"Интерпретации и аргументации (2)"

МАКЕДОНСКО ДЕЛО, БРОЈ 352/28.07.2000

Александар Бонев
 

"Откритието, дека човек може да биде манипулиран од името на науката, дека владите можат како што сакаат да ги манипулираат широките маси во еден или друг правец, е една од причините за нашата беда". - Бетрант Расел
"Човек се горди, завиди, и неневиди, лукавуе и убива тело и душата, телото с орудие нож или пушка или секира, а душа с блуд и пога мисли и помрачение умно". - Џинот, на 13.4.1856 г. во Скопjе
"Но и во тоа што Миладиновци сами се одредуваат како Бугари  треба да се утврди една определена историска сушност, па и тие самоопределувања да се постават во конкретвн историски сооднос спрема времето во кое настанале" -  Димитар Митрев

Времето меѓу Кримската војна и Санстефанскиот договор Д. Ташковски:

"...по Кримската војна" (1853-1858 г.) "... европските западни сили"  Англија и Франција  "кои како победници над Русија го зедоа врз себе "старателството" над христијанското население во рамките на отоманската империја, што дотогаш беше Русија, беа присилени да му обратат поголемо внимание на националното македонско и тракиско прашање. Плашејќи се од рускиот пробив на Егеј, почнаа да испраќаат свои луѓе во Македонија и Траќија, во земјите кои наеднаш станаа спорни, настојувајќи на лице место да ја утврдат фактичката состојба. Повеќето од нив, без оглед на стручната подготовка, констатираа дека во Македонија, која дотогаш ја сметаа исклучиво за грчка, не живеат само Грци, туку дека населението национално е многу измешано, и дека во таа смеса на Турците, Цинцари, Грци, Евреи, Ерменци, Албанци - Словените преставуваат апсолутно мнозинство.

Од луѓето испратени во Македонија на лице место да ги утврдат фактите за националната припадност на населението, мошне малку имало мајстори на својот занает етнографи и лингвисти... меѓу нив имало и такви "експерти" кои давале свои "стручни мислења" за македонските Словени според она што го пишувале други "стручњаци", како што биле германскиот ботаничар Гризебах и францускиот геолог Ами Буе, кои поради непознавањето на јазикот и на тоталната нестручност пишувале за македонските Словени, да се изразам"  пишува Д. Ташковски  "со речникот на Г.С. Раковски, "бајки од илјада и една ноќ". Тоа во суштина и не биле некои трудови од вредност, туку повеќе или помалку "поетски фантазирања". Куриозитет претставува "авторитативниот" патепис на Англичанките Макензи и Ирби кои во 1863 г. ја обиколиле Македонија и чии патеписи ги пофалил не само Гледстон (веројатно од кавалерски причини), туку и Чедомир Мијатовиќ, кој во 1868 г. кон српскиот превод напишал пофален предговор."

(Драган Ташковски "Раѓањето на македонската нација", Скопје 1970, с. 123-126)
Англискиот државник Вилијам Гледстон, кој според "другарот" Д.Ташковски "веројатно од кавалерски причини" кон "госпоѓиците Ирби и Мекензи", го застапувал становиштето дека "македонските Словени" по народност биле Бугари, е автор на две брошури: "Ужасите во Бугарија" и "Источното прашање" и нив секако не ги напишал "од кавалерски" причини кон оние што "другарот" Ташковски со комунистички презир погрдно ги нарекува "госпоѓиците". В. Гледстон со именката Македонци ги означува сите народности што живееле во Македонија, од кои, според него, мнозинството го сочинувале Бугари. Тој е автор на формулата "Македонија на Македонците", која, исто така разбрана, станала мото, принцип и програмска цел на ВМРО.
Д.Ташковски дал многу штури инфорамции за делата на "европскиот свет" што пишувале "поетски фантазирања". Затоа ете зборува за авторите и содржината на тие "поетски фантазирања", се разбира хронолошки забележани само до 1878 г., т.е. до Санстефанскиот мировен договор.

