Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

IV. ОБНОВА НА ВИЗАНТИСКАТА ВЛАСТ ВО 11. И 12. ВЕК 

1. Востанија. — Печенеги. — Нормани во западнише краишта

2. Феудализација. — Рударство. — Циркулација на монети

 

IV. 1. Историски осврт.

 

По конечниот слом на Самуиловата држава, а за да спречи да не дојде до повторни востанија, Василиј II решил на овој простор да ги урне тврдините како можни нови упоришта на востаниците. Во таа смисла има оставено само некои клучни кастрони во кои биле разместени византиски воени посади. До темел била урната и тврдината над варошот Охрид при што била запленета и државната каса на Јован Владислав. По ова Охрид ќе остане долго време без крепост. Тврдината Горни Сарај што денес ја гледаме била подигната во доцниот 14. век.

 

И тврдината Штип ќе остане запустена повеќе од 3 века; обновена била пред средината на 14. век. Прилеп исто така. Просек бил обновен на крајот од 12. и проширен во раниот 13. век благодарение на тоа што станал седиште на една нова, регионална држава.

 

Поголемиот дел на 11. век е стабилен во политичка и стопанска смисла. Византија спровела темелна феудализација на овие простори. Од една страна црквата станала господар на бројните земјишни имоти, а од друга страна зајакнало ситното воено племство, пронијарите. Слушаме за низа судири помеѓу црквата и племството околу имотите. [1]

 

Територијата што Василиј II ја освоил од Владислав, ја вклопил во нова голема тема (од рангот на катепанат), наречена „Бугарија”. Седиштето и било во Скопје, новиот центар на Среден Балкан. Охрид останал само

 

 

1. Не навлегувајќи во обемната литература по овие прашања упатуваме само на писмата на Теофилакт, архиепископот Охридски — сп. Византиски извори III, 1966, 262 и Заб. 14; 267 и заб. 34; 294 и н.

 

47

 

 

црковно средиште. Територијата на која Охридската архиепископија имала своја јурисдикција во најголем дел се совпаѓала со новата тема. Управникот на Скопје (стратег и автократор) бил воедно и управник (катепан) на целата тема. [2]

 

Долгогодишниот мир бил повремено нарушуван со некој настан. Во 1040 г. дошло до востанието на Петар Делјан (Долјан, Оделјан). Овој самонаречен син на Арон (односно Гаврил Радомир) во Белград се крунисал за цар на Бугарија. Востанието го раширил на југ до Грција. Му се придружил Алусијан, синот на Јован Владислав. При нападот на Солун, Алусијан бил тешко поразен; тој влегол во судир со Делјан и го ослепува. Византија го задушува востанието. [3]

 

Забележано е дека Манојло Ивац, еден од војводите на Делјан, се обидувал кај Прилеп со дрвена преграда (дема) да ја задржи византиската војска која навлегувала од Повардарието (веројатно на Плетвар — сп. напред гл. I. 2).

 

Номадскиот народ Печенеги од степите на Јужна Русија провалил веројатно во 1035 г. преку Дунав ија ограбил „цела Мезија до Солун на југ”. Византиската војска, собрана во нашите краишта, успеала да ги победи, да уништи еден дел, а останатите да ги расели во групи по запустените рамници околу Сердика (Софија), Ниш и во Овче Поле (Еутзапелон). Нови упаѓања имало во 1048 г., а хордите на Узите тргнувајќи по нив, во 1064 г., предизвикале нови пустошења на балканските простори. [4] Не знаеме дали при тоа — и колку — страдале и нашите краишта.

 

Покрај спомнатите народи, во нашите краишта биле населени и Турците од Азија. Во борбите против Норманите, во византиската војска учествувал во 1081 г. и еден одред Турци кои тогаш живееле како населеници околу Охрид. [5]

 

Во есента 1072 г. егзархот Георги Војтех со група првенци од Скопје кренал востание против византиската централна власт. Востанието брзо се проширило на околните подрачја. Бил повикан Михајло, кнезот на Дукља да им се придружи. Константин Бодин, синот на Михајло, во Призрен се крунисал како Петар, цар на Бугарите. Тој со војската ги опустошил периферните византиски покраини до Ниш, Видин и Сирмиум на север, потоа се свртел кон Скопје. [6] Бодин бил заробен од Ромеите и подоцна бил пуштен

 

 

2. С. Антољак 1985, I, 252 и заб.14; 267 и заб. 34; 294 и н.

 

3. Г. Острогорски 1959, 308—309.

 

4. Визант. извори III, 1966, 164 (Ј. Скилица); 255 (Зонара); 229 (М. Аталијат).

 

5. Визант. извори III, 378 (Ана Комнина I, п. 151, 20—23 — за Турците населени околу Охрид како византиски пронијари во 11. век).

 

6. С. Антољак 1985, 726—770; Г. Острогорски 1959, 327—328.

 

48

 

 

дома во Дукља, додека Георги Војтех трагично завршил.

