Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

V. НАСТАНИТЕ ВО 13. И 14. ВЕК.

1. Историски осврт: распадот на Империjата и регионалните кнежества. - Латините, Бугарите, Епирците и Србите во Македониjа. - Српска експанзиjа во доцниот 13. и 14 век
2. Градови во Македониjа од 12. до 14. век:
     1. Растеж и просторно планирање
     2. Население во градовите
     3. Руднички и други тврдини
     4. Укрепени манастири и збегови
     5. Прашањето на Феудалните замоци
     6. Натамошната судбина на градовите по турската окупациjа (осврт)

 

V. 1. Историски осврт: распадот на Империјата и регионалните кнежевства. — Латините, Бугарите, Епирците и Србите во Македонија. — Српска експанзија во доцниот 13. и 14 век.

 

Династијата на Комнини владеела цел еден век (од 1081—1185 г.) Тоа време било одбележано со внатрешна политичка стабилност, стопански напредок и благосостојба. Династијата на Ангелите што ќе ја наследи претходнава, претставува време на брзо пропаѓање на Империјата. Во 1185 г. Норманите од Јужна Италија продреле низ Македонија до Солун и го освоиле овој втор по големина град во Царството. По смртта на Манојло Комнин, рашкиот голем жупан Стефан Немања целосно се одвоил од византиската централна власт и започнал со освојувањата на граничните ромејски земји. Во 1190 г. го освоил Скопје; потоа двете главни тврдини во Полозите, Лешок (Љеш’ск) и Градец и до темел ги урнал. И двете тврдини не биле обновени повторно. [1] Со тоа Немања планирал да ја отстрани византиската власт од овој регион и да го приклучи кон Србија.

 

Централната византиска власт била силно разнишана и локалните моќници се одметнуваат од неа. Околу 1094 г. Добромир Хрс (Хриз) создал независно кнежевство во Струмица и по некоја година го проширил на Просек, значајна тврдина на Вардарскиот пат. Сочуван ни е детален опис на борбите околу Просек, кога Ромеите во 1199 г. без успех се обидувале да го вратат под своја власт.

 

Византија ќе се обиде уште некое време да ја одржи својата власт во овие краишта. Во 1204 г. Крстоносците (Латините) го освоиле Цариград и

 

 

1. Историските настани од 13. и 14. век во нашите краишта добро се документирани и многукратно коментирани во нашата и странска литература. Во нив, главно, нема спорни прашања. Нашиот кус осврт е извлечен од трудовите приведени во претходните поглавија (на К. Јиречек, С. Антољак, Б. Панов, од корпусот Визант. извори књ. III. IV и др.), така што нема потреба тука да цитираме извори за секој од настаните а кои се навистина бројни.

 

53

 

 

големата Империја се распаднала во повеќе делови. Во нејзините балкански теми ќе израснат новите држави на Бугарите, Србите и Епирците. Во Јужна (Егејска) Македонија Латините ќе оформат одделно Латинско (Солунско) кнежевство. Новите властодршци наизменично ќе се борат околу власта во нашите краишта.

 

Овие борби ќе го исполнат најголемиот дел од 13. век. Јадрото на Византија, Мала Азија со новата локална престолнина Никеја (тн. Никејско Царство) се обидувало да ги поврати и обедини изгубените делови на поранешната Империја: во неколку обиди успеала да ги освои и нашите краишта. Историјата на нашите краишта во 13. век, пред cѐ, e историјат на освојувања и преземања на нашите поважни градови и тврдини. Немаме намера тука да ги проследиме сите борби околу нив. Меѓутоа овие настани се најтесно поврзани со нашата тема и за да можат читателите поцелосно да го разберат значњето на нашите крепости во ова време, ќе ја проследиме хронологијата на поважните настани околу неколку наши главни упоришта.

 

Просек одиграл централна улога во раниот 13. век. Во 1201 г. Византија успеала да го поврати. Во 1202 г. го освоиле Бугарите. Новиот управник на Просек, Ч’смен, во 1205 г. тргнал дури до Солун и го освоил неговото предградие. По смртта на Калојан (1207 г.) од Бугарија доаѓа во Просек еден одметник од дворот, по име Стрез, и тука формира престолнина на независно Вардарско кнежевство. Набргу ги освојува Прилеп и Пелагонија на запад, потоа Велес и веројатно Скопје и Полозите на север. Србите кои му помогнале да се зацврсти како самостоен владетел, во 1215 г. помогнале да биде отруен.

