Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

II. ДОЦНОАНТИЧКО НАСЛЕДСТВО

1. Фортифицирање: историски настани. Бройност
2. Градежните особености во 6. век

 

1. Фортифицирање: историски настани. Бројност.

 

Еднаш веќе спомнавме дека античката цивилизација ги достигнала највисоките дострели токму на својот крај, непосредно пред доаѓањето на Словените на Балканот. По пропаста на Западното римско царство (изгаснало во 476 г.), источната половина на Империјата нашла доволно сили да се препороди и да достигне моќ и богатство многу поголеми отколку во претходните векови. Доцниот 5. и 6. век го одбележуваме и со ново име: рановизантиски период. Во рамките на материјалното творештво од тоа време археолошки се следат низа новини, како производ на мешање на преживеаните римски форми и белези со новите елементи преземени од Блискиот Исток и воскреснатите источномедитерански-хеленистички традиции. Духовното творештво е во знакот на целосната победа на христијанството, па затоа и уметноста од тоа време е во знакот на Верата и целосно во нејзина служба. Археолошки ова може многу впечатливо да се следи како на низа ситни занаетчиски производи, така и на украсите во бројните цркви од тоа време: на камената пластика, подните мозаици, ѕидните украси и др. [1] Меѓу монументалните градби од тоа време доминираат крепостите и црквите. Ќе ги разгледаме накусо крепостите, бидејќи непосредно влегуваат во нашата тема.

 

Во изминатите две децении авторот на оваа книга со соработниците го истражуваше феноменот на фортифицирање во Македонија во доцната антика. Сега, кога оваа обемна и многу сложена проблематика е разјаснета

 

 

1. Целосен приказ на оваа извонредно богата материја cи уште не е составен. Читателите ги упатувам на богато илустрираните прикази во едицијата „Уметничко богатство на Македонија”, Скопје 1984 на Б. Алексова (43—60 и 96—118), Г. Томашевиќ (72—84) и В. Битракова (85—95), потоа на одделните книги — на В. Битракова 1975 (цркви во Охридскиот регион), Г. Томашевиќ 1978 (подни мозаици), Б. Алексова 1989 (цркви на Брегалничката регија; студиите во 33 Корзо Равенате, 1986, на Б. Алексова (13—81), В. Битракова (107—134) и И. Микулчиќ (221—277) — тука се обидов да дадам прв општ преглед на црковното градителство во цела Р. Македонија од 4. до 6. век.

 

19

 

 

на задоволителен начин и кога истражувањата се приведени кон крај, [2] можеме и на ова место во најкуси црти да посочиме на нив.

 

Од околу 500 евидентирани доцноантички крепости на подрачјето на Република Македонија истражени се 455, а половина од нив детално е премерена на теренот и документирана со планови и друга документација. Определени се временски преку карактеристични наоди. Тоа се, пред cи, бројни монети, потоа метални делови од воена и цивилна облека и опрема, украси како и некои категории керамика.

 

Кон ова се приклучени и особеностите во ѕидарството, градежните форми и фортификациони елементи, така што сите крепости можевме временски да ги определиме во доцноримскиот (средината на 3. — средина на 5. век) и рановизантискиот период (доцниот 5. — 6. век).

 

Доцноримските крепости биле градени најмногу во доцниот 4. век, за време на зголемената опасност од Готите кои преку Дунав навлегле во балканскиот простор и еден век останале тука, едно време како непријатели, едно време како сојузници на Империјата. Пред тие настани значајни за нас се и борбите меѓу двајцата ривали - самодршци, царевите Константин I и Лициниј околу среднобалканскиот простор (Мезиската и Македонската диецеза). Тогаш тука биле натрупани огромни армии (од 313 до 324 г.) и за нив биле изградени бројни војнички логори (кастели) крај поважните патишта. Инаку, првите крепости почнале да се градат кај нас по средината на 3. век, кога стопанскиот и политичкиот хаос во Царството условил општа несигурност, а населението од селата пред пустошењата на сопствената војска и варварите барало спас зад одбранбените ѕидови.

 

Рановизантиската укрепителна дејност започнала во доцниот 5. а продолжила интензивно до средината на 6. век. Значи, се одвивала во релативно мирно време, како темелна подготовка за можните опасности во иднина. Поучени од претходните пустошења на Готите и потоа на Хуните, царевите Леон и Зенон, потоа Анастасие и особено Јустинијан I го сфатиле ова фортифицирање како многу важна задача и работите ги спроведувале многу темелно. Освен доцноримските урнати крепости и градови кои сега биле обновени, изграден бил и голем број сосем нови. Само на подрачјето на денешна Република Македонија, бројот на крепости датирани со наоди во 6. век изнесува приближно 400.

 

Во доцноантичко време (4.—6. век) на подрачјето на Република Македонија егзистирале 18 градови и гратчиња, потоа низа укрепени села,

 

 

2. Прегледот на доцноантичкото граднтелство кај нас. на кој работев повеќе од 2 децении, се наоѓа во печат во познатата серија на Ј. Вернер MBVF, Минхен (на германски).

 

20

 

 

рударски населби и збегови. Меѓу преостанатите крепости само мал број претставувале класични војнички кастели за сместување на мобилни воени одреди. Останатите тврдини претставувале крајпатни или високи регионални стражи, потоа гранични и царински контроли. Имено, на ова подрачје се допирале 6 доцноантички провинции со гранична (царинска) линија долга 1.100 км. Оваа линија ја контролирале близу 200 кастели и стражи.

