Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

VI. МАТЕРИЈАЛНИ ОСТАТОЦИ ОД СРЕДНИОТ ВЕК

 

1. Раносредновековни фортификации:

А. Оспособување на доцноантички крепости

Б. Опкопи и бедеми во северните земји; аулите како протобугарски степски традиции

 

     А. Оспособување на доцноантички крепости

 

А.  На многу места спомнавме дека во периодот на раното средновековие (7.—10. век) кај нас, без исклучок, биле користени доцноантичките крепости. Меѓу нив најсилни и најдобро запазени биле оние од 6. век. При повторното користење на некоја од овие тврдини, тие требале главно да се расчистат од шут и од дивата вегетација и да им се обноват дрвените порти. Оштетените места на обѕидот (пробиените места — бреши) можеле со едноставна техника на сувоѕид во кусо време и со минимален труд да бидат закрпени. Покрај прирачниот материјал — паднатите камења од ѕадовите — на тие места веројатно била употребувана и дрвена арматура.

 

Како пример на вакво брзо обновување нека ни послужи тврдината Василида што ја спомнавме и порано. Царот Василиј II во 1015 г. по освојувањето на Охрид тргнал преку висока планина (Исток-Петринска) кон Преспа; за да го осигури тој пат, на него „подигнал” тврдина и и го дал своето име. Ако го следиме натамошниот итинерар на царот и календарот на следните настани, ќе видиме дека за „подигањето” на Василида имал на располагање само неколку дена. А за да изгради од темел една крепост каква што е онаа кај Евла или Петрино на спомнатиот планински премин, би му биле потребни 6—8 месеци.

 

Ова ќе го поткрепиме со конкретни показатели, на примерот на тврдината кај Евла. Обѕидието и е долго 660 м, широко 1,7 м, а било високо веројатно 7—8 м. Толкава ѕидарија содржела најмалку 9.000 м3 камен и малтер. За ова количество се потребни најмалку 120—150 тони (негасена) вар. Доколку при градењето на оваа тврдина биле ангажирани 20 мајстори со помошници и неколку пати повеќе неплатена работна рака, за да се подготви

 

68

 

 

варовникот и за да се испече варта, да се довлече градежниот камен, да се ископаат темелите и да се изѕида целото обѕидие, според денешните норми би им биле потребни 6—8 месеци напорна работа.

 

Одговорот е јасен. Наместо да ѕида нова тврдина од темели, Василиј само поправил една од добро запазените антички тврдини. Се надевам дека читателот нема да ми замери на ваков екскурс во тогашните градежни зафати. Верувам дека на тој начин секој ќе може сам да ги провери податоците и да дојде до соодветен заклучок.

 

Независно од случајот на Василида, веќе спомнавме дека на околу 70 доцноантички тврдини евидентиравме средновековни движни наоди, но не и средновековни ѕидарски интервенции. Ова е главниот доказ дека тврдините се наоѓале во добра состојба и дека со помали крпења биле оспособувани за новите потреби. При тоа пломбите со кои биле затворени брешите несомнено биле изведени без малтер; од тие причини истите бргу се распаднале и не оставиле траги до денес.

 

Цврстото ѕидање со употреба на вар секогаш било скапо. Вакви примери од средниот век што останале запазени до денес се многу ретки и предизвикуваат љубопитство, но и сомневање. Ова се должи, како на скромните финансиски можности од тоа време така и на слабиот квалитет на материјалот. По правило се ставал значително помал процент вар во однос на песокот, така што средновековниот малтер бил редовно многу посен, се ронел по извесно време и ѕиданото попуштало и се уривало.

 

Веруваме дека во времето на Самуил позначајните кастрони биле ѕидани или обновени во малтерна техника. За жал, нема ниту еден запазен пример од тоа време. Јован Владислав го обновил кастронот Бутела (Битола), како што тоа е забележано на тн. Битолска Плоча. Исто така, тој го обновил и кастронот над варошот (емпорион) Охрид и во него ја сместил државната ризница. Охрид му станал втора престолнина. Веруваме дека и двете крепости поради нивното значење биле обновени во малтерна техника, но и од двете не е сочувано ништо до денес.