 

Просек и натаму игра важна улога. По смртта на Стрез, Латините од Солун го освоиле Просек. Во 1216/17 г. епирскиот деспот Теодор Ангел ги освоил Пелагонија и Прилеп, Просек, Велес и Скопје. По битката кај Клокотница во 1230 г. Јован Асен II од Бугарија ја проширил својата власт над сите спомнати градови. Во 1241 г. Епирците владеат со Пелагонија и Прилеп. Во 1246 г. Јован Ватац од Никеја ги освоил Просек, Велес и Скопје, а Прилеп во 1254 г. Таму некое време ќе престојува како царски намесник, познатиот писател Георги Акрополит. Во меѓувреме Михаил Асен II од Бугарија ги презема Скопје и Велес, а веќе во 1256 г. новиот никејски цар Теодор II Ласкарис нив ги става под својата власт. Во 1258 г. Епирците на измама го земаат Прилеп, а Урош I српски, Скопје. Во следната година и двата града и се вратени на Никеја, односно на обновената Византиска империја.

 

Господарите и натаму се менувале. Во 1265 г. Константин Тих од Бугарија го освоил Скопје, во 1270 г. тоа е под Византија, а во 1282 г. кралот

 

54

 

 

Милутин го приклучува Скопје кон српската држава. во чии рамки ќе остане до доаѓањето на Турците во 1392 г.

 

Останатите тврдини ќе останат под Византија уште некое време. Од нив овие краишта ќе ги преземат Србите: Велес, Чрешче, Просек и Штип, како и рудничките крепости Бучин, Добрун, Железнец и Каваларион во 1328 или 1330 г., а Прилеп, Битола, Чемрен и Охрид во 1334 г. Западно-македонските региони Полог, Кичево и Порече биле приклучени кон Србија уште под Милутин, помеѓу 1282 и 1295 г.

 

 

V. 2. Градови во Македонија од 12. до 14. век: Растеж и просторно планирање

 

V. 2.1. Растеж и просторно планирање

 

Обновената византиска власт во нашите краишта во 11. и 12. век благотворно се одразила врз развивањето на градовите кои ќе ја достигнат кулминацијата во 14. век. Некои од нашите градови се археолошки ископувани, а другите овозможуваат увид во овие прашања благодарение на добро запазените површински остатоци кои и денес се гледаат на теренот. Тие остатоци како и исотријатот на секој град одделно, ги прикажувам исцрпно во Прегледот (гл. VII). На ова место ќе се осврнам на просторниот распоред во нашите најзначајни и најдобро запазени градови, од што ќе се обидеме да извлечеме извесни општи заклучоци за урбанизацијата кај нас во зрелиот и доцен среден век.

 

На денешниот степен на (не)истраженоста на нашите градови познати ни се одвај нивните периметри, со понекој градежен детал внатре во нив. Единствено старите чаршии сочувани во Скопје и во некои други места, од турско време, ни дозволуваат да ја замислиме инфраструктурата и од пред-турскиот период. Охридската Варош најмногу ни помага во тој поглед. Овие визии не ги отфрламе, меѓутоа тука сакаме конкретно да видиме може ли од оние елементи што се наместа сочувани, да извлечеме конкретни заклучоци. Како изгледале нашите градови во тие векови, какво било нивното просторно планирање, каква функција имале и кој престојувал во нив?

 

Градовите што ги спомнавме во врска со настаните од 11. до 14. век претставувале главни упоришта на властта во овие краишта. Кастроните имале примарна улога како за Византија така и за сите оние што сакале да владеат со овие земји: за Норманите и Латините, Епирците, Бугарите и за Србите. Поради тоа во текот на 11., 12. и 13. век нашите градови имаат cи уште, доминантно воен карактер. Тие се, пред cѐ, големи тврдини со воени

 

55

 

 

гарнизони во нив, а дури во доцниот 13. и 14. век се здобиваат со карактер на цивилни градови со пазариште (трг), занаетчиски квартови и др.

 

Како примери на ваквото тврдење нека послужат Струмица и Просек, во кои кон крајот на 12. век Добромир Хрс сместил 500 војници и со нив успешно ги бранел двата кастрони, дури и од нападите на самиот цар. И помалиот кастрон Велес, во еден миг имал посада од 500 војници (Бугари) кои му се предале на византискиот цар во 1255 г. во размена за личната слобода. [2] Известувачот за овој настан, Теодор Акрополит, вели дека во исто време Прилеп бил бранет од само 40 војници.

 

Кастронот Пелагонија-Битола во 11. и 12. век послужил во низа околности како база на византиската војска пред нејзините походи против Норманите, Србите и Унгарците. Тука повеќе пати престојувале и самите цареви. [3]

 

Пишаните извори, а и археолошките остатоци на теренот, укажуваат на тоа дека воената посада била сместена внатре во укрепениот простор. Така, кога Охриѓаните во зимата 1082/83 го повикале Боемунд Тарентски, тие му го предале не самиот град, туку населбата (емпорион, варош). Но, Норманите брзале понатаму и немале време да го освојуваат градот (крепоста) на врвот од ридот (Горни Сарај), бранет од византиската посада, сместена во него. [4]

 

Во Просек војската била сместена во големата тврдина Кале-Стрезов Град (с. Человец). Неа ја препознаваме во описот на борбата за неа во 1199 г. Нејзиниот северен крај, меѓу првиот градски ѕид и предѕидот (Цвингер) очигледно бил ненаселен и служел за маневарски цели. Долниот Град сместен на пространата западна падина, надолу до Человечка Река, можел да ја собере сета стока од која практично се издржувала посадата. Горниот Град, поделен со внатрешните ѕидови на две станбени површини и на две акрополи врз нив, пружал можност за сместување на многу повеќе бранители отколку што ги имал Хрс. Тоа е најголемата крепост од тоа време на просторот на денешна Република Македонија.