- 1861 г., во етнографската карта на фон Хан и Зах, мнозинството на македонското население исто така е бугарско. Зах бил тогашен началник на српската воена академија. (Д. Ризов, Истото.) Австриецот Јохан Георг фон Хан патуваше на два пати низ Македонија  во 1858 и 1863 г. Од тие свои патувања фон Хан ги издаде своите забелешки во две книги: "Патување од Белград за Солун", издадена во Виена во 1861 г. и "Патување низ областите на Дрим и Вардар преземено во годината 1865", издадена во Виена во 1867 г. Во овие свои две книги дава низа податоци за населените места во Македонија и за македонските градови низ кои патувал. Во својата прва книга тој, меѓу другото, зборува и за Лерин:

"За куќите во Лерин ни се даде секако еден голем број  3.000, чие население се состои половината од Мухамеданци, Албанци и Турци, а другата половина од Бугари  христијани".
(Лазо Мојсов, Истото с.135)
- 1867 г., во етнографската карта на рускиот географ и етнограф М.Ф. Мирковиќ, која до 1877 г. излегла во три изданија, мнозинството од македонското населсние е бугарско.

- 1867 г., во етнографската карта на Макензи и Ирби, исто. Во 1862 и 1863 г. Мекензи и Ирби пропатувале низ Балканот. 1867 г. во Лондон ја издаваат книгата "Турците, Грците и Словените, патување во Словенските провинции на Европска Турција" во која е приложена етнографска карта. Во 1877 г. излегло нејзиното второ издание на англиски со предговор на Вилијам Гледстон. Преведена е на неколку јазици. На српски е преведена од српскиот академик и државник Чеда Мијатовиќ. Тој бил неколку пати министер и многу години по ред српски амбасадор во Лондон до уништувањето на српската династија Обреновиќ. Во предговорот на српското издание на книгата на "Г.Мјур Макензи и А.П.Ирби, Потовање по словенским земљама Турске у Европи, од енглески превео Ч. Мијатовиќ. У Београду 1868." Мијатовиќ не само што не напишал ниту збор на протест против Мекензи и Ирби затоа што Македонија и околината на градот Ниш ги преставиле како бугарски земји, туку Мијатовиќ ги пофалува авторките за непристрасно опишување на словенската народност во Македонија, која е преставена со името Бугари.

- 1868 г., во етнографската карта на чешкиот писател проф. Ербен, која не е оригинална, составена врз основа на неколку етнографски податоци изнесени од веќе спомнати автори, мнозинското население во Македонија е бугарско.

- 1876 г., во етнографската карта на францускиот географ Елизе Рекљо, која не е оригинална, мнозинството од македонското население е бугарско. Е. Рекљо ползувал информации од Лежан, Каниц и де Чорник.

- 1876 г., во етнографската карта на германскиот географ Киперт, мнозинството на македонското население е бугарско. Картата на Киперт е ползувана на Цариградската конференција во 1876 и 1877 г., а потоа и на Берлинскиот конгрес во 1878 г., кога е Санстефанскиот мировен договор.

- 1877 г., етнографската карта на французинот А. Синве, професор по географија во султанскиот лицеј во Цариград. Синве картатаја составил според податоци на грчката Патријаршија, и со терминот "Гркобулгари" ги нарекува оние кои во Македонија, според великогрчката пропаганда биле "Грци што зборуваат бугарски", т.н. "бугарофони".

- 1877 г., според етнографската карта на австроунгарскиот конзул во Сараево, Сакс, мнозинството од македонското население го сочинуваат Бугари. Сакс го пропатувал Балканскиот Полуостров. Неговата карта 1878 година е издадена во брошура на Императорското и кралското географско друштво во Виена. (Д. Ризов, Истото.)

"Чешкиот славист П. Шафарик во својата книга "Словенски народопис", издадена во Прага во 1842 г. застана на становиштето дека мнозинството на населението во Македонија ги преставуваат Словените, кои тој ги нарече Бугари. Во патеписните белешки на австрискиот лекар Јосиф Милер, кој беше во Европска Турција 1837 и 1838 г., издадени во Прага 1844 г., "словенското население од Битолскиот пашалук се опишува како српско". "Милер ги вика Македонските Словени Срби". Во 1869 г. чешкиот професор Ф. Брадишка во својата студија за Словените на Балканскиот Полуостров приложи и етничка карта, која, главно базира на Лежановите податоци и на истражувањата на Веркович. (Лежан и С. Верковиќ сметале дека мнозинското население во Македонија е бугарско.)

Во 1867 г. В. Макушев и во 1871 г. Голубински (и двајцата се руски автори) во своите книги се обидуваат да ја повлечат границата меѓу бугарското и српското население низ Македонија. Во 1871 г. Бјанкони ја издаде својата етнографска карта во која цела јужна, западна и средна Македонија се претставени како грчки земји. Истото мислење го застапува и Англичанецот Едвард Стенфорд, кој во 1867 г. ја издаде својата етничка карта на Турција и Грција. Австрискиот конзул во Солун, Кнапич во 1874 г. Македонците ги наречува Бугари. Францускиот географ А. Синве во 1877 г. ја издаде во Париз книгата "Етнографска карта на европска Турција". Во оваа книга се даваат и статистички податоци за населението во Македонија. Според Синветовите податоци, во оние краишта на Македонија што по Балканските војни влегоа во составот на Грција имало 176.000 Бугари.

