основата мери 12,5 x 12 м и според тоа бил висок, веројатно, околу 18 м.

 

Во Кожле на Пчиња, на акрополата лежат урнатините на голема трпезарија и до неа главната кула-донжонот кој бдеел над замокот и пошироката околина. Градежните особености го датираат во доцниот 14. век.

 

Има и други примери, но ќе се ограничиме на наброените. За разлика од другите кули, широки просечно 4—5 м, видовме дека нашите донжони мерат многу, многу повеќе. И ѕидарската изведба им е многу помасивна

 

 

11. W. Hotz 1975, 22, 23, 127.

 

80

 

 

отколку кај останатите кули, а со својата позиција во тврдината доминираат над сите други градби и над околината.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]