 

Цивилната населба (варош Просек) била сместена одделно од крепоста, на другата страна на Человечкиот Процеп, длабок 220 м.! Овој природно бранет врв (Марков Град, с. Корешница) голем 14 ха, претставува за нас најбогат средновековен археолошки локалитет што го имаме. Изобилието на површинските наоди зборува за многу интензивен живот во него од 11. до 14. век. со голема занаетчиска дејност, пред cи во металургијата (добивање и

 

 

2. Исцрпен преглед кај М. Бошкоски 1989, 83—88, 92—93.

 

3. Визант. нзвори III, 1966, 380, 381 (Ана Комнина II, н. 20—21, 23).

 

4. Визант. извори III, 1966, 381.

 

56

 

 

обработка на железо и бакар). Конфигурацијата на теренот обусловила куќите и улиците да се оформат амфитеатрално околу акрополата што стоела на југоисточниот крај, а со пад кон запад и северозапад. Разголените темели зборуваат дека тоа биле главно мали куќи со 2-4 простории, ретко со повеќе.

 

Две помали крепости северно од населбата (Кула на Јуручки Камен) и преку Вардар (Кула на Постралец) го надополнувале овој најсилно укрепен пункт на Средниот Балкан. Археолошки се ископувани и три некрополи со гробишни цркви од двете страни на Вардар. Просек бил престолнина на Вардарското кнежевство од крајот на 12. до средината на 13. век, кое на мигови достигало големина колку половината од денешната Република Македонија. Обемот на целиот укрепен комплекс на Просек и цврстината на неговата фортификација го издвојуваат далеку пред сите други наши кастрони. Овој заборавен гигант и денес одвај да и е познат на стручната јавност.

 

Во Скопје археолошки е истражуван само Горниот Град и тоа недоволно. Во северозападниот агол откопан е дел од репрезентативна сала од голема градба, можеби од резиденцијата на српските владетели од 14. век. Кружната североисточна кула служела како стан на командантот на гарнизонот (кефалија кулски). Покрај јужниот градски ѕид се откопани дрвени куќи, збиени густо една до друга и допрени до обѕидието; датирани се во 12. и 13. век. Тоа се, несомено, војнички бараки, идентични на оние што ги откопавме во тврдината на Водно. на просторот зад челната кула. Тие имале дрвени ѕидови и покриви, а подовите биле од набиена земја. Во нив најдовме многу отпадоци од секојдневниот живот, фрлени и набиени во под. Просторот долж североисточниот ѕид во ова време не бил целосно изграден.

 

Во повелбата од 1300 г. и во подоцнежните документи спомнати се нај-малку три цркви и повеќе куќи („полати”) во скопскиот Горен Град и нај-малку десет цркви во Долниот Град и подградието. Урбаниот план на Долниот Град (варош) може да го насетиме во планот од турско време, запазен до денес. Тоа се уличките повлечени од Мустафа-Паша-џамијата на север до Св.Спас на југ, со главната улица која несомнено се совпаѓала со денешната улица Маршал Тито (Македонија). Оваа улица избивала на претпоставената Јужна Порта што стоела под турската Топ-кула. Зачетоците на неукрепеното поградие (трг, пазар) може да ги наѕреме во денешната Турска чаршија — нејзиниот западен крај, можеби до Серава на исток. Големата промена од воениот во цивилен карактер градот ја доживеал на крајот од 13. и во 14. век.

 

Делот Варош во Охрид пружа големи можности да ја замислиме

 

57

 

 

урбаната шема на градот во 14. век, а можеби и порано. Како главни репери за ова несомнено служат десетте средновековни цркви, со улиците кои покрај нив останале неизменети. Натаму, тука се и трите порти од исто време (предтурско). Горна порта се уште ја има својата првобитна функција; Долна порта била запазена до наше време. Челната порта на источниот ѕид, откопана пред три децении, била заѕидана во турско време, а името и се сочувало во името на црквата, вградена во нејзината северна кула. Поради релјефот на почвата — и тогашната урбана концепција — улиците се мошне тесни а влечени по изохипсите, и напречно на нив. И старата скопска чаршија е таква.

