"Ако баба лаже, трап не лаже"

МАКЕДОНСКО ДЕЛО 16 ЈУНИ 2000

Aleksandar Bonev

Александар Бонев 


"Откритието, дека човек може да биде манипулиран од името на науката, дека владите можат како што сакаат да ги манипулираат широките маси во еден или друг правец, е една од причините за нашата беда". - Бетрант Расел
"Човек се горди, завиди, и неневиди, лукавуе и убива тело и душата, телото с орудие нож или пушка или секира, а душа с блуд и пога мисли и помрачение умно". - Џинот, на 13.4.1856 г. во Скопjе
 
Во подметнувањето на своите инсинуации за официјална Софија, Љубчо Георгиевски, Д. Димитров и ВМРО-ДПМНЕ, Ј. Павловски манипулира и со името на Рајко Жинзифов (1839-1877), подметнувајќи дека Р. Жинзифов не зборувал "ниту за Гркчиња, ниту за Српчиња, ниту пак за Бугарчиња, туку МАКЕДОНЧИЊА". Демек Р. Жинзифов имал македонско национално чувство.

Тука треба да се каже и збор-два и за шпекулациите со името Р. Жинзифов извршени при образованието и воспитанието на учениците во Титова Југославија. Во тогашните социјалистички манастири - училиштата, основни и средни, учевме наизуст стихови од стихотворбите на Р. Жинзифов, но никогаш не научивме дека Ксенофон - Рајко Жинзифов осознал се како Бугарин.

Во 1970 г., според наставната програма за осмо одделение, во задолжителната лектира за основните училишта е и поемата "Крвава кошула". Поемата за таа цел е напечатена во посебно издание ("Наша Книга", Скопје-1970 г.), одкаде приложувам неколку стихови:

"КРВАВА КОШУЛА"

В б'лгарска ми клета земја
има малко гратче,
то е легнало во полјана:
име нему Прилеп.
Прилеп - то е име славно.
Тамо е живејал
некога си крал ни Марко,
в него е царувал,
е царувал, е војувал
с Власи, Каравласи,
б'лгарска е бранил земја
роду си помагал.
Дор ни бил жив крал ни Марко
землја била мирна.
Не глобеха неја Турци,
не газеха неја,
не речил мрсниј Турчин
к'шти да ни газит.
Он не можеше да љубит
6'лгарски девојки,
не е могол да ги турчит,
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
И одамна то е било
у нас, в Б'лгарија,
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Што е било? - Пита штете?
Б'лгарки ви клети!
- - - - - - - - - - - - - - - - - -


Според тврдењето на Георге Сталев изнесено во истата публикација 1970 г., Рајко Жинзифов поемата ја напишал 1865 г. Но, како што напишал Г. Тодоровски през 1986 г. "според современиците на Жинзифов, поетов ја напишал (поемата "Крвава кошуља") уште во Македонија, некаде кон 1857-та година". Или, како што претпочита да се изразува Ј. Павловски, поемата "Крвава кошула" Р. Жинзифовја напишал три-четири години пред напечатувањето на Зборникот на Миладиновци, т.е. барем година и половина пред да го напише своето писмо од 9.1.1859 г. до Г. Раковски, односно писмото што го спомнува Ј. Павловски со цел да го заблуди читателот дека Жинзифов имал македонска национална свест.

Кон поемата "Крвава кошула" како лектира за осмо одделение според наставната програма од 1970 г., Георги Сталев го приложил следното "научно објаснување":

"Во поезијата на Рајко Жинзифов, а посебно во поемата "Крвава кошула" се спомнува често бугарското име и во врска со типичен македонски град Прилеп: тој со тоа име ги нарекува и нашите момчиња и девојчиња, нашата земја ја поистоветува со "Б'лгарска земја", итоа внесува прилична нејасност по прашањето за Жинзифовата национална припадност. Меѓутоа, ситуацијата е прилично јасна кога се знае дека Константин Миладинов создаде поезија на чист македонски јазик, Григор Прличев призна дека не го познавал бугарскиот јазик. Тоа големо влијание на Егзархијата, логично, можело да ги заблуди уште еден од нашите најистакнати литературни творци од минатиот век, онака како заблуди поради ред објективности и грчката буржоазија. Но, оваа заблуда и не е толку грешна, кога се знае дека и Прличев и Миладинов и Жинзифов секогаш кога го спомнувале поимот "бугарски" мислеле исклучиво на Македонија, на македонскиот човек. Во најново време којшто исто така го употребувал македонскиот јазик во наставата - го зема бугарското име поради тоа што самите Грци не ја признаваа словенската Македонија". (Рајко Жинзифов "Крвава кошула", "Наша Книга", Скопје 1970, стр. 29).