 

За време на владеењето на Алексиј Комнин, норманскиот војвода Роберт Гуискард и ја одзел на Византија цела Јужна Италија и Сицилија и почнал да го освојува источниот брег на Јадранот. Во 1081 г. го зазел најзначајниот град во тој регион, Драч, поминал со војската низ Епир и Македонија и го опседнал градот Лариса во Тесалија. Во 1082 г. му ја предал командата на синот Боемунд, наречен Тарентски. Неговиот војсководач Пунтеси во истата година ги освоил Охрид, Полозите и Скопје. Скопје го држел cи до 1088 г. а повторно ќе го освои од Византија во 1097 г. кога ги освоил и Полозите.

 

Боемунд се обидел уште еднаш да ги освои овие краишта. Во 1107 г. со 3.400 војници се истоварил кај Валона и продрел до Дебар на североисток. Алексиј поставил бројни заседи во секоја клисура, а во градовите (кастрони) големи воени одреди „и ја преградил секоја патека” како што пишува Ана Комнина за тие настани. [7] Така Алексиј успеал да го одврати Боемунд од натамошните освојувања, а во замена за Драчката тема тој му го подарил како лено кнежевството Антиохија во Сирија. Со тоа Норманите исчезнуваат од нашите краишта.

 

 

IV. 2. Стопанство.

 

Комнините владееле цел еден век (1081—1185 г.). Тоа време е одбележано со внатрешна политичка стабилност, стопанска благосостојба и општ напредок. Веќе спомнавме дека во ова време феудализацијата била спроведена целосно и во нашите краишта. Земјата станала основен извор на приходи за државата. Втор голем приход државата имала од рударството, бидејќи по старите закони сите богатства што лежат под земја ѝ припаѓале на државата. Рудниците биле давани под закуп на заинтересирани деловни луѓе, кои на државата ѝ плаќале годишен данок односно закупнина.

 

Особено значајно било добивањето железо. Византиската држава се наоѓала во силен подем и железото било неопходно за бројни дејности: земјоделието барало голем број различни алатки и дотогашните примитивни дрвени направи требало да бидат заменети со железни. Градбите во ова време се градат поквалитетно, како што сведочат бројните наоди на големи и мали кламфи, стеги и клинци, потоа на шарки, брави и клучеви за врати, елементи дотогаш непознати на нашите археолошки локалитети.

 

 

7. Визант. извори III, 379—382 (Ана Комнина); исто и Г. Острогорски 1959, 337, 344.

 

49

 

 

Железото се користи многу повеќе и во вооружувањето. Најголем број врвови од стрели, особено оние за пробивање на панцирот, како и други производи, потекнуваат од ова време.

 

Железото било експлоатирано во поголем број микро-региони ширум денешна Република Македонија. Напред (гл. II) го спомнавме доцноантичкото рударство и рудничките крепости во кои државата ги контролирала и ги водела сите рударски работи, до финалното топење на металите. Во тврдините е вршена и делумната или целосната преработка на металите, а чувани биле и готовите производи до конечната испорака. Организацијата на работата останала и во средниот век иста, бидејќи обновеното рударство во 11.—12. век се потпирало не само врз стара технологија туку и на доцноантичката организација.

 

Конкретен доказ за обновеното рударство претставуваат археолошките наоди во рудничките тврдини. Се работи за доцноантичките крепости, изградени во доцниот 4., 5. и 6. век, а кои сега биле обновени и повторно користени. Датирани се со монетите и другите предмети пронајдени во нив. Обновувањата ги следиме, главно, во форма на помали преградувања (во сувоѕидна техника), што во вид на акрополи биле сместени внатре, во просторот на доцноантичките обѕидија. Вакви примери има многу: во кастелот „Кула”. с. Песочани, Охрид. „Кула”, с. Заград и „Миткороен”, с. Белица, Брод; „Кале”, с. Браилово, Прилеп; “Девол” с. Дреново и „Тиквеш”. с. Ресава, Кавадарци; „Хисар”, с. Црешка. Штип, „Градиште”, Мородвис, Кочани и др. (сп. Преглед, гл. VII).

 

Нема сомнение дека почетоците на обновеното рударство паѓале во 11. век. На тоа укажуваат монетите, пронајдени во рудничките тврдини. Најбројни се тн. анонимни фолиси, ковани во временски интервал од Јован Цимиск до Никофор III, а биле во оптек главно во средината на 11. век. Регистрирани се во крепостите кај с. Белица во Порече, с. Песочани во Дебрица, Стенче во Полог, Девол во Раец, Теово во Бабуна, Манастпр во Мориово; во Бучин, Граиште (Добрун) и Железнец во Демир Хисар; во Живојно кај Битола; во Просек (Демир Капија); Морозвизд под Плачковица; Луковица во Источно Осогово и др.

 

Освен од бакар, сега се јавуваат и сребрени пари. Една остава со нај-малку 50 такви парчиња, ковани од повеќе царови кон средината на 11. век. е ископана на Давина кај Чучер, Скопје. Еден позлатен семис на Јустинијан II (поч. на 8. век) е најден на акрополата во Коњух, Куманово, а златен триенс на Константин X во Опила, во северно-осоговскиот рударски ревир. Два златни триенса (на Константин IX или X) се најдени во крепоста во Белица, Порече.