 

Средновековното обѕидие на Охрид опфаќа многу поголем простор — од преку 30 ха — расположен на двете ритчиња. Меѓутоа, одвај половина од просторот бил населен. Тоа се источното ритче од Дебој на север до езерскиот брег на југ и широката преседлина меѓу ритчињата, Варош, од Горната порта на север до брегот на југ. Западното ритче не било населено: тој простор, од Уч Кале и Лабино на север, до брегот на југ, служел за збег за околното население и овозможувал големи маневарски можности при евентуалната опсада. Обѕидието е од 14. век, како и крепоста Горни Сарај што е запазена до денес.

 

Градот Собри кај Ораше, североисточно од Тетово, претставува извонреден пример на просторно планирање на помали градови. Израснал во 13. и 14. век по уривањето на дотогашните Полошки средишта Градец и Лешок (во 1190 г.). Собри е изградено врз доцноантичките остатоци со доградување на големи нови делови кои го поместуваат меѓу нашите најубави средновековни фортификации. Благодарение на тоа што Турците не го урнале, а во текот на 15. век бил напуште, градот Собри успеал да преживее во многу добра состојба до нашето време.

 

Горниот Град има масивно северно и јужно чело сочувано речиси во првобитната висина. Тоа се масивни кули — бастиони вклопени во штит-куртини, со сложени премини низ нив, со предѕидови и ровови пред овие. Една широка улица водела од север кон југ, а десно и лево од неа биле разместени 10-12 големи куќи со иста ориенатација. Куќите се со цврста малтерна ѕидарија и имале по 4-6 простории.

 

Истиот правилен распоред се гледа и кај 10-ина куќи во северното подградие, кое имало одделно обѕидие. Западното подградие се развило исто така на однапред планиран простор, а обѕидието му се надоврзувало на Горниот Град. Во него имало место за 30-ина куќи. Како последен дел од оваа урбана агломерација се појавило неукрепено предградие северно од укрепениот комплекс. Тоа се протегало слободно долж тесниот срт, со една

 

58

 

 

црква на северниот Kpaj.

 

Градот Велес претставувал помал кастрон со силна акропола и со простор за сместување на посадата. Колку место имало во тој простор за цивили, не знаеме. Подградието што можело да се смести на североисточната падина, стеснето помеѓу обѕидието и реката Вардар, било ососем мало. Во 14. век тука биле изградени три цркви. По српските освојувања (во 1330 г.) и поместувањето на границата далеку на југ, Велес го изгубил дотогашното стратешко значење и воената посада. Во укрепениот простор тогаш несомнено се населиле цивилите и Велес продолжил да живурка како гратче во обѕидието, cи до доаѓањето на Турците.

 

Во Прилеп три децении археолошки се ископува неукрепеното подградие Варош, во северозападниот дел на денешното село Варош. Истражени се 7 цркви (од 13. и главно од 14. век), согледани се контурите на тргот со занаетчиските работилници и откопани се делови од неколку станбени објекти („дворци”). Сето ова може да се датира во 14. век, со скромни постари почетоци.

 

На ридот Маркови Кули откопана е (освен обѕидието) една стражарска куќа крај северната порта и неколку градби со нејасна намена во рамките на акрополата Чардак. На Чардак несомнено стоел дворот на Волкашин и Марко, но тоа со ништо не е потврдено. Во седлото под Чардакот, на широкиот простор опфатен со обѕидието во 14. век. можеле да се сместат како воената посада така и сета цивилна послуга на Дворот, управните служби и др. По Маричката битка кога турските акинџиски провали зачестеле и во овој крај, биле укрепени и пониските тераси на јужната и западната страна под кастронот, за во нив да се засолнуваат жителите од Варош и од околината.

 

Кастронот Струмица („Цареви Кули”) овозможува преку археолошките остатоци да ја согледаме урбаната структура. Просторно бил поделен во два дела. Помалиот западен дел, издолжен на тесниот врв и опфатен со внатрешен ѕид и со 4 кули, ја претставува акрополата резервирана за воениот гарнизон. Пространата падина што се протега јужно, југоисточно, источно и североисточно од акрополата, била опфатена со надворешниот градски ѕид и се користела како станбен простор. Силна ерозија што уништила дел од јужната падина овозможува и без ископувања да наѕреме во она што тука постоело во средновековието. Бројни темели од помали градби за живеење и работилници (камен, со и без малтер) извираат тука и таму од урвата, а маса од градежен шут, огнишна и трпезна керамика, ситни железни предмети, бакарни монети од 11. до 14. век и др. слечени се до подножјето. Бидејќи овој простор е голем, претпоставуваме дека тука стоеле

 

59

 

 

не само воени туку и цивилни градби.

 

Во северното подножје на ридот Цареви Кули, на една висока тераса што се протега од денешниот Ловечки дом до Старата Чаршија, се развило неукрепено подградие. Археолошките сондирања во последните години потврдија на тој простор остатоци од една црква (14. век) како и од други градби од крајот на средновековието. Турската чаршија што тука се надслоила врз постарите остатоци, веруваме дека во главните црти го повторува планот на доцносредновековното подградие.