1970 г. Георге Сталев на осмоодделенците им надробил толку многу глупости во името на науката, сервирани како аксиоми, кои учениците требало да ги усвојат со комунистичкиот догматски начин на мислење, тоа без право на критичка размисла и со обврска да потврдат дека го усвоиле како вистина тоа што им кажуваат дека е вистина. Ако сите тие лаги не беа лиферувани со злоупотреба на учителскиот авторитет во основните училишта, ако тие манипулации не беа извршени во образовниот и воспитниот процес, денес сето тоа би било само комедија на безумието.

Прво, Егзархијата е создадена 1870 г. и официјално е призната 1878 г., а Димитар и Константин Миладинов го завршуваат трагично животот во 1862 г., што значи осум години пред создавањето на Егзархијата. Поемата "Крвава кошула" е напишана 1857 г., т.е. 13 години пред создавањето на Егзархијата. Десет години пред создавањето на Егзархијата Григор Прличев през март 1860 г. пред великогркот Рангавис декларирал дека е Бугарин. Спротивно од Г. Сталев, Блаже Конески запишал дека Прличев се борел за создавање на Егзархијата.
Тврдењето на Конески дека Г. Прличев се борел за создавање на Егзархијата е дадено од К. Тошев и Ќ. Милошев во "Преглед на литературата со примери - Учебник за втори клас на средните училишта", Скопје 1971, на стр. 371.

Г. Сталев сметнал од умот дека Р.Жинзифов од 1858 г. па до својата смрт во 1877 г. живее и работи во Русија и најпримитивно излажал дека Р. Жинзифов "во најново време го употребувал македонскиот јазик во наставата"! Исто така, "без врска" е и бедна лага дека "и Прличев и Миладиновци и Жинзифов секогаш кога го спомнувале поимот "бугарски, мислеле исклучиво на Македонија, на македонскиот човек".

Rajko Zhinzifov Во споменатиот учебник за втори клас на средните училишта, кога зборува за поезијата на Р.Жинзифов, Д-р Александар Спасов ја ползува следната терминологија: во стихотворбата ""Гуслар в собор" е преставен симболично Македонецот". "нашиот народ": - во стихотворбите: "Прашање и одговор"; - во стихотворбата "На Велигден" исто така "судбината на својот народ" и тн. Никаде во учебникот не се спомнува дека Р. Жинзифов (стр. 350-355) дадено е само тврдењето дека "Жинзифов оди по примерот на Партенија Зоографски за создавање на еден општ "среден", бугарско-македонски јазик..." (стр. 358). Во истиот учебник дадени се строфи од стихотворбите на Жинзифов, се разбира - цензурирани, при што терминот Бугари не се спомнува, како да го нема во поезијата на Жинзифов.

Наспроти произволните тврдења за Р.Жинзифов, меѓу чии лиферувачи и Ј. Павловски ја имаме книгата "Рајко Жинзифов - Одбрани творби со предговор избор од Гане Тодоровски, напечатена 1986 во Скопје, како издание на книгоиздателствата: "Мисла", "Македонска книга", "Култура" и "Наша книга". Очевидно, книгата е напечатена со богат благослов на тогашното македонско министерство за култура.

Како доказ, дека Ј. Павловски најбезобразно шпекулира со името Рајко Жинзифов прилагам неколку строфи од стихотворбите напечатени од книгата "Рајко Жинзифов Одбрани творби", Скопје 1986 г., надевајќи се дека Великиот Цензор Јован Павловски нема да му измисли и на Гане Тодоровски некаква ролја во некаков антимакедонски заговор.

"ГУЛАБ

О! Гулабе, Пиле кротко,
Што си леташ нависоко!
Слушај што ќе ти кажам
И што ќе ти нар'чам.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Но ако може да спомогне
Отечество да си избави,
Македонија, Тракија, па и
Горна Б'лгарија

От фанариоти владици
Прокљати, лукави Грци,
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Немилостиво они грабат
Бедните Б'лгари м'чат
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Бедните невини Б'лгари
наричат ги варвари.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Вељат зашто бог не сака
Христијанска вера не допуска
Б'лгарски в цркве да четјат,
Б'лгарски богу да се мољат.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Бог сака јазик грцкиј,
Никак гн'сниот б'лгарскиј.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Реши се далек да бега,
Б'лгарска м'ка да не гледа,
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Кога стигнеш в моја земја,
В б'лгарска Македонија,
Ке видиш Б'лгари - јунаци,
Нестрашливи Македонци,
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Речи, речи: "Македонци,
Ви, Б'лгари - јунаци,
До кога вие у темница
Ке седите с чрни лица?
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Сички с'гласно станете
Б'лгарски школи творете,
В цркве б'лгарски читете
Од никого не се боете.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Така, о гулабе, кажи
На тамошните Б'лгари.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Места свободно, б'лгарско,
Дека всите се Б'лгари,
Нема Грци, клети Власи.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Местото е Кукуш, вељам.
Кукуш, Кукуш прибежиште,
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Прочуена в околија
Б'лгарска Македонија
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
За милата татковина
Б'лгарска Македонија..."