 

 

    Б. Опкопи и бедеми во северните земји; аулите како протобугарски степски традиции

 

Б. Во раното средновековие, па и подоцна, биле користени одбранбените бедеми, насипани од камен и земја и зајакнати со одбранбен ров пред нив. Во северните делови на Европа богати со шуми, масовно се користеле стебла како арматура за бедемите. На широкото словенско подрачје од Панонија на запад, до Балтик на север и Русија на исток, досега се евидентирани и делумно истражувани повеќе илјади „градишта” од тој тип, градени главно во мочуриштата, во речните свијоци или на речните и езерските острови. Формата им е главно кружна, поретко овална. Тоа се

 

69

 

 

најчесто извонредно масивни конструкции од повеќе илјади дрвени стебла, легнати и поврзани меѓусебно во нераскинливи кружни прстени. Градиштата служеле само во случај на опасност, како збегови за околното население.

 

Со формирањето на првите словенски кнежевства, на ист начин биле градени и првите престолнини во кои постојано живееле кнезовите со својата придружба. Овие градишта биле многу поголеми од збеговите и на нив со време се прилепувале нови обградени површини во кои се населувале граѓаните; на тој начин со време израснале првите поголеми градови во Моравија. Полска, Чешка, Русија и тн. Дури во 13. и 14. век некои од овие градови добиле први обѕидија градени од камен со варовен малтер.

 

Степските народи (Хуни, Авари, Алани, Бугари и др.) што продирале во текот на 5. и 6. век во Средна Европа и на Балканот, донеле со себе сличен одбранбен модел. Тоа биле земјени опкопи во кружна форма, со ров пред нив. Во опкопиве се засолнувале одделни номадски заедници (родови) за време на војна. Тие не служеле за постојано живеење. Овие опкопи германските современици ги викале рингови и тој назив и денес се користи во стручната литература на запад, а и кај нас.

 

Со формирање на големата бугарска држава во североисточниот дел на Балканскиот полуостров, на преминот од 8. во 9. век се оформила и концепцијата на политички центри, престолнини. Тоа е тн. аул, квадратен простор голем повеќе десетици хектари, опфатен со одбранбен насип. Ќе се задржиме малку на овој тип градби, бидејќи Борис и Симеон во својата експанзија на запад го донеле и во Македонија.

 

Првата престолнина, во Плиска-Абоба, за свое јадро искористила еден доцноантички војнички каструм со цврсто камено обѕидие и со цврсти градби во центарот. Во тие градби ханот Омуртаг го уредил својот двор. [1] Елитните единици на ханот — воини со коњи — биле сместени околу дворот, во рамките на обѕидот на доцноантичкиот кастрон. Надвор од него, на еден голем правоаголен простор опфатен со земјен насип и со ров, се населиле владејачките родови — голема хорда со бројни коњи и со стока од која што сите живееле. Само надворешниот бедем бил бугарска градба.

 

Со експанзијата на Бугарите на запад, стариот аул Плиска опустел и во 893 г. престолнината била преместена во аулот Преслав. И во неговото средиште стоел еден доцноантички војнички кастрон, граден во цврста малтерна техника чии што остатоци царот Симеон ги искористил за да си го

 

 

1. Д. Кранџалов 1969, 141—164, со бројни планови и приведена обемна постара литература. — Д. Овчаров 1982, 77—144 се обидува, исто така, да даде пореално вреднување на овие наоди, иако не може целосно да се ослободи од наметнатите постари гледишта. Сп. и Ст. Михајлов 172, 1—8.

 

70

 

 

уреди дворот. Но, веќе во 971 г. византискиот цар Јован Цимиски го освоил и го разорил Преслав, па и тој аул опустел.

 

Аулите немале урбана структура ниту во нив постоел класичен градски живот. Тоа биле воени логори за големи коњанички одреди. Луѓето во нив живееле под шатори. подоцна и во колиби, покрај своите коњи. Во надворешниот обграден простор живееле семејствата на воините како и стоката што пасела на просторот околу аулот. Од времето на Борис во некои аули се ѕидаат и првите цврсти градби, црквите.