 

 

V. 2.2. Население во градовите.

 

Воените посади и нивните команди во нашите крепости и градови биле поставувани од нивните властодршци, а се менувале во согласност со историските промени и преземања на овие градови еден од друг. Воените посади доаѓале по наредба од Солун, Никеја или Цариград, од Никопол, Велико Трново или Рас и пак си заминувале по губењето на овие краишта.

 

Поинаков е случајот со цивилното население во подградијата односно таму каде што ги имало. Во етнички поглед населението било хетерогено. Тоа најјасно се гледа од црковните и од другите документи од крајот на 13. и 14. век, каде што покрај имотите се наброени и имињата на нивните сопственици а честопати се наведува и етничката припадност.

 

Не навлегувајќи подлабоко во овие сложени политички и класно-социјални прашања, можеме да го забележиме следното. Градското население — трговците и занаетчиите, слободните ситни земјопоседници и други не им пружале голем отпор на постојано новите освојувачи. Тие биле свесни дека данокот и другите давачки морале некому да му ги плаќаат, а кој ќе биде тоа решавала воената сила или итрината на освојувачите. Ова подрачје лежело помеѓу неколку посилни политички центри. кои наизменично го присвојувале нашиот регион за себе. Само така можеме да го објасниме фактот што нашите градови толку пати преминале од едни раце во други, без да бидат уништени. Цивилното население не страдало многу и главно не ги напуштало градовите и во археолошка смисла може да се следи континуитетот на живеењето во овие места низ вековите.

 

Покрај војската во градовите се населувале трговците и занаетчиите, бидејќи имале заемна полза едните од другите. Сиот воен плен го откупувале трговците; кај нив и кај занаетчиите, војниците ја трошеле својата плата. Занаетчиите и трговците им биле потребни за најразлични услуги од задоволувањето на секодневните потреби во исхраната до одржувањето на нивната облека и воената опрема, поправката и обновата на оружјето, орга-

 

60

 

 

низирањето на различни забави и друго.

 

Во кастроните живееле и локалните феудалци со своите семејства и бројна послуга. Меѓу нив доминантно место имале пронијарите, офицери кои од државата добивале земја (феуд) во наследство како надомест за нивната воена служба. Од документите од тоа време дознаваме дека тие имале имоти главно во пограничните региони како што се Полозите и Скопско, како и во Пелагонија и други места. Во доцниот 13. век кога Србите трајно ја истиснале Византија од Скопје и Жеглигово, од Полозите, Порече, од „Дебарските и Кичевските земји”, имотите на пронијарите — Грци им биле давани на новите пронијари — Срби како и на српската црква.

 

Епископите и нивните помошници, потоа обичните свештеници со хиерархиски чинови — протопопови, попови, ѓакони, подѓакони и „чатци” — со нивните семејства и со слугите претставувале забележителна категорија градски жители која со време многу се зголемила. Сите тие живееле главно во градовите и гратчињата — епархиските и енориските средишта во кои биле концентрирани речиси сите цркви до 14. век (освен манастирите).

 

Тргнувајќи од писмата на Теофилакт, архиепископот Охридски од почетокот на 12. век гледаме како јакнее црквата како феудална сила во судирот со пронијарите и слободните селани. Преку бројни подарувања на нови имоти од страна на владетелите и локалните феудалци во текот на 12. и 13., а особено во 14. век црквата станала најмоќниот земјопоседник во државата со илјадници зависни луѓе под своја јурисдикција. Повелбите од 13. и 14. век пружаат многу примери за јакнењето на црквата и нејзиното издвојување од државната власт.

 

Како следна категорија жители во нашите градови треба да ги наведеме градските и државните функционери, забележани во низа документи од доцниот 13. и 14. век како „владалци”. Од нив, воени функции во градовите имале: кефалија градски (Скопје имало и кефалија кулски, заповедник на Горниот Град); стратори (офицери); комис (заповедник); „страж граду”. Од управните функции забележани се: севаст градски (виш администратор); вистијар (финансов управник); прахтор (собирач на даноци); изгончија (курир); судија „велики”, „мали” и „жупски”; казнец (геометар) и писец (надзорник на катастарот); кнез жупски.

 

Меѓу градските занаетчии се спомнуваат златари, ковачи, оружари. макелари (месари), гребенари, свирци, дромохари, апоклисари, винари. Од прислужниците на високи господа: коњух, волобер, ѓерекар (соколар), псар, коморник, пехарник и др. [5]

 

 

5. Ст. Новаковиќ 1912, 704 и н. — овие функции и звања ги повторува во поново време и Т. Томоски 1975, 70, 71.

 

61

 

 

Bo рамките на српската државна управа која била строго централизирана, градовите уживале извесни самоуправни права и привилегии во рамките на трговијата и на даночната политика. Во Душановиот законик еден дел им бил посветен ним: тоа е „Законот градски”. Во членот 137 читаме дека сите градови имале хрисовули — царски укази со кои им се гарантираат определени права и обврски кон државата. И новоосвоените византиски градови добиле од Душан хрисовули и простагми (Чл. 124), со кои нивниот статус се доближувал до статусот на „српските” градови, т.е. на оние кои од порано биле под српска власт.