Стихотворбата "Питање и одговор", Рајко Жинзифов ја напишал и посветил на Партенија Зографски.
 

"ПИТАЊЕ И ОДГОВОР
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Б'лгарско хоро мило
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Хоро б'лгарско народно
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Ви Б'лгаре Православни
Свјатој церкви чади верни,
Праштам вам еднороден
Владика еднокровен.
Имја нему, Партениј;
Примете го, Кукушани,
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Разбра сега о јуначе,
Младо зелено Б'лгарче" и тн.

"ГУСЉАР В СОБОР

- - - - - - - - - - - - - - - - - -
За граници си броиме ми:
Река Вардар, река Дунај,
Гора Балкан - втори Карпат
Балкан стара ни планина,
Гора Белашица, Доспат,
Останали нам од старина.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
О Грци, Грци, чујше нас,
Чујше наш народен глас.
Знајме ми, разбираме ми
Злобна цел која криете ви.
До сега не погрчихте нас,
За напред храбро чекаме вас.
С остро ли перо с ост'р ли меч
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Охрид и Трнов веч дали вик.
Македонија, чудна страна,
Нема да бидит грчка она!
Самиј камен на таа страна,
Птица и риба в Вардар река,
Живо, мртво на свои крака
Ќе станат и ќе дадат одвет
На цела Европа на цел свет:
Ја Б'лгарка сум, Б'лгарин сум ја,
Б'лгаре живејат в таа страна.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Так сја клњат, гласи вишат
Сложно, дружно, стари, момци,
И казаха да запишат
тие думи за потомци.
А невините девојки
Заиграха си народно,
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Из них една Македонка,
Хубавица милолика,
Светлокоса, черноока,
Запејала, загукала -
Исто славеј малка птица,
Запрусала, заиграла
Како полска јаребица.
Ја сум млада Бугарка,
Име ми ет Милкана,
Ја сум чиста Славјанка,
В Бугарија родена.
Од бугарски род
И бугарски плод.
Мајка ми ет Бугарака,
Ќерка на чист Бугарин,
Имам кума Бугарака,
Вујко ми ет Бугарин.
Од бугарски род
и бугарски плод.
Љубам ја Бугарина,
Јунака ја милувам,
Свршена за Драгана
И ќе да сја омажам.
Грк за мене враг.
А Бугарин драг.
На мој род ќе придодадам
Неколку си синчиња,
Ке ги крстам, ќе израстам
Все чисти славјанчиња;
Од бугарски род
И бугарски плод.
Тешко се зак'лнувам,
Ќе ги крстам бугарски,
С имиња ќе назаовам;
Не грчки, не немечки.
Грк за мене враг
А Бугарин драг.
Име нека ет Бојан,
Здраве, Драган, ил Стојан,
А не грчко Ксенофон,
Или друго Демофон.
При моја умирачка
Клетва ја ќе оставам,
При земна ми одлачка
Сину си ќе зарачам
Од бугарски род
Да оставит плод.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Сме Славјане как Московци,
Срби, Чехи и Полјаци
Черногорци, Ерцеговци
и Хрвати и Бошњаци.
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Нек сја шират сја раздава
В Б'лгарија горна, долна,
Од Вардара до Дунава,
Дума свободна, народна..."
 

"МОЛИТВА

Од бел Вардар до тих Дунав
Не облачил облак мрачен
Охрид, Средец ни пак Трнов...
(Средец е град Софија. - А.Б.)
- - - - - - - - - - - - - - - - - -
Един јазик, една мајка
Општа боска нас крмила ."

"НА ЧУЖБИНА

За општа мајка, за Б'лгарија,
За ум, за ука, за просвештење... "

"ВДОВИЦА

Град Струга, град Охрид преславни!
Два брата рогени, два главни
Работници, с вера на мртва
На злоба те станаха жртва.
Как верно, как сложно, заговорно,
По бугарскко поле отборно,
По поле, по то македонско,
широко и чисто славјанско,
Запалени свеќи држејќи,
За Бугарепиат те светејќи
Без хитрост, без гордост, без злоба
И себе верни до гроба... "


Во книгата "Раѓањето на македонската нација", на стр. 162, напечатена во Скопје през 1970 г., Драган Ташковски запишал:

"Жинзифов во предговорот на книгата "Слово о полку Игорове", во врска со националното име... пишува - "Нема Македонци или Тракијци како посебен народ, туку само Словено-Бугари (кои живеат во Македонија, Тракија и Мизија -Д.Т.), имиња кои би можеле да имаат право во географијата, но не и во народноста"."