1878 г. во Цариград излезе брошурата на француски јазик "Етнографија на вилаетите Едрене, Битола и Солун", во која се даваат статистички податоци од турските нуфузтефтери за машкото население во овие вилаети, а кои пред тоа беа објавени во весникот "Коурир д'Ориент", што излегуваше на француски јазик во Цариград. Вкупно за одделните санџаци во оваа брошура се даваат следните податоци:

Во Битолскиот санџак (во кој се вброени казите Прилеп, Лерин, Ресен, Кичево, Цума, Охрид, Битола и Костур) има вкупно 50 356 куќи, а машко население: 40.236 муслимани, 152.534 Бугари, 3.175 Албанци, 700 Грци, 3.250 Евреи, 15.843 Власи и 2.883 Цигани.

Во Солунскиот санџак (во кој се вброени казите Солун, Воден, авертХисар (Кукуш), Кепрели (Велес, Струмица и Дојран) има 55.667 куќи, а машко население: 39.441 муслимани, 126.000 Бугари, 13.279 Грци, 1.751 Цигани и 2.862 помаци.

Во Серскиот санџак (во кој се уброени казите Серез, Неврокоп, ДемирХисар, Мелник, 3’хна и Петрич) има 51.726 куќи, а машко население: 29.334 муслимани, 90.895 Бугари, 13.873 помаци, 17.225 Грци, 1.812 Власи и 1.180 Цигани".

(Лазо Мојсов, "Околу прашањето на македонското национално малцинство во Грција", Скопје 1954 г., с.146-147; 141 и 150-152)
По оваа богата илустрација позајмена од забранетата книга на Лазо Мојсов во Титова Југославија (за да не се расипат традиционално добрите српскогрчки односи), да се вратиме на толкувањата на проф. др. Д. Ташковски за она што тој го нарекува "поетски фанатизирања" на "европскиот свет":
"Но сега, кога мислата, која дотогаш владееше меѓу европскиот свет, дека христијанското население во Турција е од грчка народност, ја потиснаа патеписците, кои, како што пишуваат англиските патеписци г-ците Макензи и Ирби, сакаа даја покажат антипатијата меѓу Словените и Елините, настанаа нови тешкотии. Пред фактот дека мнозинството од населението на Македонија, земја која дотогаш ја сметаа за "грчка", го сочинуваат Словените... Точно е дека многумина македонски Словени покрај македонското име ги употребуваа и племенските-родовски имиња: Брсјаци, Мијаци, Копоновци, Пијанци, Банлевци, Пуливаковци, Брзилевци, Мрваци и други, и имињата: раја, каур, христијанин, Словени". (Раја на арапски значи овца, Каур на турски значи неверник, немуслиман. За употребата на племенските-родовски имиња Д. Ташковски не навел извор и докази.  А.Б.) "Но грчките националисти токму со тоа македонското име "докажуваа дека тие се Грци", (...) старомакедонци што само на површината се пословенчиле. Европските научници и патеписци посебно српските и руските кои и најмногу им го оспоруваа правото на Грците над македонските и тракиските Словени, тврдеа дека овие немаат никаква врска со старомакедонците, па ја лансираа мислата дека македонското име, што го употребуваа овие Словени не е во сообразност со нивната словенска содржина, туку и тоа помалку или повеќе е географско, особено што македонското име го употребуваа и Цинцарите што живееја на почвата на Македонија. За да ја оддели оваа словенска маса на теренот на Македонија од Грците и Цинцарите, научниот свет на Европа, како Србите и руските словенофили, а врз основа на грчкиот, па дури и на турскиот назив на оваа словенска маса со погрдното име "вулгарос", од една страна, и на старите хроники од друга, го отфрли македонското име како некоја географска ознака и ја нарече целата оваа словенска маса со името "Бугари", како што веќе ја нарекуваа не само руските патеписци од калибарот на В. Григорович", (1844  1845 г.) "туку далеку пред него со тоа име ја нарекувал и карпатскиот Рус Јуриј Венелин (кој со својата книга уште во 1829 г. ги заинтересирал руските научни и политички кругови за Бугарите во кои ги сметал и Македонците, туку уште во почетокот на 19 век францускиот патеписец Пуквил" (1805 г.) "беше меѓу првите што ја протури мислата дека Македонија е населена со Словени и тоа како Бугари".
(Д. Ташковски, Истото, с. 126-130)
Како што видовме, до 30тите години на 19 век бугарското име егзистира во Македонија, него го употребуваат поп Даниил кој во својот "четријазичник" од 1802 г. нашиот јазик го именува "болгарски", потоа Крчовски пишува на "јазик болгарски", Пејчинович исто на "болгарски јазик", Т. Синаитски и Неофит Рилски својот јазик го нарекуваат "болгарски". А, разлошкиот трговец Марко Тодорович пред Вук Караџиќ сс декларира како Бугарин. Сега треба да направиме споредба за тој период со употребата на бугарското име на територијата на денешна Бугарија, се разбира пак според толкувањето на Д. Ташковски.
Д. Ташковски со името Гагаузи ги означува Аспаруховите Бугари, но во споменатата книга на Л. Мојсов, за името Гагаузи следното:
"Гагаузи, т.е. Турци  христијани преселени тука"  се однесува на местото 3'хна во Егејска Македонија  "уште од византиските императори, кои се наоѓаа пред јурисдикцијата на грчката Патријаршија и имаа грчки школи". (с.176) Гагаузите се спомнуваат и во "14те точки" на проф. Ото Кронштајнер, имено тој нивниот јазик го вбројува во: "насилно конструираните во времето на комунизмот јазици, како романски/молдавски, фински/карелски, татарски/гагаузски и др.", кажувајќи дека во СССР "турскојазичните народи се разделуваа на колку што е можно помали делови".
(Проф. Ото Кронштајнер "Распадането на Југославија и б'дештето на македонскија книжовен език", "Македонски Преглед", кн. 3, Софија 1992, с. 30 и 35)
Дали Гагаузите навистина биле Аспаруховите Бугари како што тврдел Д. Ташковски? И што е позначајно, Константин Миладинов во својот патепис "Нилова пустина" етнонимот на "нашиот народ" го извлекува од р. Волга, сметајќи дека "нашиот народ" води потекло од "Старобугарите", па во таа смисла с интересно да се знае со каков идентитет ги замислувал Константин Миладинов "Старобугарите". "Во историјата се случува понекогаш некој народ не само да исчезне, но и со течението на времето да се изгуби и точната престава за него. ... токму тоа се случило и со создавачите на бугарската држава  Аспаруховите Бугари."