 

 

V. 2.3. Руднички и други тврдини.

 

Рударството што Византија го оживеала во 11. и 12. век, доживеало нов подем под Србите. Низа топоними во нашите краишта врзани се за нив од тоа време, а во врска со отворањето нови рудници. Тие, пред cи, ja експлоатирале железната руда. На 9 км јужно од Гостивар лежи селото Србиново, покрај кое во 13.—14. век била флотирана, пржена и топена железната руда; над тие постројки била изградена рудничка тврдина (лок. „Кале-Ѕвезда”, „град Трново”; сп. Преглед). 16 км југоисточно оттука лежи с. Србица (Арангел), исто така рудничка тврдина.

 

Со дејноста на српските рудари од ова време во Порече можат да се поврзаат местата Косово, Звечан, Ковач, Девич, веројатно и Самоков и Требовље. Покрај нив лежат остатоци од доцносредновековни руднички тврдини. Тука насекаде се пронаоѓани и српски (и венецијански) монети од тоа време.

 

Рудоносниот ревир Демир Хисар (Железно) и Дебрица. Византија ги држела до 1230 г. и во последните борби околу нив (1228—1230) грчевито настојувала да ги задржи за себе. Тука стоеле рудничките тврдини Бучин, Добрун, Железнец (Сидерокастрон), Габаларион, Дебрица.

 

Во регионот на Осогово била вадена главно железна, но и оловно-сребрена руда. Поради сложената технологија среброто главно го ваделе Сасите. Српските владетели ги повикале овие прочуени германски рудари, веројатно од Чешка и Ердељ, и им дозволиле да истражуваат рудни лежишта, да отвораат рудници и да ја преработуваат сребрената руда до финалните

 

62

 

 

производи, со низа привилегии. Во денешната Србија главни ревири биле оние на Рудник и Копаоник — Ново Брдо, а во Македонија Осогово. [6] Кај Гризилевци е вадено и злато, па оттаму и името на рударскиот центар во 14. век, Злетово. Низа топоними укажуваат на присутноста на Сасите во тој крај (Саса, Шлегово, Шталковица, Штона, Халден и др.). Од осоговското сребро деспотот Оливер ковал и пари со своето име. Многуте наоди на српски и венецијански сребрени монети од 14. век на тој простор ја потврдуваат порано кажаната констатција.

 

Вакви монети од тоа време најдени се и во рудничките тврдини Чемрен и Живојно во Битолскиот крај, во Просек на Вардар, Шопур кај Радовиш, Чрешче на долна Брегалница и тн.

 

Најголемиот број на доцноантички тврдини на нашите простори можат да се поврзаат со рударството. Тврдините кои имале некоја друга функција во претходните векови, сега како да замреле. Со српските освојувања од 1282—1330 г. границата била поместена далеку на југ и кон југоисток, така што пограничните тврдини биле напуштени. Некои од поранешните крајпатни или регионални стражи веројатно биле користени и во српската држава. Тие веќе не биле потребни за набљудување на движењето на непријателските војски, како и за организирање заседи. Меѓутоа секогаш постоеле незадоволници — бунтовници или ајдуци кои ги пречекувале трговците и патниците на планинските преминиу или теснини, ги ограбувале а и убивале. За ова зборуваат повеќе документи во венецијанските и дубровничките архиви, за страдањата на нивните трговци низ овие краишта.

 

Од она што е забележано во документите, знаеме дека овие тврдини го изгубиле значењето што порано го имале. По неколку стражари во нив, ангажирани по пат на принудна обврска (ангарија) да стражарат на смена, не оставиле речиси никакви материјални траги од тоа време во нив.

 

 

V. 2.4. Укрепени манастири и збегови.

 

Голем број манастири во доцниот среден век станале богати феудални стопанства, со големи земјишни имоти, броен добиток и со илјадници зависни луѓе под нивна јурисдикција. Манастирите на света Гора (Атос) на Халкидик биле најбогатите во овој дел на Балканот. Поради материјалните богатства натрупани во нив, тие привлекувале ограбувачи и поради тоа биле принудени да се заштитат со високи ѕидишта и со некоја кула.

 

 

6. К. Јиречек 1978, II, 173—176 (гл. IX).

 

63

 

 

Вакви укрепени манастири има неколку на подрачјето на Република Македонија. Тие не се истражувани и стручната јавност до неодамна не им обрнуваше внимание. [7] Имаат силни ѕидови како и другите укрепени места, а белезите на ѕидаријата ги датираат во доцниот 14. век. Тоа е времето по Маричката битка (1371 г.) кога турските акинџиски одреди продирале во нашите краишта, ограбувајќи и пустошејќи cи пред себе. Дури откога била воспоставена регуларна управа во овој регион, заведен е ред.