Тврдењето дека "Нема Македонци или Тракијци како посебен народ, туку само Словено-Бугари" и тврдењето дека имињата Македонци и Тракијци се "имиња кои би можел да имаат право во географијата, но не и во народноста", Рајко Жинзифов ги запишал во 1863 г. Но, од сета негова поезија, почнувајќи од поемата "Крвава кошула", напишана 1857 г. во Македонија, сосема е јасно дека тој во именките:
    Македонија, Македонци, Македонки, не гледа етноним. Од стихотворбите на Р. Жинзифов сосема е јасно дека тој со името Бугари не означува поширока славјанска припадност, туку дека Македонците и Бугарите ги смета за еден народ што зборува на еден јазик, којшто припаѓа на семејството на славјанските народи.

За разлика од Константин Миладинов кој во патеписот "Нилова пустина" кажува дека "нашиот народ" има потекло од Старобугарите, во стихотворбите на Рајко Жинзифов, Македонците и Бугарите, кои според него се еден нарбд, се преставени како "чисти Славјани".


Се наметнува прашањето, дали сето тоа му било познато на љубителот на "научни објаснува" Јован Павловски? Ј. Павловски е автор на книгата "Од првична идеја до држава" (1993 г.) и логично би било да се мисли дека тој за да ја напише таа книга консултирал повеќе извори, што значи и повеќе автори. Зошто Ј. Павловски измислува дека Зборникот бил наречен така како што е наречен "на сугестија на Штросмаер" и "по препорака на Чолаков" наместо да се зафатил со толкување на гледиштата на Константин и Рајко дека "нашиот народ" има Старобугарски корени и дека сме "чисти Славјани"? Ј. Павловски во своите инсинуации со презир зборува за Љ. Георгиевски како за непознавач на нашата историа, со истата примитивна самобендисаност Ј. Павловски во своите фикции се однесува и кон напишаното од Д. Димитров. Но, Ј. Павловски во своите "научни објаснувања" е толку површен, толку провизорен, што ако не би било од него лансираната инфамија за тие што ги зел на нишан, тој би бил само забавен.

Во своите бедни инсинуации за официјална Софија, за Љ. Георгиевски, најмногу за Димитар Димитров и за ВМРО-ДПМНЕ, Ј. Павловски во името на "историјата, културната историја, посебно на Македонците", сосема без обѕири кон онаа во чие име крева врева на сет глас, прашува резигнирано зошто во предговорот на фототипното издание на Зборникот "нема ни збор научно објаснување".

"...кога се знае дека Рајко Жинзифов .. во биографијата за Браќата објавена по нивната смрт, напиша црно на бело: "Со овој, во многу односи прекрасен зборник од македонски песни двајцата Миладиновци издигнале најубав паметник. Со него не може да се спореди со количината на песните и по чистината на народниот јазик ни зборникот на Верковиќ, ни песните издадени од Безсонов и други..."


Ј. Павловски со сета "научна совесност" на кој и да е шовинизам и фанатизам го поттура верувааето дека Р. Жинзифов со именката македонска означувал етноним. Демек, Р. Жинзифов насловот на Зборникот "Б'лгарски народни песни" го сметал за неправилен, за неточен, па го нарекоа "Зборник од македонски народни песни". Несомнено е дека за Р. Жинзифов било сосема во ред Зборникот да се нарече "Зборник од македонски народни песни", но не во смисла на народни песни на македонската нација, туку во смисла на регионална, географска одредница за потеклото на песните, кои за Рајко во национална смисла се бугарски.

Ј. Павловски како лубител на "научни објаснувања" не само што премолчал дека Константин Миладинов и Рајко Жинзифов со именката македонски означувале регионална, географска одредница, туку Ј. Павловски ги спомнува и имињата на Верковиќ и Безсонов, веројатно колку да остави впечаток дека е добар познавач на историјата, но и да создаде простор да му се стави и замерката дека премолчал оти и Стефан Верковиќ во Белград 1860 г. напечатил зборник со наслов "Народне песме македонски Бугара", а рускиот фолклорист проф. П. Безсонов (со кого Константин имал редовни врски), во 1855 г. публикувал зборник од областа на бугарскиот фолклор - "Болгарскија песни".

(продолжува)

[Back]