 

50

 

 

Во сите наброени крепости се евидентирани и бројни предмети исковани од железо: врвови од стрели, ножови, алатки за земјоделие и други занаети, потоа различни окови и кламфи за дрвени предмети, шарки, бројни клинци и др. Во тврдината кај Стрежево (Габалавци), Битола, ископана е цела една остава со различни предмети, новоисковани и скриени под земјата пред да бидат употребени.

 

Парите од ова време се пронајдени и во крепостите кои не биле директно поврзани со рударството и металургијата: во Водно, Скопје (град Чрнче) — фолис на Василиј II; — во Д. Лешница, Тетово (сребреник на Константин X): — во Дебреште кај Прилеп (5 сребреници на Михајло VII); — во Живојно кај Битола (сребреник од исто време). Кај Стровија, Прилеп, крај планинскиот премин и патот Прилеп — Велес, ископана е остава со преку 100 сребреници од периодот 1050-1080 (во Музејот Прилеп).

 

*  *  *

 

Циркулацијата на монетите во 11. век била значителна. Парите се јавуваат како одраз на стопанската благосостојба и на широко спроведената парична размена во нашите краишта. Ова пак стоело во врска со целосната феудализација на балканските земји и фискалната политика која наложила плаќање во пари наместо на дотогашната стоковна размена.

 

До денес не е составена нумизматичка карта на нашето подрачје со внесени податоци за сите наоди. За наодите кажани погоре користени се податоци од постари стручни извештаи, но и од бројни приватни колекции кои досега никаде не се регистрирани. Бројноста на парите од 11. и 12. век од нашето подрачје е импресивна во однос на претходните векови и претставува голем скок напред, иако искажано во апсолутни бројки вредноста не е особено голема. Всушност, од 8. до 10. век на нашите простори воопшто и немало пари, а трговијата и другите плаќања биле изведувани со стоковна размена.

 

Парите што повторно се појавуваат во употреба во текот на 11. век, може да ги сместиме во две групи. Сребрените (и неколкуте златни) парчиња, ковани од византиските царови во периодот од околу 1050-1080 г. претставувале капитал на побогатите деловни луѓе кои инвестирале во одделни зделки на ова подрачје. Од друга страна, бакарните фолиси со кои е плаќана стока од помала вредност, претставуваат почетоци на паричниот промет во секојдневниот стопански живот. [8]

 

 

8. Целосен преглед на овие наоди не постои. Како обиди во таа насока наведуваме: Б. Алексова 1955, 17—22; истата со А. Керамитчиев 1965 (каталог); — А. Керамитчиев 1968, 199—206; — К. Кепески 1978, 159—187; — Д. Размоска 1983, 83—108 и 1987, 221—236; — Ј. Кондијанов и В. Иванишевиќ 1994, 85—112. Исто и С. Димитријевиќ 1981 – за бројните српски, венецијански и други монети од 13. и 14. век најдени на подрачјето на Република Македонија.

 

51

 

 

Бакарните скифати како поситни вредности, ковани под Комнините, се јавуваат масовно во 12. век. Во бурните настани на крајот од 12. и почетокот на 13. век биле закопани под земја бројни остави на вакви пари. На пример, оставата во Рамна кај Битола, на Егнацискиот пат, броела околу 10.000 парчиња; во Сопот кај Ресен, покрај истиот пат, повеќе од 5.000. По 1.000 парчиња или дури повеќе, броеле оставите најдени во Гостивар (Г. Бањица) и Лешок во Полозите, во Банско кај Струмица, Селце кај Прилеп, во Кичево и др. Единечни парчиња од вакви монети од 12. век најдени се во низа наши „градови” и на други места, со што се потврдува дека паричниот промет во текот на 12. век целосно ја заменил дотогашната стоковна размена.

 

*  *  *

 

Благодарение на сите овие наоди можеме да составиме една општа слика на укрепените места кои функционирале во тоа време на подрачјето на Република Македонија. 30-ина „градови” се потврдени со наоди од тоа време. Во врска со тоа можеме да го кажеме следното:

 

Повеќе од половината од овие места претставувале тврдини покрај рудниците. Тие немале воено-политички туку стопански карактер. И останатите укрепени места имале главно стопански карактер. Тоа се кастрони— гратчиња, потоа неколку поголеми градови и неколку поголеми укрепени села, што егзистирале како стопански средишта на еден регион (жупа). Нивното стратешко значење, доколку го имале, произлезгувало од степенот на стопанскиот развиток, односно од капиталот собран во нив.

 

Вака конципирани, овие укрепени населби со цивилен карактер претставувале голем чекор напред во процесот на нивното урбанизирање. Напредокот е маркантен, ако ги споредиме со „градовите” од времето на Симеон или Самуил, кои имале само воено-стратешка и одбранбена функција.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]