 

Манастирите за кои зборуваме лежат на високи и природно бранети места, а силните ѕидишта ги претвориле во вистински крепости. Такви се Зрзе и Трескавец кај Прилеп, делумно и Св. Архангели во Варош и Св. Наум на Охридското Езеро; потоа Матка кај Скопје. Сите не се евидентирани. Покрај црквата, со обѕидието се опфатени и повеќе помошни објекти — конаците за калуѓерите и за слугите, магацините и визбите за продукти, стаите за добиток и др. Во пространиот двор може да се засолнат бројни бегалци во кризните ситуации.

 

Големи збегови за селското население биле градени и на други места. Не се евидентирани сите, пред cи поради сиромаштијата на археолошкиот материјал во нив, а тоа бара подолготрајно истражување. На Марковите Кули во Прилеп најдолната тераса била укрепена како збег во доцниот 14. век. На тој простор, голем околу 4 ха, нема цврсти градби. Обѕидието е слабо и широко просечно 1 м, максимално се потпира на големи карпи. Збегот кај Прилепец, 6 км јужно од Прилеп бил голем дури 7 ха и покажува исти карактеристики како и претходниот пример. Збегот над Злетово имал обѕидие без малтер, а такви биле и многу други. Збеговите биле користени само од време навреме, во случаи на непосредна опасност.

 

 

V. 2.5. Прашањето на Феудалните замоци.

 

Западноевропските држави во одминатиот и доцен среден век, со класичен феудален поредок, биле исцепкани во голем број помали и сосем мали управни територии во кои централната кралска власт одвај да допирала. Регионалните и локалните господари живееле во своите силно укрепени станишта — замоци, опкружени со слугите и стражата и таму тие биле речиси недопирливи.

 

По распадот на царството на Душан. подрачјето на денешна Република Македонија било поделено во помали делови. Во источната

 

 

7. В. Лилчиќ 1983, 285—298.

 

64

 

 

половина владеел деспотот Оливер. а по него Константин Деанов. Со западната половина завладеал кралот Волкашин со брат му Углеша. По некоја година Волк Бранков ги истиснал од Скопје и тие за нова престолнина го одбрале Прилеп. По Маричката битка ги наследил Марко, од кого што веднаш се одметнал Андреа Гропа и се утврдил во Охрид. Тој дури го презел Костур од Марко. Турското освојување го спречило натамошното цепкање на земјата.

 

Деспотот Оливер изградил во Штип величествена крепост, а истата можеби ја довршил Константин Деанов. Штипскиот Исар не е кастрон за сместување на поголем државен воен одред. Според она што денес го гледаме на теренот тоа е еден голем феудален замок, граден по примерот на европските бургови од тоа време. [8] На највисоката позиција стоел дворецот со станбени и репрезентативни градби и со главната кула (донжон) на јужниот крај. Околу него се протегал цвингер, во кој можела да се смести бројна стража, слугите, коњушниците, магацините со продукти и др. Делот за цивилите, варош (подградие, амборија) се простирал во подножјето на замокот, под неговата контрола но целосно одвоен од него.

 

Тврдината Горни Сарај (Уч Кале) во Охрид е исто така замок. Подигнат е на местото на урнатиот византиски кастрон и ги следи контурите на неговото обѕидие но за 610 м повлечен навнатре, а проширен на североисточниот агол. Со силен внатрешен ѕид поделен е на два дела. Јужниот, повисокиот дел има полукружна форма, има димензии 100 х 55 м, а ѕидот му е зајакнат со 8 кули. Главната (јужна) порта со репрезентативна форма и дава монументалност на целата тврдина. Станбените и репрезентативните градби биле поставени во задниот дел на просторот (вон дофатот на проектилите на непријателот) и потпрени на внатрешниот ѕид; овој има енормна ширина од 2,85 м.

 

Северниот дел на тврдината, поставен на почва која косо, дури стрмо паѓа кон север, служел несомнено за сместување на помошни објекти — амбари, работилници, коњушници, станови за слугите и стражата. Имал влезови во северозападниот агол и на источниот ѕид. Тука се гледаат и остатоци од постари ѕидови, на византискиот кастрон.

 

И кралскиот град Прилеп бил всушност голем феудален замок. Цивилниот дел (варош) останал низ сите векови (до денес) во подножјето на ридот. За жителите на варошот бил изграден само голем збег на подолната тераса на ридот, под ѕидините на кралскиот „град”. А во „градот”, по 3

 

 

8. W. Hotz 1975, 26, 27, Z 21 /Ortenburg/; 38, 39, Z 34 /Eltz/; 101, 102, Z 62 /Trifels/, сите во Рајнска област; 205, 206, Z 119 /Rapottenstein/; 207. 208, Z 120/Churburg во Австрија/ — co иста основна концепција на планот.