 

Главната стопанска дејност во доцната антика во Македонија било рударството. Државата се грижела за безбедноста на рудничките и топилничарските постројки и за таа цел биле изградени бројни мали тврдини. Тука можеме да вброиме најмалку 150 од нашите крепости. Во нив престојувале рударските чиновници и стручњаци, контролори и стражари. Во нив биле 

 

Сл. 1 — Византиски војнички фибули од доцниот 6. и 7. век

Сл. 1 — Византиски војнички фибули од доцниот 6. и 7. век (избор: 1. Луковица кај Тетово; 2. Будинарци кај Берово; 3, 4. Водно и Барово кај Скопје; 5. Г. Чајле кај Гостивар)

 

 

топени металите под контрола на државата и бил наплатуван рударскиот данок; во нив биле чувани добиените метали и металните производи до нивната конечна испорака на државата. Во случај на голема опасност во нив се засолнувале и рударите од околината.

 

21

 

 

 

2. Градежните особености во 6. век

 

Хунските разурнувања на градовите во Империјата во средината на 5. век биле катастрофални. Тие практично ја уништиле римската цивилизација и неколку децении потоа Западното царство изгаснало во управно-политичка смисла (во 476 година). Во Источното царство страдале тогаш само балканските градови (особено во походот во 447 г.). [3]

 

Источноримските цареви Леон и Зенон, потоа Анастасиј и на крајот Јустинијан I развиле извонредно обемна градежна дејност. Настојувале да го обноват она што можело да се обнови и да се изградат стотини нови крепости во загрозените провинции, за да не се повтори спомнатата катастрофа. Воените архитекти ги проучувале старите искуства и откриле низа нови вредности, што во вид на совети ги набележиле за идните градители.

 

Со археолошките истражувања на терен идентификувани се низа вакви новини од доцниот 5. и 6. век Основниот ѕидарски слог станал емплектонот: лицата на ѕидот се градат од едри и приделкани парчиња камен додека јадрото на ѕидот се лие од ситен кршен камен со многу малтер. Главно се користи свежо гасена вар која цврсто се лепи за каменот и остава бројни шуплини, давајќи му на ѕидот максимална еластичност.

 

Наместо стандардната форма на кули со правоаголна основа и скромни димензии, во 6. век се форсираат големи кули чија што челна страна е заоблена или силно намалена (со трапезна основа). Некои кули имаат остро издаден раб по средината (т.н. тригони и пентагони — со три- и петаголна основа). На тој начин челните страни полесно ги одбивале и скршнувале камењата фрлани од направите. [4] Кулите често се ѕидани масивно во сутеренскиот дел (без просторија) заради поголема цврстина. а големината им расте до вистински бастиони. Вакви кули се евидентирани на 50-ина наши крепости (сл. 39, 52, 129, 135, 138, 169).

 

Во приближно ист толкав број тврдини евидентиравме цистерни за вода, потоа заштитни ровови и протеихизми (предѕидови). Највисокиот дел од тврдината со еден внатрешен ѕид се одделува како акропола (цитадела); во него била сместена воената команда, а служел и како последно засол-

 

 

3. И. Микулчиќ 1981, 210—226; 1982, 39, заб. 14 и 1995, заб. 21, со приведени антички извори (Chronica minora/galica: „не помалку од 70 градови”) и обемна современа светска литература нa овие настани.

 

4. Овие специфични форми почнал да ги проучува познатнот бугарски исторнчар на архитектурата С. Бобчев (1961, 104—146), следејќи ја нивната концентрација на просторот на Источниот Балкан и во Анадолија. За наодите кај нас сп. И. Микулчиќ 1982, 62, 63 и заб. 30.

 

22

 

 

ниште на бранителите. Тука стоела и главната кула. Портите биле заштитени со 1—2 кули или биле вовлечени навнатре, зад линијата на обѕидието.

 

Благодарение на вакви цврсти конструкции, голем број тврдини од 6. век останале добро сочувани и низ средниот век, а некои и до наше време и лесно се препознаваат на теренот. Неколку од нив имаат и денес обѕидие сочувано во првобитната височина, а за низа други тврдини читаме во извештаите од пред половина век и повеќе дека и тие биле толку добро сочувани. Урнати се до темел во наше време, со различни градежни зафати. Има повеќе десетици вакви примери.

 

Од сето ова, може да ги извлечеме следниве заклучоци:

 

— Воените походи на Бугарите, Словените и Аварите од преку Дунав во текот на 6. век во балканските провинции, колку и да биле силни и разурнувачки, не ги разурнале сите постоечки тврдини кај нас. Некои очигледно биле само оштетени, некои одвај допрени, а голем дел од нив останале недопрени.

 

— По најжестоките аварско-словенски инвазии во доцниот 6. век, домашното (ромејско) население масовно ги напуштило укрепените засолништа од нашето подрачје и се иселило кон Солун и Цариград, егејските острови и во Анадолија.

 

— Спомнатата добра сочуваност на тврдините од 6. век придонесла, во следните 5-6 векови да не се градат нови фортификации. Потребата од укрепени места во раниот среден век била мала и ограничена на одделни куси воени акции. Дури во полниот и доцен среден век оваа потреба силно ќе се зголеми. Поради тоа, cѐ до 12.—13. век биле користени ромејските (предсловенски) крепости за одделни инцидентни потреби, евентуално обновувани и адаптирани за нови воени посади или стражи.

 

За да се објасни ова, приложуваме и карта на укрепените места од 6. век на подрачјето на Република Македонија. Крепостите се претставени со соодветни знаци, како градови, укрепени села и рударски населби, збегови и кастели односно стражи. Покрај нив се нанесени и ранохристијански цркви, кои со својата концентрација на теренот помагаат полесно да ги забележиме тогашните градови — епископски седишта. На картата се внесени и границите на шестте тогашни провинции, кои се допирале на ова подрачје. [5]

 

 

5. Сп. заб. 2. Од овој ракопис тука ја прикажуваме картата 1 со рановизантиските фортификации, градови и цркви.

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]