 

Еден ваков аул несомнено бил „градот” Равен на средна Брегалница. Според она што досега е истражено. Равен може со голема сигурност да се локализира кај Крупиште, на устието на Злетовица во Брегалница. (сп. Преглед, гл. VII). На тоа место, среде мочурлива рамница се издига одвај забележлив потег на кој првобитно бил изграден римски воен логор (каструм). Во 5. и 6. век тука израснал доцноантички град и средиште за околниот регион. Со археолошки ископувања е потврдено дека животот на ова место бил обновен во 9. и 10. век. Во рамките на некогашниот кастрон и град била сместена голема коњаничка хорда, а пространите пасишта околу Средна Брегалница пружале доволно храна за коњите и стоката на новите освојувачи.

 

Несомнено така изгледал „градот” Равен во кој кнезот Борис ги покрстувал брегалничките Словени и во кој поставил епископ на Брегалничката област. Веќе во следниот век Равен не се спомнува, а епископијата била пренесена во Моровизд. Аулите очигледно ја изгубиле својата дотогашна улога.

 

Следниот аул оформен во нашите краишта стоел несомнено во урнатините на римскиот крајпатен кастел кај Дебреште, 23 км северозападно од Прилеп. И тука станува збор за одвај забележлива височинка среде мочуришна рамница, во која коњите и стоката на освојувачите можеле да најдат доволно храна. Од истите причини така биле лоцирани и првите македонски престолнини Девол и Преспа. Девол е изграден на работ на мочурливото Корчанско поле, исушено во наше време. Преспа е подигната на островот среде Мала Преспа, плитко езеро опколено со пространи мочуришта на северниот и јужниот крај.

 

Има индиции за постоење на уште неколку аули во нашите краишта, но оваа проблематика досега воопшто не е истражувана кај нас.

 

*  *  *

 

71

 

 

Откако биле освоени граничните византиски земји, од времето на Симеон е изменета и воената концепција. Извршена е симбиоза помеѓу малубројните азиски Прабугари и бројните словенски племиња кои на широкиот простор од Дунав на север, до Егеја на југ и од Јадран на запад, до Црното Море на исток го прифатиле заедничкиот етникон „Бугари”. Словенскиот јазик станал заеднички за сите жители на тој простор. Протобугарите се претопиле и исчезнале во словенските маси, а со нив и моделот на номадските воени хорди кои што живеат во аули. Коњицата била сведена на мали елитни единици, а пешадијата станала основен род во војската. Наместо аули почнале да се користат стари византиски крепости со цврста малтерна ѕидарија, поставени на природно бранети возвишенија.

 

Споменот на земјените насипи, опкопи и ровови живеел и натаму. Така, пред решителната битка под Беласица, царот Самуил ја преградил долината на Струмешница кај Клуч (Клидион) решен тука да го пречека Василиј. На тоа место и денес се гледаат долги ровови и бедеми; на северниот крај, до патот Струмица — Петрич, бил насипан главниот опкоп, опкружен со 3 бедеми и ровови. И денес се вика Самуилова Крепост.

 

Кога во 1041 г. Петар Делјан кренал востание и во Белград се крунисал за бугарски цар, во Македонија му се придружиле востаниците на чело со војводата Манојло Ивец. Византиската војска влегла во Повардарието и оттаму тргнала кон Пелагонија. Пред Прилеп Ивец поставил „дема” — преграда од дрво и камен, со неа да го блокира патот на Ромеите.

 

Овој пат може најлесно да се блокира 8 км североисточно од Прилеп, на планинскиот премин Плетвар. Денешното име му потекнува несомнено од преградата на Ивец. Зборот „Плет” (плот) означува и денес ограда плетена од гранки и колје. Зборот „вар” е старотурски (аварски или протобугарски) и означува бедем, ѕид, како и подоцнежниот унгарски збор „варош”. [2]

 

Половина век подоцна, кога Норманите од Јужна Италија се обиделе да завладеат со подрачјето на денешна Албанија и со западномакедонските региони, царот Алексиј I Комнин ги укрепил граничните премини и теснини кон Далмација копајќи ровови и градејќи дрвени кули на тие места (во 1091 г.). Уште еднаш (во 1107 г.) тој го бранел истиот регион преградувајќи секоја патека и премин со дрвени деми и ровови, за да ги спречи Норманите во нивната офанзива кон внатрешноста. [3]

 

 

2. Gy. Moravcsik 1958, II, s.v. Var.

 

3. Византиски извори III, 1966, 385-386. 391 (Ана Комнина II. п. 153).

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]