 

65

 

 

децении интензивно ископување се откриени само една стражарска куќа до северната порта како и неколку скромни цврсти градби на акрополата Чардак.

 

На Чардак несомнено стоел кралскиот дворец, а во пространиот „град” под него — во седлото меѓу карпите опколено со ѕидови — можеле да се сместат бараките за стражата (гардата) и за слугите, магацините, коњушниците и др. Тука немало граѓански куќи во класична смисла на зборот. Тоа всушност и не бил град.

 

Во најново време и во соседна Бугарија за прв пат е поставено прашањето, дали таму имало замоци? [9] Во доцниот среден век Бугарија била исто така распарчена на низа феудални имоти. Логично е таму да се очекуваат укрепени феудални засолништа. Бугарските учени помислуваат дека уште во 11.—13. век таму се појавиле првите замоци но само како архитектурен тип во некое укрепено градско јадро. Во 14. век замоците се јавуваат таму како самостојни градежни комплекси или како делови на градски организми, но сега веќе како основни политички, административни и духовни центри.

 

Оваа проблематика кај нас cѐ уште не е допрена.

 

 

V. 2.6. Натамошната судбина на градовите по турската окупација (осврт)

 

Во Воведот (гл. I) како временска рамка на темата ја определивме турската окупација на нашите краишта, значи крајот на 14. век. Турскиот период по многу нешта е специфичен и се издвојува од претходните векови, иако 15. и 16. век кај нас се уште среден век. На ова место сакаме само да се надоврзиме на извонредните студии на А. Стојановски, [10] чии што забелешки и заклучоци ги прифаќаме во целост. Некои од нив ќе ги повториме во следните редови.

 

Турското освојување на Македонија предизвикало во почетокот извесни пустошења и ограбувања на некои наши градови и региони. Разбирливо е дека тие предизвикале и извесен застој во стопанскиот живот и во културниот развој на градовите. Но, турската државна управа брзо ги надминала почетните слабости и градовите продолжиле со натамошниот

 

 

9. И. Джамбов 1992, 10—19.

 

10. Пред cѐ книгата на А. Стојановски „Градови во Македонија од крајот на 14. до 17. век, демографски проучувања”. Скопје 1971, 1—176. Неговите други студии по одделни прашања, со сето уважување, тука не ги цитирам.

 

66

 

 

живот. Во границите на огромната Империја се раздвижил слободниот проток на стоки и на искуства. Новите занаетчии и трговци од турско и еврејско, ерменско. циганско и друго потекло, постапно се доселувале во речиси сите градови во Македонија, развивајќи одделни стопански дејности таму каде што постоеле услови за тоа. На тој начин постојните градови во Македонија во 15., 16. и 17. век се зголемиле по обем. Покрај нив се појавила цела низа нови гратчиња кои порано не постоеле. [11]

 

Од друга страна потребата од бројни мали тврдини разместени во внатрешноста на Империјата исчезнала. Така тие замреле и кај нас. Некои од нашите средновековни градови исто така запустеле. Причината за тоа не треба да се бара во турското насилство. Јасно е дека оние градови и крепости кои лежеле на главните линии на навлегување на Турците и на кои пружале вооружен отпор, биле ограбувани и уривани. Таков е случајот, на пример, со Битола и Скопје. Но, и двата града брзо биле обновени и доживеале уште поголем подем од порано.

 

Причината за запустувањето на некои наши средновековни гратчиња лежела главно во изменетиот стопански систем во турската империја како целина. Постојаниот феудален систем бил насилно заменет со турскиот феудален систем кој имал поинакви особености. Црквата ги изгубила своите имоти а манастирите набргу опустеле. Исто така и феудалните замоци. Кон нив се придружиле и рударските гратчиња Чрешче на Брегалница, Модриче и Девич во Порече, Добрун, Железнец, Бучин и Габаларион во Железнец, Дебрица кај Охрид, Собри и Стенче кај Тетово, Чемрен во Мориово и др.

 

Во големата турска држава биле форсирани побогати и поголеми рударски центри и во конкуренција со нив нашите гратчиња со поскромни рудни лежишта не можеле да опстанат. Во некои од нив Турците поставиле како подршка мали воени гарнизони или на друг начин се труделе да го поддржат нивното живеење. Сепак, по еден век, или за покусо време, и тие опустеле — како Трново кај Гостивар, Собри кај Тетово, Железнец во Демир Хисар, Просек — Демир Капи.

 

Некои други изменети стопански односи придонеле да замрат и другите регионални средишта, а некаде во нивната околина да израсне ново средиште. Така, наместо Славиште израснала Крива Паланка. Наместо Злетово — Кратово. Наместо Луково. Жеглигово и Козјак ќе израсне Куманово. Наместо Тиквеш — Кавадар. Животот на градовите има, исто така свои законитости. Градовите се раѓаат и умираат како и луѓето што ги создале.

 

 

11. Истиот, н. д. 30, 33 и н., 117 и н., 133—138.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]