Во 17 век, кога европската наука била изненадена од мислата дека Бугарија била создадена од некој особен источен народ, неговиот историски лик веќе наполно исчезнал од вековите. Познати биле само два - три бегли факта, имено: дека биле силни во битките, дека војувале качени на коњи, и дека знамето им било доста особено од којнска опашка.

Тешко е само според тие факти да се одгатне што за народ биле Аспаруховите Бугари. И притоа, некои учени решиле дека тие факти се наполно достаточни и ги објавиле Прабугарите за турско-татарски народ. Со тоа се зацртал почетокот на една теорија, која доста неочекувано ги сврзала Аспаруховите Бугари со Туркестан и монголските степи.

На прв поглед таа теорија е доста прониклива. Та нели до почетокот на овој век секој Бугарин ја прифаќал коњската опашка, којашто Турците и Татарите ја носеле како знаме. На Бугарите од 19 и дури во почетокот на 20 век им се чинело дека народот којшто носи коњска опашка наместо знаме, не може да биде ништо друго освен турски или татарски и затоа идејата дека Аспаруховите Бугари биле турко-татари или татаро-монголи, речиси го завладеала магнетски привлечно сознанието на илјадници луѓе.

Но, магнетичните идеи понекогаш се покажуваат многу површни, затоа што народи што јавале коњи во историјата не биле само турко-татарите, туку и Угрите, прадедовците на денешните Унгарци, кои исто така ја мавтале коњската опашка како знаме. Народи што јавале коњи биле и Скитите, и Сарматите... памирските народи... дел од Кавказците... и древните Траки...

Ете зашто од тоа што еден јавал коњи и носел над главата коњска опашка наместо знаме, се уште никако не следува дека тој народ несомнено бил турско-татарски. Да се мисли дека Прабугарите биле турко-татари само затоа што јавале коњи, исто е како да се мисли дека секој современ човек што се вози со "Мерцедес" е Германец, а секој што се вози со "Волво" е Швеѓанец. За жал, и во науката се случува понекогаш да се мисли слично на детски начин, особено кога недостасуваат податоци за да се реши даденото прашање.

(продолжува)

[Back]